10 December, 2020

Превоз за време на корона - инфографик

Скопје (можеби) нема најчист воздух, најбезбедни улици и микро клима, ама има граѓани кои веруваат во ЕКОЛОШКАТА, СООБРАЌАЈНАТА И АНТИ-ПАНДЕМИОЛОШКАТА моќ на велосипедот. 

Преку онлајн анкета, прашавме 1615 учесници во градскиот сообраќај како се движеле низ Скопје пред корона и за време на корона кризата и што мислат за велосипедот, и еве што ни рекоа:

80.2% имаат велосипед. Од испитаниците, пред кризата дури 26.5% користеле велосипед покрај друго превозно средство, а 20% од сите користеле САМО И САМО велосипед. Амин! За време на кризата процентот се зголемил за 20.88%. ЗОШТО? Почувствувале потреба од физичка активност и се уплашиле од короната. А 91.67% ќе продолжат да возат и после кризата. Со одлуката да го заменат автомобилот или автобусот со велосипед, овие луѓе директно придонеле да се подобри нашата животна средина и квалитетни навики. ФАЛА ИМ и на нив и на сите што педлаат и сакаат да педлаат.

Но, за жал има и сограѓани кои не користат велосипед, и тоа оправдано. Ги анализиравме како посебна група. Над 75% од оние кои воопшто не користат велосипед би сакале да возат и би возеле кога би имало подобра инфраструктура, безбеден сообраај, безбеден паркинг.  

Но, возеле или не, учесниците во Скопскиот сообраќај се ЕДНОГЛАСНИ:
  • Велосипедот има ОГРОМНА/ГОЛЕМА ВАЖНОСТ: дури и граѓаните кои воопшто не користат велосипед (61,89%) сметаат дека велосипедот има огромно или големо значење во сообраќајот.
  • Велосипедот треба да заземе поактивно учество во сообраќајот. Дури и да ги исклучиме ентузијастите кои возат постојано, дури 97.62% од луѓето кои возат повремено и  90.1% од луѓето кои не користат воопшто велосипед, сметаат дека велосипедот треба да заземе поактивно учество во градскиот сообраќај и дека за тоа треба да се создадат услови. 100% од луѓето кои го смениле превозното средство за време на кризата го делат тоа мислење.
  • Корона-кризата е одлична можност да се воведат нови велосипедски ленти, да се ослободат тротоарите и да се донесат политики за јавниот простор кои ќе овозможат зголемено учество на велосипедот, за сите учесници во сообраќајот, дури и кога ќе ги поделиме по категории. На пример, дури 72.32% од оние на кои примарно превозно средство им е автомобилот се согласни за поинакви политики за јавниот простор.
  • Велосипедот е најсоодветна анти-корона мерка во сообраќајот за 70% од сите испитаници, но и за 63% од оние кои користат автомобил и за 61% од оние кои користат автобус.
  • Зголемената употреба на велосипеди е втора најостварлива анти-корона мерка после зголемениот број автобуски линии.

Уште за време на корона-кризата голем број граѓани го променија превозното средство. Според нашата анкета, 28.5% од испитаниците. За да се добијат релевантни резултати, ги поделивме по групи според превозно средство.
Промената од автобус кон велосипед и од споделен превоз кон велосипед е мотивирана од стравот од зараза со корона-вирусот, а промената од автомобил кон велосипед е мотивирана од потребата за физичка активност.
Но има и граѓани кои јавниот превоз или споделениот превоз го замениле со сопствен автомобил (90% од нив го направиле тоа поради страв од зараза).
Во моментов севкупно сообраќајот е намален (помалку се оди на работа и голем број активности се извршуваат на интернет) и ефектот сè уште не се приметува, но бројот на индивидуални корисници на автомобилот пораснал за 21.56% за време на кризата, а бројот на корисници на јавниот превоз се намалил за 55.43%. Може да се очекува дека значаен дел од овие лица кои смениле претходно превозно средство со автомобил (според одговорите минимум 34.78% од нив) ќе продолжат со сегастекнатите транспортни навики и после кризата, а тоа долгоорочно значи повеќе моторни возила на улиците на Скопје, односно поголеми сообраќајни гужви, повеќе емисии на ЦО2, зголемено негативно влијание кон климата, повеќе загаденост, и сите проблеми кои следат со овој тренд. Затоа е потребна брза реакција за да се променат овие тенденции за да придонесеме кон подобар живот во градот и да се намалат негативните влијанија кон климата.
Соодветна инфраструктурна промена би ги спречила негативните тенденции од корона-кризата (како зголемен автомобилски сообраќај) да продолжат и ескалираат после кризата, а би ги поддржала позитивните тенденции (порастот на одржливиот активен сообраќај: пешачење и возење велосипед на кои сме сведоци и покрај севкупно намаленото движење).
За време на кризата се зголемил бројот на луѓето кои пешачат за 22.47%, а на луѓето кои возат велосипед како превоз за 20.88% споредено со оној претходно. А 60% од оние испитаници кои почнале да користат велосипед се од општините со некакви услови за велосипеди (Карпош и Аеродром), иако од таму се помалку, 47% од испитаниците.

И што научивме од одговорите? Скопјани, велосипедисти или не, се свесни за значењето на велосипедот, повеќето имаат велосипеди, сакаат да ги возат, ама со право очекуваат подобри услови, пред сè инфраструктурни, безбедносни и културни.
Затоа…

Локалните и државни власти мора итно да делуваат и да го искористат намалениот моторен сообраќај за похрабри мерки во јавниот простор, за негова поправедна и поодговорна распределба.
Не само како мерка за здравје и анти корона, туку и како силно оружје во борба против климатската криза.

А вие запамтете! Од точакот има САМО една штета, што не го возите почесто.

****

Анкетата “Превоз за време на корона“ беше спроведена од НаТочак и Центар за одржливи иницијативи. Нејзината обработка беше поддржана од страна на проектот „Да зборуваме за климатските промени“, спроведуван од Еко Свест, ЦНВП Македонија и ДЕМ, а финансиски поддржан од Европската Унија. Во продолжение е инфографикот составен од 12 слики на кои се прикажани основните податоци за испитаниците и некои од заклучоците од анкетата.



Корисни линкови:


0 comments:

Post a Comment