27 June, 2018

Допис за виснатите гранки над велосипедските патеки

Сакаме дрвја покрај и над пешачките и велосипедските патеки (Критична маса #74: Дрвјата се наша клима ја посветуваме на нив), но за да гледаме само корист од нив, а не штета, во урбана средина, тие мора да се одржуваат.
За да не бидат практична и безбедносна пречка ниско спуштените гранки и раширените грмушки, реагиравме повеќе пати до надлежните служби од Паркови и зеленило и Град Скопје, со пораки и повици, а овојпат и со официјален допис.

Дописот како текст го има во продолжение, а како документ е достапен на следниот линк.

Споделуваме и видео како изгледа да се вози точак по една од споменатите патеки, на бул. Партизански одреди.


--------------------------------
Почитувани Град Скопје, ЈП Паркови и Зеленило и Државен Инспекторат за Транспорт,

На најпрометните велосипедски сообраќајници во Град Скопје (бул. Јане Сандански, бул. Кузман Јосифовски - Питу, бул. Партизански одреди, бул. Александар Македонски, бул. Илинден) во изминативе месеци, и покрај неколку наши реакции, континуирано се влошува ситуацијата со гранките од дрвјата кои се виснати над велосипедските патеки и гранките од грмушките кои се во ширина на патеките. На некои места тие веќе се наоѓаат на висина од 100-150 cm од патот, или покриваат голем дел од неговата ширина, со што не само што го прават сообраќањето со велосипед непријатно, туку веќе и сериозно ја загрозуваат безбедноста на овој тип учесници во сообраќајот. Во истиот период службите на градот се грижат за тревата долж овие булевари и ги кастрат гранките на дрвјата во средишното зеленило.


Слика 1: Ниски гранки над велосипедска патека на бул. Партизански Одреди

Наведените сообраќајници се под надлежност на Град Скопје и нивните инспекциски служби.
Согласно член 2 став 2 од Законот за јавни патишта, „Функција на јавните патишта е
обезбедување на безбеден и непречен превоз на стока и патници во патниот сообраќај.“ Според член 69 од овој Закон, општинските инспектори за патишта на Град Скопје се овластени да „наредат отстранување на недостатоците на јавните патишта кои ја загрозуваат безбедноста на сообраќајот.“ Јавните патишта (или само патишта) во истиот закон се дефинирани како „сообраќаен објект на кој се врши сообраќај“ и во оваа дефиниција влегуваат и велосипедските патеки.
Поради ова, ја повикуваме Инспекцијата за патен сообраќај и инспекцијата за патишта да излезе на терен, да ги идентификува недостатоците на велосипедските патеки кои ја загрозуваат безбедноста на оваа група учесници во сообраќајот, да даде налог за отстранување на овие недостатоци до релевантните институции и тој налог да се спроведе во најбрз можен рок.

(Забелешка: иако нема подзаконски акт кој регулира колкав треба да биде слободниот вертикален простор за безбедно сообраќање по велосипедска патека, препорачана минимална
висина е околу 220 cm, а оптималната со која би се намалила и фреквенцијата за редовно одржување е околу 250 cm.)

Со почит,
Неформална група на велосипедисти НаТочак
natochak@gmail.com


27.06.2018

Скопје

*Овој документ е испратен во електронска форма до Град Скопје, ЈП Паркови и Зеленило и контакт лица од Градски инспекторат

24 June, 2018

Промотивни материјали за КМ #74: Дрвјата се наша клима!


Промотивните материјали од овој блог-пост може слободно да се споделуваат, печатат, да се лепат на соодветни локации во градот, да се користат во рамки на објави за настанот или како линкови.
Однапред ви благодариме на сите за помагањето да се прошири информацијата за роденденската Критична маса #74.
Во жешките летни денови, без оглед дали пешачиме, возиме точак, чекаме автобус, па дури и кога сме во климатизирани возила и домови, дрвјата во градот (соодветно лоцирани) ни прават сенка и ладовина, ни ја зголемуваат свежината. Да рашиме глас, да ја зголеми свесноста за нивниот ефект! Благодарност до сите што помагате во тоа. А на Бисера ѝ благодариме што ни го освежи настанот со дизајнот. ;)
МАТЕРИЈАЛИ ЗА ПЕЧАТЕЊЕ
  • Постер, верзија за печатење: линк (.pdf)
МАТЕРИЈАЛИ ЗА ВЕБ


Постер, верзија за веб

Банер 300 x 250 (.gif)

Банер 500 x 500 (.gif)
Банер 980 x 100 (.gif)

Банер 990 x 80 (.gif)


Facebook cover
Facebook event cover
Twitter cover









Критична маса #74: Дрвјата се наша клима!

Датум: среда, 27.06.2018
Почеток: 19:00, Плоштад Македонија Крај: 20:30, Музеј на современата уметност
--------------------------------------------------------------------
Facebook настан: линк
Рута: линк
Промотивни материјали: линк
--------------------------------------------------------------------
Жежок летен ден. Сончето пече. Градот асфалтиран гори.
Сцена 1:
Треба да завршам некоја работа низ центар. Пешки сум. На булеваров Климент Охридски некогаш имаше дрворед и пошироки патеки за пешаци. Денес има 6 ленти за коли. Пекол. Жешко, бучно, загадено, непријатно. Нема да одам од тука, ќе свртам одоколу по споредните улички. Некои се прашуваат зошто луѓето не пешачеле и не возеле точак по овој булевар, локалите на него не биле веќе атрактивни... Хм...
Сцена 2:
Возам точак накај Драчево низ Кисела Вода по Борис Трајковски. Овој автопат ни го продаваат под име булевар само зашто имал 4 коловозни ленти, а нема велосипедски патеки, пешачките се минимални и окупирани, нема ни дрвореди. Па велат во Кисела Вода помалку се возело точак отколку во други населби, чудно. Хм...
Сцена 3:
Се враќам од работа. Треба да возам по Партизански одреди од центар кон запад… Температурите над асфалтот се над 50 степени. И на велосипедската патека во моја насока не е поразлично… Имам 3 избора: да возам на пешачката која е цел ден под сенка од дрвјата или да возам на велосипедската од другата страна во спротивна насока, и таа е исто така посвежа од оваа, или пак да возам во точната насока на патеката која е на припек и да ризикувам да ми е лошо… Не им текнало на планерите дека тука цел ден ќе пече сонце... А имале само една работа, да мислат на оние за кои планираат.. Можеле дрворедот да го постават меѓу патеката и коловозот...
--------------------------------------------------------------------
Постерот за КМ 74
Како се чувствувате кога пешачите, возите точак, користите автобус во овој град? Постојано во конфликт едни со други (и си се обвинуваме, место да ги обвинуваме оние кои несоодветно испланирале), постојано под опасност од автомобилите, постојано во непријатни услови: стеснети, неугледни, блокирани, непријатни, а во лето згора не сè и жешко!
Слепата воодушевеност од автомобилот и автоцентричното планирање си ја зедоа цената. Автопатишта среде градови (понепремостливи и од реки), ги разделија како граници маалата. Градовите станаа места каде се умира од обично движење со сопственото тело. Се вози брзо и се бара простор повеќе и за движење и за паркирање на автомобилите зашто сите само на тој превоз можат да се ослонат (тоа е она на кое најмногу мислел градот). Нема специјални ленти за автобуси иако со најголемиот капацитет највеќе заслужиле. Нема пешачки патеки насекаде или се окупирани со возила (а пешаци се 100 % од населението, за разлика од било кој друг превоз). Велосипедски патеки има само на неколку булевари, само неколку десетици километри од стотици километри улици низ Скопје.
Дрвјата исто така често страдаа во тоа автоцентрично планирање или па беа несоодветно планирани. Во автоцентричното планирање, ако треба да се реши метежот, не се пуштаат повеќе автобуски линии, не се обезбедуваат специјални автобуски и велосипедски ленти, туку се бара коловозна лента повеќе и секогаш прво на удар е зеленилото. А ако воопшто се планира зеленило, во автоцентричното планирање, планерите повеќе мислат на зелениот простор како шанса за разделување на насоките на движењето на автомобилите, да се овозможат поголеми брзини, па кога мора ќе одземат од зеленилото за лево свртување. Така направија на бул. 3 Македонска Бригада во Аеродром. Нема зеленило кое ќе ја заштити пешачко-велосипедската патека, но има средишно зеленило… Кому му е попотребно?
Во автоцентричното планирање некогаш не се обезбедува ни минимален простор за одржливите начини на превоз, а кога воопшто се обезбедува не се мисли воопшто тој простор да се направи удобен за оние кои немаат оклопи, немаат клима уреди, кои зависат целосно од надворешните услови: пешаците, оние кои возат точак и оние кои чекаат автобус.

За среќа, денес, се случува освестување во светот, се согледуваат последиците по безбедноста, по метежот, по загадувањето, по здравјето, по квалитетот на живот, па и по локалните температури кога целиот простор ќе се асфалтира и ќе им се подари само на автомобилите.
Денес постојат термини како МУЛТИМОДАЛНО ПЛАНИРАЊЕ, планирање во кое се посветува внимание на сите начини на превоз и каде на сите начини на превоз им се доделува простор од улицата, така се намалува и метежот, зашто сите начини на превоз обезбедуваат поголем капацитет од автомобилот во истиот простор. Така останува и повеќе простор за зеленило!

Денес актуелни се и термини како КОМПЛЕТНИ УЛИЦИ. Ако улицата не мисли на сите, ако не им овозможи на сите граѓани од сите возрасти и способности како безбедно и удобно да пешачат, да возат точак, да користат јавен превоз, да ја преоаѓат улицата итн, тие НЕ СЕ КОМПЛЕТНИ. Комплетноста вкклучува и соодветно планирање на зеленилото.
Денес постојат термини како ЗЕЛЕНА ИНФРАСТРУКТУРА. Дрворедите се сметаат како една од задолжителните инфраструктури на улиците, особено на булеварите.
Ниту пешачките, ниту велосипедските патеки, ниту зеленилото се декор кој треба да се постави во неискористениот простор кој ќе остане откако ќе се направи тортата (што поширок простор за автомобилите).
Зеленилото и сообраќајот мора да се планираат паралелно, од самиот почеток на проектот, ако навистина како град имаме визија луѓето повеќе да пешачат и да возат точак.
Некаде во светов имаат проблем со снегови и ветрови, ниски температури во текот на голем дел од годината и се борат со подобра облека, ние тоа го немаме. Цела година е пријатно, но во лето го имаме топлото време кое во комбинација со преасфалтираниот град ги подигнува дополнително температурите (ефект на urban heat island). Тоа е предизвикот за Скопје! Како да ги симне температурите за пешачењето и возењето точак да станат возможни и пријатни во жешките лета.

Има огромна разлика меѓу патеки кои се изложени на сонце и покрај кои има дрвореди од соодветна страна. Затоа и луѓето ги бираат вторите, често правејќи и прекршок, само да се спасат од жешкото.
Сметаме дека зеленилото треба да ги следи речиси сите пешачки и велосипедски патеки во Скопје како град многу топол во лето, особено оние патеки кои се изложени на сонце од јужната страна. Зеленилото ни прави пријатна и освежителна сенка, ни одржува пониски температури, подобра влажнот, посвежа микроклима кога пешачиме, кога возиме точак, кога чекаме автобус.
На дрвјата обично ни текнува во зима кога е загадено.
Но покрај дрвја е убаво и во пролет кога цутат, и во есен кога паѓаат лисјата.
Но дрвјата не се значајни само за естетиката или само за прочистувањето на воздухот и борбата со климатските промени, туку и во регулирањето на микроклимата локално и правењето на градот попријатен за пешачење и возење точак, па и за чекање автобус. Кога сме пешки или на точак немаме оклопи, немаме климатизери, не трошиме фосилни горива за да се ладиме.
Дрвјата ни обезбедуваат сенка, ладовина, свежина.
ДРВЈАТА СЕ НАША КЛИМА!

Затоа и им ја посветуваме оваа Критична маса. Ќе возиме по следнава рута:
--------------------------------------------------------------------
Критична маса е неформален велосипедски собир кој се случува во над 300 градови во светот.
Нема лидери, нема формална организација, само група на свесни луѓе кои сакаат подобар вело-град.
Од мај 2012-та се случува еднаш месечно и во нашето Скопје!
Возиме секоја последна среда во месецот по различна рута и со различна тема.
 
Критична маса во Скопје е самоодржлив, саморегулиран и самофинансиран месечен собир на урбаните велосипедисти кој зависи од придонесот на секој учесник, пред сѐ од неговото појавување на собирот и покажување бројност („Нѐ има, земете нѐ предвид“), од активната грижа настанот да помине во најдобар ред, а потоа и од донациите за промотивните материјали, волонтерскиот придонес во: осмислувањето на настанот, неговата промоција и се разбира во креативната страна на возењата. До овој момент, скопјани 73 пати возеа масовно по скопските улици, на 73 различни теми поврзани со урбаниот велосипедизам.
Да ги освоиме по 74-ти пат улиците со нашите точаци, активно, ангажирано, свесно, заедно, со полни срца!
Приклучи се! Ангажирај се!
Може да нé има повеќе! Скопје може да стане подобар град!
--------------------------------------------------------------------

10 June, 2018

Допис до Општина Карпош и Општина Центар за поставувањето паркинзи за велосипеди

Изразуваме поддршка за акциите на поставување паркинзи (држачи) за велосипеди во Општина Карпош и Центар, но сакаме да потсетиме на некои основни правила и позитивни пракси кои се однесуваат на поставувањето на држачи за велосипеди, особено во јавен простор, сè со цел паркинзите да се користат повеќе, велосипедите да бидат побезбедни и севкупно да се унапредува употребата на велосипедот како превозно и рекреативно средство.
Дописот го има на
линкот како документ или во продолжение како текст.
-------------

Почитувани Општина Карпош и Општина Центар,

Ви пишуваме како реакција на новопоставените паркинзи во Општина Карпош (06.06.2018), во врска со поставувањето на паркинзи за велосипеди на јавни простори во двете општини.
Сметаме дека паркинзите кои беа поставени на 4 јавни простори (слики во прилог) не се адекватни за безбедно заклучување на велосипедите. Тој тип на паркинзи дозволува заклучување само на едно тркало, кое не се смета за безбедно бидејќи рамот на велосипедот може да биде украден (т.е. целиот велосипед без едното тркало).



Слика 1. – Новопоставените паркинзи низ О. Карпош

Понатаму, сметаме дека со поставувањето на вакви паркинзи посетителите се обесхрабруваат да дојдат на локациите поради недостиг на безбедност, а сопствениците на локали се обесхрабруваат да поставуваат квалитетни паркинзи за велосипеди бидејќи сметаат дека веќе постојат паркинзи кои не се користат. Ова води кон преферирање на друга урбана опрема (бандери, огради, столбови итн.) и дрва за заклучување на велосипедите, бидејќи истите дозволуваат врзување на рамот, што води кон узурпирање на просторот и нагрдување на истиот.


Слика 2. – Основни правила за заклучување на велосипед на паркинг

Понатаму, сметаме дека за поставување на урбана опрема од овој тип треба да се направат анализи за локациите од интерес на посетителите. Со овој допис ви се обраќаме вам како општини коишто веќе имаат направено анализи и имале иницијативи и пракса на поставување на паркинзи за велосипеди во јавните простори.
-Општина Карпош има направено анализа преку Центарот за климатски промени (линк).
-Општина Центар има направено анализа на два начина. Преку апликацијата Strava во 2016та година (мерење на најчести почетни и крајни точки на велосипедистите) и преку спроведена анкета за локации каде велосипедистите имаат најмногу потреба од паркинг.
Дополнително, во изминатите неколку години, и двете општини имаат и историјат на
поставување на добри и функционални паркинзи во јавните простори кои се за поздрав. Некои од тие добри примери се анализирани во наредниот линк.

Условите кои еден функционален паркинг за велосипеди треба да ги обезбеди ги имаме сумирано тука, а повеќе можете да прочитате тука.

Покрај тоа што држачите за велосипеди треба да обезбедат безбедно заклучување на
велосипедот и да бидат на локација соодветна за велосипедистот (објаснето во линкот погоре),тие не смеат да ја нарушат естетиката и останата функција на просторот, т.е. не смеат да го попречат движењето на пешаци, велосипеди, возила, пристапи кон објекти и рампи, да поттикнуваат газење во зеленило итн. Прецизните микро-локации би требало да ги направат стручни лица (архитекти, урбанисти, сообраќајни инженери) на терен.

Би сакале добрите пракси да продолжат и да се унапредува користењето на велосипедот како превозно и рекреативно средство преку обезбедување соодветна инфраструктура за движење и паркирање.

Со почит,
Неформална група на велосипедисти НаТочак
natochak@gmail.com
08.06.2018
Скопје

*Овој документ е испратен во електронска форма до Општина Карпош и Општина Карпош

01 June, 2018

3. Јуни - Светски ден на точакот


Генералното собрание на Обединетите нации го определи 3-ти јуни како Светски ден на точакот!

https://ecf.com/news-and-events/news/un-general-assembly-adopts-resolution-declaring-june-3rd-world-bicycle-day

Обединетите нации донесоа декларација со која ги охрабруваат сите земји членки (и Македонија е дел од ОН) да посветат посебно внимание на точакот во развојните стратегии и да го вклучат точакот во меѓународни, регионални, национални и локални политики и програми на развој, да посветат внимание на одржлива мобилност, безбедност во сообраќајот, да користат добри практики за охрабрување на луѓето кон негово поголемо користење.

Во декларацијата Обединетите Нации објаснуваат дека возењето точак е извор на социјални, економски, здравствени и бенефити за животната средина и ги спојува луѓето. Точакот е забавен, лесно достапен за сите, чист начин на превоз од кој има само позитивни придобивки за луѓето и околината во која се користи.

Светската велосипедска алијанса и Европската велосипедска федерација лобираа за усвојување на оваа декларација уште од 2015-та.
Возењето велосипед придонесува во 12 од 17-те цели на одржливиот развој (Sustainable Development Goals) на Обединетите Нации.

Ова е големо признание за сериозноста на точакот како превозно средство по што се очекува промена во државите членки во ОН кои треба да го уважат и да му дадат соодветно значење во сопствените политики и проекти.

За Обединети Нации барањата на вело-активистите не се лични желби, туку влегуваат во одржливи цели за планетата Земја. Се надеваме дека слично ќе почнат да гледаат на проблематиката и министрите, пратениците, градоначалниците, советниците низ Македонија и ќе почнат да донесуваат поинакви одлуки.

Па вреди да се прослави :)

Каде во недела ќе возите точак вие? :)
Ако не одите никаде специјално, барем дневните обврски завршете ги #НаТочак, место со кола ;)

#3ЈуниСветскиДенНаТочакот
#СветскиДенНаТочакот
#June3WorldBicycleDay
#WorldBicycleDay

25 May, 2018

Критична маса #73: 6 години. Скопје врти кон светлата страна

Датум: среда, 30.05.2018
Почеток:
17:30, Плоштад Македонија
Крај:
19:00, НУБ
Изложба на сите досегашни 73 постери во новиот објект на НУБ
Забава на платото пред НУБ 19:00-23:00
-Dj Shurbe
-Dj Ulterior & Dj Bruv
--------------------------------------------------------------------
Facebook настан: линк
Рута: линк
Промотивни материјали: линк
--------------------------------------------------------------------

постер за КМ #73

6 години Скопје врти кон светлата страна

Во мај 2012-та се роди првата Критична маса во Скопје. Оттогаш, 72 месеци, секоја последна среда во месецот вртиме со педалите и го движиме Скопје кон неговата посветла страна.

6 години вртиме не само за промени туку и да се собереме оние што веруваме. Да се собереме на купче, да видиме дека нè има сè повеќе, да се дружиме, да се охрабриме.

Не славиме само 6 години критична маса. Славиме 6 години рој точаци по улиците, 6 години насмеани лица по улиците, 6 години побушави коси од останатите (и не ни е гајле), 6 години ѕрн-ѕрн поздрави на минувачите, 6 години кревање точаци на целта.
6 години вртиме во сите годишни времиња. Со кабаници на дождовите, со ракавици и развеани шалови низ студовите. Пролетни во родендените. Исончани по одморите.

Но 6 години не е само вртење со педалите. 6 години се и многу работа. 6 години сонување, но и трагање по аргументи, регистрирање проблеми, нудење на решенија и многу состаноци и дискусии со институциите.

Долго време е 6 години.
Во 6 години збира многу заеднички спомени. Во 6 години збира многу заеднички чувства.
Бевме среќни за веста за проектот Скопје Велоград, но бевме и многу тажни и гневни за секоја вест за повреден или загинат велосипедист.
Бевме задоволни за секое ветување на нова велосипедска патека, но и многу разочарани за секој новоизграден булевар во 21-ви век, без соодветна пешачка и велосипедска инфраструктура.
Се чувствувавме разбрани кога на состаноците во институциите ги прифаќаа нашите аргументи, но и исфрустрирани кога со месеци се обидувавме да објасниме што е тоа слеан рабник.
Се чувствувавме и победнички кога видовме како на Партизанска се ослободуваат велосипедските патеки, но и поразени кога полицијата на Климент Охридски не ги казнуваше тие што паркираа на нашите ленти.

Славиме 6 години зашто во тие 72 месеци сме отвориле барем 72 различни теми и заедно со сите кои возат на Критична Маса сме упатиле 72 различни пораки.
Бевме критични, но бевме и едукативни.
Славиме и 72 различни постери и 72 врвни дизајнери кои ни помогнале, без нив Критична Маса немаше да биде тоа што е, неизмерна благодарност!
(Сите постери ќе бидат изложени на крајната точка на КМ #73, во новиот објект на НУБ)

Ги славиме сите илјадници луѓе кои овие 6 години барем еднаш дојдоа на Критична Маса.
Го славиме секој нов точак на улиците!
Ги славиме промените кои иако се мали, сепак се евидентни и влијаат мотивирачки кон луѓето. Вака мали промени и тоа само на неколку булевари во Скопје доведоа до пораст на бројот на оние кои го избираат точакот како превозно средство. Замислете каков ќе ни е градот поубав ако промените продолжат...

Ги славиме и оние лица низ институциите одговорни за подобрување на условите за возење точак во Скопје. И таму наидовме на луѓе мотивирани да “вртат“ кон промена.
И таму започнаа да гледаат на точакот како превоз за сите граѓани, за кој треба да се обезбедат безбедни и соодветни услови на улица, почнаа да се работат проекти за нови велосипедски патеки, а постоечките почнаа да се ослободуваат од возила и да се прават пристапни и проточни.

Придружете ни се оваа среда затоа што ова е Критична маса за сите вас! Сите вие што ни испраќавте слики од инфраструктурни проблеми, сите вие што на своја иницијатива правевте притисок до својата општина за побезбедни улици, сите вие што организиравте паркинг за точаци во својата фирма, и вие што ни дизајниравте постери, и вие новинари што покривавте теми за велосипедската инфраструктура и култура, и вие вработени во јавна администрација кои се изборивте за попрогресивни сообраќајни проекти, сите вие полицајци кои неселективно казнувавте погрешно паркирани возила, сите вие советници во општините кои гласавте за буџет со велосипедски проекти, сите вие работници кои упорно поставувавте столпчиња иако упорно ги ваделе.
Сите сте дел од она Скопје кое се движи кон светлата страна.
И оваа Критична маса е за вас.

На ова наше Скопје му е потребна силна политичка волја, поголема граѓанска упорност и луѓе што не се плашат да сонуваат.

Неизбежно е нашиот град да се трансформира.
Неодржливо е да се планира и гради автоцентрично. Некои градови го научија тоа низ сопствените грешки и сопствениот колапс и жртви, некои учат од туѓи грешки.
Скопје се гуши во чад, бучава, сообраќаен метеж, Скопје е сè уште небезбеден град. Скопје нема достоинствени услови за пешачење и возење велосипед, нема модерен јавен превоз, Скопје не е пријателско место за лицата со пречки во движењето. Сè уште се прават проекти со фокус на автомобилот, сè уште се проектираат улици со широки ленти и големи радиуси за небезбедно брзо возење, сè уште семафорите не се пријателски за пешаци и велосипеди, сè уште на многу места дизајнот на инфраструктурата ги доведува пешаците, луѓето на точак, патниците од јавниот превоз во конфликт, сè уште тротоарите се полни со автомобили, сè уште доминантните визии на градоначалниците се да обезбедат повеќе паркинг места и ленти за автомобили, место да понудат алтернативен превоз, сè уште планираме по планови од 60-тите години кога автомобилот бил во центарот на визијата, кога не се знаеле негативните последици од автоцентричното планирање.
Мораме да почнеме да планираме мултимодално.
Имаме уште многу за менување!

Но во ова влеговме со искрени намери и огромни амбиции. Сонуваме големо. Но и се бориме! Сакаме да го смениме градот.
Потребна ни е визија од градските власти, но и поголема решеност за да ја видиме посветлата, позелена, поеколошка и поздрава иднина за овој град.
Одиме во вистинска насока.
6 години заеднички вртиме кон светлата страна.
НаТочак ви благодари што сте дел од тоа!
Што сте дел од светлата страна на Скопје!


Ќе возиме по следнава рута: (наскоро)
--------------------------------------------------------------------
Критична маса е неформален велосипедски собир кој се случува во над 300 градови во светот.
Нема лидери, нема формална организација, само група на свесни луѓе кои сакаат подобар вело-град.
Од мај 2012-та се случува еднаш месечно и во нашето Скопје!
Возиме секоја последна среда во месецот по различна рута и со различна тема.

Критична маса во Скопје е самоодржлив, саморегулиран и самофинансиран месечен собир на урбаните велосипедисти кој зависи од придонесот на секој учесник, пред сѐ од неговото појавување на собирот и покажување бројност („Нѐ има, земете нѐ предвид“), од активната грижа настанот да помине во најдобар ред, а потоа и од донациите за промотивните материјали, волонтерскиот придонес во: осмислувањето на настанот, неговата промоција и се разбира во креативната страна на возењата. До овој момент, скопјани 72 пати возеа масовно по скопските улици, на 72 различни теми поврзани со урбаниот велосипедизам.
Да ги освоиме по 73-ти пат улиците со нашите точаци, активно, ангажирано, свесно, заедно, со полни срца!

Приклучи се! Ангажирај се!
Може да нé има повеќе! Скопје може да стане подобар град!
--------------------------------------------------------------------