После состанокот на 10.11.2017, на 25.12.2017 НаТочак испрати допис до Министерството за внатрешни работи во кој ги сумираме работите разговарани на состанокот.
После овој допис добивме одговор од МВР достапен на линкот.
Споделуваме скенирана верзија од нашиот допис со архивски печат, како и текстуална верзија, во продолжение под скеновите.
После овој допис добивме одговор од МВР достапен на линкот.
Споделуваме скенирана верзија од нашиот допис со архивски печат, како и текстуална верзија, во продолжение под скеновите.
Почитувани,
На остварениот состанок со Јасмина Ангелова, советничка на кабинетот на Министерот за внатрешни работи, на 10 ноември 2017 година, беше договорено да испратиме допис со клучните точки за кои НаТочак сака да оствари соработка со Министерството за внатрешни работи.
Поделени во три категории, проблемите со кои се соочуваме секојдневно, а се во надлежност на Министерството за внатрешни работи, се:
- Безбедност на велосипедисти
- Континуирано контролирање на брзината на автомобилите и на почитувањето на сообраќајните правила
- Контрола и санкции за сообраќање на моторни возила на рекреативната патека на кеј
- Поголема контрола и санкции за непочитување на зоните со ограничување на брзината од 30 км/ч
- За околу 40% од сообраќајните незгоди со потешки последици во периодот 2011-2013 година, причина била неприлагодената брзина на возилата (Министерство за внатрешни работи)
- Во периодот од 2010 до 2016 година, во просек на годишно ниво има 9 загинати и 272 повредени велосипедисти во сообраќајот (Државен завод за статистика)
- Ослободување на велосипедски патеки
- Отстранување на паркирани возила и други пречки на велосипедски ленти
- Пракса на времено предупредување пред казнување за паркирање на велосипедска патека
- Почитување на забраната за паркирање на велосипедските и пешачки патеки и пешачки острови и од страна на возила во сопственост на МВР
- Преземање мерки и санкции за уништување на поставените столпчиња покрај велосипедските патеки
- Како најчест проблем со кој се соочуваат велосипедистите се истакнати Пречките на велосипедската инфраструктура (паркирани возила) со 24,6% и Безбедноста за велосипедистот со 18,8% (Национално истражување, НаТочак, 2017 година)
- При оценка на проблемот со паркираните возила на велосипедската патека, 67% од испитаниците дале оценка 1 или 2 од 5 каде 1 е најлошо, а 5 најдобро (Национално истражување, НаТочак, 2017 година)
- Безбедност на велосипеди од кражба
- Посериозен пристап во решавање на случаите со пријавени украдени велосипеди и обезбедување на видео докази од постоечките камери за безбедност.
- Објава на статистика за информации поврзани со велосипедизмот, како што се пријавени и разрешени украдени велосипеди, сообраќајни незгоди со детали за причини и разрешување и локација.
- Објава на информации од јавен карактер кои се од интерес на велосипедската заедница во формат соодветен за отворени податоци.
- Формирање на Регистар каде ќе се пријавува сопственост на велосипеди со модел и сериски број.
- Фејсбук група „Украдени точаци“ која постои од 2012 година и има околу 6.000 членови каде речиси на дневна база се пријавуваат украдени велосипеди.
Во интерес на соработка и брза комуникација, предлагаме да се одреди официјално службено лице од ваша страна со кое ќе може да оствариме ефикасна комуникација преку имејл и телефон.
Апелираме на поголема соработка со другите институции како Град Скопје и јавните претпријатија (Улици и патишта, Комунална хигиена, Паркови и зеленило, Градски паркинг), Скопските општини, Републички совет за безбедност во сообраќајот на патиштата со цел координирано подобрување и одржување на условите за велосипедски сообраќај и поголема безбедност за граѓаните.
Меѓудругото, го поздравуваме постоењето на полициска патрола на велосипеди и охрабруваме нејзино враќање во пракса.
Критични точки каде мора да се направи брза реакција заради секојдневно соочување со блокирање:
- Велосипедска лента на бул. Климент Охридски
- Велосипедска патека долж бул. Партизански Одреди особено онаму каде нема столпчиња
- бул. Борис Трајковски од Кисела Вода кон Драчево
- Министерство за правда, ул. Димирија Чуповски кај Ценар бар, поради секојдневно блокирање на пешачката патека
Во прилог испраќаме сведоштва од ситуацијата на конкретните наведени локации.
Апелираме да се посвети поголемо внимание при едукација на сообраќајните службеници за правилата и прописите за возење велосипед. Посочуваме неколку чести примери:
- Крстосница каде покрај пешачкиот премин има црвена лента, лентата претставува велосипедски премин и велосипедистите може да ја поминат со возење на велосипедите, а не мора да туркаат
- Ако нема велосипедска патека, согласно законот, велосипедистите се должни да возат на коловоз најблиску до десниот раб, а не да се упатувани на пешачката патека
- На семафори со дополнително зелено светло за вртење во десно, возачите се должни прво да ги пропуштат пешаците и велосипедистите, а потоа да поминат.
Очекуваме продуктивна соработка со Сообраќајната полиција што ќе резултира со зголемена безбедност во сообраќајот, реализирање на правото на слободно движење на пешаците и велосипедистите, заштита на животите на ранливите учесници во сообраќајот, како и намалување на кражбите на велосипеди.
Со почит,
Неформална група на велосипедисти
НаТочак
natochak@gmail.com
25.12.2017
No comments:
Post a Comment