12 February, 2019

Прашања и коментари за проектот за улица Орце Николов

Во врска со објавата од Општина Центар на проектот за улица Орце Николов (https://www.centar.gov.mk/?page_id=7181) и отворениот повик за коментари, испративме листа на прашања и коментари до Општина Центар на 12.февруари 2019 година

ORCE NIKOLOV

Почитувана г-а Белчева Андреевка и одговорните лица за проектот за ул.Орце Николов,

Ја поздравуваме иницијативноста на Општина Центар да биде првата општина во Скопје со велосипедска инфраструктура на улиците во своја надлежност и прва општина која спроведува Зона 30 на ваков практичен начин. 
За поздрав е велосипедската лента/патека по Орце Николов, но и конекторите кон Илинденска, во една насока на калдрмата пред општина Центар и во обратна насока на улицата Наум Наумовски-Борче.
Се надеваме дека другите општини ќе го следат примерот. 

Од прилогот кој можевме да го видиме (цртеж во основа во ситен размер) можевме да заклучиме дека:
1. Се мислело на сите категории на учесници во сообраќајот, но и на дрвјата, проектантите барале решенија, правеле компромиси и нашле решение што ги опфаќа сите и тоа е за голем поздрав.
Она што би сакале да го добиеме се само дополнителни информации кои недостигаа во презентацијата на проектот во медиумите(разбирливо) и во цртежот кој го добивме.
2. Во документот недостасуваат пресеци, димензии за широчини на коловозните ленти, проодните патеки за пешаци и велосипедските ленти. Особено се битни да се искотираат и прикажат во пресек во најтесните и најризичните делови. Се надеваме дека и нив ќе ги добиеме.
3. Бидејќи се планирани засеци во тротоарите за паркирање на возила, се поставува прашањето дали ќе се засекуваат постојните тротоари или целосно ќе се реконструираат?
4. Бидејќи во дел од опфатот, велосипедските патеки се на ниво на тротоар со пешаците, се поставува прашањето дали ќе има промени во материјализацијата на тротоарот во делот за велосипеди? 
5. Дали покрај позициите на дрвјата, водено е сметка и за други потенцијални физички пречки: бандери, улично осветлување, контејнери?
6. Каква ќе биде материјализацијата на издигнувањата на крстосниците? Апелираме на поквалитетна изведба со оглед на искуствата со “пропаѓање“ на ваквите издигнувања во Капиштец и населба Пролет. Секако, ги поздравуваме како најефикасно решение за смирување на брзината.
7. Што ќе се случува со велосипедските ленти во зоните на издигнување? Во однос на кота на движење и во однос на материјали?
8. Дали е испланирано заштитно растојание за отворање на врата од автомобил, особено во случајот кога паркирањето возила е преку велосипедската патека?
9. Иако не ни се омилени физичките пречки, факт е дека јавниот простор мора да се заштити, ако не со ревносно казнување, тогаш со физички пречки. Дали е предвидена некаква заштита од паркирање на тротоарите и на лентите?

Согледуваме и потенцијални “закани“ по спроведливоста на проектот:
1. Тераси од кафулиња и ресторани
Вака како што е направен проектот, на делот каде што велосипедската патека е на тротоарот, паралелно со пешачката, за да нема конфликт на пешаци со точаци, веројатно по цела должина тротоарот треба да биде чист. Односно по целата должина на тротоарот да нема ни едно столче и масичка од кафичи и кафани. 
Поради ова се потребни димензиите на патеките. Можеби поради ова, ќе треба да се забрани поставување на тераси по Орце Николов за проектот да се спроведе како што треба. Во спротивно сите пешаци ќе бидат на велосипедска.  
2. Паркирање на велосипедска лента
Очекувано е паркирање на велосипедска лента, во случајот кога велосипедската лента е на коловозот, особено во случаите каде треба да се паркира во засеците. Од примерот со ул. Раде Кончар (Радњанска - Боемска 2 во делот зад Архитектонски факултет), може да се увиди што не' очекува и во овој случај, освен ако не се преземат навремено мерки.
На возачите им е полесно да паркираат косо, па претпоставуваме дека и во овој случај би го правеле истото со што велосипедската лента би се претворила во паркинг. Овој ризик мора да го имаме на ум и општината да воспостави ред преку соработка со МВР или сопствени редари.

Дополнително на сите прашања, би сакале да дадеме и една мала сугестија за велосипедскиот крак пред Општина Центар, инспирирана од Копенхаген каде практикуваат елегантен пристап кога велосипеди треба да преминат преку калдрмисана површина. Не ја асфалтираат, туку со цел ем да се зачува историскиот амбиент на калдрмата, ем да се добие порамна површина за велосипедските тркала, употребуваат порамни парчиња камен.

Со почит,
НаТочак


image.png

image.png

No comments:

Post a Comment