21 August, 2020

Прашање и реакција во врска со пробивањето на улица Есенинова

Денес, 21.08.2020, испративме допис до град Скопје со прашање во врска со пробивањето на ул.Есенинова, но и со реакција за потребата од работење на сеопфатна велосипедска мрежа на ниво на Град Скопје, како и со потсетување на потпишаниот меморандум.
Дописот како документ е достапен на следниот линк, а како текст во блог-постот во продолжение.
-----------

До:
Град Скопје, Градоначалник на Град Скопје, Сектор за планирање и уредување на просторот, Координативно тело за велосипедски сообраќај 
Предмет: Прашање и реакција во врска со пробивањето на ул. Есенинова

Почитувани,

На 20.08.2020 година, Град Скопје на официјалната веб страница објави соопштение за медиуми ( https://skopje.gov.mk/mk/ ) во кое се најавува отпочнувањето со работи за пробивање и изградба на улицата Есенинова која ќе ги поврзе Центар, Кисела Вода и Аеродром. Според соопштението, улицата ќе содржи коловозни ленти и тротоари за пешаци, но не е наведено дали во решението за неа е предвидена и велосипедска инфраструктура.

Како една од главните најавени цели што треба да се постигнат со пробивањето на оваа нова улица е да се зголеми бројот на поврзувања помеѓу булеварите Борис Трајковски и 3-та Македонска Бригада, а со тоа и да се намали кружењето при движењето помеѓу Кисела Вода и Аеродром. Со оглед на тоа дека ваквото кружење е уште подемотивирачко при употреба на велосипеди затоа што времето на патување значително се зголемува, ваквите напречни поврзувања помеѓу булевари би требало задолжително да имаат и велосипедска патека/лента.

Дополнително, имаме информација дека е планирана реконструкција на ул. Никола Карев (паралелно на трасата на железницата) со што таа би добила велосипедски патеки/ленти. Во тој случај, уште повеќе сметаме дека е логично патеката по ул. Никола Карев која ќе ги поврзува велосипедските патеки на бул.Кузман Јосифовски Питу и бул. 3-та Македонска Бригада, да продолжи до пешачко- велосипедската патека на бул. Борис Трајковски преку ул. Есенинова.
Во овој контекст, би сакале да ве потсетиме на точки 2, 3 и 4 од Меморандумот кој го потпишавме со сега градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов. (цел меморандум е достапен тука: http://natochak.blogspot.com/2017/10/blog-post_15.html )  

2. Новата градска администрација ќе ја напушти автоцентричноста како принцип во сообраќајот и ќе работи на постепено приоритизирање на пешачењето, велосипедскиот сообраќај и јавниот превоз како и поставување на велосипедска инфраструктура во сите делови од градот во соработка со останатите градоначалници. Ќе тежнее процентуалниот удел на овие типови сообраќај да расте од година во година, а на автомобилот да опаѓа 
3. Новата градска администрација се обврзува да вклучи задолжителни велосипедски простори и патеки во секое идно проектирање на нова улица, булевар или мост. 

4. Новата градска администрација се обврзува секоја идна реконструкција на булевар или поважна улица да вклучува и велосипедско решение во просторот. Потесните улици да имаат решение за успорување на возилата за безбедно заедничко споделување на просторот (Зони 30).

Оваа улица е сосема нова, се пробива во 2020-та година и заслужува попрогресивно решение од она што е најавено на медиумите.

Исто така, би сакале да ви посочиме на потребата од дизајнирање на соодветна и сеопфатна велосипедска мрежа.

Според PRESTO водичот од Европска унија (https://ec.europa.eu/) препорачаната широчина на велосипедска мрежа (поточно максимално растојание меѓу паралелни велосипедски рути во урбана средина) изнесува 250 метри.
Според Холандски, Германски и други водичи, таа широчина изнесува меѓу 400 и 500 метри, со тоа што во централни подрачја може да биде и погуста. Според Space Syntax анализи, прифатливото растојание меѓу паралелни велосипедски рути изнесува: 300 метри за централно градско подрачје, 500 метри за градската средина надвор од центарот и 1.000 метри за предградијата
Моментално попречните велосипедски врски во овој дел од градот по текот на бул. Борис Трајковски се дури на 3.1 километри (велосипедски ленти / патеки има на бул. Кочо Рацин и следно на бул. Србија) што е три пати повеќе од растојанието предвидено за предградија, и дури шест пати повеќе од потребното за градска средина каква што има на овој потег.

Поради сето набројано погоре, сметаме дека оваа улица задолжително треба да има велосипедско решение. Ве молиме да нè информирате дали сообраќајното решение за улицата предвидува безбедно движење на велосипеди и издвоена велосипедска инфраструктура, и ако да, од каков тип е таа.

Остануваме отворени за соработка за остварување на целите од меморандумот.

Со почит, 
НаТочак

21.08.2020

НаТочак
неформално здружение за урбан велосипедизам

За подобро вело - Скопје

No comments:

Post a Comment