Денес, 23.03.2020 НаТочак испрати допис до Град Скопје во врска со прекинот на велосипедската патека на кејот на Вардар во општина Аеродром поради извршување на градежни работи за мостот на бул. АСНОМ, а без изведено заобиколување.
Дописот е достапен во .pdf облик на следниот линк, а како текст во продолжение:
---------------------------
Скопје, 23.03.2020
До: Град Скопје
До: Град Скопје
Сектор за уредување и просторно планирање
Предмет: Пријава на инфраструктурен проблем – прекин на кејот за мост на бул. АСНОМ
Почитувани,
По реакциите на многу граѓани до нас, би сакале да ве известиме за непочитување на точка 2.1.4 Воведување на обврска за задолжително обезбедување на алтернативни површини за пешачење и возење на велосипед при изведување на градежни работи на пешачки и велосипедски површини
од Планот за унапредување на велосипедски сообраќај кој Советот на Град Скопје го усвои во септември минатата година, при изведување на градежните работи за мостот на булевар АСНОМ.
Ова е извадок од Акцискиот план:
а целиот план е достапен на вашата веб-страница:
Велосипедската (и пешачката) патека по кејот на Вардар се моментално целосно прекинати без обезбедување на алтернативни патеки (слика во прилог).
Тараби на кејот на Вардар при изведување наградежните работи за мостот на булевар АСНОМ
Граѓаните од општина Аеродром кои го користат велосипедот како превозно средство според слободни проценки (а кои може лесно да се докажат доколку би имале мерачи на клучни локации) дури и повеќе го користат кејот за да стигнат до центар од булеварските патеки.
Ова е особено значајно во периодот на здравствената криза со брзината на ширење на Ковид-19 кога секој велосипедист е битен заради намалување на гужвата во јавниот превоз.
Многу градови апелираат на поголемо користење на велосипедот кај оние граѓани кои можат да го прават тоа, за да се намалат гужвите во јавниот превоз.
Некои градови (како Богота, н.з.) дури и обезбедуваат привремени велосипедски патеки.
Нашиот град не смее да ги прекинува најактивните патеки било кога, а особено не среде ваква криза.
Во моментов граѓаните од Аеродром без никакво навремено известување за градежните работи, без никакви насоки како да заобиколат, се принудени да стигнат до самите тараби и да се враќаат назад до првите скали и да го носат велосипедот во раце, а не секој кој го користи велосипедот како превоз го може тоа. Не треба да ви посочуваме какво демотивирање е тоа и како долгорочно ќе се одрази на развојот на велосипедскиот сообраќај во нашиот град.
Бараме според зацртаните планови на Градот, во овој и во сите идни проекти, да не смеат да се прекинат велосипедски патеки, да не смеат да започнат градежни работи од изведувачите додека навремено не се обезбеди известување со соодветна сигнализација за насоки на движење, како и изведено безбедно заобиколување.
Дополнително, во точка 2.2.2 од истиот план: 2.2.2.Изработка на план за унапредување и проширување на велосипедската мрежа во Скопје за периодот 2020 – 2021
има потточка која гласи: интегрирање на патеката по должината на реката Вардар преку рампи и мостови.
Очекуваме идниот мост покрај што е најавено дека ќе има велосипедски патеки, да има и поврзување со патеката по текот на Вардар со возливи рампи.
Тие рампи можеше да се изградат пред изградбата на мостот и да послужат како возливи врски по текот на заобиколувањето и додека траат градежните работи.
Во врска со тоа, би сакале да ве потсетиме и на точките 3 и 7 од Меморандумот за соработка кој НаТочак го потпиша со градоначалникот Петре Шилегов во 2017 година (тогаш кандидат):
3. Новата градска администрација се обврзува да вклучи задолжителни велосипедски простори и патеки во секое идно проектирање на нова улица, булевар или мост.
7. Итно деблокирање на постоечките велосипедски патеки кај плоштад Македонија, патеката на кејот на Вардар и Стоковна Куќа Мост, создавање на повеќе рампи за приклучување кон патеката на кејот како и нејзино продолжување накај Сарај и Јурумлери.
Целиот меморандум, можете да го прочитате тука: https://natochak.blogspot.com/2017/10/blog-post_15.html
Согласно официјалниот План за унапредување на велосипедски сообраќај на Град Скопје и согласно Меморандумот за соработка потпишан со градоначалникот Петре Шилегов, се чини дека сфатено е големото значење на патеката по кејот на Вардар за Скопје.
Бараме тоа да се покаже и во пракса.
Доколку се уште не се започнати градежните работи, бараме да се тргнат тарабите до моментот на обезбедување рампи и безбедно и означено заобиколување за велосипеди и пешаци.
Доколку се започнати градежните работи, бараме итно делување со поставување рампи за туркање на велосипеди и соодветна привремена сигнализација и насочување, а во догледно време (наредниве месеци) и подобро пофункционално решение со возливи рампи, бидејќи велосипедскиот сообраќај и кејот не смеат да страдаат во наредните години додека се вршат градежните работи како што беше случајот (и се уште е) со прекинот кој го направи мостот за Панорамското тркало и сите останати мостови во проектот Скопје 2014.
Исто така, со цел вакви проблеми да не се повторуваат во иднина, бараме да испитате како се издала дозвола за извршување на градежни работи врз функционална велосипедска патека, без да се изведе вакво заобиколување.
Исто така, со цел вакви проблеми да не се повторуваат во иднина, бараме да испитате како се издала дозвола за извршување на градежни работи врз функционална велосипедска патека, без да се изведе вакво заобиколување.
Со почит,
НаТочак
23.03.2020
No comments:
Post a Comment