15 October, 2017

Меморандум за соработка : НаТочак - Петре Шилегов

На 13-ти октомври 2017-та година НаТочак потпиша меморандум за соработка со кандидатот за градоначалник на Град Скопје, Петре Шилегов. Меморандумот е достапен како документ на следниот линк, а како текст во продолжение. Очекуваме негово доследно почитување. ---------------------- Во пресрет на локалните избори во Град Скопје на 15.10.2017 година, а во однос на идното управување со градот, иницијативата #НаТочак и кандидатот за Градоначалник на Скопје од редовите на СДСМ, г. Петре Шилегов, по иницијатива на кандидатот, го потпишуваат следниот


МЕМОРАНДУМ ЗА СОРАБОТКА


1. Двете страни се обврзуваат во добри односи заеднички да го промовираат велосипедот во Скопје како здраво, евтино и чисто превозно средство.
2. Новата градска администрација ќе ја напушти автоцентричноста како принцип во сообраќајот и ќе работи на постепено приоритизирање на пешачењето, велосипедскиот сообраќај и јавниот превоз како и поставување на велосипедска инфраструктура во сите делови од градот во соработка со останатите градоначалници. Ќе тежнее процентуалниот удел на овие типови сообраќај да расте од година во година, а на автомобилот да опаѓа
3. Новата градска администрација се обврзува да вклучи задолжителни велосипедски простори и патеки во секое идно проектирање на нова улица, булевар или мост.
4. Новата градска администрација се обврзува секоја идна реконструкција на булевар или поважна улица да вклучува и велосипедско решение во просторот. Потесните улици да имаат решение за успорување на возилата за безбедно заедничко споделување на просторот (Зони 30).
5. Новата градска администрација се обврзува во рок од една година да постави велосипедски паркинзи пред секоја градска установа, канцеларија или позначаен јавен простор во надлежност на Градот Скопје.
6. Новата градска администрација се обврзува да ги вклучи граѓанските здруженија и иницијативи во процесите на креирање политики од нивно значење. Тие процеси ќе бидат темелни, инклузивни и транспарентни, а #НаТочак ќе има свое столче на масата каде ќе се одлучуваат велосипедските политики на Град Скопје.
7. Итно деблокирање на постоечките велосипедски патеки кај плоштад Македонија, патеката на кејот на Вардар и Стоковна Куќа Мост, создавање на повеќе рампи за приклучување кон патеката на кејот како и нејзино продолжување накај Сарај и Јурумлери.
8. Итна изградба на задоцнетите рути од проектот Скопје Вело-град (Чаир-Центар (Рута 3) и Кисела Вода - Ѓорче Петров (Рута 4), 7те конектори Север-Југ и корекции на веќе изведената инфраструктура)
9. Град Скопје и #НаТочак заедно ќе работат на едукативни и безбедносни програми за унапредување на велосипедизмот во Скопје.
10. Новата градска администрација се обврзува да постави цели за намалување на бројот на   жртви од сообраќај на скопските улици преку соодветни инфраструктурни мерки и соработка со други институции (МВР, РСБСП, ЈСП, МЖ...) за зголемување на безбедноста на велосипедскиот сообраќај.
11. Новата градска администрација се обврзува на проактивна соработка со полицијата за дислоцирање на бесправно паркираните автомобили.
12. Формирање на одделение (Координативно тело) за унапредување на немоторизираниот транспорт (пешачки и велосипедски) на ниво на град Скопје и сите општини.
13. Новата градска администрација се обврзува на создавање на посебен буџет за вело-инфраструктура
14. Новата градска администрација се обврзува на создавање модерен систем за изнајмување на велосипеди


Скопје, 13.10.2017


Во свое име,
Петре Шилегов
Кандидат за Градоначалник на Скопје
(потпис)

Во име на иницијативата #НаТочак
(потпис)

0 comments:

Post a Comment