Денес испративме допис до сите општински градоначалници во Скопје, сите претседатели на Совет, сите советници и раководители на релевантните сектори во општинитеод кои најдовме е-контакти.
Во него разработуваме 3 главни цели за општината за новата 2021 година, а со тоа и за градот Скопје.
Се надеваме дека визијата ја споделуваат и значителен дел од предлог-мерките ќе бидат прифатени и вградени во политиките, одлуките за буџетот и секторските програми на општините при ова донесување или при следните измени.
Дописот е достапен како pdf на линкот, а како текст во продолжение.
велосипедска лента во спротивна насока и споделување на лента со автомобили во другата насока - решение за станбена улица од Целје, Словенија
Фотогтафии за предлог 2: линк
Фотографии за предлог 3: линк
------------------------
До:
Сите 10 скопски општини
Сите 10 скопски градоначалници
Претседатели на Совет
Советници чии e-адреси се достапни на интернет
Сектори за уредување на градежно земјиште и заштита на животна средина
Сектори за урбанизам
Сектори за јавни дејности
Сектори за финансии
Почитувани,
Велосипедот добива поголема популарност како превозно средство и во Скопје.
За време на корона-кризата бројот на граѓани кои користат велосипед и како превоз и како рекреација уште повеќе порасна. Тоа е потенцијал на кој треба му се посвети внимание и да му се даде уште поголем поттик. Најголем поттик за зголемената употреба сепак се реконструираните патеки на дел од градските булевари. И додека реконструкцијата и изградбата на велосипедските патеки по булеварите мора да продолжи, и со зголемено темпо, од друга страна мора конечно да започне воведување на велосипедски решенија (патеки, ленти или улици) и на општинските улици.
Некои од скопските општини изминатите годинии субвенционираа купување точаци, но редно време е да се инвестира и во инфраструктура по која би се возеле точаците. Ви се обраќаме со овој допис, свесни дека во овој период се носат годишни програми и буџет за следната година. Очекуваме како советници кои нѐ претставувате нас како граѓани да ги разработите темите во соодветни амандмани, а вработените во Секторите да ги вклопат предлозите во своите програми и начин на работа.
За некои од наведените предлози е потребно издвојување на специјални буџетски средства, а за некои само волја работите кои и онака се прават, да се прават на друг начин и да се донесат соодветни одлуки.
Придобивки од пешачењето и возењето велосипед - јавен интерес
Индивидуалните придобивки од користење на велосипедот како рекреација или превоз се општо познати: умерена физичка активност која влијае позитивно на менталната, кардиоваскуларната и општата здравствена состојба на конкретната личност. Но постојат и општествени придобивки кои се занемарени и вреди да ги истакнеме.
Поголем број луѓе кои го користат велосипедот како превозно средство би значело:
- Подобрено јавно здравје и благосостојба на населението, намален стрес, продолжен животен век, помалку отсуства од работа, поголема продуктивност кај вработените, а подобрено учење и задоволство кај децата.
- Зголемување на безбедноста во сообраќајот, како и решавање на најгорливите проблеми во локалните средини поврзани со сообраќајниот метеж и недостатокот на паркинг места.
- Намалување на загадувањето (на воздухот и во облик на бучава) кое доаѓа од прекумерната употреба на моторни возила во населените места.
- Економски придобивки преку заштеди во буџетите за јавното здравство, животна средина, транспорт и буџетите на локалните самоуправи.
- Намален ефект врз климатските промени и постигнување на целите од потпишаните конвенции за намалена емисија на CO2
- Заживување на градскиот живот преку отворање на јавниот простор за граѓаните и креирање пријатни јавни простори каде луѓето се на прво место, а не автомобилите.
- Позитивни ефекти за локалните бизниси (најуспешни се оние кои имаат убави пешачки простори пред себе) и развојот на туризмот со зголемување на понудата за начини на патување и активни искуства (велосипедот е совршена алатка за искусување на нови места).
Надлежности на општините
Општините самостојно во рамки на Законот, ги уредуваат и вршат работите од јавен интерес од локално значење. Тие се надлежни за урбанистичкото планирање, уредување на просторот, заштита на животна средина, заштита од бучава, локален економски развој, комунални дејности како изградба, реконструкција на улици и регулирање на режимот на сообраќајот, справување со проблемот со непрописно паркирање, унапредување на здравјето и превентивни активности итн. (Член 22 од Законот за локална самоуправа) Сведоци сме дека овие надлежности не се практикуваат во својата суштина. Имено, иако безбедноста во сообраќајот, заштита на животната средина, намалување на бучавата, превентивни активности за унапредување на здравјето се она што е ЈАВЕН ИНТЕРЕС, општините наместо да: ослободуваат тротоари, да поттикнуваат пешачење и возење велосипед, смирување на сообраќајот, тие најмногу се грижат за приватниот интерес, поточно за складирање на моторните возила.
Во однос на паркирањето, Општините единствено треба:
-да ги проверуваат проектите и објектите дали обезбедиле соодветен број на паркинг места според прописите
-да воведуваат политики на паркирање со кои ќе го регулираат и најчесто и наплаќаат паркирањето на јавни паркиралишта, за оние кои не се погрижиле за место за складирање на личното возило или имаат повеќе возила. Но НИКАКО уредувањето на паркинг места не смее да се прави врз пешачки патеки на штета на безбедноста и правото на мобилност. Тоа е антицивилизациско.
Почеток на промена која треба да се надгради
Во изминатите години сведоци сме како Град Скопје ослободи и уреди многу од пешачките и велосипедските патеки на примарната мрежа. Но општинските улици премногу заостануваат во тој поглед. За да биде пешачењето и возењето велосипед безбедно и удобно, предлагаме општините самостојно, во меѓусебна соработка и соработка со Град Скопје да почнат да работат на следните 3 основни и 2 дополнителни теми:
1. Слободни тротоари - За пешачко, демократско и здраво Скопје
Предлагаме Општината во следната година да работи на акција на ослободување на тротоарите од узурпацијата со возила, дислоцирање на лошо поставена урбана опрема и правење на тротоарите и целиот јавен простор квалитетни, лесно достапни и пристапни за сите.
Предлогот од НаТочак е:
1.1. Општината да разработи и усвои политики за паркирање со кои ќе го организира и означи јавното паркирање на простор кој не е пешачки и ќе одреди цена доколку е потребно во согласност со побарувачката (да ја дестимулира доколку е преголема), а со донесувањето на такви политики да обезбеди средства за развој на активниот транспорт: пешачењето и возењето велосипед .
1.2. Општината да разработи и усвои политики и правила за поставување на урбана опрема со кои ќе се гарантира прооден пешачки коридор за разминување на 2 лица меѓу кои едното со посебни потреби (минимум 1.7м) на секој тротоар и јавен простор, па секоја урбана опрема (од светилки до отворени тераси од угостителските објекти) да се поставува во согласност со пешачките движења. Големите контејнери е пожелно да се поставуваат на коловозот во линија со паркираните возила.
1.3. Општината да постави физичка заштита од паркирање врз јавните пешачки, велосипедски и зелени површини во облик на столпчиња, жардиниери и слично и да ангажира комунални редари.
1.4. Да ги направи тротоарите пристапни за тркалата на лицата со посебни потреби, помагалата на повозрасните лица, бебешките колички, велосипедите и тротинетите, преку изградба на континуирани тротоари (возилата да се тие кои ќе се качуваат и спуштаат при вкрстување на улици, а не пешаците) или преку спуштање на рабниците според правилата за пристапност дефинирани во член 188-194 од Правилник за урбанистичко планирање (Службен весник на РСМ 225/2020).
1.5. Да работи на квантитативно и квалитативно подобрување на пешачките простори: да се прошират тротоарите секаде каде што се тесни и има можност за проширување, да се реконструираат и уредуваат и тротоарите, а не само коловозите, да се воведат пешачки зони, да се користат квалитетни материјали кои се удобни за пешачење и не ги зголемуваат температурите (да не се користи асфалт за пешачки патеки), да се воведуваат дрвореди секаде каде што не пречат на пешачкото движење и да се зголемува застапеноста на јавни чешми за вода и места за јавно некомерцијално седење и дружење.
Слободниот и пристапен пешачки простор е базична мерка која треба да покаже дека Општината е место каде жители со права се луѓето, а не автомобилите. Не секој граѓанин е возач, но секој граѓанин е пешак, дури и возачите на автомобили и велосипеди и корисниците на јавен превоз во првиот и последниот дел од секое патување се пешаци.
(Не)слободните тротоари се показател на основна (не)цивилизираност бидејќи на луѓето им го одземаат правото да се движат безбедно и удобно со сопственото тело. Ова право им е нарушено особено на најранливите: децата, повозрасните, лицата со посебни потреби.
Во прилог на овој предлог се:
-Уставот на Република С. Македонија каде се гарантира слободно движење на сите граѓани
-Законот за безбедност во сообраќајот на патиштата кој гарантира безбедно движење за сите и ги штити ранливите учесници во сообраќајот
-Правилникот за урбанистичко планирање кој ја гарантира пристапноста на јавните простори и минималната широчина на пешачкиот коридор
-Статистиките од здравство кои покажуваат висока стапка на лица со незаразни хронични заболувања кои се должат на непостоење на умерена физичка активност во секојдневието
2. Велосипедска мрежа - За вело-поврзано Скопје
Предлагаме Општината да издвои буџет за: План за пешачка и велосипедска мрежа кој ќе ги истражи можностите за спроведување на велосипедски патеки и ленти, како и велосипедски улици (улици со мешан сообраќај, но со приоритет на велосипеди).
Пешачки патеки мора да има на секоја улица, дури и треба по должина да ја надминуваат должината на тротоарите и коловозите, да се појавуваат меѓу блокови итн.
Пешачката мрежа мора да биде подолга од автомобилската.
А велосипедско решение доволно е да има на некои од улиците, на max 125 метри од сечиј дом, според препораките од водичите на Европската унија, т.е. да се оформи мрежа со полиња 250 x 250 метри, за да може луѓето да се ослонат на неа и да ја користат.
Според ова, велосипедските патеки од булеварите ни малку не се доволни за создавање на сигурна и достапна мрежа.
Предлогот од НаТочак е:
2.1. Општината да направи студија / план за спроведување на велосипедска мрежа на општинските улици.
2.2. Во секој Детален урбанистички план каде што е возможно да ги проширува регулационите линии на улиците кон блоковите со цел да се овозможи создавање на пошироки тротоари и улици со велосипедски патеки/ленти.
2.3. Онаму каде што претходното не е возможно, да се овозможат велосипедски патеки или ленти преку поинакво сообраќајно решение: на пример преку стеснување на коловозни ленти, преку еднонасочен сообраќај за автомобили и ленти за велосипеди во спротивна насока на самиот коловоз.
2.4. Онаму каде што ни претходното не е возможно, да се овозоможи безбедно велосипедско движење преку воведување велосипедски улици, т.е. улици каде велосипедите може да се движат на средина на сообраќајната лента и имаат предност пред автомобилите, а го споделуваат истиот простор.
2.5. Да донесе правило за праведен буџет, имено минимум 15% од буџетот за патна инфраструктура да го користи за пешачки патеки и минимум 15% да го користи за велосипедски патеки, по примерот на Ирска каде овој минимум е одреден на 10%+10% за националниот буџет. Бидејќи општинските улици се со помал коловоз и пропорционално поголем дел припаѓа на тротоарите отколку на булеварите, овој процент може и да расте.
Велосипедските решенија (патеки, ленти или улици) достапни и на општинските, не само на градските улици, блиску до сечиј дом, ќе создадат доволно густа, кохезивна и достапна мрежа која е клучниот фактор според сите истражувања за граѓаните да го користат велосипедот како превозно средство. Доколку мора да патуваат долго време низ хаотични улици кои немаат велосипедско решение за да стигнат до булевар кој има, веројатноста дека ќе користат велосипед е премногу мала, без оглед колку и убави кампањи да се направат или субвенции да се доделат.
Во прилог на овој предлог се:
-Водичот PRESTO од Европската унија каде се даваат препораки за развој на велосипедска мрежа
-Водичи од други држави: Холандија, Германија, Словенија
-Планот за унапредување на велосипедскиот сообраќај на Град Скопје каде се предвидува и соработка на Град Скопје со општините на тема услови за велосипедски сообраќај
3. Визија нула и Зона 30 - За безбедно Скопје со нула жртви во сообраќај
Предлагаме целата територија на општината (освен булеварите со повеќе сообраќајни ленти за возила и издвоени пешачки и велосипедски патеки) Советот да ја прогласи одеднаш за Зона 30.Овa прогласување може да го направи во координација со другите општини и Градот Скопје за да се однесува на целата територија на Град Скопје, доколку има волја од сите страни. Доколку не, Општината може да покаже лидерство во овој поглед и да ги следи примерите на најпрогресивните градови: Хелсинки, градовите во Холандија, Брисел, Гренобл, Нант, Париз каде 30 km/h е нормата, а 50 km/h е исклучокот, за главните улици.
Предлогот од НаТочак е:
3.1. Да се донесе одлука на Совет за ограничување 30 km/h за најголем дел од мрежата (претежно станбени улици) која има издвоена пешачка инфраструктура (тротоари), но нема простор за посебни велосипедски патеки и ленти, па граѓаните кои користат велосипед се принудени да го споделуваат коловозот со моторни возила
3.2. 20 km/h да биде ограничување за оние улици кои немаат издвоена ниту велосипедскa, но ниту пешачка инфраструктура, па и пешаците и велосипедите се принудени да го споделуваат просторот со автомобилите.
3.3. Ова прогласување мора да биде проследено со соодветен дизајн на улиците кој ќе поттикне побезбедно однесување на возачите и ќе спаси човечки животи (подигнати пешачки премини, подигнати крстосници, микро-кружни текови, шикани, стеснети ленти за возила, означување на паркирање на коловоз итн.)
Намалувањето на брзинското ограничување ќе го намали времето за реакција, дистанцата на кочење, а ќе ја зголеми шансата за преживување кај сите ранливи учесници во сообраќајот при евентуален судир, а значајно и ќе ја намали веројатноста за судир.
Во прилог на овој предлог се одлуки на светско и европско ниво:
-од Светската здравствена организација која со цел намалување на жртвите од сообраќај ја усвои Стокхолмската декларација со која препорачува “максимално брзинско ограничување од 30 km/h секогаш кога се мешаат ранливи учесници и моторни возила“.
-од Генералното собрание на Обединетите нации кои ја усвоија Стокхолмската декларација
-од Европската комисија која ја одобри декларацијата во склад со целта “Визија нула“, т.е. Нула смртни случаи во ЕУ до 2050 година.
-како и од градови - предводници од Европа.
Дополнителни мерки:
4. Паркинзи за велосипеди
Предлагаме Општината да ги искористи своите надлежности од областа на урбанистичкото планирање и уредувањето на просторот и да го направи паркирањето велосипеди возможно, практично и безбедно.
Една од главните пречки поради кои граѓаните не користат велосипед е непрактичноста на неговото користење, мораат да го носат во лифтови, да го креваат по скали, да го оставаат по ходници од згради, по станови или на тераси. Тоа создава пречки, нехигиена и нелагодност, а дополнително, само најагилните можат да го прават сето тоа кревање на дневна основа и тоа спречува користењето велосипед како превозно средство да се рашири меѓу сите демографски групи.
Затоа, барем новите објекти кои ќе се градат мора да предвидат задолжителен паркинг за велосипеди. Колку порано се донесе ова во вид на одлука на Советот на општината, толку подобро. Според член 134 од Правилник за урбанистичко планирање (Службен весник на РСМ 225/2020) препорачано е најмалку едно паркинг место за велосипеди по станбена единица (стан), но потребниот број на паркинг места се уредува во урбанистички план во зависност од локалните услови, обичаи, степен на велосипедска мобилизација, како и потребите за градбата и специфичните услови кои произлегуваат од нејзината намена и програмските барања.
Предлогот од НаТочак е:
4.1. Општината да донесе Одлука на Совет за задолжително вградување на обврска за велосипедски паркинг во секој урбанистички план кој го работи општината во Општи и посебни услови за сите нови објекти. Стандардот да го одреди сама и како скопска општина во град кој претендира да стане велосипедски, да ги надмине препораките од Правилникот. На пример, наместо 1 паркинг место за велосипеди по стан да усвои 2 паркинг места за велосипеди по стан итн. Според Правилникот 50% од овие места треба да бидат физички заштитени (во подрум, на приземје или во монтажен објект во парцела). Овој простор ќе може да се користи и за складирање на тротинети, бебешки колички, играчки за деца, други реквизити. Забелешка: 1 паркинг место за автомобил = 10-12 паркинг места за велосипеди, потребниот простор за паркирање на велосипед е многу помал, а ќе го направи живеењето во зградите многу поквалитетно.
4.2. Задолжително да се планира соодветен велосипедски паркинг (Шефилд тип, П држачи, за заклучување на рамот на велосипедот, не тркалата) при уредувањето на сите јавни простори и дворови на јавни објекти.
4.3. За станбените и комерцијални објекти кои се веќе изградени без велосипедски паркинг Општината да понуди иновативни решенија за да се надомести недостатокот (на пример замена на паркинг места за автомобили со 10 места за велосипеди, мини вело-гаражи итн).
5. Субвенции за велосипеди
Предлагаме Општината да воведе субвенции доколку досега немало и да направи диверзификација на она што се субвенционира, доколку имало.
Многу земји за време на корона-кризата, гледајќи го потенцијалот на велосипедот како здрава и еколошки чиста алтернатива на јавниот превоз (на кој му се намали користеноста поради стравот од зараза) за првпат понудија субвенции за купување и поправка на велосипеди.
Во тој поглед, скопските општини дури и предничеле со доделувањето субвенции за купување велосипеди и пред европските градови.
Меѓутоа после толку години еднолични субвенции чиј ефект не е реално измерен (и кој се сомневаме дека е заситен и поттикнува купување на втор, трет спортски велосипед кај лица кои веќе имаат), сметаме дека е дојдено време за промена на моделот и диверзификација на субвенциите со цел продор до повеќе демографски групи и поголема искористеност на велосипедот како средство за превоз и завршување на секојдневните обврски, отколку само средство за рекреација.
Дополнително, за време на корона-кризата беше дури и невозможно да се набави велосипед од преголема побарувачка, а ова поттикна решенија низ светот од типот: поттикнување на реставрација на стари велосипеди и со тоа на циркуларната економија и уште подобар еколошки отпечаток.
Предлогот од НаТочак е:
5.1. Општината да понуди субвенции за купување на нов велосипед за економски и социјално загрозени групи, доделувајќи повисоки субвенции, но за велосипеди по пристапни цени. На пример 6000 денари субвенција за велосипеди до 15 илјади денари. Нашата анкета покажува дека дел од граѓаните не можат да си допуштат ни поседување на велосипед и за нив треба да се овозможат поголеми субвенции под одредени критериуми за да не можат да се искористат за купување на поскапи велосипеди и велосипедите навистина да завршат онаму каде што се најнеопходни.
5.2. Општината да понуди субвенции за поправка, комплетен сервис или доопремување на стари велосипеди за сите граѓани до одреден износ (на пример, 1000, 2000 или 3000 денари) со поднесена сметка од велосипедски сервис/продавница. Опремувањето да биде само во смисла на зголемување на неговата употребливост како превозно (а не спортско) средство: задолжителните предно, задно светло и ѕвонче, корпа или приколка за пазарење и превоз на товар, седишта и приколки за деца.
5.3. Општината да понуди субвенции за специјални велосипеди во поголема вредност од стандардните субвенции (слично како за е-тротинетите), како на пример велосипеди за лица со посебни потреби (електрични велосипеди, трицикли, четирицикли, велосипеди на рачен погон итн) и карго велосипеди за мали бизниси (за директна продажба од нив или за достава на роба во последниот километар во рамки на пешачки зони, наместо со возила)
5.4. Сите овие субвенции да бидат придружени со соодветна кампања и сооодветни мерки во просторот за да имаат поголем ефект.
На пример, предлогот од 5.2 може да биде придружен со кампања за едукација за користење на велосипедот како превозно средство со задолжителната опрема и правила, предлогот 5.3 може да биде придружен со правење на некој јавен простор пристапен за лицата со посебни потреби или пак прогласување на пешачка зона во која вон термините за достава со автомобили, ќе може да се носи роба, но само со карго велосипед итн.
Се надеваме дека сите овие предлози ќе бидат сериозни разгледани.
Со почит,
НаТочак,
25.12.2020, Скопје
No comments:
Post a Comment