Скопје, 23.02.2021
До: Град Скопје
Координативно тело за велосипедски сообраќај
Сектор за уредување и просторно планирање
Градоначалник на Град Скопје
Советници на Град Скопје
Градоначалник на Општина Карпош
Предмет: Барање за повлекување на регулациски план СЗ 19
Почитуван Градоначалник Петре Шилегов, почитувани советници и членови на Координативното тело за велосипедски сообраќај, Остро реагираме во однос на регулацискиот план за Градска четврт СЗ 19 - Влае 2 кој треба да се разгледува и донесе на денешната седница (23.02.2021 г.) на Советот на Град Скопје и Ве замолуваме да сторите сè што е во Ваша моќ да го спречите неговото донесување и да го вратите на доработка. Сегментот за кој реагираме бил тема на наши нацрти за велосипедската мрежа на Град Скопје кои за жал не се доработени и споделени со јавноста и овој план нè најде затекнати и шокирани. Поради ова, би сакале да ги добиваме навремено следните регулациски планови на кои работи Градот за заеднички да ги извлечеме потенцијалите за квалитетно живеење.
Нашите заложби за сеопфатна велосипедска мрежа ги знаете (1: пример од Делфт, 2: наше барање до општините), а веруваме и дека ги делите со нас, после Вашето споделување (кое го поздравивме) за оформениот блок од Градски Ѕид со Соборен Храм, 200 x 300 метри, опкружен од сите 4 страни со велосипедски патеки.
Слика 1: Блок обиколен со велосипедски патеки на 200 x 300 метри, промовиран од Град Скопје
Во случајот со овој блок на сликата (меѓу бул.Климент Охридски, бул. Партизански Одреди, бул. ВМРО и бул. Илинден), улиците од примарната мрежа се доволно блиску за да се оформи такво прифатливо поле на велосипедската мрежа од 200 - 300 метри (поточно на 100-150 метри од сечиј дом да има велосипедска патека/лента, според препораките за велосипедски мрежи во урбана средина), но во повеќето случаи свесни сме дека велосипедските врски ќе мора да се обезбедат на секундарната мрежа, бидејќи булеварите се подалеку едни од други.
Улиците од секундарната мрежа во случајот на Скопје се надлежност на општините и Градот би требало да воспостави соработка со нив заеднички да се сработи план за велосипедска мрежа.Но кога се работи за регулациски планови, Градот го одредува профилот барем на дел од улиците од секундарната мрежа, имено на сервисните улици.
Така со овој регулациски план, сервисната улица Ангел Динев во Влае 2, Општина Карпош (С4, С3 и С2 на Слика 5а и 5б) го намалува својот профил во споредба со ДУП-от за Влае 2 од 25.6 метри на 11.5 метри!
Слика 3: Државното земјиште источно од ул.Ангел Динев (КП 7938/1) - десно, станува зона за
домување - А според регулацискиот план за СЗ 19 (лево)
Улицата покрај школото можела да се доближи до објектите или да меандрира (за да се смири природно сообраќајот, наместо со грпки на коловозот) и да се претопи во зеленилото, да се добие убава локална улица по најсовремени стандарди.
Исто така, на јужниот крај на Ангел Динев, државното земјиште спроти маркетите кое моментално се користи како нелегален паркинг можело да стане локален парк, наместо зона за домување.
Слика 5а: Извадок од сообраќајниот план на кој се гледа новопроектираната
димензија на сервисната улица Ангел Динев
Слика 5б: Извадок од сообраќајниот план на кој се гледа новопроектираната димензија на
сервисната улица Ангел Динев (С2, С3 и С4)
350 метри на исток до примарната мрежа
Оваа улица се наоѓа на 550 метри од најблиската велосипедска патека на запад (бул. Ѓорче Петров) и на 350 метри од кејот на Вардар на кој би требало да се уреди велосипедска патека и во овој сегмент во иднина.
Поради тоа Ве замолуваме да направите сè што е во Ваша моќ да го повлечете планот, а НаТочак стои на располагање за разработката на современо решение за улицата, зелен Карпош и зелено и велосипедско Скопје.
Со почит,
НаТочак
неформално здружение за урбан велосипедизам
За подобро вело - Скопје
e-mail: natochak@gmail.com
blog: natochak.blogspot.com
FB: facebook.com/NaTochak
TW : twitter.com/NaTochak
No comments:
Post a Comment