На 10.09.2021 доставивме анкетен лист со мислење за “ДУП за ГЧ СЗ 16 - Ѓорче Петров“ во Домот на културата на Општина Ѓорче Петров, како што беше пропишано во соопштението за јавна анкета.
Првата реакција ја објавивме на Facebook на 9.09.2021 и е достапна тука, а содржината на анкетниот лист е под сликите.
Позиција на ДУП-от во рамки на Општина Ѓорче Петров |
Предлог ДУП-от за СЗ 16 во помала резолуција. Во поголема резолуција е достапен тука |
Скопје, 10.09.2021
До: Комисијата за урбанизам на Општина Ѓорче Петров
Градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Наумоски
Предмет: Мислење за “ДУП за ГЧ СЗ 16 - Ѓорче Петров“ во тек на повторна јавна анкета
Почитувани,
Врз основа на:
Точка 2 и точка 6 од потпишаниот Меморандум за соработка од 13.10.2017 г. помеѓу НаТочак и тогаш кандидатот за градоначалник, Петре Шилегов (2. за напуштање на автоцентричноста како принцип и постепено приоретизирање на пешачењето, велосипедскиот сообраќај и јавниот превоз како и поставување на велосипедска инфраструктура во сите делови од градот во соработка со останатите градоначалници и 6. вклучување на граѓанските здруженија и иницијативи меѓу кои и НаТочак во носењето на политики);
Точка 5.2.2. Интеграција на велосипедскиот сообраќај во просторното и урбаното планирање (Просторен план, Генерален урбанистички план, План за четврт) и точка 5.2.3. Урбанистичко и транспортно планирање/проектирање со фокус на возење на велосипед од Планот за унапредување на велосипедскиот сообраќај на Град Скопје 2019-2021 усвоен од Советот на Град Скопје во септември 2019 г;
Член 13 став (4) од новиот Закон за урбанистичко планирање (Сл.весник 32/2020) според кој “деталниот урбанистички план треба задолжително да содржи и мерки за заштита на природата, природното наследство и животната средина, мерки за справување со климатските промени, мерки за справување со отпад, мерки за одржлива мобилност и безбедност во сообраќајот“;
Националната цел во 2030 година да се постигне 51% намалување на емисиите на стакленички гасови во однос на емисиите од 1990 година, потврдена со Ревидираниот национален утврден придонес кон Договорот од Париз донесен од Владата на 13.04.2021, што меѓу другото подразбира и урбанистичко планирање за помало учество во сообраќајот со индивидуален автомобил;
Ви се обраќаме во врска со ДУП за Градска четврт СЗ 16, Општина Ѓорче Петров преку 4 издвоени точки. Точките се базирани на нашите општи заложби за било кој ДУП, и на краткото анализирање на овој ДУП.
Информацијата за јавната анкета и материјалите ги добивме вчера, а рокот за јавната анкета е до денес, 10.09.2021. Јавната анкета трае прекратко (5 дена) и човек треба да копа за да дојде до материјалите. ПР-от на општините ажурно промовираа ситни поправки на инфраструктура, но не ни спомнуваат кога има јавна анкета за ДУП.
Во секој случај, би го поздравиле објавувањето на планската документација.
4-те точки се:
1. ПЕШАЧКА МРЕЖА
Деталните урбанистички планови треба да создаваат што погуста пешачка мрежа во облик на тротоари на улиците, но и јавни патеки низ блоковите, патеки кон плоштадите, пешачки улици, патеки покрај и кон речните корита итн, пасажи за скратување на движењата итн.
Постојат многу студии кои покажуваат силна линеарна корелација меѓу густината на пешачката мрежа, големината на блоковите, густината на јазлите со степенот на пешачење кај населението во одредена четврт или град (и обратна корелација со користењето автомобил: помала густина на пешачка мрежа и поголеми заобиколувања = поголемо користење автомобил). Релацијата е силна и директна. Постојат и математички модели кои се користат за проверка на степенот на “пешачливост“ (walkability) во урбанистичкото планирање.
Максималното дозволено растојание меѓу 2 паралелни правци на пешачката мрежа според препораките треба да изнесува 250 метри и смее да се употреби само во исклучителни ситуации (како пример: 250 метри е максималната димензија на повеќето школски дворови во Скопје, кои се сепак јавни објекти) за да не се демотивира пешачкото движење со големи заобиколувања и да не ствара мртви простори.
Препорачаното растојание за пешачка мрежа изнесува максимум 120 метри со стремење кон 60 метри и помалку (тоа одговара на максимална димензија на блоковите во чаршија, на блоковите во ГТЦ, растојание меѓу пасажите на Градски ѕид, растојание меѓу пасажите во Порта Влае итн.).
Овој ДУП на места креира широки тротоари и пешачки патеки меѓу парцелите низ блоковите и тоа е за поздрав. Меѓутоа, на некои места не е доследен сам на себе.
Односно улица со широки тротоари во еден сегмент одеднаш добива тесни тротоари. Или: некои улици имаат одличен стандард од 6 метри за тротоар (тротоар каде може да се смести и дрворед и клупи итн), а други, со сосема исто значење имаат субстандарден тротоар, односно тротоар од 150 cm на кој не можат да се разминат ни 2 лица. За да можат да се разминат 2 лица минималната широчина изнесува 240 cm.
Следствено, тротоарите на ул.Станбена новопланирана 1 и Станбена Новопланирана 2, 3, 5, а и сите улици со тротоари од 150 cm бараме да ги проширите до минималните 240 cm по новиот Правилник.
Иако оваа документација е можеби започната за време на стариот Правилник, оваа локација каде има неоофрмени парцели и незиградени објекти е ШАНСА за да испланирате по повисок стандард. Тоа ќе биде од бенефит за идните жители на населбата и на целиот град. Поставувањето на регулационите линии мора да биде во јавен интерес и за децении од сега натаму.
За пешачките патеки бараме во општите услови да пропишете дека не смеат да се користат за паркирање и дека ќе бидат уредени со заштита од истото.
2. ВЕЛОСИПЕДСКА МРЕЖА
Во урбанистичките планови треба да се обезбеди и доволна регулациона широчина за коридори за велосипедско движење, односно логична велосипедска мрежа.
Тие коридори (во облик на велосипедски патеки или ленти) задолжително треба да се планираат на примарната улична мрежа, но и на соодветни растојанија и на дел од улиците од секундарната мрежа.
Знаеме дека примарната мрежа е надлежност на Градот и иако имаме забелешки за профилите на тие улици, во оваа прилика нема да ги коментираме, туку при донесувањето на новиот ГУП.
Примарна, секундарна и терцијарна велосипедска мрежа во планот за Делфт од 1979 година, кој стана основа на планирање на велосипедски мрежи во светот.
Примарната мрежа се планира на 400-500 метри, секундарната, на 200-300 метри и терцијарната на 100-150 метри. Повеќе за потребата од планирање на велосипедска мрежа за Скопје, тука.
Препорачаната димензија според холандски, германски и европски студии за растојание на велосипедски патеки и ленти меѓу себе изнесува 500 м, но за периферни делови на градот и нестанбени зони (или за примарна мрежа во урбани зони), додека за станбени и централни зони максимумот изнесува 250 метри, а препорачано е помалку, 100-150 метри.
Во случајот со ул.Орце Николов на пр. таа се планира на 90-190 метри од примарна велосипедска патека на бул.Илинден и тоа е одлично.
Блокот кај Соборен Храм, пак, е првиот блок во Скопје обиколен со велосипедски патеки и ленти од сите 4 страни на растојание од 200-250 метри меѓу себе, нешто со што се пофали самиот Град Скопје како исчекор. Дополнително, тој е порозен и со пешачки патеки низ пасажи кои ги користат и велосипедите.
Според наведените препораки и според димензиите на четвртта СЗ 16 (900 x 900 метри) и неговата позиција во Општина Ѓорче Петров, велосипедски патеки мора да се појават на сите околни улици без исклучок, а дополнително би морало да има уште барем 3 попречни велосипедски патеки низ четвртта во двата правци. Овие улици/патеки мора да се обезбедат со регулациони линии.
Неприфатливо е објаснувањето кое најчесто се користи кога бараме велосипедска мрежа во урбанистичките планови, односно дека сообраќајното решение е предмет на посебни проекти и она во ДУП-от не е финално. Деталниот план мора да покаже дека во таа регулациона широчина велосипедска мрежа е возможна, без штета по комоцијата на тротоарите, па по потреба и да ја прошири регулацијата.
Од кратката направена анализа, сметаме дека велосипедски врски мора да се појават на:
Три врски запад- исток:
1. Сервисна ул. С4, Станбена ул. Новопланирана 1 и пешачка патека 6;
2. Сервисна ул. С3 и покрај парцелата 4.5 на ЈСП до сервисна ул. С4;
3. Сервисна ул. С2;
Две врски север-југ:
1. Сервисна ул. С1
2. Станбена Новопланирана 2 и Станбена Новопланирана 3 со излез до булеварите Партизански одреди и Ацо Шопов
Пожелно е и индустрискиот комплекс составен од ГП 1.1, 1.2, 1.3, 1.4, 1.6, 1.6 итн. да биде пресечен со барем една пешачко-велосипедска врска кон бул.Словенија / Црногорска за да не мора премногу да се кружи. Неговата должина од ~900 метри и новиот станбен/деловен/јавен карактер на четвртта го побарува тоа.
3. ЗАДОЛЖИТЕЛЕН ВЕЛОСИПЕДСКИ ПАРКИНГ
Во предлог урбанистичкиот план се користени само стандарди за паркирање на автомобили и не се вградени стандарди за паркирање велосипеди.
Согласно дописот од НаТочак до Општина Ѓорче Петров од 25.12.2020, Ве потсетуваме дека општината има можност согласно новиот Правилник за урбанистичко планирање сама да донесе одлука за стандардот за паркирање велосипеди за новите планови и новите објекти и тоа сè уште го нема искористено.
Иако оваа документација за СЗ 16 е можеби започната пред донесувањето на новиот Правилник за урбанистичко планирање (септември 2020 година), не постојат правни пречки кои би ја спречиле општината да побара задолжителен паркинг за велосипеди за новите објекти и во овој план.
Една ваква голема локација и централна за општината Ѓорче Петров, една локација која се планира речиси од нула, не смее да се ослонува само на автомобилот како превозно средство, а велосипедите и натаму да се паркираат по ходници, по огради и на тераси, нагрдувајќи го просторот и отежнувајќи го движењето и хигиената.
За поголема удобност и практичност во нивното користење потребно е обезбедување на велосипедски паркинг: во приземјето на објектите, во подрумот (достапно преку рампа) или во монтажни објекти во дворовите.
Оваа локација има одлична поврзаност со БРТ системот, одлична поврзаност со кејот и примарните велосипедски мрежи, во близина се наоѓа централниот дел на Ѓорче Петров и иако на периферија на градот, за Ѓорче Петров, таа има централен карактер и треба да се погрижи за одржливиот сообраќај.
Стандардот за број на паркинг места за велосипеди треба да биде барем еднаков на бројот на паркинг места за автомобили.
За парцелата 4.5 која ќе биде почетна/крајна станица на БРТ линиите (или за депото ГП 4.6) да се напише во посебните услови дека во проектот мора да се обезбеди покрај паркингот за сопствени велосипеди, и простор за станица за изнајмување велосипеди.
Задолжителен велосипедски паркинг треба да се побара и за уредувањето на јавните простори во четвртта.
Забелешка: 1 паркинг место за велосипед зафаќа 10-12 пати помала површина од 1 паркинг место за автомобил.
4. ГРАД ЗА ЛУЃЕ И ИНТЕГРИРАЊЕ НА УРБАНИСТИЧКОТО ПЛАНИРАЊЕ СО СООБРАЌАЈНОТО ПЛАНИРАЊЕ
Град Скопје потпиша меморандум за соработка со студиото на Јан Гел на 5.09.2018 г., заеднички изработи студија за „град за луѓе“ и се обврза на планирање по други принципи кои на прво место ги ставаат луѓето, па просторот, па зградите.
Урбанистичкото планирање треба да оди во склад со проектот за БРТ и проекциите за бројот на патници.
Тие патници треба да бидат примени од широк јавен простор (не само од објект - станица) и со логични вмрежени пешачки патеки.
Со почит,
НаТочак
неформално здружение за урбан велосипедизам
За подобро вело - Скопје
e-mail: natochak@gmail.com
blog: natochak.blogspot.com
TW : twitter.com/NaTochak
No comments:
Post a Comment