Ова се и точките по кои би направиле евалуација на понудените политички програми.
Дописот е во продолжение како текст или како pdf на линкот.
Во изминатите 9 години НаТочак увиде дека на Скопје му се потребни промени во повеќе
области за да стане град со одржлив и безбеден сообраќај, пријателски за
пешачење и возење велосипед.
Промените се започнати, но се одвиваат со преспоро темпо и во недоволен број области, а неретко паралелно на добрите промени на едно место, се случуваат назадувања на друго.
Ако може да се сумира сè во 10 точки, тогаш ова се областите каде е потребно да работи идната локална власт во Градот Скопје и општините:
Град Скопје и особено општините треба да работат на решителна
акција за: ослободување на тротоарите од возила, дислоцирање на лошо поставена
урбана опрема и правење на тротоарите и целиот јавен простор пошироки, поквалитетни,
лесно достапни и пристапни за сите. Тоа треба да го направат преку строги
политики за јавно паркирање, правила за урбана опрема (контејнери, тераси од
кафеани), физичка заштита и квалитетно уредување и озеленување.
Популистичкото игнорирање на проблемот со узурпирани тротоари започнува да ескалира низ населбите во Скопје и потребно е конечно соочување со него и овозможување на правото на движење.
2.
Велосипедска мрежа
Општините во соработка со Град Скопје треба да изготват План
за велосипедска мрежа со цел да се обезбедат велосипедски патеки и ленти
или велосипедски улици на max 125 метри од сечиј дом/работно место/дестинација.
Тоа треба да го направат преку праведно распределен буџет за патна
инфраструктура (минимум 15+15% за пешачка + велосипедска инфраструктура),
праведно распределени улични профили, патни диети, проширување на регулации и
иновативни решенија.
Велосипедски решенија за сите главни сообраќајници.
Зголемена широчина на велосипедските патеки на булеварите. Вело-пријателски
крстосници и кружни текови. Вело-пријателски ДУП-ови.
Потребно е целата
територија на Скопје (освен булеварите со повеќе сообраќајни ленти за возила и
издвоени пешачки и велосипедски патеки) да се прогласи одеднаш за Зона 30,
а улиците кои немаат издвоени тротоари да се прогласат за Зона 20.
Ограничувањето на брзината треба реално да се обезбеди преку дизајнот на
улиците (потесни автомобилски ленти, помали радиуси на свртување, подигнати
пешачки премини, шикани, микро-кружни текови, патни диети, почести и пократки
пешачки премини, заштитени острови итн).
Според Стокхолмската декларација усвоена од Обединетите нации, Светската здравствена организација и одобрена од Европската комисија, oпшто ограничување во градовите треба да биде 30 km/h, а 50 km/h да биде исклучокот, а не обратно.
Скопје треба да донесе стратешки документ за безбедноста во сообраќајот ВИЗИЈА НУЛА со кој сите активности на сите институции ќе придонесуваат кон целта за нула жртви во сообраќајот.
4.
Паркинзи за велосипеди
Град Скопје и општините да ги искористат своите надлежности од областа на урбанистичкото планирање и уредувањето на просторот и да го направат паркирањето велосипеди возможно, практично и безбедно. За таа цел потребно е да донесат што поскоро соодветни одлуки за обврска за велосипедски паркинг и стандарди за секој нов објект и сите јавни простори, а за постоечките објекти да се бараат иновативни решенија. Секој ден одолговлекување е објект повеќе со несредено паркирање за велосипеди.
5.
Субвенции за велосипеди и велосипедска
опрема
Општините и Град Скопје да воведат субвенции за купување
на нов велосипед доколку досега немало и да направат диверзификација на она што
се субвенционира, доколку имало. Како на пример, субвенции за поправка,
комплетен сервис или доопремување на стари велосипеди (продолжување на употреба
и циркуларна економија), за специјални велосипеди (трицикли, рачни велосипеди
итн. за лица со посебни потреби, товарни и други велосипеди за мали бизниси) и фокусирано
субвенционирање на велосипеди за економски и социјално загрозени групи.
Барем еден викенд во месецот дел од улиците во Скопје да бидат Улици за луѓе, наместо за автомобили. Односно повеќе улици да се затворат за автомобилски сообраќај, а да се отворат за пешачење, возење велосипед, рекреација, социјализација, детска игра и маалски живот.
7.
Процедури, стандарди, транспарентност, партиципативност
Потребно
е стандардизирање на планирањето и проектирањето на велосипедската
инфраструктура (димензиите, решенијата на крстосници, густина на велосипедска
мрежа итн.). Поради немањето интерес да се донесе Правилник за велосипедска
инфраструктура на државно ниво, Град Скопје треба да донесе на локално ниво.
И
за градежните активности треба да има пропишани градски процедури, прирачници
и детали по примерот на европските градови. Одлуките за начинот на изведувањето
(на спуштен рабник, третманот на дрво при поплочување или обезбедувањето
заштитена пешачка патека при градежни работи) не смеат да бидат оставени на
секој изведувач и работник како си замислува.
Јавноста мора да биде информирана не преку рекламни спотови и анимации за веќе усвоени проекти (=“терапија“ во Скалата на партиципација), туку проектите од јавен интерес да бидат лесно достапни во порана фаза, а граѓаните да бидат проактивно вклучени во процесите и да се воспостави партнерски однос.
8.
Систем за изнајмување велосипеди
На
Скопје му е потребен јавен велосипедски превоз, односно препознатлив, практичен
и квалитетен автоматизиран систем за споделување на велосипеди.
Изборот на станици треба да биде поткрепен со анализи, а тие треба да бидат распространети и достапни ширум целиот град и да се осмислено надополнување на јавниот автобуски превоз.
9.
Вардарска зелена магистрала
Кејот на Вардар треба да се искористи во целиот негов потенцијал и да стане главна велосипедска магистрала запад-исток на Скопје (а попатно и пешачка и рекреативна). Двете страни на реката треба да имаат ист третман, да се продолжат кон крајните граници на градот, како и да се интегрираат во остатокот од велосипедската мрежа преку возливи рампи кон секој мост и конектори кон населените места. Секој нов мост на реката Вардар мора да биде или пешачко-велосипедски или задолжително да содржи и квалитетно велосипедско решение, покрај автомобилското. Кејовите на реката Вардар и другите реки по целата должина треба да дадат примат на зеленилото и луѓето, а не автомобилите и зградите.
10.
Промена на сообраќајниот систем на Скопје
Скопје мора да ги промени приоритетите во планирањето и уредувањето на јавниот простор, односно да ја промени хиерархијата на учесниците во сообраќајот со приоритизирање на потребите на пешаците, велосипедистите и јавниот транспорт за нивна безбедност, погодност и комфорност. Соодветно на тоа, треба да се мери и велосипедскиот, а не само автомобилскиот сообраќај; семафорскиот систем да биде пријателски за пешаци и велосипеди; да се интегрираат велосипедскиот и јавниот превоз како силна противтежа на автоцентричноста, а новиот ГУП и СУМП да бидат со сосем поинаква сообраќајна философија.
Со работењето
на овие 10 точки, не само што Скопје би станал попријателски и побезбеден град
за пешачење и возење точак и граѓаните би добиле диверзитет на транспортни
опции, туку ќе се поттикнат и редица други придобивки:
- Зголемено
чувство на безбедност и припадност кон градот, поттикнување на поодговорно
граѓанство;
- Независна мобилност и поголеми можности за лицата помлади од 18 и постари
од 65 години, лицата со хендикеп, членовите од семејствата кои имаат само 1 или
немаат автомобил, жените, граѓаните кои сакаат да го намалат своето штетно
влијание врз природата, невработените, социјално загрозените лица;
- Заживување на
маалскиот живот и поттик за малите бизниси;
- Помала
емисија на C02, митигација на климатските промени;
- Повеќе
простор за зеленило и помал отпечаток врз природата споредено со
автоцентричното планирање;
- Помало
загадување и бучава, попријатни улици, порелаксирано и поквалитетно живеење со
истакнување на добрите страни на градот како место на живеење и минимизирање на
лошите;
- Подобрување
на личното и јавното здравје и заштеди во здравството;
- Луѓето ќе живеат подолго, поздраво, попродуктивно, посреќно.
Нашата визија
е Скопје до 2030-та да стане најпријателскиот за пешаци и велосипеди град на
Балканот, со модално учество на велосипедите од 15% од градскиот сообраќај и со
нула жртви во сообраќајот, град кој е зелен и пријатен за живеење, а до 2025-та
мора да се постават темелите и интензивно да се работи на такво Скопје.
Која е
вашата?
25.08.2021, НаТочак
неформално
здружение за урбан велосипедизам
За подобро вело - Скопје
e-mail: natochak@gmail.com
blog: natochak.blogspot.com
TW : twitter.com/NaTochak
No comments:
Post a Comment