По повод добиената покана на 11.03.2022 година за учество на онлајн консултативен состанок на 14.03.2022 година - „Основен проект за редизајнирање на коридорот на кејот на реката Вардар“ од страна на УНДП кои заедно со Град Скопје го имплементираат проектот „Отпорно Скопје“, го испративме следниот е-mail во знак на благодарност за поканата и како придонес кон подобра презентација и поквалитетен процес на спроведување на проектот.
Фотографија од герила акцијата „Црвен тепих за точаци“, од која 4-тиот дел беше посветен на кејот на реката Вардар Повеќе: https://natochak.blogspot.com/2019/04/blog-post.html |
Почитувани,
Благодариме многу за поканата.
Ја поздравуваме оваа иницијатива за консултативна средба за овој проект за коритото на Вардар, бидејќи се работи за клучно градско прашање од многу аспекти (животна средина, одржлив транспорт, рекреација, справување со поплави итн.)
Ја поздравуваме оваа иницијатива за консултативна средба за овој проект за коритото на Вардар, бидејќи се работи за клучно градско прашање од многу аспекти (животна средина, одржлив транспорт, рекреација, справување со поплави итн.)
Дополнително се радуваме за неа, зашто е целосно во насока на нашите заложби кои ги изразуваме со години наназад кога се работи за Вардар, а последно ги изразивме преку предлогoт бр.7 за буџетот на Град Скопје за 2022 година со овој допис.
Би сакале да потсетиме дека и во Планот за унапредување на велосипедскиот сообраќај на Град Скопје има точка:
2.2.2. Изработка на план за унапредување и проширување на велосипедската мрежа во Скопје за периодот 2020 – 2021 кој ќе опфати (меѓу другото и, н.з.):
- интегрирање на патеката по должината на реката Вардар преку рампи и мостови
Сите експерти кои го посетиле Скопје, без оглед дали за велосипедски сообраќај, за одржлива мобилност или за урбанизам, искоментирале дека треба да сме среќни што имаме велосипедски автопат во срцето на градот!
Бидејќи не сме сигурни дали некој наш претставник ќе може во тој термин да ја проследи презентацијата и/или да постави прашања, ги упатуваме следните прашања на кои се надеваме ќе биде даден одговор во текот на самата презентација и/или писмено.
Нè интересира:
- Од каде до каде во Скопје е опфатот на проектирање, односно кои се најзападната и најисточната точка?
- Дали по цела должина на коритото и од двете страни на Вардар е предвидена велосипедска патека и со кој стандард, дали е единствен по целиот тек или се менува (стеснува/проширува)?
- Дали се планира проширување на постоечката патека, особено во деловите (пр. Општина Карпош, десен брег) каде нема доволна широчина за да биде двонасочна?
- Дали се планирани содржини за заживување на левиот брег на Вардар?
- Дали се планирани пристапни возливи рампи кон мостовите: на булеварските мостови (на кои потребни се по 4 рампи, по 2 на секој брег за секоја страна од мостот, за да не преминуваат луѓето коловоз на мостот) и на пешачко-велосипедските мостови (на кои доволни се по 2 рампи, една на лев, една на десен брег), но и измеѓу мостовите, на места каде треба да се направат конектори кон останатата мрежа.
- Доколку го добиеме проектот на увид, би можеле да сугерираме локации според наши анализи каде се најнеопходни возливи пристапни рампи (не за туркање велосипед).
- Дали се предвидени нови пешачко-велосипедски мостови (на пример имаше најава за таков од Градски Парк кон река Серава/Аквадукт) итн.
- Што ќе се случува со кејот на Вардар во деловите каде не е регулиран (на пример во Општина Ѓорче Петров, од фабриката Купрум кон запад), дали ќе има доволна широчина, за да има и пешачка и велосипедска патека, да не биде тесен како во Влае итн.
- Бидејќи се спомнува рехабилитација на велосипедската патека, дали е размислувано за поврзување со рута 11 од Еуро вело мрежата која минува од Норвешка до Грција и низ Македонија речиси целосно го следи течението на Вардар и има можност да се поврзе со Скопје (точната траса во нашата држава не е дефинирана). Ако да, потребнa e употреба на соодветни стандарди и сигнализација при изведбата на патеката.
- Дали покрај експертско, ќе има и граѓанско вклучување во овој процес? Во најмала рака преку анкета за корисничкото искуство од досегашното користење на кејот и неговите содржини, недостатоците итн. и преку јавно изложување на дел од документацијата.
Сметаме, поради огромната важност на проектот за Скопје и неговите граѓани, дека треба дел од документацијата да се сподели со јавноста.
Се надеваме дека ќе има и дополнителна презентација кога проектот ќе биде во завршна фаза.
Со почит,
НаТочак
Се надеваме дека ќе има и дополнителна презентација кога проектот ќе биде во завршна фаза.
Со почит,
НаТочак
12.03.2022
No comments:
Post a Comment