05 April, 2019

Патувачка велосипедска патека ги поврзува велосипедистите од регионот


Патувачка платнена велосипедска патека ги обединува велосипедистите од регионот со исти проблеми

Серија акции: Четири скопски приказни кои можат да бидат велосипедски / Црвен тепих за точаци

Група активисти по јавниот повик од НаТочак минатата недела на 4 локации во Скопје поставија црвено платно, го фотографираа и со соодветен текст испратија 4 пораки на социјалните медиуми кои имаа силен прием од јавноста.
Платното со препознатливата црвена боја за велосипедските ленти и велосипедски премини во акцијата на НаТочак ги илустрира проблемите и пречките на велосипедската инфраструктура, како и недостатокот од велосипедска инфраструктура. (платното е буквално замена за вело патека, затоа има и тoчaк на него, тоа е платнена вело патека која ја поставуваме кај што друг требалo да ја предвиди или да обезбеди да биде проточна). На пример, во Акција 1 се посочува на проблемот со недостатокот од велосипедски ленти на некои улици, а “мртви“ крајни коловозни ленти кои се користат за застанување и паркирање; во Акција 2 се посочува на нелегалното паркирање толерирано од полицијата во случаите кога има обележана велосипедска инфраструктура - што ја прави нефункционална иако ја има; во Акција 3 се посочува на (не)квалитетот во изведбата на патеките и бројните пречки кои остануваат нерешени; во Акција 4 се посочува на недоволната интегрираност на патеката по текот на Вардар со остатокот од мрежата и недостатокот на рампи...
 
Фотографија од Приказна 1: Велосипедска лента има, но треба да се направи и функционална


 
Фотографија од Приказна 3: Не мора да возиме слалом по велосипедските патеки


Фотографиите со “црвениот тепих“ го доведуваат проблемот до апсурд (луѓето на точак мора да “прелетаат“ преку автомобилот или семафорот) и со тоа го доближуваат на многу пластичен начин проблемот до јавноста. Но исто така црвениот тепих го симболизира и “линкот“ кој недостасува, дали е тоа проточен сегмент на патека, возлива рампа или лента која би можела да се воведе на улицата и со тоа нуди поинаков поглед, поинаква визија за просторот.
Фотографија од Приказна 1: На многу улици има место за велосипедски ленти, само треба поинаку да ги гледаме

Фотографија од Приказна 4: Кејот на Вардар има огромен потенцијал кој поради прекините и поради неповрзаноста со останатата мрежа не е искористен


Четирите приказни навистина имаат потенцијал да станат велосипедски и Скопје навистина има потенцијал да стане велосипедски град.
Простор во градот има, но треба да ги промениме приоритетите.

Околу идејата:
Идејата започна да се “тркала“ во Белград, каде тамошното здружение UG Ulice za bicikliste спроведе слична акција низ белградските улици. Тие пратија порака дека на улицата за која Белградскиот секретаријат за сообраќај тврдел дека нема место за велосипедски ленти, место всушност има, а се користи за нелегално паркирање.
Како НаТочак многу сакаме да правиме акции во јавен простор и после акцијата во Белград добивме идеја дека покрај тоа што можеме да направиме слична акција, можеме наместо да купуваме, (еколошки) да го реупотребиме истото платно и да додадеме дополнителна тежина на приказната за платното кое ќе се “тркала“ низ регионот.
Платното ни беше испратено од Белград по автобус (со одржлив превоз) и го искористивме за да актуелизираме слични проблеми во јавноста, а потоа од Скопје истото ќе отпатува до Прилеп НаТочак, Битола НаТочак, Гостивар НаТочак..., а оттаму и до вело-активистите во Софија, па тие ќе го испратат до друг пријателски град...
“Црвен тепих за точаци“ е идеја која треба да обединува, да поврзе, слично како што поврзуваат велосипедските патеки. Целта е да покажеме дека во целиот регион се соочуваме со исти проблеми, но и дека освен проблемите можеме да ги споделиме и нашите искуства и знаење: кои можат да бидат решенијата за тие проблеми.
Откако ќе ги направиме нашите градови велоградови, се надеваме еден ден ќе ги поврземе и меѓуградски со велосипедска мрежа по патот на црвениот тепих.
Фотографиите се на Васе Аманито Петровски. 


За посебните акции и пораката на секоја од нив подетално можете да прочитате на следните линкови (кои водат и до постовите на социјалните медиуми):


0 comments:

Post a Comment