Во целите на Програмата за енергетска ефикасност фокусот е на јавното осветлување и јавните објекти (промена на фасади и промена на прозорци).
Воопшто не се третирани темите транспорт и урбанистичко планирање, иако и таму може многу да се постигне во поглед на енергетската ефикасност, а да се остане во рамки на надлежностите на Град Скопје.
Град Скопје е надлежен за донесување на генерален урбанистички план на Скопје, на сообраќајни и инфраструктурни проекти за улици итн.
Град Скопје е надлежен за планирање на примарната мрежа на улици и на дел од сервисните улици, на сообраќајниот систем на градот, на системот за јавен превоз.
Град Скопје може и треба да си постави за цел на таков начин да ги планира функциите во градот (градинки, училишта, пазари, паркови, домување и работни места), што граѓаните ќе прават пократки патувања и ќе трошат помалку енергенси, следствено ќе бидат и тие, и градот енергетски поефикасни. Пример: 15 minute city.
Ова Град Скопје може и треба да го направи преку урбанистичко планирање во следниот ГУП кое ќе води грижа и за енергетската ефикасност.
Градот Скопје може и треба да планира велосипедска мрежа на ниво на град (на секои 250 метри, според европските препораки) со цел граѓаните да можат да го користат велосипедот како превозно средство, а не само рекреативно. Велосипедот е најефикасно превозно средство во поглед на енергетска ефикасност, односно потрошувачката на енергија по патнички километар кај велосипедот изнесува 0.06 мегаџули и таа е помала дури и од пешачењето за речиси 3 пати, а споредено со автомобил, таа е помала за 35 пати, односно велосипедот е за 35 пати енергетски поефикасно превозно средство од автомобилот.
Поддршката на велосипедот како енергетски ефикасно превозно средство Град Скопје треба да ја направи преку:
-Изработка на студија за велосипедска мрежа за новиот ГУП 2022-2032
-Грижа за велосипедска мрежа на сервисните улици во регулациските планови кои ги нарачува Град Скопје-Грижа за велосипедска мрежа во ДУП-овите за кои Комисијата за урбанизам на Град Скопје дава мислење
-Изработка на проекти за улици, булевари, мостови кои задолжително вклучуваат издвоени велосипедски патеки и ленти
Град Скопје може и треба да планира мултимодален, а не автоцентричен сообраќаен систем во следниот ГУП 2022-2032.
Град Скопје може и треба да му посвети простор на јавниот превоз (специјални ленти за БРТ или трамвај) кој е просторно и енергетски поефикасен од автомобилите и посветувањето простор, со соодветно програмирање на системот, ќе значи намалување на метежот и потрошувачката на енергија за транспорт севкупно.
Грижата нe треба да биде само на ниво на возило колку енергија се троши и да се бараат енергетски ефикасни автобуси, туку на ниво на систем: Целиот сообраќаен систем да е поодржлив и да троши помалку енергија.
Град Скопје може и треба да го разгледа и интегрирањето на железничкиот прстен во урбанистичкото планирање во следниот ГУП 2022-2032. Не постои енергетски поефикасен јавен превоз од железница.
Градот Скопје може и треба да донесе заклучок на Совет (по потреба и во соработка со скопските општини) за задолжителен велосипедски паркинг за сите нови објекти.
Имајќи предвид дека Програмата онака како што е поставена е целосно фокусирана на фасади и осветлување, треба да се преименува во Програма за енергетски ефикасни фасади и осветлување, а не за енергетска ефикасност на Градот бидејќи ги пропушта клучните области: урбанизам и сообраќај.
Сите работи кои се наведени погоре не побаруваат посебни проекти и финансии (освен можеби Студијата за велосипедска мрежа за ГУП 2022-2032), туку само НОВИ ВРЕДНОСТИ кои треба да се вградат во регуларната работа на Градот и во тековните проекти, планови итн.
Поради тоа, сметаме дека треба да се обработат темите урбанистичко и сообраќајно планирање во Програмата за енергетска ефикасност и понатака заклучоците да се користат како препораки во проектите/плановите на тие полиња кои ќе бидат задолжително користени од стручните служби и комисии кога даваат мислења по проекти/планови или спремаат плански и проектни програми поврзани со урбанизам и сообраќај.
Во самиот План за унапредување на велосипедскиот сообраќај 2019-2021 (https://skopje.gov.mk/media/4370/predlog-plan-za-unapreduvanje-na-velosipedski-soobrakaj-2019-2021.pdf) изгласан од Советот на Град Скопје во септември 2019 година стои следното „Од страна на Европските министри за транспорт на состанокот одржан 07.10.2015 година во Луксембург е донесена Декларација за возење на велосипед како начин за транспорт кој е пријателски за климата со која Европските министри и државните секретари за транспорт се обврзаа да го промовираат возењето велосипед како ефикасен начин на транспорт и како начин на транспорт кој е пријателски за климата. Согласно оваа декларација, Министрите и државните секретари за транспорт меѓу другото ќе ги поддржуваат иницијативите од регионалните, градските и локалните власти да го вклучат возењето велосипед во регионалните, градските и локалните проекти како ефикасен начин на транспорт и како активност за рекреација.“
Исто така, во неговите цели стои целта: „4. Намалување на уделот од сообраќајот во емисиите на CO2 за 10 % до 2021 година во однос на 2018 година“.
Што ја признава неговата ефикасност и таа треба да се вгради и во оваа Програма и План за енергетска ефикасност на Град Скопје.
Дополнително, Европската Комисија подготви нова Директива за енергетски перформанс на згради (https://www.ecf.com/news-and-events/news/epbd-mandatory-bicycle-parking-all-new-and-renovated-buildings-will-make) која не ги третира само перформансите на фасадите и директната потрошувачка на енергија на објектите, туку и тоа дали зградите го поддржуваат енергетски најефикасниот превоз. Односно обврзува: за да се декларираат како енергетски ефикасни објектите да мора да обезбедат паркинг места за велосипеди по одредени нормативи.
Hi guys, you can easily all premium PC software and Android applications and games free download from this website. Crack Downloads is a popular PC software downloading website. I am also most premium software and mobile applications downloaded from this website, and I will highly recommend this site.
ReplyDelete