09 September, 2022

Анкетен лист за ДУП СЗ 26 Блок 1 (населба Маврово покрај ул. Ацо Шопов) - Општина Карпош - Скопје

На јавната анкета за Градска четврт СЗ 26, Блок 01, Општина  Карпош Скопје, која траеше од 19.08.2022 до 09.09.2022 година, НаТочак согласно Законот за просторно и урбанистичко планирање (“Службен весник на Република Македонија” бр.199/14, 45/15, 193/15, 31/16, 163/16, 64/18 и 168/18) достави анкетен лист со забелешки за предлог-планот преку системот е-урбанизам, за што добивме нотификација дека е успешно примен.


Содржината на анкетниот лист ја има во продолжение, а листот кој го прикачивме во системот е-урбанизам го има на линкот

За дополнителна сигурност, истиот анкетен лист го доставивме и до следните службени адреси во рамки на анкетниот рок: 
gradonacalnik@karpos.gov.mk,
kontakt@karpos.gov.mk,
zorica.kitanova@karpos.gov.mk,
vesna.stefanova@karpos.gov.mk


-------

АНКЕТЕН ЛИСТ за улици во рамки на ГЧ СЗ 26 Блок 1

Почитувани,

Би сакале да предложиме неколку точки каде сметаме дека може и треба да се подобри предлог-ДУП-от за СЗ 26, Блок 1, населба Маврово. 

Најпрво, свесни сме дека во урбанистички план, не се задаваат крајните сообраќајни решенија на улиците, но секако дека се тестираат. Односно се проверува и потврдува дали се задоволуваат стандардите за одредена категорија улици според Правилник, а исто така и во рамки на регулационата широчина планерот поставува некакво решение во рамки на дозволеното.

Со дефинирањето на регулационата широчина, планерот не го решава трајно просторот, но ги задава границите и овозможува или спречува одредени квалитетни решенија во иднина.

Затоа и самите детални урбанистички планови се многу важни за да се воспостави велосипедска мрежа на ниво на Скопје и затоа реагираме на јавни анкети секогаш кога сме во можност.

 

1.  ВЕЛОСИПЕДСКА МРЕЖА

 Нашата заложба како организација е сите улици од примарната мрежа во Скопје да добијат велосипедски патеки/ленти, но да добијат и дел од улиците од секундарната мрежа, кога улиците од примарната мрежа се на преголемо растојание.

Според PRESTO водичот од Европска унија (https://ec.europa.eu/transport/sites/transport/files/cyclingguidance/presto_policy_guide_cycling_infrastructure_en.pdf) препорачаната широчина на велосипедска мрежа (поточно максимално растојание меѓу паралелни велосипедски рути во урбана средина) изнесува 250 метри.



Според Холандски, Германски и други водичи, таа широчина изнесува максимум 400-500 метри, а препорачано е да биде помала, 200-300 метри.

За конкретниот случај на населбата Маврово и Водовод, односно Градска четврт СЗ 26 Блок 1, долга 650 метри и широка околу 400 метри според googlemaps, предлагаме целосно да се обиколи со велосипедски патеки по околната мрежа, но и да се “пробие“ со барем едно велосипедско поврзување север-југ спрема горните принципи.

 

1.1.   Околна мрежа околу Блокот 1:

 

  • Велосипедска патека по неизведениот бул. „Илинден“ е предвидена.
  • Треба да се предвидат велосипедски патеки и по ул. „Ацо Шопов“ и по ул. „Фјодор Достоевски“. 

Улица „Ацо Шопов“ да се испланира како во важечкиот ДУП, со поширок и подостоинствен профил, со квалитетни услови за пешаци и велосипеди. Бидејќи и јужната страна на Ацо Шопов е дел од Општина Карпош поточно населбата Влае, тоа проширување ќе може да се направи како  додатно на регулацискиот план.

Навистина жалиме што Град Скопје додека промовирал проекти како Скопје велоград, истовремено носел такви неквалитетни и непромислени регулациски планови со кои веќе постигнатото за велосипедскиот сообраќај во минатото детално планирање (на пример во ДУП за населба Маврово од 2001 се мислело повеќе на велосипедите!) го уназадувал, наместо да го унапредува.

И би сакале Општина Карпош да апелира до Град Скопје ова веќе да не се случува во иднина. Како и да е, не е забрането регулационите широчини да се прошируваат и тоа Општина Карпош  МОЖЕ и МОРА да го направи во овој случај.

Особено што многу од парцелите покрај ул. „Ацо Шопов“ се веќе во државна сопственост. Приликата за планирање на велосипедска патека по оваа улица и тротоар со дрвореди ќе го облагороди просторот, ќе го поврзе градот и ќе го зголеми квалитетот на живот на жителите.

Ацо Шопов (Пролетерска) со широк тротоар 3.5 метри со дрворед, велосипедски патеки од по 2.5 метри и коловоз 13 метри = 25 метри

Ацо Шопов со тротоари од по 2 метри, без велосипедски патеки, со коловоз 7 метри, т.е. вкупно 11 метри. Страшен пад во водењето грижа за јавниот простор.

 -   Слично, постојат многу добри услови за планирање на велосипедски патеки/ленти по текот на ул. „Фјодор Достоевски“, нема изградени објекти во близина на тротоарите и нејзината широчина може и мора да се прошири. Линиите што сега се повлекуваат, значат или заробување или чување на просторот за иднина. Ако Скопје и Карпош сакаат да имаат одржлив сообраќај и достоинствени услови за пешачки и велосипедски сообраќај, тоа мора да го направите.

1.2 Велосипедски патеки низ Блок 1:

  • Најважна подолжна улица низ блокот за поврзување запад-исток е улицата „4“ односно „Пролетерска“. Таа граничи со голема површина државно земјиште и нејзиното проширување нема да претставува проблеми. Таа треба да добие квалитетни тротоари со дрвореди и велосипедски пате,
  • Најважна и најреална улица за попречно поврзување север - југ е ул. „Петар Чајковски“ (кракот кој продолжува во улица 2) Како централна улица во потег долг 650 метри таа мора да обезбеди додатни велосипедски патеки/ленти и пошироки тротоари. По сега предвидената регулациона линија нема изградени објекти и нејзината широчина може и мора да се прошири. Се работи за обезбедување на јавниот интерес на идните генерации.
  • Улица 1, улица 2 и улица 3 треба да добијат пошироки и поквалитетни профили барем во делот над ул. „Пролетерска“ односно во делот од индустриската зона кој допрва ќе се гради со згради и кој е во огромна мера во државна сопственост. Во делот со куќите од нас. Маврово (јужно од ул. „Пролетерска“), доволно е да се смири сообраќајот на улиците за велосипедите безбедно да го користат коловозот заедно со автомобилите. Но и за ова треба да се пропишат текстуални услови во планот.

Би апелирале овој принцип за воспоставување на велосипедска мрежа на соодветно растојание, образложен тука, да се користи и во другите ДУП-ови.

 2.  ПРОШИРУВАЊЕ НА ТРОТОАРИ 

Она што најмногу го чини градот квалитетен се дефинирани јавни простори, квалитетни тротоари, дрвореди, велосипедски патеки. Кога тие би имале пристојни димензии, не би се чувствувале толку нападнати од новата градба.

Исцртувањето на регулационите линии е најзначајното нешто во еден план, зашто тоа дефинира дали во иднина еден простор може да се уреди квалитетно или не.

Во таа смисла е и оваа забелешка, односно да се предвидуваат тротоари со поголеми димензии од минималните секаде каде што е можно, зашто моментално се неупотребливи за пешаци. Димензиите од 1.5 метри до 2 метри се доволни за сместување на канделабри и контејнери и толку. Не се доволни за добро пешачко искуство. Поразително е за урбанистичкото планирање што во целосно нова населба сите тротоари до последен се широки 1.5-2 метри.

Дополнително, предлагаме да се пробијат пешачки патеки од сите слепи улици кон примарната мрежа. 

3.  ЗАДОЛЖИТЕЛЕН ПАРКИНГ ЗА ВЕЛОСИПЕДИ 

Предлагаме да се воведе одредба во општите услови од планската документација која ќе побара сите новоизградени објекти да мораат да обезбедат паркинг за велосипеди во сопствена парцела, било во подрум, на приземје или во рамки на дворот. Добро е да има паркинг места за велосипеди и во затворена просторија (за долготрајно складирање) и во отворен простор (за кратко паркирање и брзо користење). Недостатокот на паркинг за велосипеди, го прави користењето велосипеди непрактично, луѓето мора да ги внесуваат во сопствените станови и тераси или да ги паркираат по ходници и огради од зградите што го блокира просторот и влијае на хигиената.

Предноста е што на 1 паркинг место за автомобили може да се паркираат 10-ина велосипеди во едно ниво, а ако има систем со монтажни држачи, дури и повеќе. Со оглед на малата просторна зафатнина, ова ќе претставува незначителен товар за инвеститорите, а ќе биде огромен бенефит за станарите и посетителите.

Би сакале да ве информираме дека Европската Комисија ја ревидираше директивата за енергетски перформанс на згради и според неа, сите нови или реновирани згради во ЕУ мора да обезбедат не само енергетски - ефикасни фасади и прозорци итн, туку да обезбедат услови и за енергетски најефикасниот транспорт – велосипедски, односно да обезбедат велосипедски паркинг. Минималното барање е 2 паркинг места по стан за секоја зграда за домување и 1 паркинг место за велосипеди на секое паркинг место за автомобили за сите нестанбени згради. Исто така препорачуваат и веќе изградените објекти, да прилагодат простор за велосипеди до 2027 година.

Општина Карпош може да биде втора Општина кај нас после Општина Центар која се раководи целосно или барем делумно по овие стандарди.




Со почит,

НаТочак

неформално здружение за урбан велосипедизам
 
За подобро вело - Скопје

e-mail: natochak@gmail.com 
blog: natochak.blogspot.com 
FB: facebook.com/NaTochak 
TW : twitter.com/NaTochak

No comments:

Post a Comment