25 November, 2013

Колку те чини твојот превоз?

дизајн: Воислав Димитријевиќ
Темата за Критична маса #19 : „0 ден/км“ визуелно разработена на терен низ Скопје. 
Иста рута, иста километража, исто време, а различни транспортни средства: НаТочак наспроти ВоКола
И покрај нерамноправната положба во сообраќајот во многу погледи, во сите три случаи патникот на точак стигнува побрзо или речиси исто толку брзо како и патникот во кола. А го чини нула денари по километар.
Видеата ги потенцираат само економските предности (време : пари) ако сте НаТочак, а останатото увидете го сами.

Видео 1:  Од Ѓорче Петров до Дебар Маало



Видео 2: Од Дебар Маало до ТЦ Бисер, Аеродром



Видео 3: Од ТЦ Бисер, Аеродром до Универзална сала



Колку вложуваш и колку добиваш од твојот превоз?

Направи барем дел од патувањата на точак, вози до работа барем еднаш неделно и ќе ја почувствуваш разликата, и во паричникот и во начинот на кој се чувствуваш. 

За нула денари старт и нула денари километар!

19-тата Критична маса ја посветуваме на една од најлесно мерливите придобивки од возењето точак: штедењето.
Дојди да вртиме заедно и слободно. Информации: тука.

Критична маса #19: 0 ден/км

Датум: 27.11.2013
Тргнување17:30, Паркинг пред Министерство за економија
Крај (подигнување на точаците): зад НБРМ
--------------------------------------------------------------
Промотивни материјалилинк.
Facebook настанлинк.
Руталинк.
Видео-акција: „Колку те чини твојот превоз“: линк.
--------------------------------------------------------------


постерот за КМ 19
Живееш во Аеродром и студираш во центар. Со автобус: 10 возења = 250 ден, 22 дена X 2 X 25 = 1100 ден. месечно, при неменување на автобуси.
Живееш во Кисела Вода и работиш во Сити Мол. Со такси: 27 дена X 2 X 180 ден.= 9720 ден. со попуст.
Живееш во Влае и работиш во Дебар Маало. Со автомобил: 22 X 70 ден. = 1540 ден. + 800 ден. месечна карта за паркинг = 2340 ден. минимум.

А патувањето со точак чини 0 денари по километар во сите делови на Скопје!

Не е пресметано задоволството кога возиш точак и го доживуваш одблиску градот, возиш и му мавташ на некое другарче од средно, застануваш каде сакаш, тргнуваш кога сакаш, ја среќаваш симпатијата…пак застануваш.

Возењето точак освен што е здраво за нас и градот, практично и најбрзо во гужва, тоа ни штеди и пари. ;)

Дојди на Критична маса, ќе вртиме заедно и слободно по 19-ти пат!

Ќе возиме по следнава рута:


View Рута КМ#19 in a larger map


Се гледаме!!

Ѕрн ѕрн^^



место на чекање: паркинг пред Министерсво за економија
крај и подигнување на точаците: паркинг зад НБРМ
--------------------------------
*** Секој учесник вози на своја одговорност.

Промотивни материјали - #КМ19

[дизајн: Воислав Димитријевиќ]

МАТЕРИЈАЛИ ЗА ПЕЧАТЕЊЕ
(постери и флаери)

Постер, А3:
Постер, верзија за веб
Постер, линк  до верзија за печатење, во боја (pdf)

Флаер, А6:

флаер, предна страна, верзија за веб
флаер, задна страна, верзија за веб
                                        
Флаер, линк до верзија за печатење, црно-бело, предна страна (pdf)
Флаер, линк до верзија за печатење, црно-бело, предна страна (pdf)

МАТЕРИЈАЛИ ЗА ВЕБ
(банери)

веб-банер 300x250
веб-банер 900x800
веб-банер 980x750
веб-банер 980x100
веб-банер, 851 x 315 (FB cover)
аватар, 180x180
Промотивните материјали од овој блог- пост може слободно да се споделуваат и печатат, да се користат во рамки на објави за настанот или како линкови.
Однапред ви благодариме на помагањето да се прошири информацијата за Критична маса #19 и му благодариме на Војо за дизајнот.

15 November, 2013

Пријава на инфраструктурен проблем: столбови на велосипедски патеки, 15.11.2013

Во врска со инфраструктурниот проблем појавен на велосипедската патека на бул. Партизански одреди, но и други локации, НаТочак достави дописи до Град Скопје и Општина Карпош.
------------------------------------------------

До: .....    

ПРИЈАВА
Почитувани,
На јужната страна на булеварот Партизански одреди, во близина на крстосницата со ул. Рузвелтова, пред автобуската постојка (спроти „Симпо“), деновиве се појави пречка на велосипедската патека.
Станува збор за метален столб со екран, зацементиран во самата велосипедска патека.



Имаме информации дека метални шипки за втемелување на вакви столбови се појавуваат и на други места во градот, токму врз велосипедските патеки.
Заинтересирани сме да дознаеме која е нивната намена и кој е надлежен за нивното поставување. Бараме градските институции да го искомуницираат меѓусебно проблемот, зашто поставените метални столбови по средината на патеките го поделуваат профилот на велосипедската патека на два дела кои не ги исполнуваат важечките стандарди. 
Во конкретниот случај, со својата поставеност и димензии (ширина 0.2 м) столбот го преполовува профилот на велосипедската патека на 2 потесни патеки: една со ширина од 1.36 м до работ на коловозот и една со ширина од 0.94 м до жардињерата кон внатрешната страна од велосипедската патека.
Според:  ПРАВИЛНИК ЗА СТАНДАРДИ И НОРМАТИВИ ЗА ПЛАНИРАЊЕ НА ПРОСТОРОТ вкупната широчина за еден ред велосипеди покрај сообраќајница со моторен сообраќај изнесува 2.00 м од кои: широчината за велосипедите изнесува 1.00м, заштитната широчина кон внатрешната страна изнесува 0.25м, а истата кон ивицата на возната лента изнесува 0.75м.
Бараме да се најде соодветно решение за поставување на овие (претпоставуваме) информативни знаци, кое нема да го попречи движењето на велосипедистите, т.е. ќе је овозможи планираната сообраќајна намена на патеката. Веруваме дека такво решение е можно.  
Дополнително, поради неутралната боја, столбот е незабележлив, особено навечер, а со тоа е и опасен. Во ситуациите каде поставувањето на ваквите столбови ги почитува стандардите, предлагаме да се обојат во впечатливи бои до соодветна висина.
Ве молиме за што поскора реакција во врска со појавениот проблем за да се оневозможи да се повтори и на други локации.


Со почит,
Неформална група на велосипедисти - На Точак                        natochak@gmail.com

15.11.2013
Скопје


*Овој документ е испратен во печатена и електронска форма до град Скопје и во електронска до општина Карпош и е објавен на блогот на На Точак: www.natochak.blogspot.com

Пријава на инфраструктурен проблем: дупка на мост Обединети Нации, 15.11.2013 [дополнето]

Во врска со инфраструктурниот проблем појавен на мостот Обединети нации, НаТочак достави дописи до Град Скопје, Општина Карпош и ЈП Улици и патишта.
Се надеваме на што поскора интервенција.
--------------------------------------------------------


До: ......


ПРИЈАВА
Почитувани,
На јужната страна на мостот Обединети Нации на бул. Партизански Одреди појавена е дупка на асфалтот по целата ширина на тротоарот со димензии 85 x 190 cm. Нејзината длабочина (во четвртина од површината на  оштетувањето е целосно отворена кон реката) претставува опасност по безбедноста на сите учесници во сообраќајот кои го користат тротоарот за да ја преминат реката во овој дел од градот: пешаци, велосипедисти, ролеристи, луѓе со детски колички, а особено луѓе кои се движат со помош на инвалидски колички.


Дупката е тешко забележлива, особено во ноќните часови. Исто така, и невозможно е да се избегне, поради тоа што е во целата ширина на тротоарот, а овој мост (заедно со Железничкиот) е единствената врска на луѓето кои се движат од западниот дел на градот кон централниот и обратно со велосипед или пешки. Поради сето ова сметаме дека потребно е итно да се санира.                
Ве молиме да се направи налог за санација на дупката за да се овозможи непречено сообраќање, во најкус можен временски рок.

Со почит,

Неформална група на велосипедисти - На Точак  
15.11.2013
Скопје



*Овој документ е испратен во печатена и електронска форма до град Скопје и во електронска форма до општина Карпош и ЈП Улици и Патишта и е објавен на блогот на На Точак: www.natochak.blogspot.com

--------------------------------------------------------

Епилог:



Проблемот е целосно решен на 18.11.2013, а интервенцијата е фотографирана на 19.11.2013, утрото. Новиот асфалт е солидно нивелиран со остатокот од патеката.

13 November, 2013

Втор допис за тарабите на плоштад Македонија, 13.11.2013

Во врска со проблемот кој го предизвикуваат поставените тараби на плоштад Македонија, НаТочак достави нови дописи до Општина Центар и Град Скопје.
---------------------------------------------------------------
До: ......
За: ......

Предмет:  Предлог за отстранување на пречка на велосипедската патека кај Плоштад Македонија

Почитуван Г-дин ................,
На северозападниот крај на плоштадот Македонија се поставени тараби кои го попречуваат движењето на велосипедистите, луѓето во инвалидски колички, бебешки колички, ролеристи и останати учесници во немоторниот сообраќај на тркала.
Тарабите се поставени врз рампата за совладување на висинската разлика, која е и дел од велосипедската патека.
Граѓаните кои се движат од кејот на Вардар до плоштадот Македонија (и обратно) се принудени да го прекинат своето природно движење и поради користење на скалите да ја подигнат количката или велосипедот, а на инвалидизираните лица, пак, целосно им е попречена слободата на движење во овој јавен простор.
Дополнително, се работи за градилиште околу кое не треба да се создава гужва и да нема задржување на минувачи од безбедносни причини.
На 25.10.2013 беше доставена пријава до надлежните институции од нас,  неформална  група на велосипедисти На Точак по што проблемот делумно се реши.
На 04.11.2013 поставен е премин во форма на мост кој што дозволува движење над источните скали, но не и над западните две скалила (до чешмата). 
Прилог - Фотографии.
Ве молиме да поставите  рампа над скалите, или некое друго решение за да се овозможи непречено сообраќање, во временските рокови кои се пропишани со одлуките и законите.

Со почит,
Неформална група на велосипедисти - НаТочак                                                                                                          13.11.2013,  Скопје

*Овој документ е испратен во печатена и електронска форма до град Скопје и до општина Центар и е објавен на блогот на На Точак: www.natochak.blogspot.com



12 November, 2013

Пријава на инфраструктурен проблем: тараби на плоштад Македонија, 25.10.2013

Во врска со проблемот кој го предизвикуваат поставените тараби на плоштад Македонија, НаТочак достави дописи до Општина Центар и Град Скопје.

-----------------------------------------------------



До:  Градоначалник на град Скопје
бул. “Илинден“ бр. 82

1000 Скопје



Пријава


Почитуван г-не Трајановски,
На северозападниот крај на плоштадот Македонија се поставени тараби кои го попречуваат движењето на велосипедистите, луѓето во инвалидски колички, бебешки колички, ролеристи и останати учесници во немоторниот сообраќај на тркала.
Тарабите се поставени врз рампата за совладување на висинската разлика, која е и дел од велосипедската патека. Со тоа граѓаните кои се движат од кејот на Вардар до плоштадот Македонија (и обратно) се принудени да го прекинат своето природно движење и поради користење на скалите да ја подигнат количката или велосипедот, а на инвалидизираните лица, пак, целосно им е попречена слободата на движење во овој јавен простор.



Ве молиме да се преземат мерки за дислокација на тарабите или правење на алтернативна патека, како би се овозможило непречено сообраќање, во најкраток можен временски рок.



Со почит,
Неформална група на велосипедисти - НаТочак
25.10.2013



*Истава пријава е поднесена и по електронски пат и доставена е и до Општина Центар и Градоначалникот Андреј Жерновски.

06 November, 2013

Трансформацијата на Љубљана во точакољупски град - лекции за Скопје - предавање на Андреј Клеменц

Овој четврток, со почеток од 19:00 часот во салата на Советот на Град Скопје ќе се одржи предавање за развојот на велосипедизмот и одржливата мобилност на градот Љубљана, Словенија. Предавањето за трансформацијата на Љубљана во точакољупски град ќе го води Андреј Клеменц, проектен менаџер за европски проекти за одржлива потрошна енергија и мобилност, кој ќе го пренесе искуството од Љубљана каде значително се подобрени условите во последните 6 години. 



Андреј Клеменц возеше со нас по Скопје. Вели дека Скопје е град на Балканот со најголем потенцијал за добра вело-инфраструктура, подобар од Нови Сад или Белград. "Со мала инвестиција, Скопје може да биде многу подобар за на точак!"

Aндреј вози точак од мал, педали вртел во Њујорк, Амстердам, Копенхаген, Будимпешта, Ротердам, Берлин и многу други градови. Учествува во трансформацијата на Љубљана во точакољупски град.

Андреј не’ кани сите на неговото предавање:




А после предавањето, со задоволство ќе ги одговори сите наши прашања!

Како што доликува, на предавањево ќе одиме со точаци :) 
Се собираме во 18:20 на плоштад Македонија, на страната до Камен Мост и ќе извозиме една мала рута:



View Возење до предавањето на Андреј Клеменц in a larger map


до Советот на Град Скопје во Градски парк каде ќе биде предавањето.

Се гледаме во четврток, на точак!


Линк до Facebook настанот.


-------------------------------------------------------------------------------------------------------
Настанот е организиран од Град Скопје, Регионалниот центар за животна средина (РЕЦ) и неформалната група на велосипедисти На Точак.