|
Постерот за КМ #89, дизајн: Теано Кардула |
Поминаа скоро 20 дена како нашата безбедност како пешаци и велосипедисти е игнорирана од градоначалниците на Град Скопје и скопските општини. Никаков одговор!
Пред скоро 20 дена од нив побаравме да споделат информација на кој начин, во рамките на нивната надлежност, планираат да ја зголемат безбедноста на улиците за сите учесници во сообраќајот, а примарно за пешаците и велосипедистите. За жал, до моментот на објавување на настанот (петок, 18.02.2022), нема ниту еден повратен одговор од ниту еден од нив. Дали ова значи дека безбедноста на граѓаните не е високо на нивните приоритети, или можеби немаат никакви планови за донесување мерки за подобрување на состојбата на улиците или причината е нешто трето? Познавате ли некој што настрадал во сообраќаен удар?
Како да дојдовме во ситуација кaде што секој од нас веќе познава некој кој смртно настрадал, кој има трајни телесни последици или долго време носел психолошки последици.
Ова создава атмосфера како да живееме во епидемија на сообраќајно насилство, во војна која се одвива на нашите улици, војна во која е нормално луѓе да бидат убивани и повредувани.
Не, не е нормално!
Не смееме тоа да го прифатиме!
Не е нормално човек да се плаши за детето кога е излезено надвор!
Не е нормално и покрај вакви приказни, политичарите уште да сонуваат за автоцентрични булевари, писти насред населени места, наместо хумани услови за немоторизираните учесници и смирено однесување на моторизираните учесници во сообраќајот. Не е нормално да ги сожалуваат оние кои паркираат по тротоари и да ги толерираат, наместо да ги заштитат оние кои гинат од нечие непочитување на правилата.
Институциите мора да стават акцент на превентива!
„Правењето на улиците побезбедни за луѓето е толку едноставно, што треба да биде казниво дело ако вашиот град не го прави тоа!“ Концептот Визија нула подразбира дека една човечка жртва во сообраќај е премногу. Колку жртви и одземени животи се потребни/доволни/премногу за нашите власти конечно да се заангажираат да направат промена?
Што нашите 10 скопски општини и Град Скопје планираат после црниот месец на сообраќајни удари и одземени животи?
Секој тешко повреден ранлив учесник во сообраќајот треба да го пали алармот на Град Скопје за предизајнирање на улицата/крстосницата.
Секој тип на сообраќаен удар со тешки последици треба да го пали алармот на МВР да се посвети на тие прекршоци кои носат последици и да се насочи кон сторителите, не жртвите.
Продолжувањето на оваа епидемија треба да го запали алармот и кај Обвинителстово и Судовите. Несериозното третирање на убиствата во сообраќајот праќа многу лоша порака за (не)почитување на правилата.
Законот за безбедност постои за да спречи убиства во сообраќајот. Непочитувањето на правилата при управување со 2-тонско возило може да доведе до убиство и така треба да се третира, не како обичен прекршок.
Од друга страна, концептот Визија нула подразбира дека една човечка жртва во сообраќај е премногу.
Колку жртви и одземени животи се потребни за нашите власти конечно да се заангажираат да направат промена?
Работите мора да почнат да се менуваат!
----------------------------------
Ќе возиме по следнава рута:
<iframe src="https://www.google.com/maps/d/embed?mid=1UNwYjVjtX4VhKi1uFlnphvEYnvy5rom0&ehbc=2E312F" width="640" height="480"></iframe>
*Секој учесник вози на своја одговорност.