Showing posts with label КМ10. Show all posts
Showing posts with label КМ10. Show all posts

14 March, 2013

Извештај од КМ#10 - 27.02.2013

Го извадивте ли точакот од гаража? :)


Веќе е пролет и секое одложување значи помалку време за уживање оваа година. 
Зимата заврши, а пролетва е совршена. 
Некои од нас возат и во текот на цела зима, а некои се одзваа на повикот на Критична маса #10 и ја отпочнаа порано сезоната. Целта на КМ #10 беше токму тоа. 


Му благодариме на Давор Пехчевски чиј дизајн добро го долови повикот за ослободување на точаците и сопствените комфорни граници.
Џинглот на ТикТак, пак, си поигра со февруарската нота на повикот ;)
КМ #10 (и општо Критична маса) се промовираше и преку видеото „На улица, #naTochak“ кое го прикажавме премиерно на настанот Engage. 

Попладнето во последната среда во февруари температурата беше солидна (~10С), дувкаше ветер што малку не' успоруваше, но не врнеше како што многумина очекуваа. А на 150-ина учесници им беше сеедно. Дојдоа спремни да возат во секакви услови! 

Се собравме на платото меѓу гаражата од Влада (во која во догледна иднина се надеваме ќе се паркираат велосипедите на вработените функционери) и големите мачки на мостот Гоце Делчев. Пригодно, февруарски!
Собирањето на стартната точка кога уште беше светло.
Во возењето се моткаа меѓу нас неколку балони...
Точаците се современите коњи кои ти даваат чувство на летање низ градот :)  И плус се на сопствен погон!
На ова возење истраживме нови улички во градот...
Кружните текови во секојдневиото ни се тешки за снаоѓање, не знаеш дали да се однесуваш како автомобил или пешак...
Но затоа ни се многу интересни на Критична маса! 
Извозивме по рутата низ Дебар Маало, Карпош I, II, III, IV, Влае, Ѓорче Петров и Хром. За првпат завршивме на спортските игралишта во Влае на кејот на Вардар.


View Критична маса - Скопје на точак #10 in a larger map


Оние кои стигнаа до целта можеа да си земат беџ во една од двете различни големини.
Беџовите беа изработени благодарение на донациите кои завршуваат во кутијата за донации после возењата. 
                                     
За КМ #10 беа потрошени севкупно 3340 денари за постерите, флаерите и беџовите, а во кутијата за донации завршија 2211 денари
. Благодариме на придонесот!
И благодариме за уште една прекрасна Критична маса!


Возењето помина во најдобар ред, групата се саморегулираше подобро од било кога! Чувството да возиш во таква група е неописливо убаво! Окупиравме со мали отстапки само една лента од коловозот, се грижевме едни за други и имаше доста доброволци кои љубезно ги замолуваа возачите на автомобили да бидат трпеливи ако требаше да не' почекаат за да поминеме. Секоја чест, точакољупци!

Како што ни се релаксирани и глатки видеово и улиците за автомобили по кои возиме, такви да ни бидат и патеките за точаци! Без борби со рабници.


Возењето го завршивме со подигнување на точаците:


Дружењето продолжи во кафуле во Порта Влае во кое (отпосле сфативме!) имаше часовник во облик на велосипед.
Во Порта Влае нема паркинзи за велосипеди па ги окупиравме оградата и светилките :)
Се гледаме на Критична маса #11 и се гледаме по скопските улици оваа пролет во уште поголем број! 

Ѕрн, ѕрн!


23 February, 2013

Критична маса #10 - Извади го точакот од гаража!


Датум: 27.02.2013
Време: 17:30 Место на чекање: помеѓу гаражата од Влада и големата мачка на мостот Гоце Делчев 
Поглед на почетниот дел од патеката и местото за чекање. Тука за Критична маса - Скопје на точак #10 на поголема мапа.

Промотивни материјали: линк.
Facebook настан: линк Со оваа Критична маса упатуваме повик да не се чекаат идеални услови, како инфраструктурни, така и временски, за да се извади точакот и да се вози. Градот ќе ја стави темата повисоко на дневен ред кога ќе не' има повеќе. 
А во однос на времето, свртете едно кругче со нас за проба, ќе видите дека е ок!


Еве го повикот:
***
Се сеќавате каков вело-бум имаше минатата пролет?
Бројот на луѓе кои го избираат точакот како превозно средство расте од година во година и оваа пролет ќе не’ има уште повеќе, како што и зимава имаше повеќе од лани.
Условите за возење точак во Скопје не се нешто мотивирачки, но сообраќајните гужви, зголемувањето на цената на горивата, поголемата еколошка свест, тенденциите кон поздрав начин на живеење и сфаќањето дека точак е супер превозно средство си го прават своето.
Иако ги посакуваме, не ни се чекаат идеални услови за да возиме!
Ни се вози! :)

Возењето точак секојдневно е славење на животот, славење на чистиот воздух, на слободното движење, на погонот на сопственото тело, на посебните ќошиња на градот и на љубовта кон неговите улици!


А Критична маса е славење на сето тоа, но заедно!

И битка за подобар град во која се оди чекор понапред со секој нов велосипедист!

Ајде да се множиме!


Понесете балони, понесете миленичиња, деца, дечковци, девојки....вашите пријатели, луѓе кои ги сакате!

Февруари е, месец е за љубов!
Поттикнете ги да извозат еден круг со нас.
Нека ја откријат повторно магијата на возењето велосипед!
Скоро и да нема човек кој не знае да вози велосипед!
А и да не знае, лесно ќе научи и уште полесно ќе се заљуби во тоа!

Многу од нас имаат по некој кутар заклучен и можеби зарѓан велосипед во гаража кој чека да биде ослободен.

Скопје има улици кои чекаат да бидат преплавени со точаци и радост!
А ние имаме желба да создаваме таков град!
Местото на велосипедската инфраструктура е повисоко на дневен ред!
Местото на точакот се улиците!
Ослободете го!
Извадете го од гаража!

Да ја прошириме комфорната зона и да ги притиснеме сопствените граници!

А скоро и да нема зима. Мачките одамна завршија работа. 
Мириса на пролет!
Нека биде велосипедска!
***

***Секој учесник вози на своја одговорност.



Завршуваме со подигнување на точаците на спортските игралишта во Влае, а дружењето ќе продолжи во некое локално кафуле. Се гледаме во среда! Ѕрн- ѕрн!


Поглед на делот низ Влае и Хром, заедно со целта. Тука за Критична маса - Скопје на точак #10 на поголема мапа

22 February, 2013

Промотивни материјали - КМ #10

[дизајн: Давор Пехчевски]

Постер А3

- jpg
постер, А3 (jpg)



pdf (верзија за печатење)


Флаер А6

- jpg
флаер, А6, предна страна (jpg)

флаер, А6, задна страна (jpg)

- pdf (верзија за печатење)

Банери

банер 900x800

банер 300 x 250

банер 980x100

аватар