Showing posts with label критична маса. Show all posts
Showing posts with label критична маса. Show all posts

21 May, 2025

Критична маса #91: „Ало 091, критично е!“

Датум: среда, 28.05.2025
Почеток: 17:30, Плоштад Македонија
Крај: 18:30, Градски парк

----------------------------------
Facebook настан: линк
Рута: линк
Промотивни материјали: линк

----------------------------------

Ало Скопје, Критично е!



Постерот за КМ #91, дизајн: Игор Делов

Од град кој не толку одамна тргна на патеката да стане велоград и од град кој нижеше километри велосипедскa инфраструктура, веројатно според бројот на жители и најмногу на Балканов, станавме град во кој во официјалните градски соопштенија веќе нема такви вести.

Ако излезевте од дома пред 10 или 5 години ќе се израдувавте на новооформени јавни простори, на коридори ослободени за пешаци и велосипедисти, на нови велосипедски патеки кои, иако скромни, најавуваа поинаква, поубава иднина за Скопје.
Ако излезете од дома денес ќе видите дека изградените и реконструираните патеки не се одржуваат, срушените столпчиња никој не ги обновува, нови вело-држачи не се поставуваат, пристапноста не се подобрува, решенијата не се надградуваат. Она што се подобрило пред 10 или 5 години таму и застанало. Нема заобиколувања околу автобуските постојки, контејнерите седат непоместени точно среде патеките, а од ѓубрето околу нив едвај можете да поминете. Тешко извојуваните вело-победи се претворија во горки вело-порази.
Состојбата со безбедноста на пешаците и велосипедистите е во најмала рака иста, речиси и влошена, а можеше да биде подобрена. Нема посериозни инвестиции во смирување на сообраќајот. На градските улици секојдневно животот го губат луѓе, како да се на бојно поле.
Тоа се ситуации КОИ ВО ГОЛЕМ БРОЈ МОЖЕА ДА СЕ ИЗБЕГНАТ. Годишно на улиците низ Македонија нѝ се случуваат 2 дискотеки „Пулс“, со над 120 жртви. Зарем тоа ќе го прифатиме како нешто редовно и вообичаено? Ќе молчиме ли? Дали ќе бидеме неми сведоци на црната статистика?
Никој од сегашните градоначалници или потенцијални кандидати, ниту понудил ниту дискутирал за Визија за нула жртви во сообраќајот. Многу градови веќе го имаат тоа или тргнале натака. Не мора да одиме подалеку, зборуваме за градови кои се тука, во регионот. Зошто да не го земеме нивниот пример? Зошто да не научиме нешто од нив, да ги примениме нивните знаења? Да научиме дека не треба да се работи по лични ставови на градоначалникот. Дека безбедноста и одржливоста во сообраќајот не трпат необмислени решенија: ширење булевари без концепт, асфалтирање и каде треба и каде не треба, ставање контејнери кај што не им е место, толерирање бесправно паркирање и тераси од кафеани кои го окупираат просторот, одбивање да се намали просторот за автомобилите на булеварите… можеме да набројуваме до бескрај.
Автоцентричноста на Скопје е во пораст.
Сѐ повеќе луѓе се зависни од автомобилот како најподдржана опција. Оттаму, сѐ повеќе автомобили на коловозите, но и онаму каде не треба: по тротоари, на велосипедските патеки „фраерски“ ја заобиколуваат гужвата, по парковите и во школските дворови. Па дури и со општински пари градоначалниците ги канат автомобилите да одземаат од детскиот простор наменет за игра и развој, а почнаа и да субвенционираат возачки дозволи за тинејџери од 18 години.
Јавниот превоз, наместо да се развива во посовремени модели, сè повеќе губи патници. Проектот БРТ кој требаше да биде јавно презентиран, дискутиран и коригиран, остана по фиоки, не го објавија ни промоторите, ни критичарите на проектот, и што е најстрашно, веќе 4 години од Градот не се понуди ни алтернатива за системот на јавен превоз во Скопје. Не зборуваме за нови автобуси кои секако мора да се обновуваат редовно. Ни треба сообраќаен систем каде ќе се зголеми нивото на проточност, брзина, ефикаснот со главен приоритет на јавниот превоз. Сето тоа не може без специјални и посебни ленти за јавниот превоз, од каков и тип да е истиот.
Сообраќајот и безбедноста се науки, не се прашање на лично мислење и полуедуциран став, иако за жал го сведуваат на тоа и на проста политичка борба. А некако сите како да знаеме точно што треба да се направи. Да ги потсетиме и оние кои треба тоа да го направат. Да ги охрабриме да се одважат. Па колку и да е „непопуларно“ да се тргнат автомобилите од просторот кој (не)легално го зафаќаат.
Бевме гласни низ годиниве. Неброено пати ги имаме обработено и повторено овие теми во многу наврати во изминатите 13 години: Со бројни дописи, со скоро 100 Критични Маси, на многу средби и официјални состаноци. Доволно долго сме присутни на скопскиве улици за да заклучиме дека главната поента не е овие наспроти оние. Главната поента е наука наспроти политиканство за ситни политички поени.
На Скопје не му требаат сегментарни проектни ветувања дека оваа улица ќе биде пробиена, а онаа асфалтирана, дека ќе се градел кружен тек или нешто слично, тоа се подразбира, тоа е досадно, неуко и без визија.
Она што е поважно е КАКО ЌЕ СЕ НАПРАВИ ТОА, со какви вредности и приоритети.
Заглавени сме во малодушност, кратковидост и краткотрајност, од мандат за мандат.
На Скопје не му требаат крпеници, туку ремонт!
Му треба протресување на сите институции!
Му треба отворање кон граѓаните!
Му треба целосно реобмислување на мултимодален сообраќаен систем, со развиен јавен превоз со специјални ленти, со нови ослободени тротоари и нови изградени велосипедски патеки, со градски систем за изнајмување велосипеди. Му треба визија за нула жртви во сообраќајот! Му треба нов визионерски ГУП за зелен град. Му треба доуредување на кејот на Вардар кон исток и запад, со нови рампи и пешачки мостови. Му треба заживување на јавните простори и нивно редовно одржување и чистење! Му треба пристапност на секој јавен простор за секој на тркала (било со велосипеди, детски колички или колички за лица со попреченост).
Познато е што треба, треба само да сакате!
Идни градоначалници, знаете што треба, а ние знаеме што бараме.
Вие не сте вечни, но последиците од вашето (не)дејствување се.
Искористете ги 4-те години за добро, за позитивен белег во историјата на градот. Управувањето со градот/општината не е ред во CV, туку историска одговорност!
Сфатете ја сериозно!
Ние ќе ве набљудуваме. Ви даваме шанса да ги истражите најновите трендови во урбанизмот и сообраќајот и да понудите НОВА ВИЗИЈА за Скопје.
Скопје не е точак во сала, па да го вртите во место!
Станува критично и чувствуваме одговорност да ја пратиме пораката дека мора да се придвижиме напред!
Славиме 13 години НаТочак и Критична Маса.
Ја возиме 91-вата Критична Маса со стариот повикувачки број за нашето Скопје со наслов: „Ало 091, Критично е!“
---------------------------------------
*Секој учесник вози на своја одговорност.

21 February, 2022

Критична маса #89: Колку жртви се доволно?

Датум: среда, 23.02.2022
Почеток: 17:30, Плоштад Македонија
Крај: 18:30, Полициска станица, Пролет
----------------------------------
Facebook настан: линк
Рута: линк
Промотивни материјали: линк
----------------------------------
Постерот за КМ #89, дизајн: Теано Кардула

Поминаа скоро 20 дена како нашата безбедност како пешаци и велосипедисти е игнорирана од градоначалниците на Град Скопје и скопските општини. Никаков одговор!

Пред скоро 20 дена од нив побаравме да споделат информација на кој начин, во рамките на нивната надлежност, планираат да ја зголемат безбедноста на улиците за сите учесници во сообраќајот, а примарно за пешаците и велосипедистите. За жал, до моментот на објавување на настанот (петок, 18.02.2022), нема ниту еден повратен одговор од ниту еден од нив. Дали ова значи дека безбедноста на граѓаните не е високо на нивните приоритети, или можеби немаат никакви планови за донесување мерки за подобрување на состојбата на улиците или причината е нешто трето?
Познавате ли некој што настрадал во сообраќаен удар?
Како да дојдовме во ситуација кaде што секој од нас веќе познава некој кој смртно настрадал, кој има трајни телесни последици или долго време носел психолошки последици.
Ова создава атмосфера како да живееме во епидемија на сообраќајно насилство, во војна која се одвива на нашите улици, војна во која е нормално луѓе да бидат убивани и повредувани.
Не, не е нормално!
Не смееме тоа да го прифатиме!
Не е нормално човек да се плаши за детето кога е излезено надвор!
Не е нормално и покрај вакви приказни, политичарите уште да сонуваат за автоцентрични булевари, писти насред населени места, наместо хумани услови за немоторизираните учесници и смирено однесување на моторизираните учесници во сообраќајот. Не е нормално да ги сожалуваат оние кои паркираат по тротоари и да ги толерираат, наместо да ги заштитат оние кои гинат од нечие непочитување на правилата.
Институциите мора да стават акцент на превентива!
„Правењето на улиците побезбедни за луѓето е толку едноставно, што треба да биде казниво дело ако вашиот град не го прави тоа!“ Концептот Визија нула подразбира дека една човечка жртва во сообраќај е премногу. Колку жртви и одземени животи се потребни/доволни/премногу за нашите власти конечно да се заангажираат да направат промена?
Што нашите 10 скопски општини и Град Скопје планираат после црниот месец на сообраќајни удари и одземени животи?
Секој тешко повреден ранлив учесник во сообраќајот треба да го пали алармот на Град Скопје за предизајнирање на улицата/крстосницата.
Секој тип на сообраќаен удар со тешки последици треба да го пали алармот на МВР да се посвети на тие прекршоци кои носат последици и да се насочи кон сторителите, не жртвите.
Продолжувањето на оваа епидемија треба да го запали алармот и кај Обвинителстово и Судовите. Несериозното третирање на убиствата во сообраќајот праќа многу лоша порака за (не)почитување на правилата.
Законот за безбедност постои за да спречи убиства во сообраќајот. Непочитувањето на правилата при управување со 2-тонско возило може да доведе до убиство и така треба да се третира, не како обичен прекршок.
Од друга страна, концептот Визија нула подразбира дека една човечка жртва во сообраќај е премногу. 
Колку жртви и одземени животи се потребни за нашите власти конечно да се заангажираат да направат промена?
Работите мора да почнат да се менуваат!
----------------------------------
Ќе возиме по следнава рута:

<iframe src="https://www.google.com/maps/d/embed?mid=1UNwYjVjtX4VhKi1uFlnphvEYnvy5rom0&ehbc=2E312F" width="640" height="480"></iframe>


*Секој учесник вози на своја одговорност.

27 January, 2014

Критична маса #21 - "Избистри го градот на точак"

Датум: 29.01.2014
Тргнување17:30, Плоштад Македонија
Крај (подигнување на точаците): Парк во Лисиче
--------------------------------------------------------------
Промотивни материјалилинк.
Facebook настанлинк.
Руталинк.
--------------------------------------------------------------


Скопје е загадено. Не знаеме колкав процент од каде доаѓа: затоплување на домаќинства, фабрики, сообраќај.
Со секое вклучување на моторот на колата го загадуваш воздухот кој го дишеш ти и твоите блиски. Покажи му на тој до тебе како може да се заштити себеси и Скопје од загадениот воздух. Предложи му на колегата да одите заедно до работа со точаци, оди на кафе со точак, собери ја девојка ти на точак за на кино, плати сметки на точак, оди кај баба ти на пита со точак. Вози за почисто Скопје.

Нам како граѓани на овој град ни останува да го правиме она за што се залагаме. Да тргнеме од себеси, да почнеме или да продолжиме да возиме велосипед, да не чекаме подобри услови, туку со своето присуство на улиците, да покажеме дека се повеќе од неопходни! 
Биди дел од промената, градот е она што прават граѓаните.
Вози точак секој ден, а на Критична маса во среда на 29-ти јануари.
Се гледаме на плоштад, ѕрн ѕрн!

25 November, 2013

Критична маса #19: 0 ден/км

Датум: 27.11.2013
Тргнување17:30, Паркинг пред Министерство за економија
Крај (подигнување на точаците): зад НБРМ
--------------------------------------------------------------
Промотивни материјалилинк.
Facebook настанлинк.
Руталинк.
Видео-акција: „Колку те чини твојот превоз“: линк.
--------------------------------------------------------------


постерот за КМ 19
Живееш во Аеродром и студираш во центар. Со автобус: 10 возења = 250 ден, 22 дена X 2 X 25 = 1100 ден. месечно, при неменување на автобуси.
Живееш во Кисела Вода и работиш во Сити Мол. Со такси: 27 дена X 2 X 180 ден.= 9720 ден. со попуст.
Живееш во Влае и работиш во Дебар Маало. Со автомобил: 22 X 70 ден. = 1540 ден. + 800 ден. месечна карта за паркинг = 2340 ден. минимум.

А патувањето со точак чини 0 денари по километар во сите делови на Скопје!

Не е пресметано задоволството кога возиш точак и го доживуваш одблиску градот, возиш и му мавташ на некое другарче од средно, застануваш каде сакаш, тргнуваш кога сакаш, ја среќаваш симпатијата…пак застануваш.

Возењето точак освен што е здраво за нас и градот, практично и најбрзо во гужва, тоа ни штеди и пари. ;)

Дојди на Критична маса, ќе вртиме заедно и слободно по 19-ти пат!

Ќе возиме по следнава рута:


View Рута КМ#19 in a larger map


Се гледаме!!

Ѕрн ѕрн^^



место на чекање: паркинг пред Министерсво за економија
крај и подигнување на точаците: паркинг зад НБРМ
--------------------------------
*** Секој учесник вози на своја одговорност.

27 October, 2013

Критична маса #18: И во есен точакот ми е бесен!

Датум: 30.10.2013
Тргнување17:30, Паркинг пред базен Карпош
Крај (подигнување на точаците): пред МКЦ

--------------------------------------------------------------
Промотивни материјалилинк.
Facebook настанлинк.
Руталинк.
Известување до медиуми: линк.

--------------------------------------------------------------

постерот за КМ 18
Заврши летната и веќе започна есенската сезона, но не завршува сезоната за возење точак, ни па за возење на Критична маса :)

Еве пар совети за возење на ладно време. Слободно во коментари дополнете ваши совети и искуства.
Точак не е само рекреативно средство за во лето, точак е превозно средство за сите сезони.


  • Најважно е добро да ги заштитиш екстремитетите: раце со ракавици, стапала со топли обувки, глава со волнена капа... Најголем дел од топлината се губи преку нив.
  • Марама, шал, баклава, покривки за уши, очила за очи... користи додатна опрема според твоите потреби. 
  • Забележувај го редовно термометарот и која облека е соодветна за која температура. 
  • Носи повеќе слоеви за лесно да може да додаваш и одземаш при менување на температурите.
  • Додај си екстра минути до планираната дестинација, ќе ти требаат за менување слоеви :)
  • Облечи се топло, но не претерувај! По некое време, телото се загрева. најдобро си облечен кога чувствуваш дека ти е малку ладно при тргнување.
  • Ако стане ладно, вози побрзо, ако ти стане претопло, успори.
  • Возењето точак е аеробна активност и произведува топлина, Ќе се изненадиш колку не е ладно да возиш точак нa ладно време како што се мисли! 
  • Користи ветроотпорни и водоотпорни материјали за завршни слоеви и материјали кои не задржуваат влага за прв слој до телото. Времето во есен не е лошо. Ни треба само соодветна облека и опрема.
  • Имај бело светло за напред и црвено за назад цело време со себе. Помалку дневна светлина значи повеќе (не)предвидени возења во темница. Користи батерии на полнење за заштеда.
  • Вози по осветлени улици и пријавувај до одговорните доколку некаде има проблем.
  • Користи рефлектирачки ленти за подобра видливост.
  • За ладни услови, користи гуми со крампони и со поднамален притисок, особено при снег и мраз.
  • Постави си добри калници за заштита. Проблемот не доаѓа од дождот колку од водата по улиците. 

Лесно е еден велосипедист да се спреми за есенски услови, потешко е да се спреми градот.

Дојди на Критична маса 18, да покажеме дека не' има. И да се згрееме заедно.
Ќе возиме по следнава рута:

View Рута КМ18 in a larger map

Градот се сака, се дише и доживува преку цела година.
Исто и се вози точак. 


И во есен точакот ми е бесен!



паркингот пред базенот Карпош, местото на собирање

платото пред МКЦ, местото каде
ги подигнуваме точаците после пристигнувањето

--------------------------------
*** После возењето продолжуваме на велосипедскиот дел од Ехо - фестивалот.
*** Секој учесник вози на своја одговорност.

19 September, 2013

Критична маса #17: Ние сме сообраќај

Датум: 25.09.2013
Тргнување17:30, Парк на езерата, Аеродром

Крај (подигнување на точаците): плоштад Карпошово востание

Проекција: 20:00, Ла Кања, Стара Чаршија
--------------------------------------------------------------
Промотивни материјалилинк.
Facebook настанлинк.
Руталинк.

Известување до медиуми: линк.

--------------------------------------------------------------
постерот за КМ 17

Иако повеќето од нас се пораснати во средина каде велосипедот се користи претежно за забава или спортување, со тек на време научивме дека велосипедот е и транспортно средство, високо-ефикасно, урбано, нештетно по околината, а корисно по здравјето, лично и на градот. 
Ние сме сообраќај и имаме право на добри сообраќајни услови! 
Имаме право на издвоени велосипедски патеки во склоп на сите булевари.
Имаме право на велосипедска мрежа….на велосипедски паркинзи...
Имаме право на „зони 30“ за споделување на улиците со моторен сообраќај, во случај на неможност за изградба на велосипедски патеки или ленти на потесни улици.
Имаме право да стигнеме безбедно до било која точка во градов! 
Внимавајте на луѓето на точак и земете не' предвид!
Точак е возило, а на точак сме сообраќај!

Со Критична маса 17 ќе поврземе делови од градот во кои исто така живеат и работат наши сограѓани и имаат право да сообраќаат на точак, но не се поврзани со велосипедска инфраструктура. Затоа оваа рута ја нарековме херојска. Оние сограѓани од Маџари, Ченто и Автокоманда кои возат точак се секојдневно изложени на ризик поради небезбедните улици за други начини на сообраќај освен моторен.
Дури и во оние делови низ кои поминуваме каде постои велосипедска инфраструктура, таа е руинирана. 
Возиме во група да бидеме побезбедни и да покажеме видливост. Возачите да станат свесни дека велосипедистите се учесници во сообраќајот и нормално е да ги има и на улица во случај кога нема велосипедски патеки или се окупирани или па се во лоша состојба.
Апелираме на опременост со предно и задно светло и мачкини светла и големо внимавање едни на други.

Придружи ни се да бидеме побројни и повидливи.
Да инспирираме возењето точак како превозно средство да дојде на дневен ред во животите на нашите сограѓани и во сликата за Скопје на одговорните! 

Ќе се движиме по следнава рута:


View Критична маса #17 in a larger map

Точаците ги подигнуваме на плоштадот Карпошово востание по што продолжуваме туркајќи ги низ чаршија до платото помеѓу Ла Кања и Чифте Амам каде ќе се проектира документарниот филм „We are traffic“ за почетокот на движењето Критична маса во Сан Франциско пред 20-ина години.
Паркот на езерата, Аеродром, местото на собирање
Ширинката на поштадот Карпошово востание
каде ги подигнуваме точаците после пристигнувањето

Се гледаме во среда!
Ѕрн- ѕрн! 
-------------------------------------------------------------- Секој учесник вози на своја одговорност.

21 August, 2013

Критична маса #16: Локално разладување против глобално затоплување

Датум: 28.08.2013
Тргнување: 17:30, пред парк за кучиња, Градски парк

Дружба и пикник на крај: ~19:00, СРЦ Сарај

Промотивни материјали: линк.
Facebook настан: линк.
Рута: линк.

Известување до медиуми: линк.

постерот за КМ 16

Сте почувствувале ли како чади скопскиот асфалт под влијание на директното загревање од возилата?
Индиректно стакленичките гасови го параат озонот, а тоа дополнително ни се враќа преку нестабилно време, екстремни температури, еколошки и социјални последици...

Истовремено, постои едно превозно средство кое не согорува фосилни горива при користењето, редуцира CO2, работи на наш погон, подобрува кондиција! 

За велосипеди и велосипедска инфраструктура  во споредба со другите превозни средства се трошат помалку енергија и ресурси и помалку се загадува при: производство, трговија, изведба, користење, одржување.
Велосипедските патеки и паркинзи зафаќаат помалку место и оставаат повеќе простор за „дивина“, повеќе сенки и кислород за природна климатизација, помалку загревање на улици на сметка на вештачко ладење.

Со коли по асфалт е пеколно, на точак под дрвја е пријатно...
Ајде на точак! Ајде заедно!

Со Критична маса 16 ќе поврземе два паркови по булевари по кои (треба да) има велосипедски патеки и дрвореди. Придружи ни се да бидеме побројни и повидливи.
Да инспирираме возењето точак како превозно средство да дојде на дневен ред во животите на нашите сограѓани и во сликата за Скопје на одговорните!

Ќе се движиме по следнава рута: 


View Предлог КМ16 in a larger map

и ќе поминеме 11км заедно низ скопските улици.

Секојдневните патувања на најголем дел од граѓаните во Скопје се многу помали и тука постои огромен потенцијал за користење на велосипедот како превозно средство.
Не ни е позната статистиката кај нас, но европскиот просек вели дека: 30% од патувањата се до 2км, а 50% до 6км. Изборот на автомобилот за превоз на овие кратки дестинации понекогаш е ирационален. Проширувањето на улици со цел да се намали сообраќајната гужва, а невложувањето во вело-инфраструктура е исто така ирационално, особено во денешните услови на глобално затоплување.

Никоја локална заедница не може сама да направи ништо. Но нема да почне промената се’ додека локалната заедница не направи нешто. Не можеме да ги спречиме климатските промени, но место да ги помагаме, можеме сериозно да ги ублажиме ако, меѓу другото, го сфатиме велосипедот како сериозно превозно средство. CO2 најлесно може да се редуцира со менување на приоритетите во сообраќајот во споредба со други области, и до 14 %.


Се гледаме на Критична маса #16!

Ширинката на која се чекаме во парк (десно на фотографијата),
меѓу паркот за кучиња и дискотеките

Паркингот пред општина Сарај,
местото каде ги подигнуваме точаците,
пред да се упатиме на пикник во паркот

*Секој учесник вози на своја одговорност.
*Понесете си работи за пикник.
*Oрганизирано враќање до центар ~20:30.

30 July, 2013

Извештај од Критична маса #14


Точакот е превозно средство кое се движи на тркала. Делува очигледно, но...
Во градов има повеќе места каде не претпоставиле дека треба да се искачи или симне некој кој се движи на тркала отколку што има онакви каде тоа го имале предвид.
И ние сакаме тоа да се смени! 

на бул. Кочо Рацин рабниците се високи баш таму кај што велосипедската патека се спојува со пешачкото острово
Преку јавниот повик за праќање на фотографии од проблематични, но и релативно добри локации во градот собравме повеќе фотографии. Направивме албум во кој го илустриравме проблемот на „скалите“, т.е. високите рабници кои треба да се заменат со рампи со добар наклон кои ќе овозможат непрекинато, удобно и пред се' безбедно движење на тркала, не само за нас кои се движиме на точак, туку и на оние кои се движат во количка, со детска количка или влечат куфери или било каков товар на тркала. Висинската разлика меѓу коловозот и тротоарите треба да биде лесно совладлива!

Критична маса 15 ја посветивме токму на овој аспект од инфраструктурата во Скопје апелирајќи дека Скала не е за тркала.

Како што на тркалата на пајтоните им требаат слеани рампи...
Така им требаат и на нашите тркала... (фотографија од Еванстон, Илиноис)
Околу 400 учесници дадоа поддршка на оваа идеја со своето присуство.
Возевме на 26.06.2013 година (последната среда во јуни) почнувајќи од 19:00 во пријатни временски услови. Во текот на возење забележително ни се приклучуваа точакољупци во Кисела Вода и во Центар.
Почнувајќи од паркингот за НЛБ до платото покрај Фонтана, Градски парк, групата шараше по следниве улици:



Овојпат имавме најдобро организирано зачепување (фино замолување на возачите на моторни возила да причекаат додека помине цела група заради помало закочување на сообраќајот и поголема безбедност) за што послужија флаерите со упатството за учество на КМ и за зачепување, како и поголемото искуство кое го имаат сите учесници.

Во кутијата за донации завршија 870 денари, а за промотивните материјали (постери и флаери за КМ 14 и општи флаери) беа потрошени 1050 денари. Благодариме на придонесот на сите!
Им благодариме и на Александра Христов за дизајнот на промотивните материјали и на @tiktaknaradio за радио- џинглот (достапни тука), како и на сите кои на било кој начин помогнале или ја споделиле информацијата за оваа Критична маса.



постерот за КМ #14
Еве како помина возењето:

Еден празен пуст простор се исполнува со луѓе
Се собираме од сите генерации...

И поаѓаме!
кон Кисела Вода
Почекуваме да се збие цела група
Се грижиме безбедно да поминат сите
На удолницата кон Охис
Се наѕира индустриската зона
Пак се причекуваме...
И поаѓаме!
На булевар...
со прекрасно зајдисонце пред нас!
по уличките низ Кисела вода...
не' поздравуваат домаќините...
Мафкање
И држење за раце :)
Во Скопје имало зони 30!
Детенцево го претрча цел парк за да не' поздрави :) Радост!
Кон Центар...
Причекуваме..
На црвено...
Спроти Собрание
Од високо на Рекорд
Пропуштаме пешаци
Изненадување! Толку многу луѓе со точаци!
Убава долга колона
И најмалите учесници...
На ширинката се причекуваме..
По пајтонската патека...
Под мостот Гоце Делчев кон парк...
Поздрав до кафанџиите...
Уште малку!
Се собираме на крајната точка.
И уште...
Сите фотографираат некое чуденце што светка
И вели: „СИТЕ НА ТОЧАК“
Подигнуваме точаци...
Не толку синхронизирано овојпат :)
360 панорама
BIKE POWER
Дружење на крај
Со многу многу точакољупци во парк.
Благодарност до сите за учеството, дисциплинираноста, опуштеноста, справувањето со ситуациите, грижата едни за други и убавата атмосфера!
Особена благодарност во името на сите учесници до дечките кои несебично се погрижија за безбедноста на масата. Секоја чест!
Нашата видливост како луѓе кои се превезуваат на точак, се зголемува, треба да останеме упорни, да расте критичната маса и да изнаоѓаме различни начини на делување.
Скопје може да стане подобар велоград!
Се гледаме на Критична маса 15!