31 January, 2017

Проблемот со велосипедистите - и како да се поправи

Проблематичното однесување на велосипедистите доби зголемено внимание во Данските медиуми во последните неколку години. Но, на што всушност се однесуваат овие проблеми? И зошто велосипедистите не можат да се однесуваат подобро во сообраќајот?

Данската Велосипедска Федерација ја препозна потребата да се истражи природата на однесувањето на велосипедистите и ја ангажираше агенцијата IS IT A BIRD за да испита како учесниците во сообраќајот - вклучително велосипедистите - го перцепираат однесувањето на велосипедистите. Како што открија, да се направи правилна одлука како велосипедист не е лесно. Се испостави дека вистинскиот проблем е тоа што на велосипедистите им недостасуваат круцијални елементи - инфраструктура и комуникација - кои би им овозможиле на сите да се однесуваат пообмислено во сообраќајот. На кратко, на велосипедистите им недостасуваат работите кои нè туркаат во правата насока.




Перцепираното проблематично однесување на велосипедистите

Данската Велосипедска Федерација ја ангажираше агенцијата IS IT A BIRD да испита како учесниците во сообраќајот - вклучително велосипедистите - го перцепираат однесувањето на велосипедистите. Во ова истражување, тие комбинираа квантитативни податоци за обемот на проблемите со темелни квалитативни информации за искуствата и мотивите на индивидуалните корисници на патиштата. Генералниот заклучок беше јасен: Сите учесници во сообраќајот имаат проблем со велосипедистите.

Ако сте возеле од точка А до точка Б низ улиците во Копенхаген, или било кој друг град во Данска, сигурно сте забележале проблематично однесување меѓу велосипедистите. Многу е лесно да се оцрнуваат велосипедистите, но кој е коренот за ова проблематично однесување? Подолу во овој текст, ќе скицираме некои од основните услови кои предизвикуваат проблематично однесување и ќе објасниме како некои едноставни иницијативи можат да го направат сообраќајот побезбеден за сите учесници.

Постојат три типа на корисници на патиштата - но определен простор само за два типа

Категоризиравме три типа на корисници на патиштата: возачи, велосипедисти и пешаци. Правилата се јасни за тоа како и каде на патиштата треба да бидат автомобилите и пешаците најчесто ги имаат тротоарите само за себе. Но, проблемите настануваат кога велосипедистите се во прашање: тие се единствениот тип на учесници во сообраќајот без определен простор на улиците - особено во крстосниците.

Од перспективата на еден возач, велосипедистот е ранлив и не треба да биде на улица помеѓу автомобилите. Од перспективата на еден пешак од друга страна, велосипедистот е потенцијално опасен квази-возач кога е на тротоар. Последицата од ова кога нема велосипедска патека е: велосипедистите стануваат непредвидливи учесници во сообраќајот кои мораат да се движат во сообраќајот на сопствен ризик. Без разлика која опција ќе ја одберат, велосипедисите влегуваат во конфликтни ситуации со другите учесници во сообраќајот и стануваат причина за неизвесност, неволја или потенцијална опасност.

Комуникацијата е клучна - но на велосипедистите им недостасува јазикот

Како што повеќето од велосипедистите ќе ви кажат, процесот на комуникација на велосипед во најдобар случај е препуштен на случајност, наместо производ на конкретен систем кој сите учесници во сообраќајот го познаваат. Возачите, со употреба на светла, огледала и сигнали можат да ги најават своите намери и однесувања на другите учесници во сообраќајот - и законот го бара тоа од нив. Ова не е возможно за велосипедистите, кои се оставени да комуницираат преку сигнали со раце или преку контакт со поглед. Двата начини на комуникација е тешко да се остварат навечер, а сигналите со раце се проблематични од повеќе аспекти, првенствено се користат во движење и бараат од велосипедистот да ги тргне рацете од воланот. Во секој случај, ниту еден од овие начини на комуникација не се користи како конзистентна пракса и не се охрабрени од полицијата и законот.

Другите учесници во сообраќајот се оставени во несигурност за намерата на велосипедистите и мораат да се потпрат на погодување кога се вмешани во потенцијално опасни ситуации. Лесно е да се разбере како ова може да поттикне иритирачко искуство и несигурност поврзани со велосипедистите.

Кога следењето на правилата не е секогаш обмислено

Овие основни фактори го прават сообраќањето комплексна тема. Недостатокот на круцијалните елементи - инфраструктура и комуникација - ги тераат велосипедистите понекогаш да ги прекршуваат правилата за да останат безбедни и да не го попречуваат текот на сообраќајот. Сите типови на учесници во сообраќајот се согласуваат дека компетентен учесник во сообраќајот не е само некој кој ги следи сообраќајните правила и законските прописи. Компетентен учесник во сообраќајот е некој кој се однесува во согласност со околностите. Ова значи дека понекогаш, кршењето на законот се смета за пожелно и обѕирно.

Проблемот е тоа што прекршувањето на правилата исто така, ги прави учесниците во сообраќајот да се чувствуваат небезбедно. Тоа е она што ја генерира непредвидливоста поради која велосипедистите имаат лоша репутација. Па како може да го олесниме донесувањето на правата одлука во сообраќајот?

Сите сакаат да бидат внимателни, а поттурнување во правата насока го олеснува тоа

Јасно е дека велосипедистите не „се однесуваат невнимателно“ туку така - тие само се обидуваат да се движат соодветно во простори каде определениот простор за нивно движење е загрозен или непостоечки, користејќи ограничени средства за комуникација кои им се достапни.

На основа на нашето опширно истражување, утврдивме дека постојат некои едноставни начини со кои можеме да го минимизираме непредвидливото однесување на велосипедистите и со тоа да ја зголемиме безбедноста на патиштата. Одговорот се состои од две препораки: Прво, олеснете им на велосипедистите да прават избори кои другите учесници во сообраќајот ќе можат да ги предвидат. Второ, олеснете им на велосипедитите да комуницираат ефективно со другите учесници во сообраќајот.

Веруваме дека начинот да се направи ова е со поттикнување преку инфраструктурата.

Примери: Определениот простор за велосипедистите на патиштата ќе ја зголеми можноста да се предвиди однесувањето и ќе ја олесни комуникацијата преку правилно поставување. Зголеменото осветлување на велосипедските патеки ќе ја направи комуникацијата преку сигнали со рацете и контакт со поглед полесна. Формирање на правила во случај на пречки или работа на патеката, за велосипедистите да знаат точно што да прават кога нивниот пат е блокиран. Да се намали бројот на неспроведени закони поврзани со велосипедистите и да се поддржуваат постоечките. Да се подобри велосипедската сигнализација со цел да се минимизира збунетоста на патиштата и текот на сообраќајот.

Накратко, инфраструктурните решенија на иднината мора да ги земат предвид перспективите на велосипедистот. Заедничко за овие препораки е тоа што на еден или друг начин го поттикнуваат секој велосипедист кон однесување кое не само што има смисла за него или неа одделно, но исто така го прави текот на сообраќајот попредвидлив за другите учесници во сообраќајот и со тоа го прави сообраќајот во целост побезбеден за сите.
--------------------
Статијата е преведена од тука: http://isitabird.dk/en/cases/the-problem-with-cyclists-and-how-to-fix-it/
Превод: НаТочак

22 January, 2017

Промотивни материјали КМ #57: 10 mcg/m3 е нашата цел!

[анимација: Горјан Атанасов]

Промотивните материјали од овој блог-пост може слободно да се споделуваат, печатат, да се лепат на соодветни локации во градот, да се користат во рамки на објави за настанот или како линкови.
Однапред ви благодариме на сите за помагањето да се прошири информацијата за Критична маса КМ #57 а на Бисера, Игор и Горјан им благодариме за одличниот дизајн и анимација инспирирани од Мој воздух.
Да гледаме само зелена боја таму!


МАТЕРИЈАЛИ ЗА ВЕБ И ПЕЧАТЕЊЕ
  • Постер, верзија за веб:
  • Постер, верзија за печатење: линк (.pdf)
  • Facebook cover:
  • Анимација:

21 January, 2017

Критична маса #57: 10 mcg/m3 е нашата цел!

Датум: среда, 25.01.2017
Почеток: 17:30 ч, Плоштад Македонија
Крај: Министерство за животна средина и просторно планирање
--------------------------------------------------------------------
Facebook настан: линк

Рута: линк
Промотивни материјали: линк
---------------------------------------------------------------------

Постерот за КМ #57
Нашата цел е 10 mcg/m3!

Здосадено ни е од бескрајни дискусии за тоа кој загадувач колку загадувал и каде требало, а каде не требало да се преземат мерки.
Кој загадувач колку загадува може да покажат стручни хемиски испитувања, не дискусии. 
Каде треба да се преземат мерки исто така не е за дискусија. 
Загаденоста е толку голема што за да стигнеме до дозволено ниво на загаденост мерки во само една област не можат да го решат проблемот! 

Еве да замислиме дека целосно ќе го снема загадувањето од грееење (најголемите 32 %). Тоа ќе значи дека од 600 ќе се симнеме на 400 mcg/m3! 
50 mcg/m3 е максимално дозволената граница!

Тоа покажува дека мора да преземеме мерки на долг рок во баш сите области: затоплување, сообраќај, индустрија, градежни работи, хигиена на улици. Ниедна не може и не смее да биде заобиколена.

За да ја постигнеме целта ЗДРАВ ВОЗДУХ ВО Скопје меѓу другото, мора да се преземат сериозни мерки и во сообраќајот.
 




Подолго зелено за возила, поголеми брзини за возилата и надвозници на крстосници се мерки кои популарно се сметаат како мерки кои ќе го намалат загадувањето од возилата зашто се гледа само конкретната локација и конкретното возило, а не големата слика.
 
Такви автоцентрични мерки припаѓаат на 60-тите и 70-тите години на 20-ти век и веќе се напуштени во современите сообраќајни парадигми откако увиделе колку штета предизвикуваат зашто ја зголемуваат проточноста на моторните возила, а со тоа ги прават попривлечни за нови корисници на возила или пак стари корисници во нови ситуации. Тоа го зголемува загадувањето, буката, седечкиот начин на живот, а градот го прави автодром, непријатно и небезбедно место за живеење.
Современите приоди ја решаваат мобилноста мултимодално.
 
Луѓето мора да се движат! Тоа мора. Но не мора да го прават тоа со кола во секоја можна ситуација! 
Некои од патувањата може да ги прават пеш, некои со точак, некои со јавен превоз.
Овие начини на превоз мора да се направат ПОБРЗИ, ПОКОМОТНИ, ПОПРИВЛЕЧНИ од колата во различни ситуации во Скопје за луѓето сами да посакаат да ги користат.

Ова е предизвик кој им го задаваме на кандидатите за градоначалници на скопските општини и Град Скопје на претстојните локални избори.
 
Основните прашања од почетокот на текстот се прилично апсолвирани (кои се најголеми загадувачи и дека се потребни мерки во сите области, вклучително и сообраќајот).
Време е да прејдеме на решенија. Кога зборуваме за намалување на загадувањето кое потекнува од сообраќајот, ова е темата која треба да ја дискутираме: како да ги направиме одржливите начини на превоз попривлечни? Кои урбанистички, инфраструктурни, законски, буџетски мерки треба да ги преземеме?
 

Повелете со идеи во коментари!
 
Во очи претстојните локални избори ова е основното прашање кое ќе го упатиме до идните кандидати, а не на која улица ќе направат повеќе ленти за коли.
Зашто нашата цел е 10 mcg/m3! Се надеваме и вашата! Се надеваме и нивната!
И ќе ја постигнеме само со сериозни дологорочни мерки, меѓу другото и во сообраќајот!


Дојди во поддршка на овие заложби на Критична маса #57 во среда. 

Возиме по следната кратка рута поради снегот:



Ѕрн - ѕрн!

Земете си и заштитни маски, доколку загадувањето е над дозволените граници.
Бидете зимски опремени и вие и вашиот точак.
По желба, напишете и лична порака како да стигнеме до посакуваните 10 mcg/m3, со акцент на мерки во сообраќајот.


*** Секој учесник вози на своја одговорност. 
--------------------------------------------------------------
Критична маса е неформален велосипедски собир кој се случува во над 300 градови во светот.
Нема лидери, нема формална организација, само група на свесни луѓе кои сакаат подобар вело-град.
Од мај 2012-та се случува еднаш месечно и во нашето Скопје!
Возиме секоја последна среда во месецот по различна рута и со различна тема.

Критична маса во Скопје е самоодржлив, саморегулиран и самофинансиран месечен собир на урбаните велосипедисти кој зависи од придонесот на секој учесник, пред сѐ од неговото појавување на собирот и покажување бројност („Нѐ има, земете нѐ предвид“), од активната грижа настанот да помине во најдобар ред, а потоа и од донациите за промотивните материјали, волонтерскиот придонес во: осмислувањето на настанот, неговата промоција и се разбира во креативната страна на возењата. До овој момент, скопјани 56 пати возеа масовно по скопските улици, на 56 различни теми поврзани со урбаниот велосипедизам.
Да ги освоиме по 57-ми пат улиците со нашите точаци, активно, ангажирано, свесно, заедно, со полни срца!
Приклучи се! Ангажирај се!
Може да нé има повеќе! Скопје може да стане подобар град!
--------------------------------------------------------------

11 January, 2017

Допис до Град Скопје за чистење на велосипедските патеки од снег

Во врска со попреченото движење (од неисчистениот снег и мраз) на велосипед во Скопје, НаТочак испрати допис до надлежните од Град Скопје.
Дописот како документ е достапен на следниот
линк, или како текст, во продолжение:


-------------------------


До
Град Скопје     

                                                                   
Почитувани,
Неформалната група НаТочак, промовираjќи ги сите предности од велосипедот како урбано секојдневно превозно средство, кое се користи 365 дена во годината, Ви се обраќа во врска со актуелните снежни врнежи во градот Скопје.

Деновиве сведоци сме дека чистењето на велосипедските патеки од снег и мраз не е воопшто предмет на работа на службите. Како и во минатото, така и оваа година, снежните врнежи, потпомогнати од инертноста на надлежните (кои не го чистат снегот од патеките) комплетно го блокираа велосипедскиот сообраќај во градов и го прават тотално небезбеден. Со блокираните и небезбедни патеки ги демотивираме и оние посветени велосипедисти на кои студот не им пречи. Наместо да имаме чисти патеки и да правиме кампањи за поголемо користење на велосипедот при ладно време, со моменталната ситуација правиме и најупорните да се откажат.

Имено, во град каде возењето велосипед се смета за сообраќај, рамноправен со останатите видови, град кој се декларира и стреми кон вело-ориентиран, град кој заговара да прерасне во ВелоГрад (а актуелно и реализира таков проект, Скопје Велоград 2017), чистењето снег на вело-патеките е подеднакво важно како и чистењето снег на коловозот.

Во прилог фотографии од неисчистени велосипедски патеки низ Скопје

_20170105_123030.JPG DSC_1903.JPG

2.JPG

DSC_1910.JPGDSC_1913.JPG
Апелираме намерата на градските власти, Скопје да стане велосипедски град, целосно да се имплементира, односно да се манифестира и преку чистење на вело патеките за непречено сообраќање на велосипедистите за време на снежни врнежи.

Дополнителен мотив треба да биде енормно загадениот воздух во зимскиот период и потребата да се поттикне незагадувачки сообраќај, создавајќи соодветни услови за тоа.

Очекуваме одговор во врска плановите на Градот по однос на ова прашање.

Со почит,
НаТочак