До:
|
Општина _____________,
г/г-ѓа _____________, Градоначалник на
општина _____________
|
Предмет:
|
Предлог за подобрување на
постоечката инфраструктура за урбан велосипедизам во Град Скопје
|
Почитуван/а г/г-ѓа
_____________,
Велосипедскиот
сообраќај претставува високо-ефикасен начин на урбан транспорт. Тенденцијата на
раст на велосипедски сообраќај долгорочно придонесува за зголемена економска,
здравствена и еколошка корист. Бројот на велосипедисти во Скопје континуирано
расте, а со тоа се зголемуваат и потребите за подобра инфраструктура.
Од месец мај
2012 година, секој месец се одржува настанот „Критична маса“ каде ние, група
велосипедисти, возиме заедно по скопските улици со цел актуализација на
проблеми со кои секојдневно се среќаваме. Вкупно околу 3700 велосипедисти или
во просек по 245 велосипедисти месечно возиме на секоја „Kритична маса“.
Граѓаните кои
возат велосипед се учесници во сообраќајот. Како такви имаат потреба за
соодветен простор во рамки на улиците. Градот Скопје веќе располага со одредена
велосипедска инфраструктура. Со нејзиното подобрување и оспособување за
користење ќе се зголеми безбедноста и удобноста во движењето на активните
корисници и ќе се мотивираат нови корисници на велосипедот како превозно
средство.
Врз основа на претходни анализи,
воочени се проблеми во велосипедскиот сообраќај за кои сметаме дека постои
можност за нивно решавање.
Бараме да се
подобрат условите за возење велосипед во град Скопје преку:
1.
Подобрување
на состојбата на постоечките велосипедски патеки
Редовно одржување на велосипедските патеки во поглед на санација на дупки,
пукнатини и нерамнини на патеките. Систематско нивелирање на патеките преку
порамнување на рабници, шахти и одводни канали (сливници) со цел овозможување
глатко движење. Обновување на хоризонтална и вертикална сигнализација и
поставување нова каде што отсуствува, со конзистентен изглед. Обележувањето на
патеките треба да го следи природниот тек на движење и да се избегнуваат нагли
свртувања, особено на крстосниците.
2.
Овозможување
на континуирано движење по велосипедските патеки
Дислоцирање или заобиколување на мобилни и фиксни пречки од патеките како
што се: паркирани возила, контејнери, билборди, семафори, сообраќајни знаци и
автобуски постојки. Потребно е редовно чистење на патеките од отпад, стакло,
трње, мраз, снег, трева и виснати гранки. Справување со проблемот каде пешаците
ги користат велосипедските патеки.
3.
Зголемување
на бројот на паркинг места за велосипеди
Обезбедување видливи и функционални паркинг места за велосипеди под надзор
пред јавни институции и на јавни простори.
Сметаме дека
подобрувањето на постоечката инфраструктура е неопходна основа за понатамошен
развој на велосипедскиот сообраќај.
Во перспектива
на долгорочен и одржлив развој на велосипедскиот сообраќај, би можеле да се
следат позитивните практики од развиените градови:
● проширување
на велосипедската мрежа преку градење нови велосипедски патеки, следејќи ги
стандардите за изградба на истите
● воведување
зони на намалена брзина на движење на моторните возила, онаму каде што нема
просторни услови за нови велосипедски патеки,
со цел безбедно заедничко сообраќање на возачите на моторните возила и
велосипедите
● континуирано
одржување, подобрување и проширување на јавниот систем за изнајмување
велосипеди
● интегрираност
на велосипедскиот со јавниот транспорт за овозможување на комбинирани патувања
што ќе го зголеми користењето и на велосипедот и на јавниот транспорт за
патувања за кои вообичаено не би се користеле
● воведување
статистика за следење на учеството на велосипедскиот во вкупниот сообраќај во
градот итн.
Постоечката
велосипедска инфраструктура во Скопје не е доволно искористена поради
состојбата во која се наоѓа. Нејзиното подобрување треба да биде приоритет.
Развојот на велосипедскиот сообраќај креира многубројни позитивни ефекти кои
имаат влијание врз целокупното урбано живеење.
Неформалната
група „НаТочак” се залага за подобрување на условите во велосипедскиот
транспорт во град Скопје. Ги идентификуваме конкретните проблеми со кои се
среќаваме и укажуваме на истите со цел нивно надминување. Од општ интерес е да
се пресретнат потребите на учесниците во велосипедскиот сообраќај.
Благодариме на
вниманието. Се надеваме на позитивен одговор на барањата преку конкретни мерки.
Со почит,
Неформална група велосипедисти - наТочак
*Овој документ е испратен во печатена и електронска форма до општина
Аеродром, Бутел, Гази Баба, Ѓорче Петров, Карпош, Кисела Вода, Сарај, Центар,
Чаир, Шуто Оризари и до Град Скопје.