Showing posts with label ДенБезАвтомобили. Show all posts
Showing posts with label ДенБезАвтомобили. Show all posts

14 September, 2018

Ден без автомобили 2018

Датум: 22.09.2018 (сабота)
Место: низ улиците на Скопје

Facebook настан: линк
-------------------------------

На 22-ри септември (сабота) да се приклучиме на прославата на Светскиот Ден без автомобили. 
https://en.wikipedia.org/wiki/Car-Free_Days
Овој ден го слави движењето пешки, со велосипед, со тротинет, со јавен превоз... на било каков одржлив начин, само не со автомобил. Идејата на Денот е да ни даде претстава како би изгледале нашите соседства со помалку автомобили.

Над 1500 градови во светот:

-и во развиени и во земји во развој
-градови со развиена велосипедска култура и градови со велосипедска култура во развој
-градови со развиен јавен транспорт и градови што немаат, но сакаат да имаат развиен јавен транспорт
-градови со пешачки зони и градови без пешачки зони

ќе ги поттикнат своите граѓани овој ден да ги остават автомобилите. За тоа да го направат, некои главни градски артерии ќе ги затворат за автомобислки сообраќај, а ќе ги отворат за луѓето: ќе организираат настани кои ќе ги привлечат луѓето да излезат на улица.

Со августовската Критична маса Од ден без автомобили до град за луѓе ги повикавме Градот Скопје и скопските општини да се приклучат на Денот без автомобили со свои повици, со барем една улица во своја надлежност која на овој ден поинаку ќе функционира. 

Во овој Facebook настан ќе споделуваме информации за општините кои ќе се приклучат, улиците кои ќе бидат затворени за автомобилски сообраќај во Скопје, а отворени за луѓето, како и различни поттикнувачки примери од светот.

Да си го доживееме градот во поинакво светло! 
На улиците да се возат точаци, тротинети, децата да ги играат заборавените детски улични игри, возрасните да шетаат, џогираат, вежбаат, уживаат. Можности има многу. 

Раширете глас: овој 22-ри септември, што повеќе граѓани да се движат без автомобил!

Image may contain: text



---------
Став за Денот без автомобили 2016: https://natochak.blogspot.com/2016/09/blog-post.html
Барање до општините, август 2018: http://natochak.blogspot.com/2018/08/car-free-day.html
Потсетување за Денот без автомобили, септември 2018: https://natochak.blogspot.com/2018/09/22-2018.html

12 September, 2018

Потсетување за Денот без автомобили 22.септември 2018

После упатеното барање за организирање на Ден без автомобили на крајот на август, денес (12.септември) го споделуваме потсетувањето во врска со Денот без автомобили кое го испративме до скопските општини: Општина Центар, Општина Карпош, Општина Аеродром, Општина Ѓорче Петров, Општина Чаир, Општина Бутел, Општина Гази Баба, Општина Сарај, Општина Шуто Оризари.
Image may contain: 4 people, people smiling, bicycle and outdoor

Image may contain: one or more people and outdoor

Image may contain: 1 person, crowd and outdoor

Почитувани,

Би сакале да ве потсетиме на можноста да организирате Ден без автомобили (Car free Day) / Отворени улици (Open streets) на 22-ри септември. Како тоа обично изгледа на други места, можете да погледнете на линковите.
На 22-ри септември е светскиот Ден без автомобили.
На овој ден над 1500 градови во светот ќе затворат една, неколку или многу улици за автомобилски сообраќај, а ќе ги отворат за активности за луѓето.
Целта е барем на овој ден децата да може да поиграат слободно и безбедно на улица и целта е сите ние да почнеме да замислуваме поинаква иднина за нашите градови: со повеќе пешачење, возење точак, користење јавен превоз.
Ден без автомобили не значи да помине велосипедска парада за половина час, туку значи улицата во текот на повеќе часови на денот да биде отворена за различни активности: детски улични игри, возење точаци и тротинети, џогирање, вежбање  на отворено, музика, шетање, можностите се многу и зависат и од ангажманот на општината.
Целта е да доживееме како изгледа нашето соседство со повеќе игра, а помалку бучава од автомобили, со повеќе активни луѓе и помалку загадување.

Овој ден е и во склоп на Европската недела на мобилност.
Можете да се пријавите на официјалниот сајт како општина со вашите активности: (од Македонија моментално има пријавено 6 градови)
Можете слободно да ги користите и нивните материјали од линкот.
Исто така, ве поттикнуваме како општини и Град Скопје меѓусебно да се координирате за овој ден, да направите заедничка промоција и навистина да го видиме Скопје (различни делови од Скопје) во поинакво светло на овој ден.


Од некои општини (Центар, Карпош, Кисела Вода, Аеродром, Град Скопје...) веќе добивме најави дека планираат да имаат сопствени активности. Се надеваме ќе се придружат и другите.
Денот треба да биде општа прослава на граѓаните на градот, а не нервоза за возачите.
Затоа, апелираме што побрзо да објавите точно кои улици во кој период ќе бидат затворени за автомобилски сообраќај, а отворени за луѓето.
Навремената информација ќе ги намали нервозите, а ќе го зголемите бројот на луѓето кои со радост ќе учествуваат. Верувајте, има многу такви кои едвај чекаат вакво нешто. После првото одржување на ваков настан, речиси насекаде во светот, граѓаните сами бараат да се повторува, зашто тој настан е ретка можност да се сретнат со соседите, да се социјализираат, особено битно за постарите лица, децата со посебни потреби итн. (пример).

Исто така, настаните ќе ги промовираме во нашиот настан на Facebook: Светски Ден без автомобили во Скопје / World Car free Day in SK

Примери од локални настани налик кои може да се организираат активности за Денот без автомобили:
Остави го таблетот, симни се пред зграда во Општина Центар
Проекциите и концертите на отворено во Градски Парк
Парк(инг) Ден во Битола
Улицата е за живеење, а не за сообраќајно дивеење во општина Ѓорче Петров

Овие настани потврдуваат дека граѓаните се жедни за друштвени собири на отворено, во јавните простори.
Затворањето на улицата за автомобили ќе биде невообичаено и уникатно искуство на нашите простори кое веруваме дека ако добро се промовира, добро се организира и ако се анимираат граѓаните, ќе остави многу позитивен впечаток.  


Со почит,
НаТочак

12.09.2018

22 September, 2015

Сакаме вистински Ден без автомобили!

Денес е Денот без автомобили, завршен ден на Европската недела на мобилност.
Денот без автомобили треба да ја прати пораката дека не треба да сме зависни од автомобилот, дека дел од патувањата можеме да ги пренасочиме на одржлив превоз (пешачење, велосипед, јавен транспорт). Со ова би доживеале ден со помала бука и загадување, помалку гужви и повеќе радост, што и се случува во оние градови кои го реализираат доследно овој ден.
Велосипедската парада која се случува неколку години по ред во Скопје не може да се нарече Ден без автомобили.
Ден без автомобили не е церемонијален настан кој трае 2 часа! За 2 часа можеме само да се провозиме, да се сликаме и да завршиме со забава во парк. Но каде е тука пораката за мобилност.
Денот без автомобили треба да биде градска прослава на одржливиот транспорт! Ден кој сите граѓани ќе го живеат! 
Барем одредени делови од градот (неколку соседства и главни улици) треба да бидат car-free во текот на целиот ден, не само церемонијално на неколку часа.
Изговорите од типот негативни реакции од граѓаните за затворање на улици за автомобилски сообраќај не ги прифаќаме. Штом можат да се затворат Скопската обиколница и Димитрија Чуповски за комерцијални цели, концерти и прослави, и покрај толку реакции на граѓаните, сметаме дека е многу пооправдано да се затворат за повисоко јавно добро!
Честит Ден без автомобили, во надеж дека еден ден Градот ќе ги разбере придобивките и вистински ќе го реализира.
 
 

Да го следиме примерот на Париз! 
Овој 2-милионски град (2 милиони во административните граници, 10 милиони во урбаната област) годинава организира Ден без автомобили на значителен дел од својата територија (темно зелено на мапата), а на остатокот не забранува индивидуален автомобилски превоз, но ја ограничува брзината на 20 km/h (светло-зелено) и само советува луѓето да ги остават автомобилите. 
Еден од најзагадените градови во светот, ги става луѓето и квалитетот на животот во фокус, зашто му е неопходна промена. Неопходна му е промена и на загаденото Скопје и сигурно ваков Ден може да организира и нашиот значително помал град! Ако намерите на локалната власт самоуправа за Скопје вело-град и Скопје град со почист воздух се искрени, очекуваме наредната година вистински Ден без автомобили!
Поради безбедносниот аспект, очекуваме најава за промени во инфраструктурата уште сега!
Замислете, локалната власт на Париз жали што добиле дозвола од надлежните за забрана за автомобили само за толкав дел од градот (темно зелените области се car-free, освен за јавен превоз и специјални возила). Па за наредната година планираат уште поамбициозен проект.