19 February, 2017

Критична маса #58: Деавтомобилизација

Датум: среда, 22.02.2017
Почеток: 17:30 ч, Плоштад Македонија
Крај: 19:00, кратки видеа и чајче во Социјален центар Дуња (влез - слободен)
--------------------------------------------------------------------
Facebook настан: линк

Рута: линк
Промотивни материјали: линк
---------------------------------------------------------------------


Ни треба деавтомобилизација на начинот на кој се гледа на градот, на кој се гледаат улиците.
Сакаме пешакот, точакот, јавниот превоз да се на прво место како поефикасни (според број на луѓе кои можат да се превезат во одреден простор), како поздрави за луѓето и животната средина, како решение за многу од градските проблеми: метеж, бучава, неактивен начин на живот, загадување.
А колата после нив.

Ни треба деавтомобилизација на тротоарите и пешачките зони. Да не се толерирани паркинзи, туку она што реално треба да бидат - пешачки патеки, јавни простори со човекот во центар.

Ни треба деавтомобилизација на Водно, на парковите, на кејовите. Тоа не се места за бучава, за издувни гасови, за окупирање на простор с
...о возила. Тоа се парчиња природа кои ако сакаме да ја задржат својата вредност, мора да ги деавтомобилизираме!

Ни треба деавтомобилизација на навиките, да не биде најкомотен начин да се оди до продавница со кола… Да се направи градот привлечен кратките патувања да се прават пеш без мал милион пречки по патот! Туку напротив, брзо и пријатно да се стигнува пеш и на точак, дури и побрзо отколку со кола!

Ни треба деавтомобилизација на односите во сообраќајот. Во врвот на пирамидата на значење да биде пешакот, па велосипедистот, па возачот. Треба возачите да ги сочекуваат послабите да преминат улица, а не обратно.

Ни треба деавтомобилизација на културата, да не го гледаме како нормално блокирањето на целиот град од коли, туку да побараме поквалитетен град за живеење, со слободни проодни простори каде ќе се осеќаме како ЛУЃЕ и ќе уживаме во градот.

Ни треба деавтомобилизација на планирањето. Кога сакаат да го решат проблемот со гужвите со коли, сообраќајните инженери да не посегнуваат кон ширење на булевари со нови ленти за коли, кон надвозници среде центар на град, кои ќе привлечат нови коли, а ќе ги демотивираат другите начини на превоз, туку да се размислува поодржливо, посвесно, мултимодално. Место булевари со 6 ленти за коли, да имаме булевари со 2 ленти за коли, 2 ленти за брз јавен сообраќај, 2 ленти за точаци, 2 ленти за пешаци, 2 ленти за зеленило.

Ни треба деавтомобилизација на политиките. Сакаме од кандидатите за градоначалници на претстојните избори да добиеме поодржливи решенија за Скопје, не автодроми.

На крајот на краиштата ни треба деавтомобилизација и за почист воздух.

Не го негираме автомобилот и придобивките во одредени ситуации, но мора да го потиснеме од приоритетното место ако сакаме да живееме како луѓе. Луѓето треба да се на прво место, квалитетот на живот во Скопје треба да е на прво место, а не автомобилите.

Секој човек на прво место е пешак, а потоа сè друго. И возачите до својот автомобил стигнуваат пеш. И оние кои користат автомобил не можат да стигнат како ЛУЃЕ до своето возило од премногу автомобили.
Автомобилите треба да бидат третирани како средство кое треба да им служи на луѓето, а не луѓето да бидат робови на автомобилите како единствено ефикасно превозно средство во Скопје!

Сакаме град кој нуди можности за движење на различни начини и кој нуди достоинствено движење за сите!
Не ни требаат нови ленти за коли, булевари без велосипедски патеки и зеленило…

Ни треба храбра и одлучна ДЕАВТОМОБИЛИЗАЦИЈА!


Дојди во поддршка на овие заложби на Критична маса #58 во среда. 
Ќе возиме по следнава рута:

Ќе завршиме во Социјален Центар Дуња каде ќе погледнеме неколку кратки филмови поврзани со темата и ќе се згрееме со топли напитоци.
Ѕрн - ѕрн!

*Земете си и заштитни маски, доколку загадувањето е над дозволените граници.
**Предно и задно светло се задолжителна опрема.


*** Секој учесник вози на своја одговорност. 
--------------------------------------------------------------
Критична маса е неформален велосипедски собир кој се случува во над 300 градови во светот.
Нема лидери, нема формална организација, само група на свесни луѓе кои сакаат подобар вело-град.
Од мај 2012-та се случува еднаш месечно и во нашето Скопје!
Возиме секоја последна среда во месецот по различна рута и со различна тема.

Критична маса во Скопје е самоодржлив, саморегулиран и самофинансиран месечен собир на урбаните велосипедисти кој зависи од придонесот на секој учесник, пред сѐ од неговото појавување на собирот и покажување бројност („Нѐ има, земете нѐ предвид“), од активната грижа настанот да помине во најдобар ред, а потоа и од донациите за промотивните материјали, волонтерскиот придонес во: осмислувањето на настанот, неговата промоција и се разбира во креативната страна на возењата. До овој момент, скопјани 57 пати возеа масовно по скопските улици, на 57 различни теми поврзани со урбаниот велосипедизам.
Да ги освоиме по 58-ми пат улиците со нашите точаци, активно, ангажирано, свесно, заедно, со полни срца!
Приклучи се! Ангажирај се!
Може да нé има повеќе! Скопје може да стане подобар град!
--------------------------------------------------------------

18 February, 2017

Промотивни материјали КМ #58: Деавтомобилизација


Промотивните материјали од овој блог-пост може слободно да се споделуваат, печатат, да се лепат на соодветни локации во градот, да се користат во рамки на објави за настанот или како линкови.
Однапред ви благодариме на сите за помагањето да се прошири информацијата за Критична маса КМ #58 а на Тамара ѝ благодариме што добивме уште еден одличен македонски дизајн за неопходната трансформација на нашите улици.


МАТЕРИЈАЛИ ЗА ВЕБ И ПЕЧАТЕЊЕ
  • Постер, верзија за веб:

  • Постер, верзија за печатење: линк (.pdf)
  • Facebook cover:


08 February, 2017

Winter Bike To Work Day 2017 - Skopje #3

Датум: петок, 10.02.2017
Почеток: 0:00
Крајт: 23:59
Место: Цело Скопје, цел свет!

--------------------------------------------------------------------
Facebook настан: линк

Интернационален сајт: линк

---------------------------------------------------------------------

По третпат, во Скопје го славиме меѓународниот Winter Bike To Work Day! 

Или Зимски “на работа на точак“ Ден! 

Winter Bike to Work Day (оваа година е во петок, 10-ти февруари) е годишен настан кој го слави превезувањето со точак во зима. 
Започнал во Канада пред 5 години, а изминативе 3 години се одбележува во стотици градови во светот.
По третпат го одбележуваме и во Скопје.

Што треба да направиме?
Треба само да се обврземе дека ќе се превезуваме на точак на 10-ти февруари до работа, до школо, до факултет, каде и да одиме; без оглед дали возиме или не возиме точак во зима, без оглед какви ќе бидат временските услови тој ден. 

Замислете свеж зимски ден со многу луѓе на точак низ градот и тоа се случува синхронизирано во светот! 
Ајде да пробаме :)

Ако веќе возите точак во зимa, охрабрете ги пријателите да пробаат, макар на ден. Кажете им дека тоа за првпат го прават и други илјадници луѓе како нив во светот!
 

И регистрирајте се на сајтот:
 
http://winterbiketoworkday.org/mk/commit2017/
Оваа година сајтот има верзија и на македонски благодарејќи на волонтери од Македонија.

Дајте збор дека ќе возите точак на 10-ти февруари.
 
Да го исполниме Скопје со снегулки на мапата (http://winterbiketoworkday.org/home2017/map) , а со точаци на улиците!

Настанот е од отворен тип, нема единствени организатори, им припаѓа на сите.
 
Различни организации, компании, училишта, јавни институции може да направат свои настани, може да се доделуваат награди за вработените/учениците, може дури и различни училишта или компании да се натпреваруваат меѓу себе: во број на вработени/ученици кои ќе пристигнат на точак, во извозени километри. 
На сајтот покрај топ градови, од оваа година има и топ компании, топ универзитети и топ школи со најмногу пријавени учесници. http://winterbiketoworkday.org/home2017/

Оние локали/компании кои ќе имаат вело-пријателски понуди за овој ден, т.е. поволности за луѓето кои ќе пристигнат на точак во петок, ќе ги споделиме тука.
 

1. Нано бар: 50 ден за топли напитоци до 19 часот
2. ByPass Cafe: гратис чај и колачи или 20% попуст на сите производи
3. Che Cafe Bar: 50% на сите пијалоци до 18 часот

4. Freshys - Фрешис -20% попуст на целото мени во текот на целиот ден
5. Хотел ПОРТА Скопје - Еспресо / Макијато / Чај / Меден колач по 20,00 денари и 20% попуст на сите ресторански услуги
6. Винил -
20% попуст на сите топли напитоци и смутија во текот на целиот ден

7. Кафе Ли - бесплатно кафе / чај / салеп за секој што ќе дојде со точак
8. Баду бар - 50% попуст на топлите напитоци
9. Public Room - 15 % попуст на храна и пијалоци, 50 % попуст на изнајмување простории за настани
10. Кафе Љубов - 50% попуст на топли напитоци од 08.00 до 19.00 ч
11. Le petit Cafe - 50 % попуст на чај, топло нес и салеп



*** НАПОМЕНА: Пoнудите ќе важат само за оние кои ќе пристигнат на точак.

Повеќе идеи може да добиете тука:
 https://www.facebook.com/WinterBikeToWorkDay/

Скопје, ајде на точак во петок!
Да го прославиме овој Зимски „на работа на точак“ Ден барем исто толку добро како лани. ;)


Заклучно со 11:00, 8.02.2017 на интернационалниот сајт winterbiketoworkday.org се имаа регистрирано 40 учесници од Скопје.