Showing posts with label мислење. Show all posts
Showing posts with label мислење. Show all posts

18 December, 2018

Мислење во врска со Буџетот на Град Скопје за 2019

На 17.12.2018 (понеделник) во очи Седницата на Советот на Град Скопје каде беше предвидено да се дискутира Буџетот на Градот за 2019-та година, НаТочак испрати мислење во врска со буџетот. 

Мислењето повеќе ги повторува работите веќе дискутирани во повеќе наврати во рамки на Координативното тело за велосипедски сообраќај и е повеќе квалитативен осврт, отколку што дава некаква квантитативна анализа на сумите предвидени во Буџетот. 

Нацрт-буџетот не беше јавно објавен и ни беше даден на увид од страна на советник. Времето кое го имавме за разгледување беше многу кратко за да правиме подлабински анализи. 

Сепак сакавме да ја искористиме оваа прилика за да потсетиме на заложбите кои ги изразуваме во рамки на Координативното тело, и да побараме да се интервенира доколку нешто е пропуштено во планирањето на Буџетот и доколку се уште има шанса да се поправи.

Нашето мислење го испративме до членовите на Координативното тело (вработени во администрација на Град Скопје) и до претседателката на Советот, бидејќи само од неа имаше достапен e-mail на веб-страницата на Град Скопје (линк 1 и линк 2). Се надеваме дека беше проследено до останатите советници.

Следната година очекуваме нацрт-буџетот да биде навремено и јавно објавен, а во меѓувреме да се овозможи и комуникација со нашите претставници во Градскиот Совет и преку официјални канали на комуникација. Како граѓани не смееме да бидеме ставани во позиција да “бркаме“ лични контакти со советниците, туку каналите на комуникација треба да се овозможени од Градот.

Мислењето како документ го има на следниот линк и како текст во продолжение. 
----------------------

До: Совет на Град Скопје, Претседател на Совет на Град Скопје, Координативно тело за велосипедски сообраќај на Град Скопје 

Предмет:
Мислење во врска со Буџетот на Град Скопје за 2019 

Почитувани, 

Знаеме дека денес ќе се гласа буџетот на Град Скопје.
Времето откако дознавме за него за наша реакција беше кратко, па затоа не би навлегувале во сумите, ги немаме доволно проучено и немаме доволно сознанија за да реагираме во тој дел и го оставаме тој дел на стручните лица и поупатените советници да го дискутираат, дали се преголеми за некои ставки или премали за други.
Во овој контекст би ја споменале само мислата на еден познат светски урбанист, Брент Тодериан дека: “Вистината за аспирациите на еден град нема да ја најдете во неговата визија, туку во неговиот буџет“. Дали повеќе ќе се вложува во автоцентрични или мултимодални улици? За колку километри ќе порасне должината на автомобилски ленти, а за колку на автобуски и велосипедски ленти?
И во тој контекст, се надеваме дека ќе успеете да издвоите што повеќе средства за одржливот транспорт: унапредување на јавниот превоз, велосипедскиот сообраќај и пешачењето и дека ќе започнеме една позитивна тенденција.
Во ова временско ограничување, од горенаведените причини нема да ги коментираме сумите, туку само неколку постоечки ставки со забелешки кои се однесуваат на квалитативна реализација на ставките, како и предлози за неколку дополнителни ставки доколку има простор. Овие работи повеќе или помалку веќе ги имаме дискутирано во рамки на Координативното тело, но ја користиме оваа прилика да ги заокружиме и да потсетиме, доколку нешто е пропуштено: 

Постоечки ставки:

1. Реконструкција на улици и булевари 
Овој буџет предвидува реконструкција, изградба и проширување на многу улици и булевари.
-Поддржуваме и бараме сите реконструкции на булевари да се прават со велосипедски патеки/ленти и секако пешачки. На секоја реконструкција да се гледа како шанса не само да се промени асфалтот на коловозот, туку и да се добие ново современо мултимодално, побезбедно решение. 
-При реконструкциите на булеварите, да се обновува асфалтот/поплочувањето и на велосипедската и пешачката патека, да се обновува и зеленилото и пешачките острови. Булевар е интегрална улица по која се одвиваат различни видови сообраќај, не само автомобилски 
-Без оглед дали Градот ќе почне да гради брз висококапацитетен јавен превоз од типот на трамвај или Bus Rapid transit system, треба да се предвидуваат специјални автобуски ленти на улиците каде минуваат повеќе автобуски линии 
-Секаде каде што немало претходно пешачки и велосипедски патеки, да се предвидат, а каде што има, а биле запоставени или користени како нелегален паркинг, да се обноват и заштитат 
-Да се применат стандардите за пристапност кон патеките/островите итн, не само кога има велосипедски патеки, туку и самите пешачки патеки да се направат пристапни заради непречено користење од лицата со попреченост, користење на детски колички итн. Не само по должина на булеварот, туку и попречно, кон пешачките премини 
-Да се направат пешачките острови побезбедни, пошироки, да се заштитат со издигнатини, со физички пречки со столпчиња итн. 
-Да се заобиколуваат автобуските постојки 
-Да се зголеми безбедноста на булеварите со стеснување на автомобилските ленти, да не се градат веќе автомобилски ленти од 3.5 метри (тие се за 90 Km/h проектна брзина, не’ чинат пари, 17 % поскапи се од лентите широки 3 метри, понебезбедни и ни го одземаат просторот за велосипеди, пешачење, зеленило) 
-Да се намалуваат на радиусите на кривините заради поголема безбедност и да се зголемуваат пешачките острови 

2. Паркинзи за велосипеди
-Да се предвидат велосипедски паркинзи за сите јавни и особено градски институции, училишта, објекти од културата и спортот, пазари, јавни простори итн. Се надеваме предвидената сум е доволна. 
-Паркинзите да бидат според прирачниците за добри и функционални паркинзи: од квалитетен материјал, со соодветен дизајн за врзување за рамот и да се поставуваат на соодветни локации.

3. Систем за изнајмување на велосипеди 
-Сметаме дека предвидената сума во буџетот е мала, но веројатно се работи за некоја почетна фаза. Она што е најважно е да се напушти стариот систем со комплицирана процедура на изнајмување и евтини велосипеди чие одржување е скапо и да се прејде кон автоматизиран систем за изнајмување, со квалитетни робустни велосипеди и вградени GPS локатори. 

4. Уредување на кејот на реката Вардар 
-Сметаме дека предвидената сума во буџетот е мала, но веројатно повторно се работи за некоја почетна фаза, изработка на проект и слично. Нашиот предлог е Градот да си постави за цел во следните неколку години целиот град да го поврзе по текот на реката Вардар. Ова ќе направи транспортен, рекреативен и туристички бум. Замислете од Сарај до Лисиче да може да се стигне со велосипед, трчање, пешачење, без прекин. Вистински велосипедски автопат. За ова да се оствари недостигаат: 
-да се уреди делот во центарот околу мостот за Панорамското тркало и околу Камениот мост кој беше прекинат последнава деценија со градежни работи и со тоа да се поврзат истокот и западот на градот 
-да се доуреди коритото на Вардар во Долно Нерези/населба Хром и со тоа врската која недостасува да се пополни. Моментално има уредена пешачко-велосипедска патека од паркот во Сарај до Хром и велосипедска патека од Карпош 4 до Лисиче, недостасува само мал дел за да биде целиот град поврзан барем по левиот брег, а во иднина и по десниот 
-да се поврзе постоечката и планираната мрежа од проектот Скопје Велоград со велосипедската патека по текот на Вардар со конектори и возливи рампи. Новите мостови да се планираат со интегрирани рампи во самиот дизајн. 

5. Субвенции за купување велосипед 
Да се формулира делот за субвенции да биде пофлексибилен. Да може да опфати и карго велосипеди и товарни колички за велосипеди, детски седишта, субвенции по пропатуван километар на велосипед. Ова се некои од идеите кои ги комунициравме минатата година со Координативното тело. Сметаме дека после толку години, оваа мерка го постигна ефектот да го промовира велосипедот како превозно средство. Сега започнаа да субвенционираат и голем дел од општините и треба Градот да премине кон специфични таргет групи во субвенционирањето кои може да се менуваат секоја година и да се прави соодветна кампања за нив. Затоа сметаме дека оваа ставка треба да добие проширена формулација и да вклучи во себе и средства за кампања (на пример: кампања за користење велосипед за превоз на товар итн.) 

Предлози за нови ставки: 

1. Бројачи за велосипеди 
-После неуспешниот обид за финансирање од страна на компании, да се разгледа можноста Градот Скопје сам да финансира бројачи за велосипеди, слично како што има бројачи за автомобили на секоја крстосница во системот раководен од ЦУКС. Пилот проектот може да опфати неколку најфреквентни позиции на патеки, а во иднина да се проширува. Податоците да се акумулираат и анализираат во Центарот за управување и контрола на сообраќајот, ЦУКС и да се користат како објективна мерка на успешноста на мерките за велосипедски сообраќај, како статистички податок за мерења, анализи, идни планови, градење на сообраќајни политики итн. 

2. Механизација 
Ако градот Скопје цели кон вело-град, да се размисли за купување на специјална механизација за израмнување на асфалтот и механизација од друг тип која е потребна на ЈП Улици и патишта за изведбата на велосипедските патеки да биде на повисоко ниво. Сведоци сме дека голем дел од новоизведените патеки се нерамни, брановидни. Имаме добиено објаснување дека тоа е така поради малата широчина на патеките особено кога има физички пречки (канделабри, семафори). Доколку постои механизација која може да го реши тој проблем, сметаме дека треба да издвојат средства да се набави. Допрва ќе се градат уште повеќе патеки и треба да бидат квалитетни. 

3. Смирување на сообраќајот 
Скопје е небезбеден град, град каде брзо и невнимателно се вози и не се почитуваат ранливите учесници во сообраќајот кои се често и жртви. На Град Скопје му треба визија за нула жртви во сообраќајот (Vision Zero) и стратегија за смирување на сообраќајот. Веројатно типовите мерки ќе бидат разработени во новиот SUMP (План за одржлива урбана мобилност), но за реализацијата на тие мерки потребно е да се издвојат средства. 

4. Мултимодалност 
Со цел подобро комбинирање на транспортот, правење на јавниот превоз подостапен, а и зголемување на привлечноста на велосипедот како превоз, со цел поголема понуда на опции и за жителите и за туристите, сметаме дека треба да се набават држачи за велосипеди на автобусите и да се обезбедат средства за нив.
Немаме информација дали во документацијата за новите автобуси се предвидени држачи за велосипеди, но доколку не се, потребно е да се издвојат средства за држачи за велосипеди за новите, како и за постојните автобуси од одредени линии. 

5. Стручна соработка 
Доколку е возможно, предлагаме во Буџетот да се предвидат средства за остварување стручна соработка со консултантски фирми од калибарот на Copenhangenize, како и да се продолжи соработката со Јан Гел (Градови за луѓе) со кој што се потпиша меморандум. Така градот би проверил дали е на правиот пат да стане велосипедски град и град за луѓе, би бил охрабрен да преземе похрабри чекори под нивно менторство и би се вброил во мапата на градови кои се трансформираат по примерот на градовите кои се сметаат за најквалитетни за живееење. 

6. Други активности предвидени со Нацрт-планот за велосипедски сообраќај 
Координативното тело за велосипедски сообраќај изготви нацрт-план за велосипедски сообраќај 2019-2021 во кој се предвидени многу активности, но се уште без акциски план, без план за тоа кој, кога и со кои средства ќе ги реализира. Имаме информации дека планот ќе биде ќе биде готов во јануари и ќе биде ставен на гласање на првата седница на Советот. Но тогаш веќе буџетот ќе биде усвоен. Затоа, сметаме дека треба да се разгледа тој план и да се има предвид при гласањето на буџетот. Некои од активностите предвидени со него веќе ги споменавме погоре. 

Со почит, 
Неформална група на велосипедисти НаТочак 
natochak@gmail.com 
17.12.2018
Скопје

15 October, 2018

Кои треба да бидат новите стандарди при реконструкција на булевари?

Напишавме реакција на Facebook по повод реконструкцијата на дел од коловозот од бул.Партизански одреди и нејзиното претставување како нови стандарди.
Бидејќи забелешките важат за било кој булевар, не само за Партизански одреди, ја споделуваме реакцијата и во блог-постот во продолжение.
---------------------

Според нас промената на асфалт не смее да се смета ни за реконструкција доколку сообраќајното решение не се унапредува, а камоли пак за нов стандард. Тоа едноставно спаѓа во одржување на постојната состојба.
Секое посериозно реновирање бидејќи се прави ретко и чини многу пари треба да се искористи да се подобри и решението.
Овие забелешки ги комуницираме и со Град Скопје, но би сакале да биде запозната и јавноста.
Новите стандарди кои ги очекуваме при реконструкција на скопските булевари се:
-стеснување на коловозните ленти од 3.5m, чија што широчина одговара на проектна брзина од 90 km/h, на ленти широки 3m, широчина која одговара на проектна брзина од 50 km/h, со цел поголема безбедност во сообраќајот и подобра распределба на уличниот простор. Замислете да добиеме пошироки тротоари, велосипедски ленти или зелени зони по текот на сите улици во градот со ваков гест.
-воведување на специјални автобуски ленти со цел зголемување на брзината на јавниот превоз во скопскиот метеж. Ефикасноста на јавниот превоз не смее да биде жртва на културата “секој сам во кола“
-подобрување на условите за возење велосипед и пешачење. На овој потег асфалтот на коловозот не беше добар, но беше во многу подобра состојба од пешачките патеки кои се распаднати. (видливо на фотографијата долу) Мора да дадеме предност на пешачењето и возењето велосипед при реконструкциите ако сакаме тие да растат. 

-забрана за паркирање на возила во пешачката зона и во уништените зелени површини, како и обновување на зелените површини во таа зона. На овој потег тие се целосно уништени од нелегалното паркирање и занемарени од надлежните. Нема зелен простор покрај Порта Влае, само земја и прашина окупирани од автомобили. (видливо на фотографијата горе). За разлика од зеленилото во пешачката зона, зеленилото кое ги двои насоките на булеварот (на средина) е редовно одржувано. Иронично, тоа е само видливо од автомобили, а не може никој да ужива во него, за разлика од она покрај пешачките патеки.
-заобиколување на автобуските постојки од велосипедските патеки наместо велосипедистите да минуваат низ патниците (иако ова не е нов стандард, туку воспоставен со отпочнувањето на проектот Скопје велоград, но подзаборавен и ставен во втор план)
-правење на пристапни пешачки острови од и кон коловозот наместо досегашните високи рабници. Рабниците треба да се на ниво нула и со постепен наклон не поголем од 8,33%. Асфалтот за автомобилите се промени, но пристапноста за луѓето кои преминуваат улица остана лоша, по старо. (видливо на фотографијата долу)


-заштита со заштитни острови на пешаците кои чекаат на сред булевар на отворен небезбеден простор (на овој потег, на крстосницата со ул. Ангел Динев)
-воведување на што повеќе пешачки премини на локации од интерес за граѓаните со цел поттикнување на пешачењето и со цел демотивирање на нелегално преминување и поголема безбедност. (на овој потег, враќање на пешачкиот премин кој беше избришан со изградбата на неупотребливиот мост Влајко).
-употреба на термопластична наместо обична боја на коловозот која ќе трае неколку години, наместо неколку месеци.
-усогласување на сите претпријатија кои имаат во своја надлежност некакви надземни и подземни инфраструктури со цел избегнување на двојни и тројни раскопувања во краток временски период. Користење на современи методи на мапирање за подобра визуелна прегледност од страна на граѓаните и од страна на сите останати претпријатија.
-И за крај: споделување на фотографии како изгледа просторот и од позиција на човек, а не само од позиција на возило. Како е да се пешачи на тротоарот, дали е вака широк, рамен и прооден без пречки како автомобилските писти? Како изгледа просторот од позиција на велосипедист кога минува низ автобуските постојки, од позиција на човек во инвалидска количка кога ги искачува високите рабници?
Убаво што се одржува асфалтот, но со севкупниот ваков пристап само се продолжуваат старите автоцентрични практики, не само во проектна смисла, туку и во начин на презентирање на проектите.
Ако продолжуваме да градиме град за автомобили, место за луѓе, тоа воопшто не се нови стандарди, туку само продолжување на старите.
Се надеваме дека во Скопје во скора иднина ќе видиме нови стандарди во вистинска смисла на зборот.

09 June, 2017

Реакција против проширувањето на автомобилскиот простор на бул. Партизански Одреди


После вчерашното забележување на измени во дизајнот на крстосниците на бул. Партизански Oдреди, утрово НаТочак испрати допис со мислење за овие измени до надлежните од Град Скопје. Дописот го има на линкот како документ или во продолжение на блог-постот како текст.

Крстосницата со Рузвелтова и останатите 4 улици со овие измени ќе се претворат од крстосница со 3 ленти во една насока и релативно широк пешачки остров:

во крстосници налик на онаа со бул. 8-ми Септември, со 4 ленти во една насока и претесен пешачки остров.



-----------------------

Почитувани,



Би сакале да изреагираме за промените кои деновиве се случуваат во дизајнот на некои крстосници на бул. Партизански Одреди.
Сметаме дека од повеќе причини овие промени се автоцентрични и не се во насока на заложбите за вело-град.
Но сметаме и на тоа дека го делиме ставот дека концептот за вело-град значи многу повеќе од реконструкција на велосипедски патеки. Значи: повисоко ниво на безбедност на ранливите учесници во сообраќајот, намалување на приоритотет на автомобилите, смирување на брзините во градска средина итн. Оттаму очекуваме дека ќе бидат разгледани нашите аргументи.

Како што разбравме од веб сајтот на Град Скопје (линк до веста) и од официјалните профили на социјалните медиуми, на 5 крстосници на Партизанска: со Рузвелтова, Бледски Договор, Љубљанска, Никола Парапунов и Ангел Динев до мостот Влајко се планира проширување на автомобилскиот простор на сметка на централното зеленило во зоната пред крстосниците со што ќе се добие дополнителна лента за вртење во лево.

Сметаме дека во Скопје не ни треба дополнителен автомобилски простор, напротив, ни треба простор за пешачки, велосипедски, автобуски сообраќај и зеленило.
Оваа интервенција ќе предизвика неколку негативни последици кои ги гледаме кај крстосниците во Скопје кои веќе имаат слични решенија:

  • наместо претходното преминување преку 3 + 3 ленти, сега пешаците и велосипедистите ќе треба да преминуваат преку 3 + 4 ленти, преминувањето улица ќе трае подолго време, што значи поголема изложеност на опасност и демотивација за овие начини на движење низ градот.
  • наместо досегашниот широк остров за чекање на семафор на средина на булеварот Партизански Одреди, ќе се добие тесен остров како на крстосницата на бул. Климент Охридски со бул. Партизански Одреди (Соборен храм)или бул. Крсте Петков Мисирков со бул. Гоце Делчев (Мавровка), нешто што уште повеќе ги маргинализира велосипедистите и пешаците. Ќе се намали просторот кој ја гарантира безбедноста и комоцијата на пешаците и велосипедистите кои чекаат на семафор на средина на булеварот. Имајте предвид дека на овие острови треба да чекаат велосипеди кои се движат во двете насоки, а велосипедите имаат должина која не смее да излезе од островот, нешто што веќе се случува на посочените места со лоши решенија и ја намалува комоцијата на сите учесници во сообраќајот.
  • специјалното престројување во лево, а овозможување на 3 чисти ленти за движење право ќе ја зголеми брзината на возилата кои се движат право. Партизански Одреди е булевар на кој веќе се вози пребрзо и многумина настрадуваат од пребрзото возење. Ваквата интервенција ќе го намали чувството на безбедност, а тоа е исто така демотиватор на користење точак или пешачење.
  • ќе се уништат израснати садници, a секое зеленило особено во околина на булеварскиот асфалт влијае благопријатно на снижување на температурите и е од суштинско значење за пешаците и велосипедистите и треба да се заштити, да се зголемува, место да се намалува.

Градските средини кои тежнеат кон поголема безбедност на своите граѓани преземаат мерки кои го успоруваат автомобилското движење. Тоа често подразбира и укинување на специјалните ленти за вртење во десно и лево и зголемување на пешачките пјацети и острови. Проширување на медијаните (пешачки острови), стеснување на автомобилските ленти, скратување на пешачките дистанци се едни од најчесто применуваните инфраструктурни мерки за зголемување на безбедноста во сообраќајот. Со вакви измени Њујорк драстично го намали бројот на жртви на улиците.
Со спротивни мерки може да очекуваме во Скопје само да се зголеми.
Доколку е неопходна специјална лента за вртење во лево без движење право, најдобро е во тоа да се преобрази со соодветни ознаки постоечката најлева лента, без дополнителни проширувања на автомобилскиот простор кои би ги имале негативните последици набројани погоре. Како во примерот од Adam Clayton Powell булеварот во Њујорк прикажан на сликата во прилог:

ACPMedians.jpg
Да учиме од туѓите искуства и да не ги повторуваме туѓите грешки, да се движиме напред, а не назад со дизајнот на улиците, да применуваме дизајн кој овозможува поголема безбедност во сообраќајот и повисок квалитет на живот, а не дизајн за поголема автомобилска брзина.
Во Скопје ни треба успорување, а не убрзување на автомобилскиот сообраќај.
Во Скопје ни треба мотивирање на пешачењето, возењето велосипед и користењето на јавен превоз, не ни треба дополнителен стимул за користењето на автомобили.

Со почит,
НаТочак

19 June, 2015

Мислење од НаТочак за проектот Скопје вело-град 2017

Денес, на 19.06.2015 НаТочак испрати мислење до Град Скопје во врска со презентираниот проект „Скопје вело-град 2017“.
Дописот е достапен на следниот линк, како и во продолжение.
Штом имаме можност да го погледнеме и акцискиот план, ќе можеме да оформиме поконкретно мислење за проектот, поточно да одговориме дали ги решава проблемите на кои посочуваме во текот на изминатите години. 

Самата идеја за посеопфатно третирање на велосипедскиот сообраќај е позитивен исчекор, кој го поздравуваме. 
--------------------------------------------------------

Предмет: Мислење на неформалната група “НаТочак” во врска со најавата на новиот капитален проект на Град Скопје, Скопје Велоград до 2017 година 
Датум​: 19 јуни 2015 година 

На 15 јуни 2015 година, Град Скопје го претстави пред јавноста својот проект за унапредување на велосипедската инфраструктура во Скопје и за зголемување на безбедноста во велосипедскиот сообраќај, насловен „Скопје Велоград 2017“. НаТочак ја поддржува секоја активност која е во насока на развој на урбаниот велосипедизам во Скопје и Македонија. Во продолжение НаТочак споделува свое мислење за промовираниот проект. 

Генерален прв впечаток е дека значително е подобрен речникот и терминологијата на надлежните кој се користи при комуницирање на активностите кои се однесуваат на урбаниот велосипедизам. Конкретно, прифаќањето дека градскиот велосипедизам не е спорт, туку секојдневно превозно средство. Навидум можеби незначајна промена, но суштински ги менува погледите на планерите на Градот. 

Потреба од јавно споделување на проектниот документ со цел детално информирање на јавноста за процесот на имплементација 

Град Скопје пред јавноста го претстави својот крупен проект преку видео проекција и извадоци од мапи на кои се прикажани рутите од вело-мрежата. Проектот визуелно делува солидно, но сметаме дека недостасуваат споделени информации околу стандардите при реализација кои ќе го следат проектот. Во таа насока, бараме од Градот, да го приложи јавно проектниот документ, доколку документот е од јавен карактер, за да се запознае јавноста со конкретните решенија. 

Така ќе се согледа дали проектот ги решава конфликтните ситуации кои досега беа посочувани како проблеми од велосипедистите. Со увидот во планот, ќе се одговорат многу прашања: кои стандарди ќе се користат при изградба, каков вид подлога ќе се користи, степенот на нивелираност на самата подлога, висина на слеаност на рабниците, сигнализација на патеки, поставување на црвените линии на премините преку коловоз, ширина на вело патеките и ред други параметри кои се основа при градење/реконструкција на велосипедска патека. 

Отсуство на методологија и статистички податоци за утврдување на резултатите од проектот 

Евидентно е и отсуството на методологија и статистички податоци за утврдување на резултатите од проектот. Според она што можевме да го добиеме како информација од сајтот на Град Скопје и подготвениот видео спот, е дека очекуваните резултати споделени во соопштението и видеото се релативно општи и тешко мерливи. Постои отсуство на конкретни бројки за очекуваните резултати, како и информации за тековната состојба во велосипедскиот сообраќај. 

Следење на напредокот на имплементацијата на проектот 

НаТочак како и досега, будно ќе го следи напредувањето на имплементацијата на презентираниот план, ќе го поздравува секое добро велосипедско решение, кое е функционално и употребливо за велосипедистите, истовремено ќе реагира на секоја воочена недоследност на терен. По континуираната двогодишна комуникација со надлежните институции и понатаму остануваме достапни и расположени за заедничка соработка со цел надминување на проблемите со кои се соочуваат велосипедистите во Скопје и развој на градот во пријателско место за велосипедистите. 

Со почит, 

Неформална група велосипедисти ­ НаТочак 

http://natochak.blogspot.com

27 January, 2015

Мислење за изјавата на премиерот за велосипедизмот како спорт (25.01.2015)

Испратен е допис до Премиерот на Владата на Република Македонија, г. Никола Груевски, како реакција од НаТочак, по повод дадената изјава на една национална телевизија, каде од Премиерот беше побарано да се заложи за решавање на елементарен велосипедски проблем: прекин на дел од велосипедската патека на кејот на Вардар, близу Плоштад Македонија, заради одвивање на градежни работи. Во оваа прилика Премиерот го изјави следново " Е па ајде нека не се гради, да застанеме и да не се гради. Кога се спортува не е лошо да се крене точакот и тоа е вежбање, не е само возењето."
Со оваа изјава делумно се расветли причината зошто урбаниот велосипедизам во нашиот град и држава не се помрднува од нулта точка. "Кога се спортува" - се' додека урбаниот велосипедизам се третира и перцепира како спорт, неговиот развој е закочен. Оној момент кога ќе станеме свесни, ние граѓаните, а особено надлежните институции, дека урбаниот велосипедизам е вид сообраќај, рамноправен со сите останати видови, тогаш ќе се рестартира растот и развојот на урбаниот велосипедизам.
Забележлив е позитивен тренд на пораст на бројот на граѓани кои го користат велосипедот како секојдневно транспортно средство, се транспортираат од точка А до точка Б, секојдневно патуваат до и од работа на својот велосипед. Со горенаведената изјава дали ги охрабруваме овие наши сограѓани да продолжат да го користат велосипедот, при што не загадуваат, не создаваат бучава и сообраќаен метеж?
Кога би направиле паралела меѓу рамноправноста на различните видови сообраќај, и автомобилот би го замениле со велосипедот во оваа изјава, дали исто така им се порачува на сограѓаните кои го избрале автомобилот како превозно средство да го кренат и да го пренесат на раце во оние делови каде што се појавуваат препреки?

Во продолжение го споделуваме дописот во целост.
-----------------------------------------------
До
Премиерот на Владата на Р. Македонија
Никола Груевски

Почитуван премиере,

Здружението НаТочак од Скопје кое речиси 3 години делува на полето урбан велосипедизам, Ви се обраќа по повод Вашата изјава на една национална телевизија кога бевте запрашан за изнаоѓање на решение на проблем со кој се соочуваат велосипедистите во Скопје. Имено, станува збор за прекинот на велосипедската патека на кејот на Вардар, поради одвивање на градежни работи. Вашиот одговор "Е па ајде нека не се гради, да застанеме и да не се гради. Кога се спортува не е лошо да се крене точакот и тоа е вежбање, не е само возењето" го отсликува суштинскиот проблем со кој се соочува велосипедскиот сообраќај во земјава, а тоа е: Велосипедот не е третиран како секојдневно превозно средство, туку како спорт и рекреација. Развојот на велосипедскиот сообраќај ќе отпочне во оној момент кога ќе се согласиме и разговараме за велосипедот како за рамноправен сообраќај со останатите видови, а не кога ќе биде асфалтирана првата велосипедска патека.

НаТочак и велосипедската заедница работат на покренување на вниманието на јавноста кон овој проблем, посочуваат на недоследностите и конструктивно учествуваат во предлагање на решенија. Имено, воспоставена е соработка со Градот Скопје, разменети се предлози и проекти, добиена е заемна согласност за конкретни решенија, но на терен сè уште резултатите се далеку од задоволителни, вклучително и споменатиот проблем во емисијата.
Овој повод нè поттикна да Ви се обратиме и Вам како Премиер на Владата на Р. Македонија, тело кое се бави со највисоки политики и кое има влијание во распределување на средствата за градските политики. Во насока на актуелните заложби на Владата за здрав начин на живот, кампањи за безбедност во сообраќајот, воведување мерки за намалување на загадувањето на воздухот, зарем нема да се сложите дека инвестицијата во развој на урбаниот велосипедизам, ќе донесе долгорочно решавање на сите горенаведени области?
Искрено апелираме во услови кога сè повеќе граѓани со велосипеди може да се забележат по улиците, користејќи ги како секојдневни превозни средства, и покрај лошите и небезбедни постоечки услови за сообраќање, Владата да се заложи за раст и развој на градскиот велосипедизам.

Дополнително, сакаме да укажеме на следните факти кои се во прилог на заложбите за третирање на велосипедот како секојдневно превозно средство:

1. Придобивки за здравјето на луѓето
2. Придобивки за животната средина
3. Намалување на бучавата и сообраќајни гужви и метеж
4. Повеќе велосипедисти, придонесува кон побрзо и попроточно движење и на оние кои се превезуваат со автомобил
5. Подобрување на квалитетот на живот - посреќни, покреативни, попродуктивни луѓе
6. Заштеди за градските и државните буџети

Поради наведените придобивки, вакви тенденции се случуваат моментално во светот:

- Градовите ја намалуваат зависноста од автомобилот
- Се инвестира во функционални системи за изнајмување велосипеди
- Постојано се гради нова и одржува постоечката мрежа на велосипедски патеки
- Особено во деловите со најголема загаденост се приоритизира велосипедскиот и пешачкиот сообраќај
- Се стимулираат вработените да одат на работа со велосипед
- Се стимулираат дечињата да одат на училиште со велосипед
- Се иновираат сообраќајни решенија кои го минимизираат вкрстувањето на велосипедскиот со автомобилскиот и пешачкиот сообраќај
- Се намалува максимално дозволената брзина за автомобили во станбените населби (т.н. „Зони 30“) со цел зголемување на безбедноста на сите учесници во сообраќајот
- Се креираат „зелени мрежи“ кои обединуваат коридори од зеленило и одржливи начини на транспорт: велосипедски, пешачки и јавен транспорт
- Се поставуваат паркинзи за велосипеди насекаде

Во Скопје, а уште повеќе во остатокот од Македонија, граѓаните кои го одбрале велосипедот
како секојдневно превозно средство, односно генерално, урбаниот велосипедизам се соочуваат со следните предизвици:

- Недоволна километража и дисконтинуитет на велосипедската инфраструктура
- Новоизградените булевари немаат (стандардни) решенија за велосипедски сообраќај
- Постоечката инфраструктура за велосипеди се користи како паркинг за возила
- Посточеката инфраструктура за велосипеди има низа недоследности, како денивелиран асфалт, високи рабници, непостоење на хоризонтална и вертикална сигнализација
- Пречки на велосипедски патеки како билборди, знаци, контејнери, ГПС уреди
- Поставување на автобуски постојки на самата велосипедска патека

Искрено се надеваме дека Владата ќе пројави интерес за овој вид сообраќај и ќе ги разгледа предностите кои би ги имале како град и држава со развојот на урбаниот велосипедизам. Во услови кога се забележува благ тренд на пораст на градскиот велосипедизам, да не го враќаме развојот чекор назад, напротив да се здружиме во изнаоѓање решенија за раст на Скопје во достоен вело град.

Со почит,
НаТочак

Документ (.PDF)

05 June, 2014

Мислење од НаТочак за субвенционирањето на велосипеди од Општина Центар

  Можеби се сеќавате, во 2013-та направивме „Велосипедска анализа на програмите на кандидатите за градоначалници на град Скопје и скопските општини на локалните избори“. Во програмата постои мерката за субвенционирање на купувањето велосипеди. (целосната анализа ја има тука).Тогаш само не беше спомнато ограничувањето на колкав број жители и сума ќе се однесува субвенцијата. 
Прашањата кои се отвораат се: колкав број од велосипедите навистина ќе останат во Центар и колкав број реално (поради моменталните услови) ќе се користат како превозно средство? За она за кое се залагаме, сеедно е каде ќе се возат, поважно е да се обезбедат услови за нивно користење.
  Во прилог на тие заложби за зголемување на бројот на урбани велосипедисти на улиците, кои веруваме ги делиме со општина Центар, наше мислење е дека има поприоритетни активности кои треба да се преземат. На прв поглед, потегот е сосема на место, но треба прво да се среди куќата, па да се поканат гости, народски речено.
Каде општина Центар ги кани да сообраќаат овие велосипеди? По која велосипедска инфраструктура? По кои слеани рабници? Со која сообраќајна култура? За поздравување е на пример што Општина Центар поставува квалитетни држачи за велосипеди на сите новоуредени урбани простори. Бидејќи проблемите поврзуваат различни ингеренции, Општина Центар и другите скопски општини во соработка со Град Скопје, МВР и другите надлежни институции треба да поработат и на другите недостатоци во инфраструктурата: да се ослободат велосипедските патеки од паркирани возила, да се реконструираат и означат, заеднички да се осмисли проширување на мрежата, да се изградат нови патеки, да се воведат „зони 30“.
  Го охрабруваме подигнувањето на вниманието кон велосипедистите и пораката што Општина Центар ја праќа со потегов дека е заинтересирана да го поддржи урбаниот велосипедизам. Потегот може да отвори и дебата за тоа кои се навистина проблемите во нашите општини и град Скопје, кои се причините поради кои граѓаните не користат помасовно велосипед (Ретко причината е дека не поседуваат. Не сите кои веќе поседуваат возат.) и да се насочат мерките на сите одговорни институции кон решавање токму на тие проблеми. 
       Ако сакаме коренити промени во квалитетот на живот во нашиот град, мора да го сфатиме посериозно градскиот велосипедизам и коренито да ги промениме условите за велосипедскиот сообраќај.