Showing posts with label ЈСП. Show all posts
Showing posts with label ЈСП. Show all posts

14 July, 2020

Држачи за велосипеди на новите автобуси

На 10-ти јули првично и на 14-ти јули како потсетување, НаТочак испрати e-mail до Координативното тело за велосипедски сообраќај на Град Скопје со прашање поврзано со новите автобуси, поточно поставувањето на држачи за велосипеди на некои од нив.
Ова прашање го дискутираме со надлежните од Град Скопје и ЈСП уште од 2016-та година на состаноци и по електронски пат (првиот состанок со ЈСП беше во 2016-та, а извештај е достапен на линкот) за конечно во 2019-та година, Советот на Град Скопје да усвои План за унапредување на велосипедскиот сообраќај на Град Скопје 2019-2021 (достапен на линкот) каде стои дека до 2020-та ќе биде достапна оваа можност.

Пораката од 10.07.2020 е достапна во продолжение.
Очекуваме одговор. 
Извадок од план за унапредување на велосипедскиот сообраќај на Град Скопје

-----------------------------
Почитувани,
Ја поздравуваме одлуката да се зголеми возниот парк на Јавното сообраќајно претпријатие и со подобри автобуси.
Но, иако често беше дискутирано на нашите средби и потврдувано од ваша страна, на сликите не гледаме држачи за велосипеди на новите автобуси.
Затоа ви ги поставуваме следните прашања:
  • Дали на донесените модели на автобуси има држачи за велосипеди? 
  • Ако нема држачи, дали можат да се монтираат дополнително на одредени линии?
  • Ако можат да се монтираат држачи за велосипеди, дали Градот планира да го направи тоа и кога?
Кога велиме држачи за велосипеди, не мислиме на претходните кои беа непрактични за користење, туку на сосема нови за кои разговаравме да влезат во документацијата за набавка или барем да се имаат предвид кога се набавуваат автобусите да бидат компатибилни.

Со почит, 
--
НаТочак
неформално здружение за урбан велосипедизам

23 June, 2016

Средба со ЈСП на тема: Комбинирање на автобуски и велосипедски превоз (записник)

ЗАПИСНИК

На иницијатива на ЈСП, на 27.05.2016 во дирекцијата на ЈСП се одржа средба меѓу претставници на ЈСП и НаТочак.
 
На средбата претставниците на ЈСП ја презентираа идејата за интегрирање на велосипедскиот и автобускиот транспорт, а НаТочак посочи на други теми кои се допирна точка меѓу овие 2 типа сообраќај во Скопје. Фокусот сепак беше на можноста и потенцијалите на комбинирањето на автобускиот и велосипедскиот превоз.
 
Заедно беше заклучено дека:
 
-Јавниот превоз и велосипедскиот може да функционираат како добра комбинација и алтернатива на автомобилот: јавниот превоз поради својата брзина, а велосипедскиот поради можноста за „превоз до врата“
-Целни групи за комбинирање на превозот би биле:
  1. Граѓаните од приградски населби кои патуваат за работа, факултет итн. до Скопје кои би допатувале со автобус во Скопје и би го продолжиле патувањето со велосипед низ градот
  2. Граѓаните на Скопје кои живеат во зони кои не се на пешачко растојание од автобуските линии и поради тоа не ги користат, па би пристигнале со велосипед до соодветната автобуска станица од каде би го продолжиле патувањето со автобус
  3. Граѓаните на Скопје, но и посетителите, туристите, кои со велосипед би ја продолжиле туристичката прошетка откако со автобус ќе стигнат до крајните дестинации (во насока кон Скопска Црна Гора, Катланово итн.)
-Комбинирањето на превозот е и во полза на Јавното сообраќајно претпријатие (зашто ќе ја зголеми достапноста до автобусите: место само пешки, ќе им се пристапува и со велосипед), во полза е и на велосипедскиот превоз (зашто ќе му ги продолжи прифатливите дистанци), на животната средина (зашто ќе се намалат штетните емисии поради зголемување на привлечноста на овие 2 превозни средства наспроти автомобилите), на туризмот (зашто ќе ја зголеми понудата за дестинации и искуства за туристите) и ваквата идеја очекуваме да наиде на широка поддршка од сите институции и пошироката јавност.
 
Во насока за реализација на овој проект ЈСП ќе направи истражување дали има техничка можност за монтирање на држачи за велосипеди на нивните автобуси.
 
Доколку постои техничка можност и се продолжи со развој на идејата, НаТочак сугерираше да се спроведе анкета со цел да се испита интересот и поддршката за одредени автобуски линии на кои ќе се спроведе пилот-проектот и сугестијата беше прифатена.
Во следна фаза би се изготвило упатство за користење на држачите, како за возачите, така и за велосипедистите.
Користењето на држачите најверојатно не би се наплаќало и би било на принципот first come, first served.
Информацијата за автобуски линии со држачи за велосипеди би се вметнала во сите мапи и планери на патувања.
Како крајна фаза би се спровела кампања со цел промовирање на зелениот превоз и меѓусебното комбинирање.

НаТочак и ЈСП
23.06.2016