21 July, 2018

Критична маса #75: Каков коктел сака Скопје?

Датум: среда, 25.07.2018
Почеток: 19:00, Tранспортен центар, Станица на ЈСП, прва 22-ка
Крај: 20:00, Парк Лисиче
--------------------------------------------------------------------
Facebook настан: линк
Рута: линк
Промотивни материјали: линк
--------------------------------------------------------------------

-Келнер, еден коктел ако може.
-Каков сакате?
-Каков што ќе се направи сам.
Не, не нарачувате така коктел.
Уште помалку сообраќајните политики во градот ги оставате да си се искомбинираат сами.
постерот за КМ #75

Ниту луѓето во Скопје преферираат автомобили сами по себе, ниту луѓето во Копенхаген преферираат точаци сами по себе, Ниту луѓето во Варшава - јавен транспорт сами по себе.
Го преферираат тој превоз зашто градот го направил тој избор да е најбрз и најпрактичен. Обезбедил најдобра инфраструктура за него, вложил најмногу во услови за тој тип на транспорт.
И за пијалокот коктел и за сообраќајниот коктел потребен е рецепт, потребно е внимателно дозирање на состојките.
Каков е рецептот на Скопје?
Рецептот на Скопје е базиран на автомобили.
Во Скопје нема посебни автобуски ленти, во Скопје нема брз јавен превоз (било тоа да е трамвај или bus rapid transit), во Скопје нема организиран автоматизиран јавен велосипедски превоз, а уште помалку може да се размислува за комбинирање на различните типови транспорт.
Во Скопје од широки булевари со 3 ленти во секоја насока со мноогу автобуски линии кои минуваат по нив (пр. Партизански одреди), ниту една лента не е посветена на јавен превоз.
Во Скопје има булевари кои немаат функционални пешачки и велосипедски патеки (пр. Борис Трајковски и Цветан Димов). Има простор за 2 или 3 ленти во насока за автомобили, а има тесно тротоарче за мешање пешаци и велосипеди кое често е окупирано со паркирани возила.
Не мора ни да објаснуваме како е на споредните улици.
Сеопшт паркинг!
Сето тоа е резултат на политички и планерски одлуки, не е коктел кој се создал самиот од себе.
Од донесувачите на одлуки и планерите зависи како ќе биде распределен постоечкиот уличен простор. Она што се гради и планира во моментот не е за сегашните потреби, туку за идниот микс!
Многу често политичарите и планерите кои не гледаат визионерски поаѓаат од тековната ситуација:
-Ах, па имаме само 2% велосипедски сообраќај, нема потреба многу да вложуваме за велосипеди.
-Ах, па луѓето во Скопје преферираат автомобили место јавен превоз, ај ќе вложиме во дополнителни ленти за коли, место во брз јавен превоз…
-Ах, па им фали на луѓето паркинг, греота е да ги симнеме од тротоари…
Ова се тесни размислувања кои го продолжуваат статус квото и кои од градот прават еден коктел од загадување, бучава, метеж, небезбедност, нездрави навики. За среќа размислувањата полека се менуваат, тротоарите се ослободуваат, велосипедските патеки се оспособуваат.
Но можеме и уште подобро!
Потребна ни е визија за поинаков, позелен, пошарен, поосвежителен микс!
И градови со потесни улици од скопските успеале да направат позелени миксови.
Не е до широчината на улиците, туку до приоритетите.
А од нас зависи да кренеме глас! За добар коктел! ;)
Се гледаме во среда oд 19:00 (летно сметање на КМ) на Критична маса #75.




Симболично, оваа Критична маса тргнува од Транспортниот центар (поточно станица на ЈСП, прва 22-ка) кој треба да стане Транспортен центар во вистинска смисла на зборот, мултимодален и интермодален hub, место каде ќе се разменуваат различни начини на превоз: меѓуградски автобуси и возови, градски автобуси и возови, велосипеди
Во приказната на Транспортен центар недостига станица за изнајмување на велосипеди и недостига паркинг/гаража за паркирање лични велосипеди.
Возиме по Јане Сандански, доволно широк булевар кој комотно може да обезбеди специјална лента за автобуски превоз (или друг тип брз јавен превоз). Пешачка, велосипедска патека има.
Возиме по Коста Новаковиќ, маалска улица каде прават огромен крижен тек кој не е пријателски за пешаци и велосипеди.
Возиме по 3-та Македонска бригада, скоро проширен булевар со минимум простор за пешаци и велосипеди.
И возиме по кејот на Вардар, своевиден велосипедски автопат кој има потенцијал да ги поврзе западниот и источниот крај на Скопје доколку се “пополни“ делот кој недостасува во Хром и доколку се отвори прекинот во Центар. Се разбира и доколку логично се поврзат и останатите патеки со него со благи и комотни рампи.
Завршуваме во еден не толку познат парк во Лисиче, како дел од нашата постојана мисија во овие 6 години на откривање и користење на различни јавни простори.


--------------------------------------------------------------------
Критична маса е неформален велосипедски собир кој се случува во над 300 градови во светот.
Нема лидери, нема формална организација, само група на свесни луѓе кои сакаат подобар вело-град.
Од мај 2012-та се случува еднаш месечно и во нашето Скопје!
Возиме секоја последна среда во месецот по различна рута и со различна тема.
 
Критична маса во Скопје е самоодржлив, саморегулиран и самофинансиран месечен собир на урбаните велосипедисти кој зависи од придонесот на секој учесник, пред сѐ од неговото појавување на собирот и покажување бројност („Нѐ има, земете нѐ предвид“), од активната грижа настанот да помине во најдобар ред, а потоа и од донациите за промотивните материјали, волонтерскиот придонес во: осмислувањето на настанот, неговата промоција и се разбира во креативната страна на возењата. До овој момент, скопјани 74 пати возеа масовно по скопските улици, на 74 различни теми поврзани со урбаниот велосипедизам.
Да ги освоиме по 75-ти пат улиците со нашите точаци, активно, ангажирано, свесно, заедно, со полни срца!
Приклучи се! Ангажирај се!
Може да нé има повеќе! Скопје може да стане подобар град!
--------------------------------------------------------------------

1 comments:

Unknown said...

1000 PATI- DA SE NAPRAVI NESTO SO PROLAZOT KAJ MEPSOOOO
GI ISKRSIVME TOCAITE

Post a Comment