25 April, 2017

Критична маса #60: Мојата патека не е паркинг!

Датум: среда, 26.04.2017
Почеток: 17:30 ч, Плоштад Македонија
Крај: 19:00, Парк на новинарите
--------------------------------------------------------------------
Facebook настан: линк

Рута: линк
Промотивни материјали: линк
---------------------------------------------------------------------
Facebook cover за КМ #60
Без оглед кога ќе се појави на интернет, Критична маса на улица останува во ист ден, време, па и место :) 
Се гледаме на 26-ти април, последна среда во месецот, во 17:30 на Плоштад Македонија.

Оваа Критична маса ќе ја посветиме на окупираноста на велосипедските патеки со возила, но и општо на јавните површини. Не можеме целосно да го вело-специјализираме проблемот зашто се прелева (ако пешачката патека е окупирана, пешаците ќе дојдат на велосипедска)... И зашто нашата цел за вело-пријателски град е неиздвоива од целта - град поквалитетен за живот за СИТЕ, а такво нешто не е возможно со блокирани тротоари, окупирани пешачки зони, приоди кон влезови итн. 

Проблемот со непрописното паркирање е многу голем и еден од суштинските за решавање во визијата за Скопје вело-град, Скопје - град со можности за мобилност за сите, Скопје - град со почист воздух, Скопје - град квалитетен за живот.
Досега сме му посветиле директно 2 критични маси: Критична маса 11: Велосипедските патеки на велосипедистите, Критична маса #47: Скопје не е паркинг, а индиректно и повеќе.


На овој проблем може да му се пријде од многу аспекти, критична маса крева глас, но не е доволна, ќе треба многу повеќе акција од сите нас индивидуално и во рамки на институциите.
 
Постирање на социјални мрежи помага во кревање на свеста, но не е доволно, треба да им се пријде на возачите да им се објасни, треба да им се пријде и објасни и на полицајците.
Во рамките на КМ ќе поделиме флаери кои секој од вас ќе може да ги остава на непрописно паркираните возила. Можете да направите и ваши.
 

Индивидуалната акција треба да е само почеток и поттик за Министерството за внатрешни работи да почне поажурно да ги казнува оние кои го прекршуваат законот, паркираат на необележани паркинг површини и загрозуваат нечија безбедност. И ние би сакале да функционираат работите и свеста без казни и без потреба од поставување на столпчиња насекаде, но се чини дека барем сега засега, тоа е начинот.
 

Се радуваме на сите простори на булеварите кои се ослободени за планираните корисници (пешаци и велосипедисти) после долгогодишна окупација од возила и даваме поддршка Град Скопје одлучно да продолжи со акцијата. Ќе има и отпор кон промената, но за некое време ќе почнеме да ги уживаме придобивките сите.

Треба да внимаваме зашто проблемот од булеварите може да се прелее на споредните улици (кои се во надлежност на општините), сега таму возачите да окупираат јавни површини. Затоа апелираме во решавањето на овој проблем да се вклучат и општините и особено Министерство за внатрешни работи. Се работи за безбедноста и квалитетот на живот на сите нас!

За Скопје во кое ќе се осеќаме како луѓе!
За Скопје во кое секое дете ќе може безбедно да отиде до школо по тротоар кој е слободен и неблокиран!
 
За Скопје во кое родителите ќе можат раат да ги прошетаат децата во детски колички.
За Скопје во кое секое лице во инвалидска количка или со било какви проблеми при движењето ќе може да се движи без пречки - достоинствено!
 
За Скопје во кое кога сме на точак нема да се осеќаме како граѓани од втор ред! 
За Скопје без коли на тротоари! 


Мојата патека не е паркинг!





*** Во зависност од ситуацијата, секогаш се возможни промени на рутата на лице место.
*** Секој учесник вози на своја одговорност. 

--------------------------------------------------------------
Критична маса е неформален велосипедски собир кој се случува во над 300 градови во светот.
Нема лидери, нема формална организација, само група на свесни луѓе кои сакаат подобар вело-град.
Од мај 2012-та се случува еднаш месечно и во нашето Скопје!
Возиме секоја последна среда во месецот по различна рута и со различна тема.

Критична маса во Скопје е самоодржлив, саморегулиран и самофинансиран месечен собир на урбаните велосипедисти кој зависи од придонесот на секој учесник, пред сѐ од неговото појавување на собирот и покажување бројност („Нѐ има, земете нѐ предвид“), од активната грижа настанот да помине во најдобар ред, а потоа и од донациите за промотивните материјали, волонтерскиот придонес во: осмислувањето на настанот, неговата промоција и се разбира во креативната страна на возењата. До овој момент, скопјани 59 пати возеа масовно по скопските улици, на 59 различни теми поврзани со урбаниот велосипедизам.
Да ги освоиме по 60-ти пат улиците со нашите точаци, активно, ангажирано, свесно, заедно, со полни срца!
Приклучи се! Ангажирај се!
Може да нé има повеќе! Скопје може да стане подобар град!
--------------------------------------------------------------


0 comments:

Post a Comment