14 March, 2018

Извештај од акцијата „Национален ден на немање безбедна патека при градба“


Со жив штит или тнр. „човечки столпчиња“, триесетина „славеници“ на „Националниот ден на немање безбедна патека при градба“ успешно покажавме на кој начин треба да постави и обезбеди алтернативен премин за велосипедисти и пешаци, во случај кога патеката наменета за нив е блокирана поради градежни зафати или други причини.

Акцијата, која беше најавена со објавување на настан неколку дена претходно ја започнавме во 17 часот на крстосницата на бул. Партизански Одреди со бул. 8 Септември, во близина на ГУЦ „Здравко Цветковски“ каде веќе подолго време се изведуваат градежни работи и е отворена длабока дупка пришто велосипедската патека е блокирана од страна на изведувачите. Облечени со флуересцентни елечиња и со поставување на импровизиран дрвен слеан рабник на тротоарот, создадовме безбеден премин на велосипедстите во дел од крајната коловозна лента кој го заштитивме со нашите тела испраќајќи порака до надлежните дека негативната пракса на блокирање на патеките без да се понуди алтернатива за преминување на ваквите критични места претставува дополнителен ризик во движењето на сите кои ги користат - пешаци, велосипедисти, инвалидизирани лица, родители со бебешки колички...



Спротивно на светските пракси во градовите со развиена велосипедска инфраструктура, на овој потег надлежните и покрај пријавите, подолго време немаа направено услови за пренасочување на пешачкиот и велосипедски сообраќај, на тој начин принудувајќи ги овие категории на учесници да мораат да се симнат на коловозот на крајно небезбеден начин кој сериозно ја загрозува нивната безбедност. Како реакција на најавите за акцијата преку социјалните мрежи и објавите во повеќе медиуми еден ден претходно, неколку часови пред одржување на акцијата, на местото на настанот беше поставен сообраќаен знак кој ги предупредува и пренасочува велосипедистите кон пешачката патека, како минимално решение кое е далеку од идеално и многу задоцнето. 

Половина час подоцна, акцијата ја продолживме неколку метри подолу, односно, во близина на крстосницата на бул. Илинден со бул. 8 Септември каде има ист случај на раскопување на патеката без притоа да се постави знак дека патеката е оштетена и да се пренасочат пешаците и велосипедистите на тој потег. На ова место, на истиот начин, заеднички го обезбедувавме импровизираниот премин до 18 часот, на тој начин создавајќи не само безбедно решение за велосипедистите, туку и за автомобилите кои имаа видливо предупредување пред свртувањето и беше избегната можноста да дојде до неочекувано пресретнување со велосипедист во коловозната лента во која се движат.



Целта на акцијата беше да се крене свеста за ваквата долгогодишна негативна пракса и да запре игнорирањето на безбедносните пракси и препораки при вакви случаи. Се надеваме дека надлежните ќе ја сфатат сериозно потребата да овозможат непрекинато одвивање на пешачкиот и велосипедскиот сообраќај, наместо да го парализираат на одредени потези секојпат кога треба да се интервенира со градежни зафати. „На Точак“ и понатаму ќе реагира на ваквите лоши примери и ќе инсистира на овозможување на максимална безбедност на сите учесници во сообраќајот, во секое време.

Во продолжение се приложени фотографии од акцијата.









0 comments:

Post a Comment