13 March, 2020

Обраќање од НаТочак организации до политички партии 2020

  • Обраќање од НаТочак организации до политички партии 2020: линк (.pdf); линк (блог-пост)
  • Црвени велолинии 2020 - 9 клучни барања од НаТочак организации до политички партии: линк (.pdf); линк (блог-пост)
  • Известување до медиуми: линк (блог-пост)
------------------------------------------------


Почитувани претставници на политичките партии,


Ви се обраќаме во името на 7 граѓански велосипедски организации од 7 градови со барање за вклучување на визија и стратегија за унапредување на велосипедскиот сообраќај во политичката програма со која ќе настапите на Парламентарните избори 2020, а со што ќе адресирате повеќе проблеми со кои се соочуваме на државно ниво (загадување, здравје, безбедност, климатски промени, квалитетна средина за живеење). 
По тој повод, до Вас испраќаме 9 клучни барања* кои интензивно ги комунициравме во јавноста последниот месец под мотото “ЦРВЕНИ ВЕЛОЛИНИИ 2020“ кои сметаме дека е исклучително важно да бидат вметнати во Вашата програма како ветување и обврзување за искрени, сериозни и посветени заложби за подобрување на ова поле: (*Барањата се разработени и илустрирани во дополнителниот документ


1. ДОНЕСУВАЊЕ ПРАВИЛНИК ЗА ПРОЕКТИРАЊЕ И ИЗГРАДБА НА ВЕЛОСИПЕДСКА ИНФРАСТРУКТУРА  

Стандарди за велосипедска инфрастуктура на кои ќе може да се повикаат сите општини (во моментот постојат само за автомобили, но не и за велосипеди), стандарди кои ќе создадат безбедни, одржливи и мултимодални улици за 21-ви век, без импровизации.

2. ВЕЛОСИПЕДСКИ ПАТЕКИ ЗА СИТЕ ПОГОЛЕМИ НАСЕЛЕНИ МЕСТА И НАЦИОНАЛЕН ФОНД ЗА ПОДДРШКА 

Секое поголемо населено место мора да има план за унапредување на велосипедскиот сообраќај, но и посебен задолжителен буџет наменет за тоа. Владата да формира Фонд за финансиска и стручна поддршка.

3. МЕЃУГРАДСКИ ВЕЛОСИПЕДСКИ СООБРАЌАЈ И ВЕЛОСИПЕДСКИ ТУРИЗАМ

Уредување на велосипедски патеки со транспортна и туристичка функција помеѓу населени места и кон места кои имаат потенцијал за развој на туризмот, како и поврзување со соседните земји со безбедни велорути (Еуровело рутите и дополнителни). 

4. МАКЕДОНСКИ ЖЕЛЕЗНИЦИ ДА ОВОЗМОЖАТ ПРЕВОЗ НА ТОЧАЦИ ВО ВОЗ

Како држава која претендира да биде членка на ЕУ, треба да се усогласиме со европските пракси, по заложбите на Европската велосипедска федерација (ECF), која налага обезбедување на минимум 8 места за велосипеди во возовите кои оперираат на европско ниво, наместо забраната од Македонски Железници.

5. ВИЗИЈА ЗА НУЛА ЖРТВИ ВО СООБРАЌАЈОТ

Прифаќање и признавање на системска, а не само индивидуална одговорност за (не)безбедноста и жртвите во сообраќајот, и спроведување на низа поврзани и осмислени мерки за достигнување на нула жртви (Vision Zero), концепт кој го спроведуваат сè повеќе држави и градови.  

6. ОСЛОБОДЕНИ ТРОТОАРИ, ВЕЛОСИПЕДСКИ ПАТЕКИ, ЈАВНИ ПОВРШИНИ

Спроведување на порестриктивна политика против окупирање на јавни површини и патеки на движење, наместо досегашната пракса на толерирање, како и формирање на комунална полиција, со цел овозможување на правото на слободно движење и создавање квалитетен јавен простор.

7. ЗАДОЛЖИТЕЛНИ ПАРКИНЗИ ЗА ВЕЛОСИПЕДИ ВО СТАНБЕНИ, КОМЕРЦИЈАЛНИ, ЈАВНИ ОБЈЕКТИ

Да се пропише бројот и типот на задолжителен велосипедски паркинг за сите новоизградени објекти како мерка за стимулирање на велосипедот како превоз, а за веќе изградените објекти да се бараат решенија.

8. ВЕЛОСИПЕДОТ - ДЕЛ ОД ОБРАЗОВНИОТ ПРОЦЕС

Задолжителна теоретска настава за сообраќај и практично образование за управување со велосипед во училиштата. Мобилни училишни и трајни градски велополигони за децата и создавање вешти и одговорни учесници во сообраќајот на велосипед. Осовременување на програмата за автошколите за поодговорни идни возачи.   

9. ЕДЕН ДЕН МЕСЕЧНО – ДЕН БЕЗ АВТОМОБИЛИ ВО ЦЕЛА ДРЖАВА

Денот без автомобили да не е само инцидентна парада, туку да ја рефлектира неговата поента во вистинска смисла на зборот, за граѓаните да бидат свесни за бенефитите од не-автомобилскиот превоз. Власта да покаже искрена заложба за јавното здравје во реализацијата и успешноста на овие денови.

Важноста на овие барања се потврдува и во фактичката состојба со сообраќајот во нашата земја, каде што:

● Р.С.Македонија е една од државите со најнебезбеден сообраќај во Европа, а познато е дека дизајнот на инфраструктурата е примарен фактор за безбедноста.

● Стандардите и нормативите за планирање и проектирање на сообраќај се целосно автоцентрични и непроменети половина век. Немаме никакви стандарди за велосипедска и пешачка инфраструктура, а правилниците го фаворизираат автомобилот и големите брзини, наместо безбедноста. 

● Јавниот простор во нашите градови е целосно преплавен со автомобили. Правото на слободно движење на пешаците, луѓето со велосипед, луѓето со количка, родителите со деца во колички, сите граѓани е оневозможено, дури и загрозен им е животот. 

●  Изложени сме на големо загадување од штетни гасови, тврди честички и бучава кои потекнуваат од обемниот и брз автомобилски сообраќај.

●  Населението практикува сè повеќе седечки начин на живот кој заедно со ефектите од претходните точки имаат сериозни здравствени последици. 
Поради сето ова и многу повеќе, сметаме дека овие барања треба задолжително да бидат вклучени во програмата на Вашата партија, но и да не останат само на ниво на ветување, туку и да се имплементираат на национално ниво во најбрз можен рок, без дополнителни одложувања.

Како велосипедски организации заинтересирани сме за про-велосипедските политики, меѓутоа сообраќајот го гледаме како систем и за да има поместување кон подобро, не се доволни само пар велосипедски патеки, туку мора да има и системски промени. 

Нужно е да се направи поместување во начинот на кој се планираат улиците и сообраќајот, начинот на кој се едуцираме за сообраќајот, начинот на кој казнува полицијата, начинот на кој го практикуваме сообраќајот, и од АВТОЦЕНТРИЧЕН МОДЕЛ да се пренасочиме кон МУЛТИМОДАЛЕН, модел во кој нема да сме целосно зависни од автомобилот, туку ќе ни се можни и достапни повеќе транспортни опции (пешачење, возење велосипед, користење јавен превоз, комбинирање на начините на превоз), ќе поттикне поздрави навики и ќе ги направи нашите градови и држава побезбедни, поздрави, попријатни и поатрактивни за живеење. 


Со почит,
НаТочак - Скопје, Битола На Точак, Прилеп На Точак, Гостивар На Точак, Тетово На Точак, Штип На Точак, Кочани На Точак


12.03.2020 

0 comments:

Post a Comment