Денес, 10.09.2020, испративме краток неформален допис по mail во врска со поништувањето на тендерот за проектот за тунелите под Кале, до Град Скопје, Градоначалникот на Град Скопје и Координативното тело за велосипедски сообраќај.
Текстот од e-mail-от е во продолжение:
------------------------------ Почитувани,
Од медиумите дознавме дека е поништен тендерот за проектот за тунелите под Кале.
Во интерес на време (да не се објави тендерот во меѓувреме) ви го споделуваме нашиот став во понеформален стил, а официјален допис би ви пратиле дополнително.
Сметаме дека поништувањето на тендерот е одлична шанса новиот тендер да се постави на сосем поинакви основи, со сосем поинакви барања. (под услов навистина да имаме потреба од поврзување баш на ова осетливо место и да нема подобра варијанта од таа која ја замислиле во 1964 година).
Сметаме дека новото решение треба:
Да биде со карактер на ГРАДСКИ, а не ВОНГРАДСКИ мост.
Да има ленти за автомобили не пошироки од 3 метри (за 50-60km/h), наместо со автопатска широчина од 3.5 метри (за 100 km/h).
Да има комотни тротоари од минимум 3 метри, а не заштитно растојание за возилата од 1.5 метар.
Да има велосипедски патеки од 2.5 метри во двете насоки.
Или можеби да има посебен пешачко-велосипедски мост и тунел? Нека биде тоа предлог на проектантите. Но во барањата на Градот мора да стои БЕЗБЕДЕН ПРОСТОР ЗА ПЕШАЧКИ И ВЕЛОСИПЕДСКИ СООБРАЌАЈ, па како ќе се обезбеди е прашање на решението.
Ако навистина е целта на новата градска админстрација (сега не толку нова) ПОВРЗУВАЊЕ НА ГРАДОТ, ќе го поврзе пред сè ЗА ЛУЃЕТО, не само за АВТОМОБИЛИТЕ.
Градот и сега е поврзан како-така за автомобили, со неколку минути задоцнување ќе стигнете секаде, ќе заобиколите, но прилично брзо ќе стигнете. НО ЗА ЛУЃЕ НЕ Е.
Оваа врска по Климент Охридски ќе биде многу, многу атрактивна за пешачење и користење точак, за скратување дистанци меѓу Чаир и Центар, сакале или не.
И ако не обезбедите специјален простор за нив, луѓето ќе го користат коловозот, ќе пречат на автомобилите, а и ќе ГИНАТ.
Со најавените димензии, овој вијадукт ќе донесе пребрз сообраќај (околу 100 km/h) до Илинденска во срцето на Градот и ќе ја загрози безбедноста и амбиентот на живеење во најстрогиот центар.
Поради сето наведено, бараме да се ревидира тендерската документација.
Град Скопје веќе би требало да работи и на новиот План за одржлива мобилност (SUMP) како основа за новиот ГУП 2022.
Зошто да се брза со проектот за автоцентрично поврзување, кога истовремено се работи на визија за одржливост?
Зошто двојни стандарди?
Зошто да не почекаме на насоките од тој SUMP?
Она што ќе се изгради ќе го осплужува Скопје во наредниот век.
НЕ БРЗАЈТЕ да создадете АВТОПАТ НА СМРТТА во срцето на Градот.
Ако веќе го поврзуваме Градот, да ги поврземе ЛУЃЕТО, на хуман начин.
Луѓето од Чаир и Бутел заслужуваат да бидат поврзани со центарот со патеки за луѓе (пешачки и велосипедски), не помалку од луѓето од Карпош и Аеродром! Додека вторите имаат барем по 2 велосипедски врски до Центарот, луѓето од северниот дел на градот немаат ниедна, а треба да имаат и по Цветан Димов и по Македонско-Косовска Бригада/Климент Охридски зашто се на преголемо растојание.
Зошто ги дискриминирате?
Автоцентричниот мост ќе создаде дополнителна ментална бариера и поделеност, а не поврзување на двата дела на градот. Град е ткиво што е поврзано за пешаци и велосипеди.
Ако е поврзано само со автопат, тоа се 2 различни града!
Апсолутно се согласуваме со Градоначалникот дека е подобро долго планирање отколку лош проект во секој аспект: сообраќај, одржливост, социјално поврзување.
Направете го подолго и квалитетно.
Со почит,
НаТочак
0 comments:
Post a Comment