08 March, 2021

Зелена, безбедна, пешачка и вело-пријателска ул. Ангел Динев - предлог решение

Решенија надвор од кутијата за живот надвор од кутијата Зелена, безбедна, пешачка и вело-пријателска улица Ангел Динев Време е да почнеме и со промена на дел од општинските улици!

Улиците какви што ги гледаме не се зададени еднаш засекогаш.

Тие се менуваат и треба да се менуваат во согласност со вредностите во општеството.

Сметаме дека во ера на климатски промени, проблем со загадување, со топлотни острови, со неактивност на населението, кога и самите градоначалници преку зборови се залагаат за позелени општини, треба и на дело улиците да стануваат ПОЗЕЛЕНИ, во секоја смисла.

Заложбите за Скопје зелена престолнина, за Скопје велоград треба да се огледаат и на општинските, не само на градските улици.

За да стане Скопје велоград треба да воспостави сеопфатна велосипедска мрежа, која нема да ги опфаќа само градските булевари, туку и дел од општинските сервисни улици кои ќе ги поврзат попречно булеварите и ќе помогнат секој граѓанин да добие велосипедска патека или лента на блиско растојание од домот/образовното/работното место.

Во моментов во Скопје нема НИТУ ЕДНА општинска улица со велосипедско решение, ниту една убаво уредена општинска улица со удобни тротоари и зеленило.

Зошто промената да не почне од Влае?

Просторот тука совршено дозволува и малку позелено решение од вообичаено.

Нека Ангел Динев стане најубавата школска улица во Скопје!

Во постојната состојба лентите за автомобилите се предимензионирани (3.5 метри), тротоарот кон училиштето е претесен, а зеленилото меѓу улицата и куќите е запуштено и изгазено од премногу пристапи 

Во предлог решението ова зеленило се распоредува во 3 дрвореди и додатна тревна површина која нема да биде пресекувана од пристапи. Лентите за автомобили стануваат 3 метри (минимум за собирна улица со нашиот Правилник), се добива и велосипедска патека во 2 насоки и пошироки тротоари.

Во делот пред училиштетото со предлог - решението се добива и сегмент за паралелно паркирање од 3.5 метри. Замислете ги овие 3.5 метри поделени на: 2 метри на коловоз и 1.5 метри на тротоар (Street mix нe можеше така да ги подели)

Во важечкиот и во укинатиот ДУП оваа маалска улица е решена со двоен коловоз со ленти од по 3.5 метри!!! (за 90 km/h), со паркирање по должина на цела улица (иако се работи за семејни куќи во околината) и со тротоари без можност за дрвореди и велосипедски патеки. Решение како од најстрашните соништа на автоцентризмот.

Улицата онака како што е планирана со новиот регулациски план не обврзува, но сосем легално овозможува вакво решение со објекти целосно зелепени до тротоарот, затоа што зоната за домување доаѓа до самата улица. Приватните парцели може да се дооформат со државното земјиште. 
Притоа, нема да остане простор ни за дрвореди, ни за велосипедско решение. 








Наместо постојниот тротоар широк 1.2 метри, замислете линеарен парк покрај училиштето Димо Хаџи Димов, 15-17 метри широк простор со зеленило, дрвореди и заштитена пешачка и велосипедска патека од колскиот сообраќај.

Замислите смирен сообраќај за автомобили со ленти широки 3 метри, наместо сегашните 3.5 метри (или планираните 3.25 со регулацискиот план кои е нејасно зошто се пошироки од булеварски?) 


Замислете означено место за паркирање покрај училиштето за оставање на децата наместо сегашното заглавување сообраќај (поради слободниот и широк пешачки и велосипедски простор, очекуваме повеќето ученици да доаѓаат пеш или со велосипед, но сепак нека постои и опцијата со автомобил).


Замислете троен дрворед по улицата и комотни тротоари за лица од сите возрасти и можности за мобилност.

Со овие дрвореди се задржува и квалитетот на домувањето и се прави сенка и заштита на пешачките и велосипедските патеки и се намалува бучавата и прашината за учениците.

Овој линеарен парк станува атрактивен јавен простор каде децата од маалото ќе ги прават првите чекори пеш и на велосипед.

Овој линеарен парк на јужната страна се претопува во маалски парк и детско игралиште со површина од вкупно 3500m2. Наместо претходно планираниот јавен објект со ДУП и сега планираната зона за домување со регулациски план, на државното земјиште се добива содржина каква што многу недостастува во секое маало. 


Во некои ситуации ваквите решенија е тешко да се реализираат поради проблеми со сопственоста на земјиштето.
Тука ситуацијата е чиста, земјиштето во кое го предлагаме решението е целосно во сопственост за државата и ништо помалку од ова не очекуваме.

Намерата на овој предлог е да понуди решение на улицата кое ќе ги задоволи потребите на сите граѓани и ќе овозможи нејзино похумано, побезбедно и попријатно користење.
Ваквото решение ѝ дозволува на улицата да прими многу повеќе отколку само проток на луѓе и сообраќај. Нуди простор за рекреативни активности, создава квалитетен јавен простор и со тоа го подобрува квалитетот на живот.
Се залагаме вакви невообичаени решенија да станат новиот стандард и во никој случај не треба да се пропуштат шанси каде би биле лесно применети.
Нашата цел со овој предлог е да поттикнеме развивање и носење на решенија за градот во овој правец. Согледување на потребите на денешното време и земање пример од светските градови, каде ваквиот начин на редизајнирање на улиците е новото нормално.

НаТочак закажа средба со градоначалникот на Карпош на 9.03.2021 на која ќе се дискутираат можностите за реализација на ова или слично решение за улицата, како и тоа дали е возможно да се добие поквалитетно решение со скоро усвоениот регулациски план на град Скопје, или пак тој мора да се преработи како што претходно побаравме.

Одлуките кои сега се носат ќе влијаат на квалитетот на живот, и наш, а особено на идните генерации.
Да не ги пропуштаме можностите и да излеземе малку од кутијата, од начините на кои се правеле нештата досега, зашто не ни донеле добро.
Потребни се промени во начинот на планирање и гледање на просторот.

0 comments:

Post a Comment