Денес, на 9.06.2021 година доставивме допис до Општина Центар во кој ги посочивме позитивните аспекти на реконструкцијата на ул. Орце Николов, но и некои отворени прашања и забелешки.
Дописот за Орце Николов го има во целост во продолжение, а како негов прилог го доставивме “на хартија“ и дописот од декември 2020 година насловен: Пешачки, велосипедски и безбедни општини 2021 кој тогаш го доставивме во електронски облик до сите 10 општини, но на таков начин не добивме повратен одговор.
-----------------------
До: г-н Саша Богдановиќ, Градоначалник на Општина Центар
Сектор за уредување на градежно земјиште и заштита на животна средина
Сектор за урбанизам
Предмет: Мислење за реконструкцијата на ул. Орце Николов
Почитувани,
По завршувањето на првиот дел од реконструкцијата на ул. Орце Николов, група членови на НаТочак ја посетивме и извозевме по новите велосипедски патеки.
Конечно во реконструкција на една општинска улица е земен предвид целиот нејзин профил, а не само коловозот како што досега беше случај.
Водено е сметка за сите типови сообраќај и со тоа ул. Орце Николов ќе стане веројатно првата т.н. комплетна улица (complete street) во општинска надлежност во Скопје (слика 1). Веруваме дека ова позитивно ќе се одрази на многу аспекти на живеењето: изборот и правото на движење со различни превозни средства на граѓаните, квалитетот на живот на жителите, намалување на брзината и бучавата, зголемување на безбедноста и привлечноста на улицата за посетители, што ќе има позитивен ефект и на локалните бизниси.
Имаме позитивна реакција за тоа како се смени ликот на улицата. Со стеснувањето на коловозните ленти, ослободените пешачки патеки, новите велосипедски патеки и зелените острови со дрвја се добива многу попријатна улична атмосфера. Посебно го поздравуваме моментот на подигнати пешачки премини (слика 2) кои дополнително ќе го смират сообраќајот и ќе го олеснат преминувањето на улицата.
Нè радува и тоа што широчината на велосипедските патеки овозможува возење на два точаци еден покрај друг и придонесува за социјалниот аспект на возењето точак (слика 3).
Зачувувањето на постојните дрвја и формирањето на зелени острови каде што се групирани повеќе дрвја (слика 4) е одличен потег кој позитивно ќе придонесе за подобрување на микроклимата на улицата, а и ќе ги штити ранливите учесници во сообраќајот. Со забелешка дека во изведениот дел од улицата, неколку поединечни дрвја имаат оставено многу малку отворена почва околу стеблото што мислиме дека негативно ќе се одрази на нивното преживување и е спротивно на заложбите за “ослободување на дрвјата“ (слика 5).
Во однос на велосипедскиот сообраќај, имаме едно прашање и една забелешка за изведбата на ул. Орце Николов, како и една сугестија на ниво на Општина Центар.
1. Прашање за ул. Орце Николов
Потезите каде нема дрвја и зелени острови и кои се искористени како џебови за паркинг места, како граница со велосипедската патека имаат спуштен рабник што резултира со слободно навлегување на возилата на патеката (слика 6). Практично, како да сугерираат дека патеката е пристапна за автомобилите и да ги покануваат возачите слободно да влезат (?)
Што е планирано за да се избегне овој проблем? Дали се размислува за поставување на некакви бариери во облик на столпчиња или високи рабници на остатокот од улицата? Се надеваме дека овие бариери нема да одземат од корисниот профил на велосипедската патека кој има добра широчина.
2. Забелешка за ул. Орце Николов
Во однос на рабниците, при спуштање и качување на велосипедската патека, сметаме дека треба да бидат послеани и возењето да биде поглатко бидејќи моментално имаат мал раб и прекршување кое го прави возењето неудобно, а и не е по стандардите за пристапност (слика 7).
На само неколку метри од ваквите рабници со прекршен раб на улица Орце Николов, на самиот бул. Климент Охридски може да се забележат целосно слеаните рабници (слика 8) кои ги користи Град Скопје и кои овозможуваат целосно гладок преод од коловоз кон издигнат тротоар. Ова е исто така важно, не само за велосипедите, туку уште повеќе и за тротинетите и за лицата со посебни потреби.
Би било добро доколку Општина Центар се консултира со Град Скопје во врска со искуството за изведба на велосипедски патеки и пристапни тротоари и поуките да се земат предвид долж останатиот дел од ул. Орце Николов на кој што допрва ќе се изведуваат градежните работи, а на изведениот дел да се коригираат каде што е можно.
Забележавме и дека приклучувањето од велосипедската лента на бул. Климент Охридски кон велосипедската патека на ул. Орце Николов е практично да биде на уште едно место пред раскрсницата каде има висок рабник (слика 9).
3. Потреба од велосипедска мрежа на ниво на О. Центар
Очекуваме со изведбата на ул. Орце Николов да се увидат поволностите (набројани погоре) од ваков тип, комплетни улици. Очекувано е поединци и натаму да зафаќаат јавен простор предвиден за пешаци и велосипеди за бесправно паркирање. Тоа не треба да ја обесхрабри општината да го штити просторот од узурпација и да спроведува ред, да ја гарантира безбедноста и да води зелени политики.
Воспоставување на транспортен модел кој на прво место ќе го стави пешакот и Подготовка на План за подобрување на пешачкиот и велосипедскиот сообраќај во општина Центар се дел од мерките во Акцискиот план на Локалниот еколошки акционен план на Општина Центар (2019-2025) за кои е предложен и буџет и рок за реализација до 2025 (стр.157 и стр.158).
Во дописот испратен по електронски пат од НаТочак до Општина Центар во декември 2020 година (достапен како линк тука: http://natochak.blogspot.com/2020/12/2021.html и како прилог на овој допис), ова е второто од нашите 3 клучни и 2 дополнителни предлози до скопските општини: 2. ВЕЛОСИПЕДСКА МРЕЖА. Препорачаната димензија за растојание на велосипедски патеки и ленти меѓу себе изнесува 500 м за периферни делови на градот и нестанбени зони (или за примарна мрежа во урбани зони) и максимум 250 метри за станбени зони, препорачано и помалку, 100-150 метри.
Во случајот со ул. Орце Николов на пр. таа се планира на 100-200 метри од примарна велосипедска патека на бул. Илинден и тоа е одлично. Во насока на овие препораки кои се применуваат на европско ниво, очекувано е покрај подолжно, да се појават уште барем 2 велосипедски врски и попречно (север-југ) на населбата Дебар Маало помеѓу бул. Партизански Одреди и бул. Илинден.
Доволно е да се појават овие неколку главни издвоени велосипедски патеки/ленти на препорачаните растојанија и остатокот од маалото може да се реши како улици каде автомобилите и велосипедите ги споделуваат коловозните ленти (споделени ленти).
Само на овој начин, со достапна мрежа на блиско растојание од сечиј дом, велосипедскиот сообраќај ќе стане сигурна и сериозна опција во Скопје.
Се надеваме дека проектот со Орце Николов е само почеток на едно поинакво планирање на маалата низ општина Центар, со велосипедска мрежа, со смирен сообраќај и по принципите “град за луѓе“.
Со почит,
НаТочак
неформално здружение за урбан велосипедизам
За подобро вело - Скопје
e-mail: natochak@gmail.com
blog: natochak.blogspot.com
FB: facebook.com/NaTochak
TW: twitter.com/NaTochak
0 comments:
Post a Comment