24 September, 2012

Критична маса #5: На школо и факултет со велосипед

Драги точакољупци

Се ближи крајот на месецот, а со тоа и следната критична маса, петта по ред!



Темата на ова возење е: На школо и факултет со велосипед. Направивме мала обиколка низ Скопје. Сликавме 15-тина школи и уште толку факултети за да видиме кои од нив се пријателски наклонети кон точаците и точакољупците и дали имаат соодветен паркинг.

Резултатите не беа баш охрабрувачки. Испративме писма до директорите на сите средни училишта и факултети, потсетувајќи ги дека оваа мала инвестиција од нивна страна ќе претставува еден од клучните фактори поради кои учениците и студентите би се мотивирале и охрабриле да одат на училиште со точак. Детална анализа како и фотогалерија од посетените училишта/факултети ќе биде објавена во еден од наредните блог постови.

Ова возење го посветуваме на училиштата и факултетите. Ќе возиме покрај: Машински/Електро/Технолошки/Финки, СУГС Орце Николов, СУГС Никола Карев, СУГС Ѓорѓи Димитров, Приватна гимназија НОВА, Факултет за Туризам и Менаџмент, Архитектонски/Градежен Факултет, Европски Факултет, СУГС Јосип Броз Тито, СУГС Раде Јовчевски Корчагин и завршуваме на кампусот на св. Кирил и Методиј. Еве ја деталната мапа:


                           

View Критична маса - Скопје на Точак #5 in a larger map


 Во среда не очекува одлично време. Моливите наоштрени, лекциите научени, ранците на грб и сите на точак, во 17.30 на паркингот кај машински факултет, улица Септемвриска Сесија. Се гледаме. Ѕрн ѕрн!!!  


30 August, 2012

Порака од НаТочак

Драги учесници на Критична Маса, ви честитаме за успешното 4то возење! По обемните дискусии, би сакале да се изјасниме дека сите кои доаѓаат на работните состаноци едногласно се сложија дека настанот нема да биде пријавуван во полиција.
Прашањето е дискутирано повеќе пати и во живо на состаноците и на претходните евенти.
Ја сфаќаме грижата на некои кои даваа сугестии да се пријавува, но тоа тогаш не би било Критична маса туку некој друг настан!!! Кој би било супер да се појави (имало повеќе такви во минатото) и можеби ќе наиде исто така на поддршка. 

Поентата на Критична Маса е во тоа што возењето велосипед е право, а не привилегија. На автомобилите не им требаат дозволи за да возат масовно на улиците, не би требало ни за велосипедите, макар и се собрала доволно голема критична маса (во физичка смисла на зборот). Оттаму доаѓа и името: 

http://natochak.blogspot.com/p/blog-page_22.html

Локалното значење не е фиксно и е во процес на дефинирање. (Сме извозеле само 4 маси и учиме по нешто од секоја.) Исто како што не е фиксна, туку отворена групата која ги осмислува, пробува и објавува рутите. 

Среќни сме што сите критични маси ги извозевме достоинствено. Немаше поединци кои правеа проблеми, луѓето релативно добро се држеа до правилото за окупирање на само една лента и даваа сигнали со рацете при свртување. Им се извинуваа на возачите кога ги забавуваа во движењето и изнудуваа насмевка на нивните лица. Драго ни е што помагаме да се развива сообраќајната култура и свесноста на секој за својата одговорност во сообраќојт, не само за себе, туку и за другите. Кога некој ќе застрани, групата му довикува да се врати на безбедно. Чувството е прекрасно кога ќе видите како се саморегулира „масата“! :)

И нема човек кој го лајкнал профилот, а не сака подобри услови за возење кога секој ден се соочува со пречки во сообраќајот. Да се тврди дека сакаме да направиме чалам не е убаво. Сите учесници покажаа високо ниво на култура и разбирање за тоа што е критична маса и си го чувствуваат настанот за свој.

Ние, нефиксните организатори работиме на проширување на активностите (полека, но сигурно, колку што ни се силите), за што се потребни повеќе луѓе ентузијасти и затоа отворено повикуваме да се придружат.
Терминот за нареден состанок е сабота 12 ч. на Школка каде секој кој има некаква идеја за подобрување на КМ или сака да дискутира за нешто е добредојден!

Се гледаме во сабота или на септемвриската Критична маса! Бидете добри и возете точак, секој ден! ;)

27 August, 2012

Критична маса #4

Драги точакољупци

Скопје повторно е полно, а неговите граѓани се вратени од одмор, свежи и одморени.

Ќе се возиме ли пак заедно? Критична маса бр. 4 во Скопје ќе се случува на 29 Август, Среда во 17.30 часот. Подмачкајте ланците, напумпајте гумите. Од Вторник се најавуваат и заладувања. Нема да возиме на пеколни горештини.

Овој пат ќе ја посетиме левата страна на реката Вардар. Да видиме дали Чаир е често досадно место кога низ него проаѓаат скопските точаци.

Рутата е следна:

МНТ Центар - бул. Св. Климент Охридски - Димитрија Чуповски - 11 Октомври - Виктор Иго - Антон Попов - бул. Кочо Рацин - бул. Крсте Петков Мисирков - Цветан Димов - Џон Кенеди - Кемал Сејфула - Ферид Бајрам - Христијан Тодоровски Карпош - Цветан Димов - бул. Крсте Петков Мисирков - бул. Гоце Делчев - бул. Илинден - Фонтана


View KM 4 in a larger map

Се гледаме! Најмногубројни до сега! А после возењето одиме на дружба. Пиволенд. Ѕрн ѕрн :)

09 August, 2012

Критична маса #3

На 25ти јули (среда) во прилично екстремни услови (жештини, годишни
одмори и битен фудбалски натпревар) се извозевме наТочак по трет пат.
Учествуваа нешто помалку од 200 велосипедисти. Еве како изгледаше тоа.



За првпат при движењето низ улиците беше применета тактиката corking
(https://en.wikipedia.org/wiki/Critical_Mass#Corking) и чекање на
одредени точки.

Возењето по тесните маалски улички беше посебно доживување. Особено
позитивен момент од тоа е вклучувањето на велосипедисти кои воопшто не
беа информирани за настанот.

Голема благодарност до сите кои на било кој начин учествуваа во настанот.

Се гледаме на 29ти август

01 July, 2012

Извештај КМ Скопје #2

И пак се повозивме! Над 300 скопјани на точак во среда (27.06.2012) супер си поминаа на 10-те километри од пред Пошта до Аеродром и назад до плоштад. Ако не ни верувате, еве слики и видеа, а уште подобро дојдете на следната последна среда во месецот.



Видео од зборното место:  Раде Марковски 


 Видео од КМ Скопје #2:  Виктор Герасимовски


Клик на сликите за поголеми и влез во галеријата.

Фото: Милан-Стефан Марковски

Фото: Катз Пунгас

Фото: Роберт Атанасовски

Фото: Роберт Атанасовски

Фото: Катз Пунгас

Фото: Катз Пунгас

Ист простор: 20 точаци, 2 коли
Фото: Катз Пунгас

Фото: Катз Пунгас

Фото: ЛиДија ЛиДија

Фото: Милан Тасевски


До нас стигнаа многу фотографии и видеа, но за жал не можеме сите да ги објавиме.

Благодарност до сите што присуствуваа и помогнаа.

26 June, 2012

Општи информативни флаери

Додека возиме на Критична маса, сигурно ќе наидеме на луѓе кои нема да знаат зошто го правиме тоа.
За нив ќе испечатиме флаери кои ќе им ги подаваме во текот на возењето, да ги информираме и да ја побараме нивната поддршка.

предна страна [pdf]

задна страна [pdf]

Може да помогнете со тоа што ќе испечатите (фотокопирате) одреден број флаери и ќе ги делиме заедно во текот на критичната маса.
Да придонесеме заедно темата за велосипедскиот сообраќај да го добие заслуженото место во јавноста.

25 June, 2012

Критична Маса - Скопје на Точак бр.#2 27.06.2012

Драги точакољупци, 

Минатиот пат се собравме околу 500 луѓе и го славевме слободното движење на велосипед низ Скопје. Еве како изгледаше тоа.

 
Сакате пак? После првата успешна критична маса во Скопје, време е Скопје да го добие својот втор ваков настан и полека но сигурно да премине во традиција.  Датумот на настанот е 27.06.2012. Бидете во 19.00 пред платото на главната пошта во Скопје. Ќе возиме овој пат еден поинаков круг. Ќе ги испочитуваме аеродромците. Еве ја рутата. 
     

View Larger Map

Дојдете сите, да се дружиме, да се возиме, да кренеме глас за повеќе велосипедски патеки, за поголема велосипедска свесност, за почист воздух, за поздрав живот. 

Twitter: www.twitter.com/NaTochak
Хаштаг: #NaTochak
Facebook: www.facebook.com/NaTochak
Facebook настан: https://www.facebook.com/events/189038654558353/
E-mail: natochak@gmail.com