Во контекст на дискусијата за “укинатите” паркинг места на Партизанска во близина на Универзална сала, НаТочак објавува свој став на оваа тема.
Единственото нешто што досега беше укинато на овој потег беа велосипедските и пешачките патеки. Тие физички постоеја, но не функционираа бидејќи беа претворени во паркинг за автомобили. Возилата најчесто паркираа попречно на пешачкиот дел, а велосипедската патека се користеше од пешаците, во простор сведен на тесно планинарско патче на кое двајца пешаци едвај се разминуваа, за сметка на автомобилите кои владееја со целиот простор.
Овој јавен простор досега нелегално беше узурпиран од приватни возила и противзаконски се користеше како паркинг. Овој простор не е легален паркинг.
Според Закон за безбедност во сообраќајот, Член 63:
(1) Возачот не смее да го запре или паркира возилото на место на кое тоа би ја загрозувало безбедноста на другите учесници во сообраќајот или би претставувало пречка за нормално одвивање на сообраќајот или за движењето на пешаците и велосипедистите.
За секое прекршување е предвидена глоба од 45 евра.
За жал Министерството за внатрешни работи, иако тоа спаѓа во неговите обврски, со години не го спроведувало ова сообраќајно правило и не им го овозможувало правото на слободно движење на граѓаните. Таа јавна површина е законско право на пешаците, велосипедистите, луѓето во инвалидски колички, родителите со колички со дечиња. Досега тие беа принудени да ја ризикуваат својата безбедност и да сообраќаат по коловозот заедно со моторните возила. Таа непочит од институциите кон ранливите учесници во сообраќајот се прелева и во односот на возачите и како резултат на погрешни политики минатите години имаме премногу жртви во сообраќајот!
Сега, со помош на столбчиња овој простор го добиваат оние на кои припаѓа, луѓето наместо колите и ова е редок пример во добра насока. Не се работи за некој особено нов проект, туку само проект за реконструкција на постоечки пешачки и велосипедски патеки со кој им се подобрува состојбата.
Сега, со помош на столбчиња овој простор го добиваат оние на кои припаѓа, луѓето наместо колите и ова е редок пример во добра насока. Не се работи за некој особено нов проект, туку само проект за реконструкција на постоечки пешачки и велосипедски патеки со кој им се подобрува состојбата.
Дали надлежните обезбедиле паркинг места за станарите кога тоа било нивна обврска, дали потфрлиле општинските или градските власти, инспекцијата, инвеститорите или станарите при купувањето на стан со потпирањето на овој простор кој не е легален паркинг, се прашања кои се валидни и треба да се отворат, истражат, одговорат и граѓаните кои сметаат дека некое право им е загрозено имаат право да реагираат. Но во никој случај не треба проблемот да се решава на сметка на ранливите учесници во сообраќајот, меѓу кои и велосипедистите, со толерирање на нелегалното паркирање на површини кои не им припаѓаат. Животот на луѓето е сепак побитен од тоа возилата да се паркираат пред зграда.
Поради долгогодишната неактивност од страна на полицијата неселективно да казнува узурпатори на јавен простор, НаТочак цврсто стои на ставот дека по целиот потег на булеварот Партизански одреди мора да бидат поставени столбчиња. Столбчињата не се идеално решение. Тие не се воопшто популарна мерка за превенирање од узурпација на јавни простори од автомобили. Но, во моменталната констелација на сообраќајна свесност кај мнозинството, за постоењето и останати видови сообраќај освен автомобилскиот, столбчињата се добар почеток за менување на вкоренетите лоши навики од децениската лоша системска автомобилоцентрична култура.
Константното децениско системско стимулирање на автомобилоцентрична култура кај граѓаните, е причина за моменталната илузија на оние кои досега ја користеле оваа јавна површина како паркинг, дека тој простор им се одзема.
Возилата досега преќутно го окупираа јавниот простор и спречуваа не само проток на пешаци и велосипеди, туку и пристап на луѓе во инвалидски колички, детски колички, специјални возила, а на крајот на краиштата и пристап до дуќаните. Од друга страна, во пракса е докажано дека најуспешни за комерцијалните содржини се пешачките зони. Треба само повеќе да се обрне внимание во дизајнот на просторот, да се направи поатрактивен. И потребно е малку време и трпение за прифаќање на новата ситуација, од која веруваме дека ќе имаат бенефит сите, дури и дуќанџиите и жителите, особено децата на оние кои моментално се незадоволни со промената.
НаТочак ги поздравува и поддржува напорите на Градот за обезбедување минимални достојни услови за безбеден и функционален велосипедски сообраќај. Решенијата за паркинг на возилата треба да се бараат или во паралелно обележано режимско паркирање на коловоз или во катни гаражи, ако е потребно и на неколку минути пешачење, но никако на сметка на ранливите учесници во сообраќајот.
Дополнително, ова не е уникатен проблем за Скопје. Недостигот од простор за паркинг во центрите на градовите не е само од лоши урбани политики и неработење на инспекциите како во нашиот случај, туку е и логична последица на самата локација и атрактивноста на центрите што привлекува голема фреквенција на луѓе и вкрстувањето на сите правци на движење. Со истиот проблем се соочуваат сите градови во светот. Логично, поради ограничениот простор, центрите поднесуваат помалку возила од предградијата, и затоа се тежнее во центрите да се обезбедат сите услови за оние типови сообраќај кои зафаќаат помалку место: пешачење, велосипедски сообраќај, јавен превоз, а автомобилите да се сведат на минимум. Паркирањето станува скапо за да се демотивира метежот, да се намали натрупаноста со возила и загадувањето и центрите стануваат место за претежно car-free стил на живот.
Сите сакаме Скопје да стане место подостоинствено за живеење, а не сакаме да ги смениме навиките. Свесни сме дека промените не се лесни, но враќањето на постоечките патеки на пешаците и велосипедистите е неопходен чекор во поместување од статус-квото.
Се разбира постои простор за подобрување и на квалитетот на изведба на патеките и на проектите и на процедурите и тоа е она што треба да го дискутираме.
Сите сакаме Скопје да стане место подостоинствено за живеење, а не сакаме да ги смениме навиките. Свесни сме дека промените не се лесни, но враќањето на постоечките патеки на пешаците и велосипедистите е неопходен чекор во поместување од статус-квото.
Се разбира постои простор за подобрување и на квалитетот на изведба на патеките и на проектите и на процедурите и тоа е она што треба да го дискутираме.