25 March, 2013

Критична маса #11- Велосипедските патеки на велосипедистите!


Датум: 27.03.2013
Време: 17:30 Место на чекање: спроти Влада на РМ, на платото окупирано со автомобили

Промотивни материјали: линк.
Facebook настан: линк.
Рута: линк.
постерот за Критична маса 11
Пролет е, се забележуваат се' повеќе велосипедисти по улиците, што е за радување, но останува неодговорено прашањето: каде и како да се движиме?

Велосипедски патеки- многу малку и лошо одржувани, а згора на тоа- и окупирани од возила. (линк до фотогалерија)

Паркираните возила на патеките како проблем се на врвот на листата на нешта кои им пречат на велосипедистите при движењето низ Скопје, според анкетата спроведена од наТочак минатата година.

Приморани сме да се симнуваме на коловоз (па да се враќаме назад, па пак да се симнуваме), на места неопределени за тоа, меѓу возила во движење, со што е загрозена безбедноста на сите!
Има и сограѓани на кои им 'рѓосуваат точаците во гаражите токму поради овој проблем! 


Проблемот е повеќеслоен (од културата на возачите преку работата на сообраќајните служби до планирањето на градот) но се сведува на едно: пешаците и велосипедистите не се перципирани како (рамноправни) учесници во сообраќајот, туку како некој кој „го собира, ќе помине“.

Погледнете во видеово како изгледа возењето на точак и пешачењето низ еден од најнехуманите потези во Скопје: од ул. Даме Груев до ул. Рузвелтова по должината на  бул. Партизански одреди во обете насоки. 

 

За многумина е нормално што возачите „се снаоѓаат“ со паркинг место и паркираат најблиску можно до крајната дестинација без притоа да водат сметка дека им го блокираат патот на пешаците и велосипедистите, придонесуваат во општиот хаос и загрозуваат нечиј живот. 
Доколку за некого таквото паркирање е нормално, тогаш во сликава не би требало да забележи ништо чудно.

Илустрирање на апсурдната ситуација, кога ќе се постави vice versa
Како што е апсурдно да има велосипеди на коловозот, апсурдно е и да има возила на патеките. Принципот е ист. И пешаците и велосипедистите сообраќаат и мора да им се ослободат патеките за движење, пред се' за подобрување на општата безбедност. Потоа и заради попријатно чувствување во тие улоги и поголемо практикување на тие типови сообраќај наспроти палењето на фаворизираниот автомобил и на мали дистанци. 

една од 11-те пораки кои деновиве завршија на неодговорно паркираните возила
НаТочак им се обрати преку флаери на возачите на неодговорно паркираните возила низ градот, а ќе се обрати и до одговорните служби во МВР да преземат нешто за велосипедските патеки (како што името им налага) да бидат слободни за движење на велосипедистите!
Не бараме ништо специјално, слободното и безбедно движење е наше право.

Во среда Критична маса 11 ќе помине низ улици каде патеките се редовно окупирани со возила. 




View Критична маса - Скопје на точак #11 in a larger map


Без разлика дали возите редовно точак или не, дојдете на еден круг убаво возење заедно низ Скопје, во знак на поддршка на велосипедскиот како важен и рамноправен дел од сообраќајот!
Скопје може да стане подобар град!

0 comments:

Post a Comment