23 June, 2016

Средба со ЈСП на тема: Комбинирање на автобуски и велосипедски превоз (записник)

ЗАПИСНИК

На иницијатива на ЈСП, на 27.05.2016 во дирекцијата на ЈСП се одржа средба меѓу претставници на ЈСП и НаТочак.
 
На средбата претставниците на ЈСП ја презентираа идејата за интегрирање на велосипедскиот и автобускиот транспорт, а НаТочак посочи на други теми кои се допирна точка меѓу овие 2 типа сообраќај во Скопје. Фокусот сепак беше на можноста и потенцијалите на комбинирањето на автобускиот и велосипедскиот превоз.
 
Заедно беше заклучено дека:
 
-Јавниот превоз и велосипедскиот може да функционираат како добра комбинација и алтернатива на автомобилот: јавниот превоз поради својата брзина, а велосипедскиот поради можноста за „превоз до врата“
-Целни групи за комбинирање на превозот би биле:
  1. Граѓаните од приградски населби кои патуваат за работа, факултет итн. до Скопје кои би допатувале со автобус во Скопје и би го продолжиле патувањето со велосипед низ градот
  2. Граѓаните на Скопје кои живеат во зони кои не се на пешачко растојание од автобуските линии и поради тоа не ги користат, па би пристигнале со велосипед до соодветната автобуска станица од каде би го продолжиле патувањето со автобус
  3. Граѓаните на Скопје, но и посетителите, туристите, кои со велосипед би ја продолжиле туристичката прошетка откако со автобус ќе стигнат до крајните дестинации (во насока кон Скопска Црна Гора, Катланово итн.)
-Комбинирањето на превозот е и во полза на Јавното сообраќајно претпријатие (зашто ќе ја зголеми достапноста до автобусите: место само пешки, ќе им се пристапува и со велосипед), во полза е и на велосипедскиот превоз (зашто ќе му ги продолжи прифатливите дистанци), на животната средина (зашто ќе се намалат штетните емисии поради зголемување на привлечноста на овие 2 превозни средства наспроти автомобилите), на туризмот (зашто ќе ја зголеми понудата за дестинации и искуства за туристите) и ваквата идеја очекуваме да наиде на широка поддршка од сите институции и пошироката јавност.
 
Во насока за реализација на овој проект ЈСП ќе направи истражување дали има техничка можност за монтирање на држачи за велосипеди на нивните автобуси.
 
Доколку постои техничка можност и се продолжи со развој на идејата, НаТочак сугерираше да се спроведе анкета со цел да се испита интересот и поддршката за одредени автобуски линии на кои ќе се спроведе пилот-проектот и сугестијата беше прифатена.
Во следна фаза би се изготвило упатство за користење на држачите, како за возачите, така и за велосипедистите.
Користењето на држачите најверојатно не би се наплаќало и би било на принципот first come, first served.
Информацијата за автобуски линии со држачи за велосипеди би се вметнала во сите мапи и планери на патувања.
Како крајна фаза би се спровела кампања со цел промовирање на зелениот превоз и меѓусебното комбинирање.

НаТочак и ЈСП
23.06.2016

0 comments:

Post a Comment