07 July, 2016

Пријава на инфраструктурен проблем - понизок и пропаднат асфалт на велосипедска патека - бул. Илинден

НаТочак испрати пријава до Координативното тело за урбан велосипедизам при Град Скопје во врска со воочен проблем на Рута 1 од проектот “Скопје Велоград 2017“ - понизок и пропаднат асфалт. Се надеваме проблемот навремено ќе се санира со цел да се заштити патеката од натамошно оштетување. Исто така се надеваме дека овој апел ќе влијае да се пристапи со поголемо внимание при изведбата на останатите рути од проектот.
Документот кој е испратен до Координативното тело е достапен на линкот, а текстот од пријавата заедно со фотографиите ги има и во продолжение.

-----------------------------------


 
До: Град Скопје

Координативно тело за урбан велосипедизам

 

Предмет: Ревизија на Рута 1 од проектот ”Скопје Велоград 2017”

                 Проблем со понизок и пропаднат асфалт
 

 

Почитувани,

Ви се обраќаме во врска со еден проблем кој почна да се јавува по текот на Рута 1 од проектот “Скопје Велоград 2017“ и за кој стравуваме дека доколку навреме не се преземе нешто, ќе има сериозни последици по употребливоста на патеката.

Патеката се пушти во употреба и имаше многу пофалби од граѓаните, но со тек на време почнаа да се покажуваат дел од пропустите при изведбата. Имено, се работи за следното: 

Патеката на потегот од Општина Центар до ул. Љубљанска има 2 насоки поставени од јужната страна на бул. Илинден. Една насока запад-исток покрај коловозот и една насока исток-запад на внатрешната страна од зеленилото.

Патеката во насока запад-исток е главно со стар нереконструиран асфалт, од затекнатата велосипедска патека (на некои места многу брановиден), а патеката во насока исток-запад е нов асфалт кој беше рамен и многу пофалуван од велосипедистите поради глаткоста. 

За жал, оваа патека е изведена на исто ниво или под нивото на зеленилото (тревникот) и иако го има соодветниот наклон за исцедување кон него, поради пониската кота, создава редица проблеми кои почнаа да доаѓаат до израз после последните дождови:

-       и при мал дожд се собира вода во десетици вирови по текот на патеката
-       водата нема начин да истече зашто земјата е на повисока точка од патеката
-       водата тешко испарува бидејќи овој дел е цело време под сенки (исто така многу преферирани од велосипедистите во летните месеци)
-       долгото стоење на водата предизвикува натамошно слегнување на асфалтот и оформување на вдлабнатини кои со тек на време ќе собираат сè повеќе и повеќе вода.
-       поради слегнувањето на асфалтот многу веројатна е и појавата на пукнатини
-       кога водата конечно ќе се исуши останува земја на патеката која е подлога за растење на треви
-       на некои места од патеката веќе имаат изникнато треви кои можат сериозно да го разјадат асфалтот 

(На крајот на овој допис има посебен прилог со фотографии oд наведените проблеми)          
 

Со почесто чистење на патеката (после секој дожд) може да се ублажи проблемот.

Сепак, би замолиле за трајно решавање преку:

- симнување на нивото на почвата за неколку cm (онолку колку што е потребно за да биде пониско зеленилото од велосипедската патека) со цел при дождливо време водата од патеката да се исцедува во зеленилото, а на обратно, од зеленилото на патеката

- да се подигне нивото на патеката со нанесување на уште еден слој асфалт врз патеката.

- поставување на повисок рабник меѓу зеленилото и патеката може само да ги помогне горните решенија, но не веруваме дека може целосно да го реши проблемот.

Ја користиме оваа прилика и да апелираме да се посвети должното внимание при изведбата на останатите велосипедски патеки. Кога веќе се вложуваат средства и време, нека се посвети поголемо внимание околу квалитетот на изведба на патеката, и од надлежните инженери и од оние кои директно изведуваат, за да се направат нештата квалитетно и да бидат долготрајни, наместо да се санираат секоја година.

Можеби треба да се обрне внимание и на подобро тампонирање на подлогата.
 


Предлагаме членовите на координативното тело за урбан велосипедизам при Град Скопје, на точаци да ја извозат Рута 1, особено делот по бул. Илинден, и самите да ја констатираат нејзината сегашна состојба, а и да ја предвидат идната (за 1 година) состојба на патеката. 

НаТочак како и секогаш стои на располагање на Градот за било каква помош, сугестии, предлози, идеи во насока на долгорочен развој на велосипедскиот сообраќај во нашиот град.

 

Со почит,

НаТочак                                        

7.07.2016, Скопје

 
ПРИЛОГ: Фотографии од велосипедската патека на бул. Илинден, правец исток-запад, потег од бул. 8 Септември до ул. Љубљанска. Фотографирани на 4.07.2016, два дена после последниот дожд.
НАПОМЕНА: Слични проблеми има и на други делови од патеката. На овој сегмент проблемот е најизразен и фотографиите служат само како илустрација.

Застојана вода со земја неколку дена после дожд.
Забележлива е повисоката кота на тревникот во однос на патеката
 
Вдлабнување и траги од валканата вода на асфалтот
 
Забележливо пропаднат асфалт
 

После исушувањето на водата останува земја во вдлабнувањето
 

Земјата која останува после секој дожд е поволна за растење на треви кои може дополнително да го разјадат асфалтот. Забележливо е од каде „се излева“ земја. Патеката е на пониска кота од тревникот.
 

Забележливо вдлабнување во асфалтот


Траги кои го отсликуваат вдлабнатиот дел од патеката кој е на пониско ниво од тревникот и од каде не може да се исцеди водата
 

Еден од поголемите вирови кој се задржува неколку дена после дожд
 

0 comments:

Post a Comment