15 September, 2017

Спомен за Ненад, безбедни улици за сите! (известување за медиуми)

На 14-ти септември (четврток) со почеток од 18:00 се одржа мирен собир во спомен на Ненад Пешевски.

Ненад го изгуби својот живот на 30-годишна возраст возејќи велосипед на крстосницата меѓу Драчево и Батинци од удар од возач на товарно возило, камион.

Собирот на семејството го поддржа неформалното здружение НаТочак и педесетина велосипедисти кои тргнаа од 17:00 од Плоштад Македонија и возејќи велосипеди стигнаа до местото на собирот.
На местото на трагичниот настан беше поставен бел велосипед (ghost bike), пораки од семејството и присутните, свежо цвеќе и беа запалени свеќи.
Целта на белиот велосипед е да биде спомен за Ненад, за еден бесмислено изгубен млад живот и да ги потсеќа учесниците во сообраќајот, посебно најодговорните, возачите, колку голема одговорност е управувањето на моторно возило, подеднакво голема како оружје.

Ненад поголем дел од присутните не го познаваа. Но знаеја дека Ненад бил реален човек, нечиј син, брат, другар, граѓанин на овој град. Ненад доаѓал и на Критична маса, бил свесен за потребата да се делува за поголема безбедност на велосипедистите. Ненад бил човек, a не бројка, со свој живот и соништа кои веќе ги нема.

Апелираме до институциите, жртвите во сообраќај да не ги третираат како бројки.
Да помислат дека зад иницијалите се кријат реални личности со реални животи. 
Ненад може да биде било кој од нас! Може да бидете и вие или ваш близок. Вакви бесмислени одземања на животот се случуваат на приградски патишта, но и во центарот на самиот град.

Најголем дел од овие жртви можеле да се избегнат.
Сторителите мора соодветно да се казнуваат, а институциите мора да преземат системска одговорност да се намали бројот на вакви судири со смртни последици.
НаТочак во 2015-та, после случајот со Давид, испрати листа на барања и предлози до институциите за зголемување на безбедноста во сообраќајот.

Кампањите кои апелираат на лична одговорност не го даваат својот ефект.
После толку кампањи, во последните години бројот на жртви наместо да се намалува, се зголемува. На ниво на Република Македонија имало: во 2014г. - 130 жртви во сообраќај; 2015г. - 144 жртви; 2016г. - 164 жртви.

1. Апелираме до локалните власти да разберат дека имаат огромна одговорност со начинот на кој ги дизајнираат улиците и со приоритетите на вложување во инфраструктурата.
-Заштитата на ранливите (пешаците и велосипедистите) треба да им биде приоритет. Приоритет да биде вложување во инфраструктура за овие начини на движење како ранливи (но истовремено и здрави активни незагадувачки начини на транспорт), а откако насекаде ќе се обезбедат услови за безбедно пешачење и возење велосипед, дури после да се вложува во дополнителни ленти за возила
-Успорувањето на сообраќајот исто така треба да им биде приоритет. Повикувањето на лична одговорност и поставување на само знаци не дава ефект ни во најразвиените општества и доста се залажуваме дека ќе даде баш кај нас. Постојат реални елементи за успорување на сообраќајот, реално физичко стеснување на ленти на помали ширини, визуелно стеснување на ленти со специјално исцртување на линии (или други визуелни пречки кои го успоруваат возењето), физичко успорување (со подигнување на коловозот, кружни текови со помали радиуси итн.). Во Скопје не смее да има ленти пошироки од 3 метри никаде каде има вкрстување со пешаци и велосипеди. Во Скопје треба да има подигнати платформи (пошироки од т.н. легнати полицајци) за пешаци на секој спој на споредна со главна улица. Во Скопје улиците треба да се така дизајнирани што нема да има потреба да се надеваме на лична одговорност. Дизајнот, сообраќајните решенија треба да бидат одговорно направени и да го преферираат животот пред брзината. 

2. Апелираме до полицијата да спроведе казнена политика насочена кон прекршоците кои се најопасни, имено возењето над ограничената брзина треба да биде на врвот на листата за казнување како причина број 1 за смртни случаи во сообраќај. Исто така, во координација со локалните власти, приоритет број 2 на полицијата треба да биде враќање на дигнитетот на бидувањето пешак или велосипедист, давање предност од возачите кон пешаците и велосипедистите на пешачки и велосипедски премини како што е и законски пропишано и непаркирање на пешачки и велосипедски патеки. Спротивното однесување треба да се казнува и да се смета за општествено непожелно. Само така ќе се врати почитта кон ранливите учесници во сообраќајот. Ако општеството не ги почитува преку своите институции, и возачите ги третираат како да се “вишок“ кој им смета на улицата и небезбедно се однесуваат кон нив.

3. Апелираме до Законодавниот дом да ја разгледа Европската легислатива за presumed liability и други слични законски одредби кои би ја ставиле одговорноста во сообраќајни судири по автоматизам кон поодговорниот (посилниот) и кои докажано поттикнуваат побезбедно однесување.

Покрај овие општи апели, НаТочак ја поддржува битката на семејството за истерување праведен исход во судскиот процес за случајот, како и барањето на жителите од овој дел од Скопје за изградба на кружен тек на опасната крстосница Драчево-Батинци, но таков кој нема да им овозможува брзо поминување на возачите, а ќе биде пријателски за пешаци и велосипеди, како и физички одвоена и безбедна велосипедска и пешачка патека.

Во продолжение, фотографии од собирот.
Нека му е вечен споменот на Ненад.
Да не се повтори.

Се собираме на плоштад Македонија.
Белиот велосипед е натоварен на приколка.
Порака “Брзината убива. бараме успорување на сообраќајот во Скопје“.



Групата се движи низ Кисела Вода.
Тротоарите се толерирани места за паркирање.
Пешаците и велосипедистите мораат да се симнуваат на улица.

Широки ленти за автомобили и смешно тесни тротоари за пешаци и велосипеди = рецепт за небезбедност.

Порака кон возачите: Колку минути побрзо чини еден живот?

Обраќање кон присутните во спомен на Ненад и со апели за безбедност. Да не се повтори!

Паркирани велосипеди
Белиот велосипед во спомен на Ненад

Ненад, почивај во мир :(

Нема зборови за тагата на блиските

Спомен за Ненад, безбедни улици за сите!

Белиот велосипед е поставен.
Системската негрижа за велосипедистите уби човек

На собирот дадоа поддршка членови на други ожалостени семејства чии деца го изгубија животот во сообраќај

Стоп за убиствата во сообраќајот!

Ширење улици => сообраќајки => крв

Ги оставивме пораките покрај белиот велосипед,
барем некое време да ги потсетуваат возачите и надлежните


0 comments:

Post a Comment