Facebook настан: линк
Датум: 23.09.2017 (сабота)
Време: 12:00-14:00
Место: терасата пред МКЦ
Влез: слободен
Превоз: на точак
----------------------------------
Септемвриско пладне, услови идеални за возење точак до терасата на МКЦ, за дружба на отворено со кафе и велосипедски муабети…
Септември е исто така месец на театарот, во септември се случува меѓународниот театарски фестивал, овојпат 42-то издание на МОТ (Млад отворен театар) од 28.09 до 4.10.
Затоа направивме спој и за сите љубители на точакот како превоз, на театарот и на велосипедските дружења, оваа сабота во 12:00 ќе биде ВЕЛО – МАТИНЕ, по вторпат.
На Вело-матинé #2, како велосипедска дружба, пред-настан на МОТ, со нас ќе бидат луѓе од велосипедскиот и театарскиот свет: Даме Димески, Срѓан Јаниќијевиќ, Урсула Хорнер и Васко Лисичов.
Сите ќе ни кажат збор-два за нивната дружба со велосипедите... од интересни вело-моменти од личното минато до желби кои ги имаат за иднината на нашиот/нивниот град.
🚲Ќе слушнеме за искуството на Даме од најголемиот велосипедски самит во светот - Velo-City кој годинава се одржа во Холандија. Илјадници делегати од цел свет и стотици предавачи на теми: какво управување, инфраструктура и урбано планирање ни се потребни за унапредување на користење на точакот, како и за тоа кои се неговите предности и зошто точакот ќе го спаси светот. Исто така Даме ќе ни раскаже и за Прилеп НаТочак, локалните проблеми и нивната битка за поквалитетен град за живот.
🚲Срѓан Јаниќијевиќ - велосипедски ентузијаст од редовите на прогресивната театарска режија. Но ако го претставиме така го ограничуваме неговиот отворен дух и портфолио што впрочем е и одлика на многу други велосипедисти. Срѓан е исто така и драматург, актер, музичар, ди-џеј и многу често може да го видите на велосипед по скопските улици. Оваа година е присутен на МОТ со режија на театарската претстава „Силјан Штркот Шанца“ која ќе биде изведена на малата сцена во МНТ на 28.09.2017 со почеток во 18:00часот. Ќе ни раскаже за својот светоглед и љубовта кон велосипедите, театарот и урбаното живеење.
🚲Од Виена, Австрија, ни доаѓа Урсула Хорнер. Секогаш позитивната и насмеана режисерка на опери и театарски претстави, голем љубител на велосипедскиот свет и градското движење на две тркала. Дружбите со неа се секогаш интересни, полни со енергија и прават да се почувствувате дека сте дел од еден модерен, футуристички свет. Ќе ни раскаже за своите велосипедски искуства и ќе се обидеме да ја дознаеме тајната за позитивноста во нејзиното професионално делување и пасијата кон магичниот свет на сцената.
🚲За Васко Лисичов велат дека со своите светло дизајни им вдахнува живот на сценските перформанси. Долги години е задолжен за дизајнот и светлосните ефекти пред се на театарските претстави и операта а уште подолги години е вљубеник во велосипедите. Ќе го замолиме да ни раскаже за своите искуства, згоди и незгоди, како од километрите поминати на велосипед низ градскиот метеж така и од километрите поминати со будното око над сцената. Ќе ни раскаже од каде го црпи својот младешки дух и ентузијазмот кон учењето на нови технологии и алатки што го прават толку живописен неговиот професионален ангажман.
🚲 Искористете ја оваа прилика да добиете бесплатен преглед на вашиот велосипед од страна на бајк-докторот, Лазо Миновски, кој несебично ја прифати поканата. Општ преглед на состојбата на велосипедите, проверка на работа на менувачите и подмачкување на ланецот, а ќе добиете и писмена „дијагноза“ и ако е потребно упат на „специјалист“. Закажете си „мој термин“ на e-mail: daniel@mkc.mk, термините ќе бидат закажувани по редослед на пријавувањето, а непријавените ќе останат за на крај.
Ќе поделиме и флаерчиња со програмата на МОТ за да ги известиме присутните точакољупци како и тие самите би можеле да уживаат во овој театарски спектакл што ќе се одржи ширум театарските сцени на нашиот град.
Патем ќе ја најавиме и 65-тата Критична маса во Скопје која ни претстои на 27-ми септември.
Да поминеме едно поинакво вело-попладне.
Ве очекуваме на Вело-Матинé на 23-ти септември, се разбира, на точак!
0 comments:
Post a Comment