23 September, 2018

Критична маса #77: Безбедни зони околу школите

Датум: среда, 26.09.2018
Почеток: 17:30, Плоштад Македонија
Крај: 19:00, ОУ 11 Октомври
--------------------------------------------------------------------
Facebook настан: линк
Рута: линк
Промотивни материјали: линк
--------------------------------------------------------------------
Постерот за КМ 77
„Зона школо“ е зона во непосредна околина на школите во која е голема веројатноста да се појават мали човечиња. Децата се ниски, а со тоа помалку видливи и имаат непредвидливо движење. Тоа не значи дека треба да загинат од сообраќај. Имаат право да живеат и безбедно да стигнат до училиште и да се вратат дома, дури и самостојно. Затоа е неопходно споро движење на моторни возила во овие зони, за да може навреме да се реагира или пак повредите да не бидат големи при евентуален удар.

Затоа, речиси во целиот свет зоните околу школите имаат посебен третман: имаат помали брзински ограничувања (30, 20 или дури и 10 km/h), имаат физички мерки за смирување на сообраќајот, се користат посебни знаци.

Во некои држави, казните за брзина на возење над ограничувањето, за паркирање на пешачка патека, за двојно паркирање или недозволено запирање, во околината на школите се и двојно поголеми во споредба со казните на друго место.
Има градови каде во утринските и попладневните часови кога децата почнуваат на училиште и кога завршуваат, полициски или цивилни лица со соодветни ознаки го регулираат сообраќајот околу школите. Има градови и каде моторниот сообраќај на улицата пред влезот во тие часови е целосно забранет. Пред школото се очекува сите деца без оглед како патуваат од дома/до дома првиот дел од патувањето секако да го направат пеш: сите мора да се појават на влезот, на тротоарот, на улицата пред школото, па да го продолжат патувањето пеш, со точак, со кола, со автобус.
Затоа оваа зона како најосетлива има посебен третман. Во таа зона, дури и на оние деца кои во име на заштита од сообраќајот родителите ги превезуваат со кола, безбедноста им е загрозена од други слични возила на родители.
Студиите за однесувањето на возачите во “Зони школо“ покажуваат многу мало почитување на сообраќајните знаци и генерално непочитување на сообраќајните правила, особено затоа што родитетлите во брзање да ги остават своите деца пред да заминат на работа, честопати ги заобиколуваат правилата и условите на улицата. затоа е неопходно и со физички мерки и со присуство на регулирачи на сообраќајот да се обезбеди заштита на животот на најмалите.

Во нашата регулатива постои термин “Зона на смирен сообраќај“ како можност, но начинот на нејзиното спроведување ретко се случува и со сообраќаен знак, камоли со физички мерки на смирување. Во 2015-та на пример, беше воведена т.н. Зона 30 во Дебар Маало, но не видовме на терен ни една мерка која што ќе обезбеди движење со брзини под 30 km/h како што налага зоната. Напротив, по дел од улиците се уште се вози многу брзо, пристапуваат тешки товарни возила итн. Што воопшто не одговара на карактерот на една “зона на смирен сообраќај“ Исто така не е битно само влезот на школото да биде обезбеден. За основни школи потребни се и БЕЗБЕДНИ ПАТЕКИ до школото.
Обично школите опфаќаат географски регион во одреден радиус. Задача на општините и Град Скопје е да обезбедат на било кое дете од било кој дел на тој регион кој школото го покрива, да има безбедена проточна незафатена со возила и други пречки патека од нивниот дом до школото. Премините преку улица на споредни улици да бидат со издигнувања, а на поголемите улици да не преминуваат повеќе од 2 ленти одеднаш и да се појавуваат заштитни острови. Ваквите мерки би поттикнале повеќе деца да одат на училиште пешки или со точак, би се избегнале гужвите околу школите, би се зголемила безбедноста, би се подобрило и здравјето на децата.


Во Словенија пред само 15 години 75% од децата пристигнувале на училиште на активен начин, пешки или со точак, денес обратно 75% пристигнуваат со кола. Дури 20% од нив имаат прекумерна тежина, а тоа е само една од последиците од автоцентричното планирање. Немаме точни бројки, но трендовите се слични насекаде, па и кај нас. Затоа се донесуваат планови за развој на одржливата мобилност - SUMP. Во Словенија, ⅓ од општините веќе имаат. Во Македонија има само Скопје од 2011 година, но за жал не е реализиран. Овој план опфаќа и безбедни зони околу школите со физички мерки на смирување на сообраќајот, но во последнава деценија, спротивно на планот, се вложуваше во услови за уште поголеми брзини, место за поголема безбедност. Да го парафразирме Фред Кент „Ако планирате градови за коли и брзина, ќе добиете коли и брзина. Ако планирате град за луѓе и безбедност, ќе добиете луѓе и безбедност“.

Бидејќи септември е месец кога погледите се свртени кон училиштата, но и бидејќи следните месеци ќе се донесуваат планови за следната година, со оваа Критична маса сакаме да актуелизираме неколку теми:
1.Важноста од пристигнувањето на школо со пешачење / возење велосипед или тротинети за здравјето на децета, расположението, запознавањето на околината во која живеат и учат
2.Н
епходноста Градот да донесе стратегија за безбедни зони околу училиштата и со физички мерки за успорување, светлосна и друга сигнализација да им даде до знаење на возачите во каква зона се движат
3.Неопходноста МВР (или идна градска полиција) да даде особено значење на зоните околу школите со своето присуство и регулирање таму
4.Потребата Министерство за образование да воведе сообраќајно теоретско и практично образование во школите. Секое дете во фази во различни одделенија (теорија во уличница, возење точак во школски двор, па на полигон, па на улица) да ги изучува правилата за учество во сообраќајот и особено пешачењето и користење на велосипедот.
5.С
овесното и смирено неагресивно возење на возачите, особено во зони околу школите, но и насекаде низ градот. Сметаме дека за ова нема да имаат ефект посебни кампањи, туку со спроведувањето на точка 2 и 3, однесувањето на возачите по автоматизам ќе се смири.

Деновиве во Facebook настанот ќе објавуваме зошто оваа Критична маса поминува низ улици пред градинки, основни и средни училишта и какви се условите на тие улици.


Се радуваме на секое точаче плус заклучено во школските дворови, се радуваме на секое дете кое испешачило од дома до школо и се сретнало со цел еден свет.
И сакаме секое од тие деца да имаат шанса да пораснат и да не бидат невини жртви на агресивен, несериозно третиран сообраќај од страна на институциите. Бројот на жртви е пропорционален со степенот на системска неодговорност, а безбедноста со преземањето системска одговорност.
Да не слушаме веќе за нови жртви деца.
Возиме за нула жртви во сообраќајот.

Возиме за безбедни зони околу школите!

--------------------------------
Критична маса е неформален велосипедски собир кој се случува во над 300 градови во светот.
Нема лидери, нема формална организација, само група на свесни луѓе кои сакаат подобар вело-град.
Од мај 2012-та се случува еднаш месечно и во нашето Скопје!
Возиме секоја последна среда во месецот по различна рута и со различна тема.
 
Критична маса во Скопје е самоодржлив, саморегулиран и самофинансиран месечен собир на урбаните велосипедисти кој зависи од придонесот на секој учесник, пред сѐ од неговото појавување на собирот и покажување бројност („Нѐ има, земете нѐ предвид“), од активната грижа настанот да помине во најдобар ред, а потоа и од донациите за промотивните материјали, волонтерскиот придонес во: осмислувањето на настанот, неговата промоција и се разбира во креативната страна на возењата. До овој момент, скопјани 76 пати возеа масовно по скопските улици, на 76 различни теми поврзани со урбаниот велосипедизам.
Да ги освоиме по 77-ти пат улиците со нашите точаци, активно, ангажирано, свесно, заедно, со полни срца!
Приклучи се! Ангажирај се!
Може да нé има повеќе! Скопје може да стане подобар град!
---------------------------------
*Секој учесник вози на своја одговорност.

0 comments:

Post a Comment