Датум: 27.02.2013
Време: 17:30 Место на чекање: помеѓу гаражата од Влада и големата мачка на мостот Гоце Делчев
Поглед на почетниот дел од патеката и местото за чекање. Тука за Критична маса - Скопје на точак #10 на поголема мапа.
Промотивни материјали: линк.
Facebook настан: линк Со оваа Критична маса упатуваме повик да не се чекаат идеални услови, како инфраструктурни, така и временски, за да се извади точакот и да се вози. Градот ќе ја стави темата повисоко на дневен ред кога ќе не' има повеќе.
А во однос на времето, свртете едно кругче со нас за проба, ќе видите дека е ок!
Еве го повикот:
***
Се сеќавате каков вело-бум имаше минатата пролет?Бројот на луѓе кои го избираат точакот како превозно средство расте од година во година и оваа пролет ќе не’ има уште повеќе, како што и зимава имаше повеќе од лани.
Условите за возење точак во Скопје не се нешто мотивирачки, но сообраќајните гужви, зголемувањето на цената на горивата, поголемата еколошка свест, тенденциите кон поздрав начин на живеење и сфаќањето дека точак е супер превозно средство си го прават своето.
Иако ги посакуваме, не ни се чекаат идеални услови за да возиме!
Ни се вози! :)
Возењето точак секојдневно е славење на животот, славење на чистиот воздух, на слободното движење, на погонот на сопственото тело, на посебните ќошиња на градот и на љубовта кон неговите улици!
А Критична маса е славење на сето тоа, но заедно!
И битка за подобар град во која се оди чекор понапред со секој нов велосипедист!
Ајде да се множиме!
Понесете балони, понесете миленичиња, деца, дечковци, девојки....вашите пријатели, луѓе кои ги сакате!
Февруари е, месец е за љубов!
Поттикнете ги да извозат еден круг со нас.
Нека ја откријат повторно магијата на возењето велосипед!
Скоро и да нема човек кој не знае да вози велосипед!
А и да не знае, лесно ќе научи и уште полесно ќе се заљуби во тоа!
Многу од нас имаат по некој кутар заклучен и можеби зарѓан велосипед во гаража кој чека да биде ослободен.
Скопје има улици кои чекаат да бидат преплавени со точаци и радост!
А ние имаме желба да создаваме таков град!
Местото на велосипедската инфраструктура е повисоко на дневен ред!
Местото на точакот се улиците!
Ослободете го!
Извадете го од гаража!
Да ја прошириме комфорната зона и да ги притиснеме сопствените граници!
А скоро и да нема зима. Мачките одамна завршија работа.
Мириса на пролет!
Нека биде велосипедска!
***
***Секој учесник вози на своја одговорност.
Завршуваме со подигнување на точаците на спортските игралишта во Влае, а дружењето ќе продолжи во некое локално кафуле. Се гледаме во среда! Ѕрн- ѕрн!
Поглед на делот низ Влае и Хром, заедно со целта. Тука за Критична маса - Скопје на точак #10 на поголема мапа
0 comments:
Post a Comment