25 February, 2013

Радио џингл за Критична Маса #10

Имаме радио џингл за Крична Маса #10. All credits go to Тик Так на Радио.

 

24 February, 2013

Од интернет на улица: „На улица #naTochak"

Ние сме На Точак.
Возиме во Скопје.
Критична маса е неформален велосипедски настан кој се организира во над 300 градови во светот. Критична маса во Скопје е почеток на трансформација на условите во кои се користи велосипедот како превозно средство за секој ден.



Така започнува приказната раскажана во видеото  „На улица #naTochak" кое вчера премиерно се прикажа на конференцијата за социјални медиуми и активизам Engage.

Благодарност до организаторите кои ни ја дадоа можноста да ја претставиме Критична маса- Скопје на овој настан. А во контекст на темата на настанот, да ја претставиме и можноста да се стигне од коментари на интернет на одредена тема до реално движење кое и понатака се служи со социјалните медиуми, преку примерот со Критична маса. 

Видеото го проследија околу 300 учесници присутни во публика и уште неколку стотини во живо преку интернет. 
Се надеваме дека дел од нив ќе ги видиме во среда, на 27.02.2013, на 10-тата по ред Критична маса. За почеток да свртат едно кругче на точак со нас. Не треба повеќе :)


Не ги забораваме ни постерите и флаерите како начин на промоција на возењата :)
Залепивме десетина постери и поделивме стотина флаери за КМ #10 за време на конференцијата.

Приказната од бината во МКЦ ја раскажа еден точак кој си го пронајде местото на Критична маса и по скопските улици, место во гаража :)




И овие десетина точаци тој ден не беа 'заробени', туку довозија до паркинзите пред МКЦ. Дел од учесниците на конференцијата се одзваа на повикот (уште подобро ако и онака си планираа) и дојдоа на настанот на точак. 




На крајот на видеото присутните точакољупци ѕвонеа со ѕвончињата демонтирани од точаците и создадоа уште поубава атмосфера. 


Нека ѕвони Скопје повеќе оваа пролет! 


Еве некои од реакциите на твитер за видеото:





Па, кој град е следен? :)


23 February, 2013

Критична маса #10 - Извади го точакот од гаража!


Датум: 27.02.2013
Време: 17:30 Место на чекање: помеѓу гаражата од Влада и големата мачка на мостот Гоце Делчев 
Поглед на почетниот дел од патеката и местото за чекање. Тука за Критична маса - Скопје на точак #10 на поголема мапа.

Промотивни материјали: линк.
Facebook настан: линк Со оваа Критична маса упатуваме повик да не се чекаат идеални услови, како инфраструктурни, така и временски, за да се извади точакот и да се вози. Градот ќе ја стави темата повисоко на дневен ред кога ќе не' има повеќе. 
А во однос на времето, свртете едно кругче со нас за проба, ќе видите дека е ок!


Еве го повикот:
***
Се сеќавате каков вело-бум имаше минатата пролет?
Бројот на луѓе кои го избираат точакот како превозно средство расте од година во година и оваа пролет ќе не’ има уште повеќе, како што и зимава имаше повеќе од лани.
Условите за возење точак во Скопје не се нешто мотивирачки, но сообраќајните гужви, зголемувањето на цената на горивата, поголемата еколошка свест, тенденциите кон поздрав начин на живеење и сфаќањето дека точак е супер превозно средство си го прават своето.
Иако ги посакуваме, не ни се чекаат идеални услови за да возиме!
Ни се вози! :)

Возењето точак секојдневно е славење на животот, славење на чистиот воздух, на слободното движење, на погонот на сопственото тело, на посебните ќошиња на градот и на љубовта кон неговите улици!


А Критична маса е славење на сето тоа, но заедно!

И битка за подобар град во која се оди чекор понапред со секој нов велосипедист!

Ајде да се множиме!


Понесете балони, понесете миленичиња, деца, дечковци, девојки....вашите пријатели, луѓе кои ги сакате!

Февруари е, месец е за љубов!
Поттикнете ги да извозат еден круг со нас.
Нека ја откријат повторно магијата на возењето велосипед!
Скоро и да нема човек кој не знае да вози велосипед!
А и да не знае, лесно ќе научи и уште полесно ќе се заљуби во тоа!

Многу од нас имаат по некој кутар заклучен и можеби зарѓан велосипед во гаража кој чека да биде ослободен.

Скопје има улици кои чекаат да бидат преплавени со точаци и радост!
А ние имаме желба да создаваме таков град!
Местото на велосипедската инфраструктура е повисоко на дневен ред!
Местото на точакот се улиците!
Ослободете го!
Извадете го од гаража!

Да ја прошириме комфорната зона и да ги притиснеме сопствените граници!

А скоро и да нема зима. Мачките одамна завршија работа. 
Мириса на пролет!
Нека биде велосипедска!
***

***Секој учесник вози на своја одговорност.



Завршуваме со подигнување на точаците на спортските игралишта во Влае, а дружењето ќе продолжи во некое локално кафуле. Се гледаме во среда! Ѕрн- ѕрн!


Поглед на делот низ Влае и Хром, заедно со целта. Тука за Критична маса - Скопје на точак #10 на поголема мапа

22 February, 2013

Промотивни материјали - КМ #10

[дизајн: Давор Пехчевски]

Постер А3

- jpg
постер, А3 (jpg)



pdf (верзија за печатење)


Флаер А6

- jpg
флаер, А6, предна страна (jpg)

флаер, А6, задна страна (jpg)

- pdf (верзија за печатење)

Банери

банер 900x800

банер 300 x 250

банер 980x100

аватар

08 February, 2013

Извештај од КМ#9 - 30.01.2013

Јануарската Критична маса - Скопје на точак, деветта по ред, ја посветивме на скопскиот загаден воздух, особено забележлив во зима. Темата на ова возење беше „Избори се за воздух!“.

Преку повикот за КМ#9 истакнавме зошто загадувањето во Скопје не смее да се игнорира. Како едно од комплексот решенија го понудивме велосипедот, еколошко превозно средство кое не загадува. Покрај крупните чекори кои еден град треба да ги направи за да стане похумано место за живеење, значајни се и малите, кои ги правиме сите ние со секојдневниот избор на начин на движење низ градот, меѓу другото. 
Секојдневно чадите или возите точак? :)



Патеката ја осмисливме така што ги опфати некои од најголемите индустриски загадувачи во Скопје и се движеше по делници по кои секојдневно транзитираат луѓе од околните населби кон центарот на градот и обратно, но тоа најчесто го прават со автомобил место со одржливи методи на транспорт.


View Критична маса - Скопје на точак #9 in a larger map


 Улиците по кои се движевме не се најпријатни за возење на точак, дури ни оние ретките кои имаат велосипедска патека во својот профил. Секоја чест на малкутемина кои сепак возат велосипед секојдневно таму! Боја која се разлева во сивоста и која еден ден се надеваме ќе доминира!


Пораката на КМ#9 сакавме дополнително да ја зајакнеме со тоа што сите учесници носеа маски, а носевме и зелени транспаренти со еколошки пораки врз себе и на точаците. 
Малите чекори секој од нас може да ги прави сам, но КМ (критична маса) е можност да се покаже бројност и свесност по одредени прашања. Оттаму и следниот духовит слоган: 


УПМ со ПМ, одам на КМ!
(ПМ се малите штетни честички во воздухот)
На стартот, на игралиштето на Р.Ј Корчагин, дојдоа помеѓу 70 и 80 велосипедисти и ја извозеа рутата до плоштадот во Автокоманда. Тргнавме со мало задоцнување, па мораше да ги поделиме транспарентите подоцна, на паузата пред Усје (малку ги изненадивме чуварите со еден куп точаци :)), но цело возење помина одлично. А групата покажа највисока компактност од сите критични маси досега! 

Благодарност до сите учесници кои дојдоа во подеднакво добар број како на претходните зимски критични маси и покрај долгата рута, ладното време и индустрискиот дел од градот!
Особено задоволство ни беше што со нас возеа и двајца велосипедисти од Британија кои точно во овие денови се затекнаа во Скопје на нивното патување од Британија до Непал со точак. Иако со големо интернационално искуство со возење точак, ова им беше прва критична маса на која учествуваат. Ќе објавиме видео деновиве.

Благодарност до точакољупците и за донациите во кутијата во износ од 1955 денари. Трошоците за КМ#9 за печатените материјали и маските изнесуваа: 1229 денари и со тоа моменталната состојба на буџетот заедно со останати пари од претходни КМ е 3176 денари.
Благодарност и до кафулето Ле Петит во Автокоманда, кои го донираа чајот за сите учесници на КМ#9.
Благодарност и до Кирил Стоилков кој ги подготви промотивните материјали и до Foolish Green кои ни направија џингл. (достапни тука)

Подолу се наоѓаат фотографии и видеа од КМ#9.


Низ Кисела Вода [фото Мартин Стојановски]
„Радувај се, не загадувај се! (себе)“ - еден од зелените транспаренти  [фото Мартин Стојановски]
Малата пауза пред Цементара ја искористивме за лепење на транспарентите. [фото Мартин Стојановски]
По бул. Србија
Низ Аеродром
Пристигнување во паркот во Автокоманда [фото Мартин Стојановски]
И се разбира кревање на точаците [фото Мартин Стојановски]
Насмеани лица на крај [фото Мартин Стојановски]


[видео: Раде Марковски]


[видео: karas4training]

Се гледаме на 27.02.2013 на КМ#10!

28 January, 2013

Критична маса #9- Избори се за водух!


Датум: 30.01.2013 Место на чекање: спортски терени на СУГС „Р.Ј. Корчагин“ Време: 17:30

Промотивни материјали: линк.
Facebook настан: линк Во месецот во кој загадувањето на воздухот во Скопје е најалармантно, ја возиме деветтата по ред Критична маса посветена токму на овој проблем.
Критична маса го слави возењето велосипед и како најеколошки тип на транспорт!

Избори се за воздух!



Скопје се дави во смог и во сообраќајни гужви. Се дават и други градови поради зголемената концентрација на луѓе и активности. Но згуснувањето освен што е извор на проблеми, може да биде и основа за нови сообраќајни решенија како што е ефикасниот јавен транспорт комбиниран со велосипедскиот и пешачкиот. Градовите планирани да одговараат на автомобилот пред луѓето, повторно стануваат хумани места за живеење.

Каде е Скопје?
Скопје пред се’ мора да ја измери сообраќајната структура, уделите на различните типови сообраќај во вкупниот. Скопје мора да види од кои се извори и во колкав удел му доаѓа загадувањето кое УБИВА луѓе.
Ниеден град не го решил проблемот со аеро-загадувањето со чекање дожд или ветер да го однесат смогот или со давање предност на возењето автомобил. Помеѓу другите активни мерки, потребно е целосно реобмислување на приоритетите во сообраќајот.

Тоа е јасно, но што во меѓувремето се случува со нашиот личен избор на дневно ниво?
Погледнете околу вас. Во 3 од 4 автомобили се вози по само еден човек, автобусите се најчесто полупразни, а луѓе на точак?
Истовремено, најголем дел од секојдневните патувања на најголем дел од граѓаните се помали од 5км, дистанца совршена за на точак и бесмислена за со автомобил.
Ќе придонесуваме кон поголемо загадување или ќе споделуваме патување со автомобил со пријателите; ќе се возиме почесто со јавен транспорт на подолги дистанци и на пократки ќе го реактивираме точакот?


Секој точак на улиците е еден автомобил помалку. Секој нов велосипедист значи помалку штетни гасови и за себе и за оној кој вози автомобил. Автомобилот, докажано, воопшто не го штити патникот од ситните штетни честички.
Но на точак не само што не е поголем ризикот по здравјето, туку и придонесуваме повеќе во битката не само за подобар живот, туку за живот воопшто.
На годишно ниво, заради загадениот воздух, својот живот го губат 1350 жители на Македонија, а бројот на заболени е уште поголем. Од ништо. Од воздух. Свесни ли сме колку е тоа сериозно?

Изворот на живот стана извор на смрт. На луѓето пред само еден век тоа би им звучело нелогично. Но се случува. Колку и да се апсурдни, тоа се предизвиците и битките на нашето време. Да дишеме нормален здрав воздух, да живееме во хумани места.
2013 е година на воздухот во Европа. Ситуацијата е сериозна и во други градови.
Разликата е во тоа што некои градови порано увидуваат дека мора да се преземе нешто.
Зошто да одолговлекуваме кога ги знаеме решенијата и кога може да потекнат од секој од нас лично?
Не загадувај!
Вози точак секој ден!


Избори се за воздух!

*Понесете разни светлечки и звучни реквизити. Од дел од претходните донации ќе обебедиме заштитни маски со кои симболично ќе ја извозиме рутата низ индустриска зона сместена во градот: www.0.mk/km9



View Критична маса - Скопје на точак #9 in a larger map


*Ќе има дружење со чај на крај
*Возете одговорно, внимавајќи на себе и на другите

Огромна благодарност за поддршката. Се гледаме во среда во 17:30!

26 January, 2013

Промотивни материјали КМ#9

Плакат [дизајн: Кирил Стоилов]

Плакат КМ9

Флаер

предна страна - за печатење - (tif)

Предна страна (png)
задна страна - за печатење - (tif)

Задна страна (png)

Банери

300 x 250

980 x 100

849 х 316

980 x 750

Џингл

All credits go to Foolish Green.