За безбедноста во сообраќајот има многу фактори (едукација, инфраструктура, полиција, казнена политика судство итн.), но најважно е да не дојде до судар, најважна е превентивата и тоа онаа превентива која не зависи од тоа дали е совесен учесникот, дали има полицаец или дали работи камерата. Онаа превентива која работи во 100 % од времето - ИНФРАСТРУКТУРАТА. Токму затоа, од сите можни фактори, НаТочак ја има избрано за фокус на своето делување. Има многу мала поента да се прават кампањи и да се врши едукација за предност на пешаците, или за внимателно однесување на возачите во сообраќај, или за еднаква одговорност на сите учесници, кога општините и Град Скопје не го планирале внимателно просторот за ранливите учесници, кога тие ги оставаат на маргините. Затоа после редица сообраќајни судири и удари, денес се обративме до градоначалниците на 10-те скопски општини и на Град Скопје со прашање: Какви активности планираат за зголемување на безбедноста? ------------------------------
Почитуван(a) г. _____________,
Во контекст на трагичните настани кои се случија изминатиот месец на улиците во градот и резултираа со човечки жртви и кои ја кренаа и јавноста по прашањето за кое ние како иницијатива алармираме години наназад - (не)безбедноста на скопските улици и булевари за најранливите учесници, би сакале да Ве потсетиме дека локалната власт има голема моќ и улога да превенира и овозможи високо ниво на безбедност на граѓаните кои се дел од сообраќајниот систем.
Општините имаат речиси полна одговорност за превентивата во безбедноста во сообраќајот. Спротивно на популарното мислење дека едукацијата е врвот во превентивата, истражувањата покажуваат дека ниедна теорија не може да едуцира подобро од состојбата на терен. Иако теоријата (едукацијата) кажува дека пешаците имаат предност, кога општините ги третираат пешаците за најмалку важни при планирањето на улиците, логично така ќе ги третираат и возачите и со тоа безбедносниот систем е нарушен и теоријата го губи значењето. Состојбата на нашите улици праќа многу поголема порака од било какво убаво срочено правило и за жал, изминатиов месец тоа беше видливо на дело повеќе од кога било.
Ослободување, уредување и проширување на тротоари и воведување пешачки зони (Правото на слободно движење треба да биде гарантирано на сите. Не треба да се објаснува дека принудното движење на пешаците по коловоз ја загрозува нивната и безбедноста на сите);
Воведување велосипедски патеки/ленти (кое не е само добивање простор за велосипедски сообраќај, туку и смирување на брзините на возилата, скратени премини преку коловоз за пешаците итн., докажано влијае на безбедноста на сите, не само на велосипедистите);
Воведување на Зона 30, Зона 20 и физичко смирување на сообраќајот (со стеснување на ленти за автомобили, подигнати пешачки премини, шикани-искривувања на коловозот, микро-кружни текови и сл.).
- Допис до општините: Пешачки, велосипедски и безбедни општини 2021 (25.12.2020 год.): Пешачки, велосипедски и безбедни општини 2021 ~ На Точак (natochak.blogspot.com)
- Допис до сите политички партии по повод локалните избори: 10 чекори до пешачко и велосипедско Скопје 2025 (25.08.2021 год.) 10 чекори до пешачко и велосипедско Скопје 2025 ~ На Точак (natochak.blogspot.com)
- Обраќање од НаТочак до градоначалниците на скопските општини и Град Скопје (19.11.2021 год) : Обраќање од НаТочак до градоначалниците на скопските општини и Град Скопје ~ На Точак (natochak.blogspot.com)
0 comments:
Post a Comment