26 November, 2021

Обраќање од НаТочак до градоначалниците на скопските општини и Град Скопје

На 19-ти ноември 2021 НаТочак се обрати до сите 10 градоначалници на скопските општини и градоначалничката на Град Скопје по електронски пат (e-mail). 
Во обраќањето им го честиташе стапувањето на функција, ги потсети на главните 10 чекори до пешачко и велосипедско Скопје и побара состанок во насока на од една страна отпочнување на соработката со нив како политички избраници, но истовремено и продолжување на соработката на НаТочак со институциите кои ги предводат.

До овој момент (26-ти ноември 2021), одговори единствено градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски со кого е веќе закажана средба за наредната седмица, а со градоначалникот на Општина Аеродром, Тимчо Муцунски веќе се реализираше средба и пред нашиот допис, на негова иницијатива.
Очекуваме позитивен одговор и од останатите 9 градоначалници. 
Краток извештај од средбите ќе споделиме после нивната реализација. 

НаТочак уште еднаш ќе ги потсети на дописот преку спомнување на социјалните медиуми. Бидејќи сите се корисници на електронска комуникација за промоција на своите активности, сметаме дека електронското комуницирање е соодветен канал за барање за средба и се надеваме дека нема да има потреба да се оди до општинските архиви. 

Во продолжение е текстот на обраќањето од НаТочак до градоначалниците.

**********

Почитуван(a) _____________,

Најпрво, Ви честитаме за стапувањето на функција како Градоначалник на Општина / Град _______ и Ви посакуваме успешно раководење во рамки на мандатот и подобрување на животот на граѓаните во општината.

НаТочак е неформална иницијатива која од 2012 година работи на развојот на урбаниот велосипедизам. Го застапуваме гласот на граѓаните во градот кои избрале секојдневно да го користат велосипедот како средство за транспорт. Нашата заедница брои повеќе од 20.000 поддржувачи.

Темите кои постојано ги обработуваме на еден начин или друг во изминатите 9 години, а кои се во надлежност на локалната власт, ги сублимиравме во 10 точки кои ги испративме до сите политички партии во пресрет на Локалните избори 2021. Ви ги праќаме повторно (во прилог), затоа што сметаме дека со имплементација на предлозите директно ќе се влије на подобрување на условите за урбан велосипедизам во Скопје.

Во изминатите 9 години НаТочак увиде дека на Скопје му се потребни промени во повеќе области за да стане град со одржлив и безбеден сообраќај, пријателски за пешачење и возење велосипед. Видливо е дека промените се започнати, но се одвиваат со преспоро темпо и во недоволен број области, а неретко паралелно на добрите промени на едно место, се случуваат назадувања на друго.

Ви се обраќаме со барање за средба со Вас и надлежните лица за оваа проблематика околу можностите за унапредување на условите за велосипедски сообраќај во рамки на општината/градот.

Идејата за состанок е да разговараме за плановите на Вашата општина/Град Скопје на ова поле за следната година, но и на подолг рок, а исто така да дадеме осврт на досегашната наша соработка со Градот и останатите општини и создавање простор за наша идна соработка.

Во исчекување на Вашиот одговор, сакаме да Ве известиме дека истиот, како и овој допис, ќе бидат споделени со заедницата преку веб и социјалните медиуми.

Со почит,
НаТочак
неформално здружение за урбан велосипедизам
За подобро вело - Скопје

19.11.2021

0 comments:

Post a Comment