25 August, 2015

Критична маса #40: Точаците слободно да течат по кеј!

Датум: среда, 26.08.2015
Почеток: 17:30, Паркинг под железничка станица, покрај Кеј
Крај: Амфитеатар на Кеј

---------------------------------------------------------------------
Facebook настанлинк
Промотивни материјалилинк
Руталинк
---------------------------------------------------------------------
Пријава 58: прекин кај Плоштад Македонија: линк
Пријава 59: прекин спроти Систина: линк
---------------------------------------------------------------------

постерот за КМ 40
Во некоја идна сеопфатна стратегија за развој на велосипедскиот сообраќај во Скопје, Вардар ќе ја има централната улога. Тука ќе се слеваат пешачки и велосипедски патеки од север и југ, ќе се поврзе градот преку велосипедски патеки на сите постојни автомобилски мостови и преку посебни пешачко-велосипедски мостови. Секој ќе може да се спушти од мајор кон минор-коритото со глатки рампи без никаков прекин. Со возење ќе може и да се искачи назад до саканата дестинација. Вакви рампи ќе има на сите дестинации од интерес на велосипедистите. Нема да постои мост покрај кој ќе нема рампи за спуштање и качување...

Јавниот простор ќе се активира, ќе има уште повеќе случувања по текот на реката. Таа живост и можноста да се превезуваат покрај река и зеленило ќе привлекува нови и нови велосипедисти. Од Бардовци до Водно, од Радишани до Тафталиџе, од Аеродром до Автокоманда, од Карпош до Сарај, секаде ќе има поврзувања и градот ќе биде поврзан во една мрежа со реките како зелени оски. Спуштањата и подигнувањата во коритата на реките никој нема да ги чувствува како пречка зашто ќе бидат направени со рампи со соодветен наклон.

----------

Но, тоа е во некое идно време, кое сме убедени дека ќе дојде.

Моментално велосипедската патека по кејот на Вардар не е целосно интегрирана во околината и поврзана со рампи. И покрај тоа, таа има многу свои предности во споредба со другите патеки, кои мора да се вреднуваат и унапредуваат, место да се уназадуваат. Велосипедската патека по кејот на Вардар моментално е ретка функционална патека во градот: рамна е, двонасочна, нема дупки и рабници, нема паркирани возила, билборди, знаци и канти на сред патека, обележана е. И нуди пријатно возење покрај вода.

На многумина е омилена за транспорт, одат на факултет, на работа, користејќи ја во дел од своето патување. Многумина и се рекреираат со точаци или со ролери таму.
Патека од вакво значење и уште поголем (неискористен) потенцијал не е логично да е прекината поради градежни работи. Градилиштата може да зафатат и дел од патеката во одреден период, Градот може да издаде дозвола, но на велосипедистите мора да им се обезбеди привремена алтернативна рута!
Вардар е главната артерија на вело-токот, не запушувајте ја!


Во моментов, кејот е прекинат барем на две места  поради извршување на градежни работи. Според член 84 од нашиот Закон за градење, инвеститорите не се должни да обезбедат алтернативна патека за пешаци/велосипедисти при окупирање на јавен простор, доволно е само да добијат дозвола од градот. Сметаме дека ова мора да се смени, зашто јавниот простор им припаѓа на сите и окупирањето на одредени јавни површини значително влијае на безбедноста, удобноста и мотивираноста на луѓето за користење на одредено превозно средство. Давањето на дозвола не смее да биде само формалност, туку мора да се темели на правото на граѓаните на користењето на јавниот простор. Мора да се предвиди каде привремено ќе се пренасочи велосипедскиот/пешачкиот сообраќај додека траат градежните работи и тоа да се изведе по стандарди, безбедно и удобно. Како предвидел Градот дека ќе се движат велосипедистите на овие 2 потези (новиот прекин кај Александар Палас и неколкугодишниот прекин во Центар поради Скопје 2014) сметајќи дека велосипедската патека на кејот во континуитет поврзува најголем дел од градот од Карпош 4 до Лисиче?

Поради функционалноста (со исклучок на овие прекини кои се големи проблеми на патеката), но и поради избегнувањето на небезбедниот сообраќаен метеж и загадениот воздух, оваа патека е преферирана од многу граѓани, користена е и како рекреативна, но и како транспортна.

Сметаме дека е од исклучително значење на двете наведени локации да се обезбеди алтернативна патека за велосипеди со рампи со соодветен наклон за движење (новата рампа кај Холидеј Ин е добар пример), со соодветна подлога и ознаки, .
Еден Град кој се стреми да го добие епитетот вело-град не само што не смее да замижи пред ваков проблем, туку треба и веднаш да го реши.

Човек на точак, не точак на човек! Порачавме со Критична маса 34.
Повторно ќе го актуелизираме проблемот.
Точаците се за возење, не се за кревање!
Недозволиви се написи од типот: „Задолжително крени го точакот и оди по скалите!“ Задолжително треба да биде да се постави рампа.
Точак за некого е спорт и тоа е за почит, но за повеќето е сообраќај, а штом е сообраќај, треба да се вози, не да се крева!
Кога точак е спорт напорот не пречи, напротив.
Кога точак е сообраќај, треба да стигнеме од точка А до точка Б со што помалку напор.
Точак побарува да знаеш да вртиш педали и само да одржуваш рамнотежа за да го користиш како сообраќајно средство, да не мора да го креваш и таа предност која му нуди широко користење не треба да му се одзема.
Сте го кренале ли некогаш автомобилот?


Затоа:
  • Бараме рампи за туркање на точак да бидат задолжителни за секое скалиште во јавен простор каде што не постои рампа за возење.
  • На клучни точки од интерес на велосипедистите - при потреба од совладување на висина бараме задолжителни да има рампи за возење со соодветен наклон!

Според измените на Законот за градење од август, 2014-та сите јавни простори во центарот на градот мора да се направат пристапни:
(3) При изградба на нови како и при реконструкција на постоечки јавни површини- пешачки патеки во централно градско јадро и во паркови, јавната површина-пешачка патека треба да биде проектирана и изведена така што истата ќе има и патека за движење на лица со телесен хендикеп и лица со оштетен вид.
Оваа одредба не треба да се однесува само на централното градско јадро, туку на целиот град! Оваа одредба не е важна само за лицата со хендикеп, туку и за сите на тркала, за сите на точак. Патеката во минор-коритото на Вардар мора да биде попристапна за на точак. Моментално има само неколку функционални рампи за возење точак. НаТочак во ноември, 2013-та поднесе предлог до Град Скопје за поставување на нови пристапни рампи по текот на Вардар на повеќе локации. Погледнете на линкот.
Сакаме попристапен Вардар и алтернативни рути при извршување на било какви активности кои ќе го окупираат просторот наменет за движење.
Сакаме точаците слободно да течат!


Дојди на Критична маса #40 доколку ти значи ова.

Ќе возиме по следнава рута:
(внимавајте на велосипедистите кои доаѓаат од спротивната насока)






*** Секој учесник вози на своја одговорност. 
--------------------------------------------------------------
Критична маса е неформален велосипедски собир кој се случува во над 300 градови во светот.
Нема лидери, нема формална организација, само група на свесни луѓе кои сакаат подобар вело-град.
Од мај 2012-та се случува еднаш месечно и во нашето Скопје!
Возиме секоја последна среда во месецот по различна рута и со различна тема.
Критична маса во Скопје е самоодржлив, саморегулиран и самофинансиран месечен собир на урбаните велосипедисти кој зависи од придонесот на секој учесник, пред сѐ од неговото појавување на собирот и покажување бројност („Нѐ има, земете нѐ предвид“), од активната грижа настанот да помине во најдобар ред, а потоа и од донациите за промотивните материјали, волонтерскиот придонес во: осмислувањето на настанот, неговата промоција и се разбира во креативната страна на возењата. До овој момент, скопјани 39 пати возеа масовно по скопските улици, на 39 различни теми поврзани со урбаниот велосипедизам.
Да ги освоиме по 40-ти пат улиците со нашите точаци, активно, ангажирано, свесно, заедно, со полни срца! Приклучи се! Ангажирај се! Може да нé има повеќе! И Скопје може да стане подобар град!
--------------------------------------------------------------

0 comments:

Post a Comment