25 August, 2015

Пријава на инфраструктурен проблем - прекин на велосипедска патека - Плоштад Македонија

Изминатите години на различни места во градот се појавуваат прекини на велосипедски (и пешачки) сообраќај поради изведба на градежни работи. Сметаме дека треба да биде правило (особено на многу фреквентни локации) да се обезбедат привремени алтернативни патеки / мостови /премини за да се овозможи безбедно сообраќање додека траат градежните работи. 
Во очи на Критична маса #40 која е посветена на пристапноста на Кејот на Вардар за велосипеди, испративме две пријави до Град Скопје. 


-------------------------------
До: Град Скопје
Сектор за уредување и просторно планирање
Предмет: Пријава на инфраструктурен проблем: прекин на патека од пешачка зона на Кеј до Плоштад Македонија


ПРИЈАВА

Почитувани,

На ден 23.08.2015 забележан е прекин на немоторизираниот сообраќај на источниот дел од плоштадот кон Каруселот. Пријавуваме непостоење на велосипедско и пешачко поврзување меѓу плоштад Македонија и пешачката зона, на една од најфреквентните локации за овој тип сообраќај во градот.
Поради извршувањето на градежните работи со години е прекината патеката во долното корито на Вардар и патеката врз горното корито, поточно пешачката зона покрај ГТЦ во целиот овој период се користеше како алтернативна патека.
Со новопоставените огради целосно се прекинува немоторизираниот сообраќај, а особено оној на тркала: луѓето на велосипеди и со детски колички се принудени количките и велосипедите да ги носат во раце по скали, а лицата со хендикеп воопшто не можат да поминат тука.
Имајте предвид дека ова е центар на градот, една од нејфреквентните локации, каде поминуваат многу граѓани со цел: сообраќај, рекреација или туризам. Не сите граѓани имаат исти физички способности и можат да креваат колички со деца и велосипеди, а имаат еднакво право да ги користат. Не би сакале да се случи некој немил настан.




Доколку не постои можност за ослободување на простор за поминување од самото градилиште, бараме поставување на привремена монтажна конструкција врз скалите - патека на која ќе биде возможно да се движат тркала, слично на привремениот мост кој беше поставен минатата година на западниот дел од плоштадот.
Ве молиме за најитно решавање на овој проблем за да се овозможи безбедно сообраќање во најкраток можен временски рок.
Апелираме на местата на кои се прекинуваат велосипедските и пешачките патеки поради изведба на градежни работи да се обезбедува алтернативна патека. Апелираме со соодветни правила за обезбедување алтернативен пристап да се оневозможи да се повторува проблемот во иднина.

Со почит,
Неформална група на велосипедисти – НаТочак
natochak@gmail.com
25.08.2014
Скопје
-------------------------------

Документот кој е испратен до град Скопје е достапен на линкот.

0 comments:

Post a Comment