23 February, 2015

Критична маса #34 „Човек на точак, не точак на човек!“

ДатумСреда, 25.02.2015
Почеток17:30, Плоштад Македонија

Крај: Сквер Јадран

---------------------------------------------------------------------
Facebook настанлинк

Промотивни материјалилинк
Рута: линк

---------------------------------------------------------------------
 
Facebook cover за КМ 34
 
Високи рабници на кои при искачување се напнуваш да го поткренеш тркалото, а при симнување си треснуваш; непрописно паркирани возила и нелогично поставени автобуски постојки поради кои мораш да се спушташ на коловоз сред опасни брзаци; лошо поставени знаци, билборди и светилки поради кои возиш слалом; нелогично прекинати патеки поради кои мораш да го креваш точакот во раце - се реалноста со која се соочува секој кој се обидува да вози точак во Скопје. 
Во Скопје возењето точак е поистоветено со спорт и тоа е суштинската причина зошто Скопје не е пријателски град за точаци.
Перцепцијата на точакот единствено како спорт (од граѓаните, од луѓето вработени во општинските администрации, па се до највисоката власт), како нешто кое го користат само оние кои сакаат да развијат мускули, само младите, само вештите, само мала група граѓани, прави моменталните услови во Скопје да се прифатат како нормални: „па ќе го кренеш малку, и тоа е вежбање“.
Превезувањето со точак е лесна физичка активност која многу годи по здравјето. Тоа е аргумент велосипедскиот сообраќај да се вброи во категоријата здрав транспорт, но не е аргумент да се избрише од транспорт и да се вброи како спорт!  


Точак не е само спорт, точак е и транспорт! 
Кога точакот се смета како транспорт, тогаш мора да имаат можност и услови да го користат сите! И младите и постарите и децата! И вештите и помалку вештите! И оние кои сакаат да спортуваат, но и оние кои сакаат само безбедно да стигнат од една до друга точка без никакви пречки! 

Според истражување на Европската комисија, најголем мотиватор (дури за 70 % од луѓето) за изборот на превозно средство е постоењето на соодветна инфраструктура и погодности за користење на тоа превозно средство. 
Во каква инфраструктура вложуваме, таков сообраќај и добиваме.

На точак не загадуваме, не правиме бука и метеж, на точак градиме почист град, поведар, подобар. Затоа точакот како сообраќај заслужува повисоко место во градските политики! 
Од нас зависи да кренеме глас, од Град Скопје да ги реши проблемите, за да биде возможно секој, баш секој, кога ќе посака и ќе има потреба да  може да се превезува со точак, еднакво како што има услови да се превезува со кола.
Да возиме, посочуваме, критикуваме, бараме. Скопје треба да добие функционална мрежа на велосипедски патеки низ целиот град, да се интегрираат во неа патеките покрај Вардар, да се заменат сите рабници со рампи, да се отстранат сите пречки. Возењето точак треба да е возможно за сите генерации и способности, да е издвоено од автомобилски сообраќај или решено со зони на смирен сообраќај, да биде безбедно и удобно, да биде прифатено од сите како нешто нормално и почитувано. 

Точаци се за возење, не се за кревање! 
Човек на точак, не точак на човек!
 

 
Се гледаме на Критична маса #34 на 25. февруари со почеток од 17:30 часот од Плоштад Македонија, да порачаме дека точак е за возење и точка.
 
Ѕрн ѕрн!

 
*** Секој учесник вози на своја одговорност. 
--------------------------------------------------------------
Критична маса е неформален велосипедски собир кој се случува во над 300 градови во светот.
Нема лидери, нема формална организација, само група на свесни луѓе кои сакаат подобар вело-град.
Од мај 2012-та се случува еднаш месечно и во нашето Скопје!
Возиме секоја последна среда во месецот по различна рута и со различна тема.
Критична маса во Скопје е самоодржлив, саморегулиран и самофинансиран месечен собир на урбаните велосипедисти кој зависи од придонесот на секој учесник, пред сѐ од неговото појавување на собирот и покажување бројност („Нѐ има, земете нѐ предвид“), од активната грижа настанот да помине во најдобар ред, а потоа и од донациите за промотивните материјали, волонтерскиот придонес во: осмислувањето на настанот, неговата промоција и се разбира во креативната страна на возењата.
До овој момент, скопјани 33 пати возеа масовно по скопските улици, на 33 различни теми поврзани со урбаниот велосипедизам.
Да ги освоиме по 34-ти пат улиците со нашите точаци, активно, ангажирано, свесно, заедно, со полни срца! Приклучи се! Ангажирај се! Може да нé има повеќе! И Скопје може да стане подобар град!
--------------------------------------------------------------
 

1 comments:

Ana Miškovska Kajevska said...

Предложувам мартовската КМ да ја има истата рута и порака како и вчерашната КМ за да не видат повеќе луѓе, оставиме поголем впечаток и направиме поголем притисок.

Post a Comment