Showing posts with label КМ39. Show all posts
Showing posts with label КМ39. Show all posts

26 July, 2015

Критична маса #39: Безбедни брзини за пулсот на градот

Датум: среда, 29.07.2015
Почеток19:00 (летно сметање на КМ), Школка, Градски Парк

Крај: Парк на езерата, Аеродром
---------------------------------------------------------------------
Facebook настанлинк
Промотивни материјалилинк
Руталинк
---------------------------------------------------------------------

постерот за КМ 39

Речиси никој не седнува зад воланот со намера да изгази некого, но факт е дека тоа се случува секој ден. Дел од судирите се и со трагични последици. Факт е и дека не сите се свесни за брзината како фактор.
И највештиот возач не може да избегне непредвидлива ситуација доколку вози пребрзо. Шансата за непредвидливи ситуации е многу поголема во населените места отколку на автопатите и на рекламите со празни предели. Во населените места живеат луѓе, вклучително и постари лица и деца и миленичиња, луѓе со ослабени сетила или намалени моторни способности, луѓе кои се нефокусирани во моментот, луѓе кои се движат пешки, со инвалидска количка или точак и немаат соодветни инфраструктурни услови, па прават непредвидени маневри. Ниедна од наведените причини не е доволна некој да го изгуби животот. Дури и Уставот го става правото на живот пред било кој закон.
Сите треба да се трудиме да ги почитуваме максимално правилата, но и да сме спремни за човечка грешка.
Најбезбедните места на светот имаат едно заедничко: тежнеат кон зголемување на свесноста на возачите за непредвидените ситуации и кон мерки кои ќе придонесат евентуалните судири да бидат со помали последици.

Степенот на последиците директно зависи од брзината:

извор: Copenhagenize
Исто така, прилагодената брзина нема да влијае само на помали последици, туку и на помалку судири, поради подобрата видливост и спремност за реагирање и кочење.
извор: Сектор за сообраќај - Чикаго

Затоа многу градови, држави, па и Европската унија тежнеат кон намалување на брзините во населените места.
  • Њујорк во 2014-та го намали дифолтното ограничување од 30 mph на 25mph (од ~50km/h на ~40 km/h) и започна да спроведува Визија Нула, визија за нула жртви во сообраќајот (линк)
  • Париз постепено воведува „зони 30“ (т.н. зони на смирен сообраќај) на целата територија, исклучок се булеварите. (линк)
  • Европскиот парламент во 2011 усвои резолуција со која силно им препорачува на одговорните власти да ги намалат ограничувањата на брзините до 30 км/ч во сите станбени населби и на сите улици каде нема издвоена инфраструктура за велосипеди. 
    30 км/ч е правилото за цел град, а 50 км/ч е исклучокот за булевари кои имаат издвоена инфраструктура за коли, пешаци, точаци...
    Дури 78 % од возачите во ЕУ поддржуваат ваква мерка, која според истражувањата ќе ги намали повредите во сообраќај за 25 % (линк)
  • Доколку се усвои предлогот на РСБСП, досегашното 60 km/h ќе се замени со 50 km/h максимално ограничување во населени места во Република Македонија. НаТочак го поддржа тој предлог и предлогот за воведување на „Зона 30“ во Дебар Маало.
Кога се дизајнира со безбедноста во прв план, не се добиваат само побезбедни улици, туку и подобар квалитет на живот (никој не ужива кога покрај него профучуваат со 100 на саат), повеќе луѓе на улиците, економски поживи соседства, повеќе луѓе кои се чувствуваат безбедно и пријатно да пешачат или возат точак. Воведувањето на зони 30 има големи предности (повеќе прочитајте тука), но сепак да се зборува за ограничување на брзината во време кога брзината е на цена, свесни сме дека е крајно непопуларно. Брзината продава, брзината е улично мерило за испитување на вештината на возачот, како и силна идентификација со моќ 
Но брзината е и прва причина за смрт во сообраќајот и во Македонија и во светот. После повеќе тешки сооообраќајни несреќи на скопските улици во кои ранливите учесници настрадаа од превисоки брзини, чувствуваме обврска да ја ставиме брзината на дневен ред и да ја популаризиме и темната страна.
Страдаат возачите, физички или психолошки, но пред се' страдаат ранливите учесници во сообраќајот: мотоциклистите, велосипедистите и пешаците, а од нив велосипедистите и пешаците можат само да претрпат, но не и да нанесат штета. Во Македонија, според статистиката за првата половина на 2014-та, возачите на моторни возила се виновни за 94 % од сообраќајните несреќи, а настрадуваат во 1/3 од случаите (загинале: 21 возач, 21 сопатник и 29 ранливи учесници во сообраќајот),
Да се вози возило со брзини над 50 км/ч е многу ризична активност особено кога тоа се прави во град и затоа тие брзини не се препорачани.
Брзината е убиец број еден на патиштата во светот, а сообраќајот е поле на најголем број убиства во голем број држави, со повеќе жртви отколку од „регуларни“ убиства и од некои чести болести.
Човечкиот живот нема цена, но покрај загубата на животи, грешките во сообраќајот носат лична загуба за блиските и финансиски загуби за општеството. Годишно се смета дека се трошат 518 милјарди долари во светот поради сообраќајни незгоди, што значи и значителна ставка за буџетот на секоја држава која не работи на безбедноста во сообраќајот.

Во 2014-та медиумите презентираа дека најчеста причина за сообраќајни незгоди во Македонија е преголемата брзина: 689 од 1894 случаи во првата половина на 2014.
Поради сето ова, сметаме дека постои голем простор да и посветиме внимание како општество: 
Што можеме и мораме да направиме? 

Лично секој:
  • Апелираме секој во рамки на своите надлежности, знаења и лична совест да помогне да го намалиме бројот на жртви во сообраќајот. Кога возиме возило, да возиме во рамки на ограничувањата дури и кога улицата ни дозволува повеќе. Да посочуваме кога други возат пребрзо. Добри возачи се оние кои со своето однесување прават останатите учесници во сообраќајот да се чувствуваат безбедно, а не оние кои тестираат вештини.
  • Без разлика дали возите точак или не, доколку поддржувате зголемување на безбедноста преку намалување на брзините, да го споделите напишаново и да зборувате барем со блиските за важноста на ова прашање. Ве повикуваме да ни се придружите со сопствени транспаренти и пораки на оваа тема на 39-тата Критична маса. Промената почнува од нас! 
напишете што ви лежи на оваа тема...


Полиција, локални и законодавни власти
Ги повикуваме носителите на политиките да дадат поддршка за намалување на брзините и спасување на животи, со тоа и да ја паднат „цената“ на брзото возење. Но не само да се намалат брзините на хартија и со знаци, туку и: 
1. Да се санкционира соодветно и редовно брзото возење. Како причина број 1 за трагично последици во сообраќајот, санкционирањето на брзото возење треба да биде приоритет на полицијата во одреден подолг период. 
2. Да се размисли за правно редефинирање на сообраќајните несреќи во случаи кога пребрзо и опасно се вози. Знаејќи дека брзината буквално убива, резултатите на таквото однесување се предвидливи тешки последици, а не несреќни случаи.
3. Да се пријде кон современи сообраќајни концепти кои се свесни дека поширока лента значи побрзо возење, а не поголема безбедност, сообраќајни концепти кои се занимаваат со безбедноста и протокот на луѓе без оглед на нивниот превоз: пешачење. велосипед, јавен транспорт, возила (линк) а не само брзото поминување на возила. Кога се дизајнираат улици кои потсеќаат на автопати, луѓето се однесуваат како да се на автопат (линк)
4. Да се воведе 50 km/h како максимално ограничување во било кое населено место во Република Македонија, а 30 km/h како стандардно кое ќе важи за сите улици од понизок ранг, т.е улици каде нема одделна инфраструктура за различните корисници па тие се во директна интеракција споделувајќи го коловозот. Повисоки ограничувања од 30 km/h, 40 и 50 km/h смеат да имаат улиците кои имаат издвоена пешачка и велосипедска инфраструктура.
Брзините над 100 се поопасни од 60 km/h и оние кои дивеат по скопските улици треба да се казнат, но тоа не значи дека не треба да ги намалиме дополнително ограничувањата. За секои зголемени 5km/h ризикот од тешки последици по пешаците расте двојно.
Безбедна брзина за интеракција пешак (или велосипедист) со возило е 30 km/h, а за возило со возило - 50 km/h. Оттаму потекнуваат ограничувањата 30, 40 и 50 km/h за различните типови улици.

извор: Влада на Јужна Австралија
Кога би ве прашале со каква брзина би сакале да се движат возилата пред вашата зграда, сигурно би преферирале со помала, поради помала бука, помалку испуштени штетни гасови, побезбедна околина за вашите деца, внуци, миленичиња. 

Секоја улица е нечија улица. 
Несебично да поддржиме безбедни брзини насекаде! 
Безбедни и пријатни за живеење улици треба да бидат правило и право.
Сакаме улици на кои ќе може да се пешачи, вози точак, да се игра безгрижно и град во кој ќе уживаме, кој ќе пулсира од живот и во кој животот на ранливите ќе биде заштитен.
Дизајн и брзини со животот на ум.
30 - 40 - 50 km/h.
Безбедни брзини за пулсот на градот.


Дојди на Критична маса #39.
Ќе возиме по следнава рута:



Ѕрн ѕрн! 

*** Секој учесник вози на своја одговорност. 
--------------------------------------------------------------
Критична маса е неформален велосипедски собир кој се случува во над 300 градови во светот.
Нема лидери, нема формална организација, само група на свесни луѓе кои сакаат подобар вело-град.
Од мај 2012-та се случува еднаш месечно и во нашето Скопје!
Возиме секоја последна среда во месецот по различна рута и со различна тема.

Критична маса во Скопје е самоодржлив, саморегулиран и самофинансиран месечен собир на урбаните велосипедисти кој зависи од придонесот на секој учесник, пред сѐ од неговото појавување на собирот и покажување бројност („Нѐ има, земете нѐ предвид“), од активната грижа настанот да помине во најдобар ред, а потоа и од донациите за промотивните материјали, волонтерскиот придонес во: осмислувањето на настанот, неговата промоција и се разбира во креативната страна на возењата. До овој момент, скопјани 38 пати возеа масовно по скопските улици, на 38 различни теми поврзани со урбаниот велосипедизам.
Да ги освоиме по 39-ти пат улиците со нашите точаци, активно, ангажирано, свесно, заедно, со полни срца! Приклучи се! Ангажирај се! Може да нé има повеќе! И Скопје може да стане подобар град!
--------------------------------------------------------------

24 July, 2015

Промотивни материјали КМ #39: Безбедни брзини за пулсот на градот


Промотивните материјали од овој блог-пост може слободно да се споделуваат, печатат, да се лепат на соодветни локации во градот, да се користат во рамки на објави за настанот или како линкови.
Однапред ви благодариме на сите за помагањето да се прошири информацијата за Критична маса #39. 
А на Никола му благодариме за прецизното дизајнерско возење низ скопски улици :)

МАТЕРИЈАЛИ ЗА ПЕЧАТЕЊЕ 
  • постери
-Постер (А3, во боја) верзија за печатење: линк (pdf)

МАТЕРИЈАЛИ ЗА ВЕБ
  • постер


  • банери

300x250

500x500
980x100
990x80
Facebook cover