Showing posts with label допис. Show all posts
Showing posts with label допис. Show all posts

13 September, 2026

Допис за Предлози за унапредување и интегрирање на градскиот железнички превоз во Скопје

Честитки за новиот тип на одржлив јавен превоз во Скопје. Честитки за Градскиот воз!


Нека биде успешен, нека се развива, нека биде почеток на нова парадигма за Скопје, но и пошироко!
Ептен сакаме градскиот воз да успее. 🚆
Сметаме дека тој има огромен потенцијал да стане важен дел од одржливиот транспортен систем на Скопје, па затоа ги споделуваме овие неколку предлози како возот да стане попривлечен и покорисен за поголем број граѓани.

Токму затоа, послушувајќи ги коментарите на социјалните медиуми, она што го пишавме по нашето искуство возејќи се во градскиот воз, го пративме овој допис до 5 институции кои можат да придонесат за поголем успех и користеност на овој нов јавен превоз.

Дописот може да се прочита на следниот линк во изворна верзија и тука:

ДО:           04.09.2026
Град Скопје
Министерство за транспорт
ЈП ЖРСМ Инфраструктура - Скопје
ЈП ЖРСМ Транспорт АД - Скопје
Јавно сообраќајно претпријатие - Скопје

ПРЕДМЕТ: Предлози за унапредување и интегрирање на градскиот железнички превоз во Скопје

Почитувани,

Најпрво сакаме да упатиме честитки за воспоставувањето на првиот крак од градскиот железнички превоз во Скопје.

Искрено сакаме Градскиот воз да успее и сметаме дека има огромен потенцијал да стане важен дел од одржливиот транспортен систем на Скопје, но и почеток на нова транспортна парадигма.


Токму затоа ги издвојуваме следните предлози:

1. Возот мора да биде дел од интегриран транспортен систем

За голем број граѓани почетната и крајната дестинација не се во непосредна близина на железничка станица. Затоа возот не треба да се гледа како самостојна линија, туку како дел од целото патување.

Потребно е:

  • воспоставување интегриран тарифен систем меѓу ЈСП и железницата, односно воз + автобус = едно патување и една карта;

  • усогласување на возните и автобуски редови за полесно префрлање;

  • дневни, неделни и месечни интегрирани билети;

  • јасни информации за врските, возниот ред и доцнењата.

Граѓанинот не треба да размислува кој оператор го вози кој дел од патувањето. За него треба да постои еден едноставен и финансиски достапен транспортен систем.

2. Воз + велосипед = многу поголема достапност

Велосипедот значително го зголемува радиусот на достапност на железничките станици и ги приближува до поголем број граѓани. За околу 10 минути со велосипед може да се помине приближно 2,5 km, што овозможува повеќекратно поголем опфат од пешачењето (за 10 минути пеш се поминуваат приближно 800 m). 

Затоа е потребно да се овозможат:

  • превоз на велосипеди и тротинети во возовите, со јасно определен простор и правила;

  • безбедни и заштитени велосипедски паркинзи на станиците за сопствени велосипеди;

  • јавни велосипеди за изнајмување на железничките станици, но и на важни локации низ градот (во надлежност на Град Скопје, ЈСП или Македонски железници);

  • континуирано подобрување на велосипедската инфраструктура и смирување на сообраќајот до станиците.

Патувањето пеш → воз → пеш ќе функционира за многу мал број луѓе кои живеат блиску до станиците и работат/учат/патуваат блиску до станиците.

Додека пак, со Ваше реализирање на претходните 2 предлози се отвораат бројни комбинации кои ќе имаат опфат на поголема површина, а со тоа и поголем број граѓани. Комбинации како на пример:

  • сопствен велосипед (внесен во воз) → воз → сопствен велосипед

  • сопствен велосипед (оставен на станица) → воз → пеш

  • изнајмен велосипед (оставен на станица) → воз → автобус

  • минибус → воз → изнајмен велосипед

  • пеш → воз → изнајмен велосипед

  • пеш → воз → автобус

3. Станиците и возовите треба да нудат добро искуство

Брзината на возот не е доволна. За граѓанинот да го избере јавниот превоз, целото патување треба да биде безбедно, едноставно и пријатно.

Потребни се чисти и одржувани возови и станици, функционални тоалети, места за седење, сенка и заштита од временски услови, добро осветлување, јасни информации, слеани пристапни рампи за лицата со попреченост и други „тркала“ (велосипеди, детски колички итн.) и безбедни велосипедски паркинзи.

Станиците треба да се третираат како квалитетни јавни простори, со квалитетно поплочување (наместо асфалт кој создава топлотно острово), зеленило, дрвја, клупи, јавни чешми со вода и основни услуги, дури и комерцијални како киосци на поголемите станици - не само како места за чекање.

4. Возниот ред и мрежата мора да се развиваат според потребите

Возниот ред треба да биде жива материја, која ќе се следи и прилагодува според реалните потреби на граѓаните. Особено треба да се земат предвид најчестите работни распореди, како 7:30–15:30 и 8:00–16:00 часот, како и потребата од добри врски со автобускиот систем.

Перспективно треба да се анализираат и нови железнички станици на локации каде што развојот на градот создава доволна побарувачка.

На соодветни станици надвор од градското подрачје треба да се разгледа и Park & Ride, со цел автомобилите да се паркираат пред да влезат во градот и да се овозможи практичен јавен превоз за влез во него. 

5. Железничките станици треба да бидат јазли на идниот транспортен систем

Секој иден развој на јавниот превоз - реорганизација на автобуски линии, БРТ или друг систем - треба да се планира во директна координација со железничката мрежа. Во сите идни анализи и студии тие не треба да се гледаат како 2 паралелни системи, без оглед на надлежноста, туку како еден.

Железничките станици треба да станат транспортни јазли каде лесно се префрлува меѓу воз, автобус, велосипед и пешачење.

6. Пакет мерки за одржлив транспортен систем 

Истовремено, искуствата со развојот на одржливи транспортни системи од Европа и светот нѐ учат дека не е возможно да се развива јавниот превоз без да се спроведуваат во пакет и мерки за намалување на зависноста од автомобилите. 

Не може да очекуваме успешен јавен превоз додека автомобилот има толку големи привилегии во јавниот простор - особено на сметка на тротоарите и пешачкото движење.

7. Квалитетен, пристепен и безбеден паркинг

За можно комбинирање на велосипедски со железнички превоз потребно е да се постават безбедни паркинзи за велосипеди, сокриени од временските услови. Бидејќи патниците најчесто ги оставаат своите велосипеди заклучени за време на работниот ден, тие би требало да бидат безбедни >8 часови. Тоа значи дека велосипедите треба да можат да се врзат на 2 места истовремено (рам и предно тркало), да бидат заштитени од елементите (сонце, дожд, снег, а можеби и мраз) преку поставување на паркинзи под стреи, да бидат поставени паркинзите на место блиску до перонот, лесно пристапно, без скали и на локација која не се скриена, по можност под надзор.


Наш совет за избор на квалитетен паркинг е да се следат насоките пропишани во идниот Правилник за планирање, проектирање, изградба и одржување на велосипедска инфраструктура, кој е во изработка во Министерството за Транспорт (5. Површини за паркирање велосипеди) во кој се пропишани бројот на паркинг места по железничка станица (10% од дневниот број патници), димензиите, критериумите кои треба да ги задоволат, локациите и урбаната опрема за површина за паркирање велосипеди.

Пред се, круцијално е да бидат велосипедски П-држачи – тип „шефилд“.

A diagram of a magnet

AI-generated content may be incorrect. 


Ја поздравуваме изјавата на градоначалникот Орце Георгиевски на денот на пуштањето на Градскиот воз дека „Град Скопје дополнително ќе допринесеме со одредени станици велосипедски на местата секаде каде што ќе застануваат возовите за да можат веднаш штом ќе се симнат од возот да користат велосипед нашите сограѓани“. Веруваме дека со поставување на квалитететен велосипедски паркинг драстично би се зголемило користењето на Градскиот воз.

Сметаме дека дополнителен бенефит би имал Градскиот воз од можноста да се изнајмување градски велосипеди, со интеграција на железничките и велосипедските станици за изнајмување.


Заклучок

Сакаме градскиот воз да успее.

Но успешен воз не е само воз кој брзо патува од една до друга станица. Успешен воз е оној до кој лесно се стигнува, со кој лесно се продолжува патувањето, за кој се плаќа едноставно и кој е интегриран со целиот транспортен систем.

Не ни треба само нова линија. Ни треба систем.

Градскиот воз може да биде неговиот 'рбет - ако уште сега почнеме да го планираме Скопје како интегриран транспортен систем.



Со почит, 04.09.2026, Скопје

НаТочак

неформално здружение за урбан велосипедизам

За подобро вело - Скопје

e-mail: natochak@gmail.com

blog: natochak.blogspot.com

FB: facebook.com/NaTochak

TW : twitter.com/NaTochak


------------------------------------------------------------------------------------------------------
Дописот беше поднесен до сите 5 институции:






Изненадени сме од ажурноста за реконструкција и пуштање на првата линија од Градскиот воз. Веруваме дека со малку инвестиција може да се привлечат многу корисници на кои тој би им бил примарно превозно средство. За таа цел ги покануваме гореспоменатите институции да соработуваат во имплементација на нашите предлози, а корисниците ги охрабруваме да го споделуваат своето искуство, како повеќе луѓе би се охрабриле да се превозуваат со Градскиот воз.

31 January, 2022

Што планираат да преземат за безбедноста во сообраќајот 10-те скопски општини и Град Скопје?

За безбедноста во сообраќајот има многу фактори (едукација, инфраструктура, полиција, казнена политика судство итн.), но најважно е да не дојде до судар, најважна е превентивата и тоа онаа превентива која не зависи од тоа дали е совесен учесникот, дали има полицаец или дали работи камерата. Онаа превентива која работи во 100 % од времето - ИНФРАСТРУКТУРАТА. Токму затоа, од сите можни фактори, НаТочак ја има избрано за фокус на своето делување. Има многу мала поента да се прават кампањи и да се врши едукација за предност на пешаците, или за внимателно однесување на возачите во сообраќај, или за еднаква одговорност на сите учесници, кога општините и Град Скопје не го планирале внимателно просторот за ранливите учесници, кога тие ги оставаат на маргините. Затоа после редица сообраќајни судири и удари, денес се обративме до градоначалниците на 10-те скопски општини и на Град Скопје со прашање: Какви активности планираат за зголемување на безбедноста? ------------------------------

Почитуван(a) г. _____________,


Во контекст на трагичните настани кои се случија изминатиот месец на улиците во градот и резултираа со човечки жртви и кои ја кренаа и јавноста по прашањето за кое ние како иницијатива алармираме години наназад - (не)безбедноста на скопските улици и булевари за најранливите учесници, би сакале да Ве потсетиме дека локалната власт има голема моќ и улога да превенира и овозможи високо ниво на безбедност на граѓаните кои се дел од сообраќајниот систем.


Имено, општините и Градот Скопје самостојно во рамки на законите, ги уредуваат и вршат работите од јавен интерес од локално значење.
Безбедноста во сообраќајот, заштита на животната средина, намалување на бучавата, превентивни активности за унапредување на здравјето се она што е јавен интерес и што треба да е видливо во сите: урбанистички планови, сообраќајни проекти, инспекциски активности кои се во надлежност на општините. За жал, безбедноста како цел досега не беше доволно третирана во тие документи и активности, за да ги стави животите и безбедноста на граѓаните како приоритет.
Општините имаат речиси полна одговорност за превентивата во безбедноста во сообраќајот. Спротивно на популарното мислење дека едукацијата е врвот во превентивата, истражувањата покажуваат дека ниедна теорија не може да едуцира подобро од состојбата на терен. Иако теоријата (едукацијата) кажува дека пешаците имаат предност, кога општините ги третираат пешаците за најмалку важни при планирањето на улиците, логично така ќе ги третираат и возачите и со тоа безбедносниот систем е нарушен и теоријата го губи значењето. Состојбата на нашите улици праќа многу поголема порака од било какво убаво срочено правило и за жал, изминатиов месец тоа беше видливо на дело повеќе од кога било. 

Поради ова, дури и во најразвиените земји, за фактор број 1 за зголемување на безбедноста се смета подобрување на уличната околина и дизајнот на улиците.
Тие треба да бидат дизајнирани со луѓето и безбедноста во фокус, а не со големите брзини или бесплатното бесправно паркирање. Соочени со серија од сообраќајни судири кои резултираа и со одземени животи, би сакале да ве потсетиме на оваа ваша голема моќ и надлежност да влијаете на безбедноста на скопските улици. Поради тоа, како граѓанска иницијатива би сакале да добиеме информација дали општината ________ како еден од одговорните чинители има план на кој начин ќе го адресира овој проблем во најбрз можен рок и долгорочно, и дали во тој план се вклучени следните активности:

  • Ослободување, уредување и проширување на тротоари и воведување пешачки зони (Правото на слободно движење треба да биде гарантирано на сите. Не треба да се објаснува дека принудното движење на пешаците по коловоз ја загрозува нивната и безбедноста на сите);

  • Воведување велосипедски патеки/ленти (кое не е само добивање простор за велосипедски сообраќај, туку и смирување на брзините на возилата, скратени премини преку коловоз за пешаците итн., докажано влијае на безбедноста на сите, не само на велосипедистите);

  • Воведување на Зона 30, Зона 20 и физичко смирување на сообраќајот (со стеснување на ленти за автомобили, подигнати пешачки премини, шикани-искривувања на коловозот, микро-кружни текови и сл.).


Очекуваме да ни пратите информација затоа што сметаме дека е важно да учестувавме со мислење и предлози како иницијатива која веќе 10 години наназад предлага унапредувања во оваа сфера и алармира за небезбедноста на нашите улици.

Сметаме дека конечно треба да ја искористите и покажете својата моќ по ова прашање. Порадикални промени во тоа како го третирате и доделувате јавниот простор мора да се случат. Крајно време е да престанеме да чекаме магично да се крене свеста за безбедноста на улиците кај обичните граѓани и да почнете како институција со повисока свест да создавате поинакво однесување преку поинакви, побезбедни улици.

Знаејќи ги фактите како уличната околина влијае на безбедноста, задржувањето на статус квото и секоја автоцентрична реконструкција/проширување на сообраќајница, ќе биде предмет на силна критика.
Доволно предупредувања добивме во облик на човечки жртви. Имате одговорност и моќ и мора да направите промени. Повеќе за последните комуникации, можете да прочитате тука:
  1. Допис до општините: Пешачки, велосипедски и безбедни општини 2021 (25.12.2020 год.): Пешачки, велосипедски и безбедни општини 2021 ~ На Точак (natochak.blogspot.com)
  2. Допис до сите политички партии по повод локалните избори: 10 чекори до пешачко и велосипедско Скопје 2025 (25.08.2021 год.) 10 чекори до пешачко и велосипедско Скопје 2025 ~ На Точак (natochak.blogspot.com)
  3. Обраќање од НаТочак до градоначалниците на скопските општини и Град Скопје (19.11.2021 год) : Обраќање од НаТочак до градоначалниците на скопските општини и Град Скопје ~ На Точак (natochak.blogspot.com)

Со почит,

--
НаТочак
неформално здружение за урбан велосипедизам
 
За подобро вело - Скопје

blog: natochak.blogspot.com
FB: facebook.com/NaTochak
TW : twitter.com/NaTochak

31.01.2022 година

23 March, 2020

Допис за прекин на патеката на кејот на Вардар за мост на бул.АСНОМ


Денес, 23.03.2020 НаТочак испрати допис до Град Скопје во врска со прекинот на велосипедската патека на кејот на Вардар во општина Аеродром поради извршување на градежни работи за мостот на бул. АСНОМ, а без изведено заобиколување. Дописот е достапен во .pdf облик на следниот линк, а како текст во продолжение: --------------------------- Скопје, 23.03.2020
До: Град Скопје
Сектор за уредување и просторно планирање
Предмет: Пријава на инфраструктурен проблем – прекин на кејот за мост на бул. АСНОМ Почитувани,

По реакциите на многу граѓани до нас, би сакале да ве известиме за непочитување на точка 2.1.4 Воведување на обврска за задолжително обезбедување на алтернативни површини за пешачење и возење на велосипед при изведување на градежни работи на пешачки и велосипедски површини
од Планот за унапредување на велосипедски сообраќај кој Советот на Град Скопје го усвои во септември минатата година, при изведување на градежните работи за мостот на булевар АСНОМ.
Ова е извадок од Акцискиот план:

а целиот план е достапен на вашата веб-страница:

Велосипедската (и пешачката) патека по кејот на Вардар се моментално целосно прекинати без обезбедување на алтернативни патеки (слика во прилог). Фотографија на НаТочак - NaTochak.
Тараби на кејот на Вардар при изведување на
градежните работи за мостот на булевар АСНОМ


Граѓаните од општина Аеродром кои го користат велосипедот како превозно средство според слободни проценки (а кои може лесно да се докажат доколку би имале мерачи на клучни локации) дури и повеќе го користат кејот за да стигнат до центар од булеварските патеки.
Ова е особено значајно во периодот на здравствената криза со брзината на ширење на Ковид-19 кога секој велосипедист е битен заради намалување на гужвата во јавниот превоз. Многу градови апелираат на поголемо користење на велосипедот кај оние граѓани кои можат да го прават тоа, за да се намалат гужвите во јавниот превоз. Некои градови (како Богота, н.з.) дури и обезбедуваат привремени велосипедски патеки. Нашиот град не смее да ги прекинува најактивните патеки било кога, а особено не среде ваква криза.

Во моментов граѓаните од Аеродром без никакво навремено известување за градежните работи, без никакви насоки како да заобиколат, се принудени да стигнат до самите тараби и да се враќаат назад до првите скали и да го носат велосипедот во раце, а не секој кој го користи велосипедот како превоз го може тоа. Не треба да ви посочуваме какво демотивирање е тоа и како долгорочно ќе се одрази на развојот на велосипедскиот сообраќај во нашиот град. 

Бараме според зацртаните планови на Градот, во овој и во сите идни проекти, да не смеат да се прекинат велосипедски патеки, да не смеат да започнат градежни работи од изведувачите додека навремено не се обезбеди известување со соодветна сигнализација за насоки на движење, како и изведено безбедно заобиколување.

Дополнително, во точка 2.2.2 од истиот план: 2.2.2.Изработка на план за унапредување и проширување на велосипедската мрежа во Скопје за периодот 2020 – 2021 
има потточка која гласи:  интегрирање на патеката по должината на реката Вардар преку рампи и мостови.
Очекуваме идниот мост покрај што е најавено дека ќе има велосипедски патеки, да има и поврзување со патеката по текот на Вардар со возливи рампи. 
Тие рампи можеше да се изградат пред изградбата на мостот и да послужат како возливи врски по текот на заобиколувањето и додека траат градежните работи. 

Во врска со тоа, би сакале да ве потсетиме и на точките 3 и 7 од Меморандумот за соработка кој НаТочак го потпиша со градоначалникот Петре Шилегов во 2017 година (тогаш кандидат):
3. Новата градска администрација се обврзува да вклучи задолжителни велосипедски простори и патеки во секое идно проектирање на нова улица, булевар или мост.
7. Итно деблокирање на постоечките велосипедски патеки кај плоштад Македонија, патеката на кејот на Вардар и Стоковна Куќа Мост, создавање на повеќе рампи за приклучување кон патеката на кејот како и нејзино продолжување накај Сарај и Јурумлери.

Целиот меморандум, можете да го прочитате тука: https://natochak.blogspot.com/2017/10/blog-post_15.html

Согласно официјалниот План за унапредување на велосипедски сообраќај на Град Скопје и согласно Меморандумот за соработка потпишан со градоначалникот Петре Шилегов, се чини дека сфатено е големото значење на патеката по кејот на Вардар за Скопје.
Бараме тоа да се покаже и во пракса.

Доколку се уште не се започнати градежните работи, бараме да се тргнат тарабите до моментот на обезбедување рампи и безбедно и означено заобиколување за велосипеди и пешаци.

Доколку се започнати градежните работи, бараме итно делување со поставување рампи за туркање на велосипеди и соодветна привремена сигнализација и насочување, а во догледно време (наредниве месеци) и подобро пофункционално решение со возливи рампи, бидејќи велосипедскиот сообраќај и кејот не смеат да страдаат во наредните години додека се вршат градежните работи како што беше случајот (и се уште е) со прекинот кој го направи мостот за Панорамското тркало и сите останати мостови во проектот Скопје 2014.

Исто така, со цел вакви проблеми да не се повторуваат во иднина, бараме да испитате како се издала дозвола за извршување на градежни работи врз функционална велосипедска патека, без да се изведе вакво заобиколување.

Со почит,
НаТочак
23.03.2020

26 December, 2019

Предлози за програми и буџет на Град Скопје за 2020-та година - НаТочак

На крајот на месец декемви, во очи носењето годишни програми и буџети на локалната самоуправа, НаТочак испрати допис до Град Скопје и до општините, до градоначалниците, до членовите на Советите, до раководителите на релевантни сектори во администрацијата.

Мејлот и документот со предлози со кој се обративме до одговорните страни во Град Скопје е во продолжение. 

-------------------------

Почитувани,

Ве контактираме со овој допис, свесни дека во овој период се носат годишни програми и буџет за следната година. Очекуваме како советници кои нѐ претставувате нас како граѓани да ги разработите темите во соодветни амандмани, а вработените во Секторите да ги вклопат предлозите во своите програми и начин на работа.


За некои од наведените предлози е потребно издвојување на специјални буџетски средства, а за некои само волја работите кои и онака се прават, да се прават на друг начин.
Ова се темите кои ги издвојуваме како суштински за велосипедскиот сообраќај и кај кои сакаме да видиме промена во 2020-та.

Попрецизни предлози низ конкретни средства очекуваме од самите вработени и советници направени врз база на нашите и заложбите на Градот да стане град пријателски за велосипеди, а ние би можеле да дадеме кога би имале попрецизен буџет пред себе.

Се надеваме на позитивен одговор.

Со почит, НаТочак -------------------------

Документот е достапен во облик на документ на следниот линк или како текст, во продолжение:
-------------------------

До: Град Скопје
Градоначалник на Град Скопје
Претседател на Совет на Град Скопје
Советници
Сектор за планирање и уредување на просторот
Сектор за сообраќај
Сектор за заштита на животната средина и природата
Сектор за јавни дејности

Почитувани,

Ве контактираме со овој допис, свесни дека во овој период се носат годишни програми и буџет за следната година. Очекуваме како советници кои не’ претставувате нас како граѓани да ги разработите темите во соодветни амандмани.

Иако дел од работите кои ги споменуваме се веќе предвидени во Планот за унапредување на велосипедскиот сообраќај, усвоен од самиот Совет на Град Скопје пред неколку месеци, сепак не сме сигурни дека се предвидени и во програмите и Буџетот на Град Скопје, па сакаме да ве потсетиме на најважните работи.
На пример, прва точка во Акцискиот план е: 1.1.1 Обезбедување на буџет за унапредување на велосипедската инфраструктура во Скопје и како индикатор за активноста стои: Посебна ставка во Буџет на Град Скопје за изградба, реконструкција и одржување на велосипедска инфраструктура. Тоа во нацрт-Буџетот за 2020-та не е видливо, па оттука се раѓа сомнежот дека овој план не е воопшто (или значајно) вклучен при кроење на Буџетот.  
За останатите точки од АКЦИСКИОТ ПЛАН ЗА ИМПЛЕМЕНТАЦИЈА НА МЕРКИТЕ ОД ПЛАНОТ ЗА УНАПРЕДУВАЊЕ НА ВЕЛОСИПЕДСКИОТ СООБРАЌАЈ ВО СКОПЈЕ погледнете ја табелата од страна 20 до страна 35 во споменатиот план (https://skopje.gov.mk/media/4370/predlog-plan-za-unapreduvanje-na-velosipedski-soobrakaj-2019-2021.pdf) 

Наоѓајќи се пред почеток на нова година, сметаме дека е соодветно да ја споделиме нашата визија за суштински промени во начинот на кој се планира и функционира Градот, а која може и треба да се вгради во програмите на Секторите. 
За некои од наведените предлози е потребно издвојување на специјални буџетски средства, а за некои само волја работите кои и онака се прават, да се прават на друг начин.
Ова се темите кои ги издвојуваме како суштински и кај кои сакаме да видиме промена во 2020-та. 1. Генерален урбанистички план на Град Скопје   
Град Скопје најави дека почнува да работи на новиот Генерален урбанистички план. Очекуваме работата на него да биде со максимална отвореност и вклученост на граѓаните, иако заостанатата законска регулатива не го бара тоа.
Во ситуација на климатски хаос, огромно загадување, физичка неактивност на населението, небезбедност во сообраќајот итн, ќе се согласите дека работите мора ИТНО да се променат. Новиот план мора да почива на поинакви вредности: одржливост, заштита на животна средина, здравје, безбедност, во споредба со досегашните: неодржливост, негрижа за животната средина, автоцентричност, грижа за брзината на автомобилите. 
Таквата промена не е само велосипедски или пешачки, туку е и општ, јавен интерес.
Бараме новиот ГУП да се постави на сосема поинакви цели и планска програма, да не се планира за зголемен, туку за намален % на автомобилизација. Да се прави планирање за посакувана иднина (помало користење автомобили и поголемо користење на одржлив транспорт), а не реагирање на постојни тенденции (зголемување на користењето на автомобилот). Секторот за планирање да планира, а не да реагира.
Сообраќајниот систем да се планира по превртената сообраќајна пирамида каде пешачењето е на врвот, второ е возењето велосипед, трет е системот на јавен превоз, потоа е доставата и на крај е индивидуалниот автомобилски превоз. Исто така, ГУП-от мора да се погрижи за добра размена-интермодалност меѓу сите начини на превоз.
  • ГУП-от мора да вгради обврска за вградување решенија за велосипедски сообраќај во сите типови сообраќајници: транзитни и градски магистрали - највисок стандард - велосипедски патеки издвоени со зеленило; собирни и сервисни улици - издвоени велосипедски патеки; станбени и сервисни улици - велосипедски ленти или споделен коловоз со автомобили и успорување на сообраќајот. (- примерите се дадени само како илустрација, а точната класификација треба да се направи според табела). Разликата може да е во типот на решенија, а велосипедско решение да мора да има за секоја улица во градот.  Доволно долго време (со децении) се подразбира дека една улица мора да предвиди решение за автомобили, а не се подразбира дека мора да предвиди достоинствено решение за велосипеди или пешачење. Таквите настојувања ни донесоа нездрав и заглавен град. Пристапот мора да се промени.
  • ГУП-от 2022-2032, но и регулациските планови кои се планираат да се работат во 2020-та според ГУП-от 2012-2022, треба да пропишат обврска за велосипедски паркинг која ќе се пренесе во сите детални урбанистички планови и во проектите на сите нови објекти, без оглед на намената.  Оваа обврска може да се донесе и како одлука на Совет на Град Скопје. Една од главните пречки поради кои луѓето не користат велосипед е непрактичноста на неговото користење, мораат да го носат во лифтови, да го креваат по скали, да го оставаат по ходници од згради, по станови или на тераси. Тоа создава пречки, нехигиена и нелагодност, а дополнително, само најагилните можат да го прават сето тоа кревање на дневна основа и тоа спречува користењето велосипед да се рашири. Затоа, барем новите објекти кои ќе се градат мора да предвидат задолжителен паркинг за велосипеди. Колку порано се донесе ова во вид на одлука на Град Скопје, толку подобро.  
  • Обврска за предвидување простор за урбана опрема надвор од профилот на патеките во сите идни детални планови, архитектонски и сообраќајни проекти кои ќе се работат. Во моментов се даваат максимум можна широчина и број на ленти за автомобилски сообраќај, а за пешачки и велосипедски, колку ќе остане место. Тоа место исто така се користи за складирање на урбаната опрема во предвидениот (понекогаш и минимален) профил за движење на пешаци и велосипеди. 
  • Зголемувањe на стандардите за пешачки и велосипедски сообраќај. Самиот ГУП или регулациски планови можат да пропишат стандарди повисоки од националните (без да се чека измена на правилници). Ако сакаме Скопје да стане Град за луѓе, не можеме да го направиме тоа со тротоари од 1.5 метри во кои метар и пол се сместени и бандери и дрвја. Бараме планирање пошироки тротоари од 1,5 метри; минимум 2,5 метри за да може да се сместат светилки, столпчиња и минимум 3,5 метри за да може да се планираат дрвореди и поставување урбана опрема во иста линија со нив, како контејнери, клупи итн. Стандардите мора да ги зголемуваме. Ова е особено важно за новите детални планови кои се носат, но и кај старите треба да се ревидираат решенијата. 2. Центар за управување и контрола на сообраќајот 
Ако ја напуштаме автоцентричноста како принцип и се стремиме кон мултимодалност, тоа мора да се направи на сите нивоа, а меѓу нив е и прибирањето податоци. Бараме да почне да се трансформира ЦУКС од центар за броење возила, во центар за прибирање податоци за сите типови сообраќај: вклучително и патувања со автобус, патување со велосипед, пешачење, како и нивно анализирање. 
Бараме да се препрограмираат семафорите, така што како влезен податок ќе го земат и потребното време за премин на пешаците и велосипедите. Времето за пешаци да се продолжи барем на клучни фреквентни крстосници, а велосипедите да добијат поран старт од автомобилите за да бидат полесно видливи. 
Бараме да се постават мерачи за велосипеди на клучни позиции низ градот.

3. Нула жртви од сообраќај во Скопје 
  • Со оглед на најновите сознанија за безбедноста и пристапот Визија нула со кој одговорноста се става на системот и повеќе на инфраструктурата отколку на индивидуата, бараме и Скопје да донесе своја “Визија нула“ поточно визија за нула жртви во сообраќај, поточно стратегија за системски промени за зголемување на безбедноста во сообраќајот.
  • Во таа насока, а по примерот на Париз, Лондон итн. бараме во Скопје за стандардна брзина да се изгласа 30 km/h. За повисоки брзини, улицата да мора “да заслужи“. Да се смени пристапот од досегашниот каде 50 km/h е стандардна брзина, а за пониски брзини, зони Школо итн. да треба да се борат граѓаните. -50 km/h е брзина која е безбедна само кога се целосно физички издвоени пешачкиот, велосипедскиот и автомобилскиот сообраќај, што значи би била дозволена само на некои (не сите) улици од примарната мрежа кои имаат издвоена и пешачка и велосипедска инфраструктура. -40 km/h да може да се дозволи на оние улици кои имаат издвоена пешачка инфраструктура, а велосипедските ленти се на коловоз. -30 km/h да биде стандардна брзина за најголем дел од мрежата (станбени улици) која има издвоена пешачка инфраструктура (тротоари), но нема простор за посебни велосипедски патеки и ленти. Се смета дека автомобилите и велосипедите може безбедно да коегзистираат во простор каде ограничувањето е 30 km/h. За оваа мрежа да е целосно безбедна, побаравме измени на законската регулатива со кои на станбени улици и улици од пониска категорија ќе се дозволи возење велосипед на средина на коловозната лента, за што се надеваме дека ќе добиеме и поддршка од Градот. На тој начин би добиле стотици километри пријателска мрежа за велосипеди низ Градот само со соодветни означувања. -20 km/h да биде ограничување за оние улици кои немаат издвоена ниту пешачка инфраструктура, па и пешаците и велосипедите се принудени да го споделуваат просторот со автомобилите.
  • Бараме задолжително стеснување на коловозните ленти при реконструкции на улици до минимумот соодветен за проектната брзина (50 km/h, 40 km/h, 30 km/h). Во градска средина не смее да има ленти пошироки од 3 метри (тие се за проектна брзина од 60 km/h, а уште помалку 3.5 м за проектна брзина од 90 km/h). При реконструкциите доколку не може да се менуваат инфраструктурите (атмосферска канализација итн.) доволно е да се направи поинакво исцртување на лентите со цел да се поттикне побезбедно однесување кај возачите.
  • Бараме смирување на сообраќајот со физички елементи: стеснување на ленти, искривување на коловоз, подигнати крстосници, подигнати пешачки премини.
  • Бараме целосен редизајн на крстосниците по примерот на холандските крстосници: без специјално лево и десно за автомобили, пошироки острови за пешаци и велосипеди, континуирано што поправолинско движење на велосипеди (не цик-цак), поширок пешачки простор, пократки дистанци за преминување на пешаците и помали радиуси на свртување за возилата.  
Од ова ↑ кон ова ↓
  • Поддржуваме да продолжи поставувањето столпчиња како пракса до конечно активирање на МВР или локална полиција
  • Бараме решавање на конфликтните точки меѓу пешаци и велосипеди (при чекање на семафор, на автобуски постојки, на пешачки острови итн). 
4. Скопје велоград
  • Доградба на планираните патеки од проектот Скопје велоград во 2020-та и изработка на нов план за проширување на мрежата
  • Потпишување соработка со 10-те општини за заедничка работа на Скопје велоград.
  • Решавање на критичните точки од постоечката мрежа
  • Поставување на велосипедски паркинзи
  • Почитување на зацртаните активности за 2020-та од Планот за унапредување на велосипедскиот сообраќај 2019-2021 и издвојување на буџет за секоја од нив.
Издвојуваме само дел од нив:

1.1.1 Посебна ставка во Буџет на Град Скопје за изградба, реконструкција и одржување на велосипедска инфраструктура
1.1.2 Потпишување на декларација за хиерархијата на учесниците во сообраќајот од страна на Градоначалникот на Град Скопје и другите Градоначалниците на Општините во Град Скопје 
1.2.2 (со измена) Иницијатива за одредување на Ден без автомобили на избрана улица од примарната улична мрежа во Скопје. Во соработка со општините може паралелно да се одвива и на повеќе улици од секундарната мрежа
1.2.3 Организирање на теоретски и практични обуки за возење велосипед во основните и средните училишта
1.2.4 Формирање на центар за информирање, едукација и промоција на возење велосипед со полигон за обука за безбедно возење на велосипед    
2.1.1 Подготовка на предлог правилник за велосипедска инфраструктура и доставен до Министерство за транспорт и врски  
2.2.2 Изработка на план за унапредување и проширување на велосипедската мрежа во Скопје за периодот 2020 – 2021 
2.3.1 Изработка на план за поставување на објекти и опрема за паркирање на велосипеди во Скопје за периодот 2020 – 2021   
3.1.1 Воведување на велосипедска станица (со услуги за изнајмување, краткотрајно и долготрајно паркирање и поправка на велосипеди) во рамките на транспортниот центар во Скопје 
3.1.4 Воведување на можности за транспорт на велосипед со возилата на операторите за јавен транспорт 
3.2.1 Воведување на автоматизиран систем за споделување на велосипеди 

5. Вардарска зелена магистрала

    Сметаме дека кејот на реката Вардар има огромен потенцијал кој не е согледан од ниеден ГУП и ниедна градска власт до сега, да стане главна велосипедска магистрала запад-исток на Град Скопје (а попатно и пешачка и рекреативна). Затоа го издвојуваме во посебна точка.
  • Бараме итно деблокирање на патеката во центарот околу мостот за Панорамското тркало
  • Бараме да се изготви план за продолжување на патеката во деловите кои недостасуваат од двете страни на реката кон исток и запад, заедно со план за изградба на пешачко-велосипедски мостови и пристапни возливи рампи кои ќе ја интегрираат во остатокот од мрежата
  • Бараме да почне изградба на дел од рампите
  • Сите новопланирани мостови (Асном, Љубљанска, Климент, Илинден) да вклучуваат задолжително пешачка и вело-инфраструктура како и современи решенија вградени во самиот дизајн на мостот (не прилепени) за директен пристап со рампи и скали кон кејот за пешаци и велосипеди.
  • Подготовка на студија за поврзување со соседните населени места во Скопската котлина и соседните градови како дел од Еуро вело рутата 11 која ги поврзува Норвешка и Грција и минува низ Скопје.
Со почит,
Со почит,

НаТочак
неформално здружение за урбан велосипедизам  
За подобро вело - Скопје  
e-mail: natochak@gmail.com  

------------------------- *Сличен допис беше испратен и до одговорните страни при Општина Центар. Блог-постот за тој допис е достапен на линкот: https://natochak.blogspot.com/2019/12/2020.html