28 April, 2018

Вело-инспекција на бул. Христијан Тодоровски - Карпош


Во недела, 29.април 2018 година ќе правиме мини-акција на ново-промовираното проширување на ул.Христијан Тодоровски Карпош. Според она што го видовме на објавите од Град Скопје и медиумите, убедени сме дека не се задоволени елементарни услови за пешачење и возење точак. 

Лево: Слалом за пешаци, нема патека за точаци. Средина: писти за автомобили
Се сеќавате на ова видео? 


На него во 2012-та година прикажавме како е да се движи човек на точак или пешки на таканаречените (тогаш новопроширени) булевари: Илинден, Климент Охридски, Теодосиј Гологанов...
Дефиницијата за булевар опфаќа соодветно решение и за пешачки и велосипедски сообраќај, не е доволно само да ставите 4 ленти за возила и да се фалите дека сте направиле булевар.
Ако не сте мислеле на пешачењето и возењето точак со барем еднакво, ако не и поголемо внимание од возилата, тогаш не сте направиле булевар, тогаш сте направиле автопат. 
Се сомневаме дека и при проширувањето на Христијан Тодоровски Карпош дури 5 и пол години после ова видео и 5 години дискусии со Град Скопје нема обезбедени соодветни услови за пешачење и возење точак, дека грешките се повторуваат, а лекциите не се научени, Скопје сè уште се планира и гради автоцентрично.
Затоа во недела на 29.април ќе направиме една вело-инспекција.
Се чекаме во 17:30 на Плоштад Македонија и заеднички се упатуваме кон бул. Х.Т.Карпош.
Резервирајте го терминот 17:30-19:30.

Ќе возиме по следнава рута:

Ќе возиме преку ул. Кирил и Методија и бул. Кочо Рацин бидејќи таму моментално се работи на вело-патеките, попатно и на тој дел да му направиме “инспекција“.
Кој што може нека земе: обично метро, пантлика (долго метро), камера за сликање и/или снимање, и други алатки за кои мислите дека се соодветни.
Доколку сте сигурни дека може да дојдете и да земете нешто, би било добро да ни пишете за да се организираме подобро.
И да не можете ништо да земете, доволно ќе биде и вашето присуство за дискусија и асистенција :)

23 April, 2018

Предлози за измена на планерската и градителската легислатива

НаТочак - Скопје заедно со Битола НаТочак, Прилеп НаТочак, Гостивар НаТочак и Штип НаТочак презедоа низа на активности поврзани со подготвување и поднесување на официјални предлози за промена на Закони и подзаконски акти со кои сметаме дека значително ќе се зголеми безбедноста во сообраќајот и ќе се подобри квалитетот на живот во градовите и општо, населените места.

Нашиот прв чекор е промена на делови од Законот за просторно и урбанистичко планирање и Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање.

Нашите досегашни предлози ги испративме до Комората на инженери и архитекти нa 30-ти март после нивниот повик до членовите инженери. Иако НаТочак не е дел од членството на Комората, од таму беа расположени да ги примат нашите предлози и да ги земат предвид во натамошниот процес.


Комората е дел од Координативното тело (заедно со Министерствата за транспорт, култура и животна средина, Државен инспекторат за градежништво и урбанизам, ЗЕЛС, Архитектонски и Градежен факултет, ИЗИИС, Агенција за катастар итн.) за промена на планерската и градителската легислатива оформено од Владата, со цел оваа легислатива да се осовремени и да одговори на новите предизвици на времето, но и на уставните определби за хуманизација на просторот.

Сметаме дека нашите предлози се токму во таа насока.


Во продолжение илустрираме дел од најбитните поенти, а како пополнети формулари со детално објаснување на потребата, смислата, предностите на измените на членовите кои ги предлагаме може да се погледнат на линкот.


* Следната Критична маса #72 е посветена токму на темата - подобри закони за поубави градови. Дојдете и раширите глас за поддршка на промените.

















22 April, 2018

Критична маса #72: Подобри закони за поубави градови - поддршка за промените-

Датум: среда, 25.04.2018
Почеток: 17:30, Плоштад Македонија
Крај: Школка, Градски Парк
--------------------------------------------------------------------
Рута: линк
Промотивни материјали: линк
Предлози за измена на легислативата: линк
--------------------------------------------------------------------

постер за КМ #72

Дали некогаш сте се запрашале зошто во градот се проектираат улици чија широчина на ленти е наменета за движење на возила со брзина од 90 km/h кога максимално дозволена брзина во населено место е 50 km/h?
Дали некогаш сте се запрашале зошто во вашата зграда задолжително треба да има паркинг места за автомобили, ама не е задолжително да има паркинг места за велосипеди?
Сигурно сте се запрашале и зошто билбордите, канделабрите, кантите за отпадоци, столпчињата и други видови на урбана опрема, не се поставени на начин на кој нема да го отежнуваат движењето на пешаците и велосипедистите.
Вакви прашања, години наназад, упатуваме и ние до институциите. Одговорите се дека такви се законите, такви се правилниците или пак дека не е регулирано во истите.

Законската регулатива треба да ги следи потребите на граѓаните и да биде во согласност со новите сознанија и светски искуства поврзани со безбедноста и квалитетот на животот.

Во таа насока НаТочак - Скопје заедно со Битола НаТочак, Прилеп НаТочак, Гостивар НаТочак и Штип НаТочак презедоа низа на активности поврзани со подготвување и поднесување на официјални барања за промена на Закони и подзаконски акти со кои сметаме дека значително ќе се зголеми безбедноста во сообраќајот и ќе се подобри квалитетот на живот во градовите.
Нашиот прв чекор е промена на делови од Законот за просторно и урбанистичко планирање и Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање. 

Поднесовме предлог со кој ја исклучуваме можноста во населено место да се проектираат улици за движење со брзини од 90 km/h.
Поднесовме предлог да се намали широчината на коловозните ленти, а со тоа ќе се намали прекумерната брзина на автомобилите. Брзината е причина број 1 за сообраќајни судири со тешки повреди и смрт. А инфраструктурата е фактор број еден кој психолошки им влијае на луѓето да развијат одредена брзина.

Со намалување на широчината на коловозните ленти ќе остане и повеќе простор за пешачење, возење точак, зеленило и други содржини.
Со намалување на широчината на коловозните ленти ќе се намали и цената за изградба на овие улици кои се плаќаат од народни пари.
Зошто да се трошат јавни средства за 20% поскапа изградба и одржување?
Зошто коловозот на булевар со 6 ленти да биде широк 21 метар кога може да биде 18 (лентите да бидат 3 место 3.5 метри) и притоа да обезбеди ист проток на возила, а поголема безбедност? 
Заштедата само за изведба и одржување ќе биде околу 20 %.
Дополнително ќе се спасат животи, ќе има заштеди во здравството, градовите ќе станат попријатни.

Поднесовме предлог да се воведат велосипедска улица и велосипедски пат како нови категории на улици.
Поднесовме предлог велосипедскиот паркинг да стане задолжителен за секој новоизграден објект. 
Ако паркингот за автомобили е задолжителен при изградба на објекти, зошто да не е и за велосипеди? 
Да го направиме паркирањето на велосипедот практично, достапно, безбедно.

Еве неколку примери:
Минимум 2 паркинг места за велосипеди на една станбена единица за станбени згради
Минимум 1 паркинг место на секои 5 ученици за објекти од образование
Минимум 1 паркинг место на секои 50 m2 за комерцијални објекти 
итн. за сите различни намени на објекти и простори
Загарантираните паркинг места за велосипеди ќе придонесат за поголема примена на велосипедот како превозно средство. 

Поднесовме предлог урбаната опрема да не го попречува движењето на пешаците и велосипедистите
Ако не е дозволено поставување на билборд сред коловозна лента, зошто да е дозволено да се постави сред пешачка или велосипедска патека? 

Има уште многу подобрувања кои можеме да ги направиме на регулативата од областите градење и урбанизам за да поставиме основи за планирање на улици со цел безбедност за сите, за да поставиме основи за похумано планирање на градовите воопшто. 

Денес во светот се тежнее кон еден поурамнотежен, побалансиран модел на сообраќајот и на развојот на градовите. Во таа насока треба да се менуваат и законите. 
Тоа е од добробит за сите жители без оглед на начинот на превоз кој моментално го користат. 

Поднесовме и ќе продолжиме да поднесуваме предлог измени за овие и за други закони и правилници за градовите да станат поубави места за живеење.

Подобри закони за поубави градови!
Раширете глас за поддршка на промените и дојдете на Критична маса #72.
Ќе возиме по следнава рута:


--------------------------------------------------------------------
Критична маса е неформален велосипедски собир кој се случува во над 300 градови во светот.
Нема лидери, нема формална организација, само група на свесни луѓе кои сакаат подобар вело-град.
Од мај 2012-та се случува еднаш месечно и во нашето Скопје!
Возиме секоја последна среда во месецот по различна рута и со различна тема.

Критична маса во Скопје е самоодржлив, саморегулиран и самофинансиран месечен собир на урбаните велосипедисти кој зависи од придонесот на секој учесник, пред сѐ од неговото појавување на собирот и покажување бројност („Нѐ има, земете нѐ предвид“), од активната грижа настанот да помине во најдобар ред, а потоа и од донациите за промотивните материјали, волонтерскиот придонес во: осмислувањето на настанот, неговата промоција и се разбира во креативната страна на возењата. До овој момент, скопјани 71 пат возеа масовно по скопските улици, на 71 различна тема поврзани со урбаниот велосипедизам.
Да ги освоиме по 72-ри пат улиците со нашите точаци, активно, ангажирано, свесно, заедно, со полни срца!

Приклучи се! Ангажирај се!
Може да нé има повеќе! Скопје може да стане подобар град!
--------------------------------------------------------------------

Промотивни материјали за КМ #72

[дизајн: Преплет]

Промотивните материјали од овој блог-пост може слободно да се споделуваат, печатат, да се лепат на соодветни локации во градот, да се користат во рамки на објави за настанот или како линкови.
Однапред ви благодариме на сите за помагањето да се прошири информацијата за Критична маса #72, со која ставаме фокус на потребата од промена на легислативата од градењето и урбанизмот и нејзината моќ да влијае на безбедноста во сообраќајот, комоцијата на движењето, убавината на градот. На Преплет им благодариме што ни направија дизајн за априлската Критична маса и ни ја илустрираа потребата од натежнување на вагата на Јустиција кон еден поинаков побалансиран и похуман модел на градот, наспроти досегашниот кој ги забораваше сите корисници освен автомобилот и брзото возење. Моделот за кој се залагаме е од добробит за сите граѓани, нивната безбедност и уживање во градот, без оглед на начинот на превоз кој моментално го користат. Поддржете ги промените и раширете глас.
МАТЕРИЈАЛИ ЗА ПЕЧАТЕЊЕ
  • Постер, верзија за печатење: линк (.pdf)
МАТЕРИЈАЛИ ЗА ВЕБ



Постер, верзија за веб


Банер 500 x 500 px
Банер 300 x 250 px


Банер 980 x 100 px

Банер 990 x 80 px

Facebook cover

Facebook cover

Facebook event cover